Во 2019-тата година, во чест на 500-годишнината од постоењето на Куманово, дуото Некст Тајм ја преработи песната „Јовка Кумановка“, а по повод 11 Октомври, во чест на Денот на македонското востание, истата и официјално беше претставена со видео запис во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Но, дали некогаш сте ја слушнале и ја знаете вистинската приказна за убавата Јовка Кумановка, којашто народот ја опеал во песна.
Овојпат, во оваа прилика, Ви ја прераскажуваме подолгата верзија од вообичаената која сите ја знаеме од песната.
Според (Ц. Дртковски 2000), стројна, убава младонагоричка мома, од маалото Пиленци (Пиленац), некаде на почетокот на XX век, на сите им го свртувала вниманието, особено на младите ергени, стасани за женидба. Меѓутоа, рамнодушно не ја гледал и младиот Турчин Љатиф.
Всушност, Јовка знаела да ја истакнува својата убавина и привлечност, пред сè со педантното и вкусно облекување. Па, така, и кога одела на нива, на перење, на свадба, собор или на некоја спонтана веселба – забава во соседното село Војник, во коешто главно живееле Роми, познати со својата музикалност и веселост. Во овие прилики Љатиф, како пољак на тој терен, којшто во тоа време бил во сопственост на некој паша Идриз, често ја среќавал и загледувал Јовка. Повеќепати и отворено ја изјавувал својата симпатија кон неа. Дури се осмелил и отишол кај неа да ја побара за жена од нејзините родители, односно од браќата, кои биле неколкумина и сите повозрасни од Јовка. Но, бил одбиен, зашто не сакале сестрата да се потурчува.
Со вооружена придружба на коњи, во отсуство на машките членови на семејството, ја грабнал убавата Јовка и ја однел во неговото родно село – Миратовци, блиску до Прешево, коешто во тоа време не било во Србија.
Се разбира, блиските на Јовка бргу реагирале, се жалеле кај турските власти во Куманово, но, малку поради незаинтересираност, а пред сè од познатиот турски јавашлук, дури по една година било донесено решение Јовка да мора да им се врати на нејзините во Младо Нагоричане. Сепак, било предоцна, зашто Јовка веќе имала дете, а и самата не сакала да се врати, зашто, наводно била добро гледана од Љатиф.
По грабнувањето Љатиф повеќе не се вратил на ова подрачје, зашто знаел што го чека. А, во песната се прошетала Јовка кумановка низ тој поље „кумановско, загубила кован ѓердан…“, навистина се случувало да се загуби некој ѓердан, зашто во тоа време масовно се кителе со многу ѓердани, особено момите и младите невести. Инаку, самата песна ја составил и испеал народот.
Всушност, Јовка по ослободувањето на земјата, односно по смртта на мажот ѝ некаде во 1945 година, заедно со тројцата синови се преселила во Куманово, кадешто синовите ѝ биле вработени,а најмалиот работел како келнер во некој ресторан во Куманово.
А во периодот 1952-1960 година сите се преселиле во Турција.
Тоа беше кратката приказна за убавата Јовка Кумановка.
И за крај, да се потсетиме на текстот на песната „Прошета се Јовка Кумановка“
Прошета се Јовка Кумановка, ај мори,
горе-доле, Јовка, низ тој поље, ај мори,
низ тој поле, Идризово.
Загубила Јовка кован ѓердан, ај мори,
загубила Јовка кован ѓердан, ај мори,
по њум иде Љатиф ага.
– Не шетај се Јовке Кумановке, ај мори,
низ тој поље, Јовке Кумановке, ај мори,
низ тој поље, Идризово.
Ќе те земам Јовке јас за жена, ај мори,
ќе те правам Јовке бела була, ај мори,
бела була Љатифова.
– Не се турчам, Љатиф, не се грчам, ај мори,
и јас с’ имам, Љатиф, мерак по друг, ај мори,
мерак по друг, Костадина.
Користена литература:
Ц. Дртковски – Младо Нагоричино, Винсент графика, Скопје : Лист, 2000
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник