Почетна Вести „СМРТ И ДЕВОЈКА“: Претстава создадена за во антологија!

„СМРТ И ДЕВОЈКА“: Претстава создадена за во антологија!

„Зарем не е време да престане насилството?“, „Сакам правдината да победи, макар и еден единствен пат“, „Ќе ти простам ако се покаеш“, „Најголема казна е онаа на која ме осудува мојата совест“.

Четири клучни реплики, четири клучни столба на делото „Смрт и девојка“, коешто на 15.02.2025 година премиерно беше прикажано на малата сцена во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, за првпат кај нас.

Бравурозно!

Luxury Catering Service

Претстава со предиспозиции да стане култна, по сите параметри.

Да влезе мазно во антологија.

За којашто нема мерка време и простор, а којашто дава  слика на целата историја, глобална и локална, лична и колективна, воедно е и лекција и учебник.

Овој психолошки трилер и општествено ангажирана драма, прави целосен пресек на еден матен период, на диктатурата, на последиците и човечката немоќ да го препознае и разграничи доброто од злото, или немоќта да го одбегне, на трансформацијата на луѓето во ѕверови, пресек на семејството, браковите и најмногу на душата, кога таа е на удар на сиве споменати нешта.

Драма која оди од најкрупно до најситно делче во општеството и обратно.

Во режија на Мирослав Петковиќ, на сцената ја одиграа Марко Трајковиќ, Владо Дојчиноски и Сања Русеска.

Драматург е Сашо Костовски.

Костимограф е  Дарко Илиевски, видеодизајн и видео- оператор, Мишо Димитријевски, кој заедно со Игор Спасовски се и дизајнери на плакатот, а инсталација Крсто Богојевски.

Претставата е реализирана со средства на институцијата.

***

Станува збор за млада, убава жена којашто има сѐ што може да се посака, топол дом во колиба, убав и посветен сопруг кој ја сака и целосно и оди по ќеф, по професија адвокат за човекови права и член на комисии на претседателот на државата, но сѐ се изместува кога кај нив доаѓа случаен гостин во когошто таа го “препознава” докторот којшто,  додека била активистка, ја киднапирал и со месеци ја измачувал со електрични шокови и ја силувал, во корист на поранешниот режим. Тоа во неа ќе оживее најдлабоки стравови, гнев, лудило и хистерија, до таму што ќе го врзе за столица и ќе му се заканува со пиштол, во обид да го натера да признае што ѝ правел, а истовремено да ја тестира довербата и разбирањето на нејзиниот сопруг, којшто во налет на таа ситуација ќе признае некои свои минати гревови и драмата ќе кулминира до тој степен што нагло ќе се случи голем пресврт …

Но, иако е агресивна, главната хероина Паулина, на докторот му ветува дека ќе го пушти на слобода доколку  признае и се покае.

***

– О Паулина, зар не е време да престане насилството? – ќе ја праша докторот.

– Зошто секогаш луѓето во мене мораат да гледаат убаво?

– Зошто секогаш јас треба да правам отстапка?

– Зошто секогаш јас треба да прегризам јазик?

– Сакам правдината да победи,макар и еден единствен пат, гадови едни!

– Што губиме ако убијам еден од нас, што губиме? – прашува со вперен пиштол во двајцата.

„Најголема казна е онаа на која ме осудува мојата совест“, ќе признае докторот, но дали лажно или искрено, ви препорачувам задолжително да ја погледнете драмата во првата дадена прилика.

„Ќе ти простам ако се покаеш. Јас можам да му простам само на некој којшто вистински се кае“, ќе омекне агресивната жена, која се брани емотивно заради својата жртва што постојано ја прави.

Моќна драма која остава без здив, но моќна драма која остава и горчлив вкус.

Најинтригантното во неа е што цело време не знаеш кому да веруваш, и нема да можеш да сфатиш кој е кој сѐ до самата последна сцена. А нема ни класично главен лик, секој од тројцата доаѓаше на тоа место во одредено време, кога најмалку очекуваш…

***

Текстот го напишал аргентинскиот писател Ариел Дорфман во 1991 година, инспириран од диктаторскиот режим на Пиноче во периодот од 1973 до 1990 година, а премиерно е прикажан во театарот „Ројал Корт“, а потоа на Бродвеј под режисерската палка на Мајк Николс, со  актерската екипа: Глен Клоуз, Џин Хекман и Ричард Драјфус.

Дејството се случува по падот на диктатурата во неименувана јужноамериканска земја (веројатно Чиле),  при што фокусот е ставен на последиците од политичкото и психолошкото насилство врз поединците, а особено над жените. Трауми од коишто последиците доаѓаат отпосле, а среќата и браковите се рушат како кула од карти.

„АКО ЗАГЛАВИШ ВО МИНАТОТО, НЕ МОЖЕШ ДА ЖИВЕЕШ СРЕЌНО“ – Сања Русеска

Претставата која се одигра во Куманово навистина остава без здив и отвора многу прашања.

На сцената постои вкрстување на различни трауми на тројца луѓе коишто ги предизвикал еден систем како што е диктатурата и тие се веќе толку збунети што не знаат што е веќе правилно, а што не е и во која насока  да продолжат. Паулина, се чини, е најзбунета, но, само затоа што има најмногу право и не може да се контролира.

Таа е сама во целата борба, дури и публиката не ѝ верува. Таа е жената којашто сфатила колкава е  тежината кога поминуваш низ неправда, и којашто, и покрај тоа што сака сѐ да земе во свои раце и да се бори, на крај сѐ е против неа и повторно ќе испадне жртва.

Во напливот на бес,  и покрај тоа што беше сурова и сакаше да ги „реши“ мажите околу себе, во неа сепак победува онаа женска сентименталност и на грешникот му вели дека, ако се покае, ќе му прости. Драмата како да покажува дека жените, дури и кога се понудени (со причина), сепак се помеки во душата.

– Колку може еден човек да преживее,да издржи и дали кога ќе останеме да живееме во минатото и тоа се нарекува живот? Тоа е прашање кое ми се наметна. Ја играм жената која некако е полумртва затоа што таа е зависна од своето минато и од мислата на минатото.  Паулина ме натера да мислам колку болки јас сум имала во мојот живот и дали сум заглавила во минатото или сум продолжила понатаму да живеам? Уште мислам и дека секој гледач би го натерала да се размисли дали сака да биде среќен, да биде присутен сега, да прости и да заборави, или сака да се измачува самиот себе со тоа што нешто му се случило, колку и да е болно, бидејќи секој има некоја помалку или повеќе трагична приказна во животот. Паулина одлучува и да прости, мислам затоа што во самата природа на жената е да се грижи за некого,длабоко во себе, колку и да е жртва и колку и да е повредена. Но, единствено нешто што бара е признание и покајание дека тоа се случило за да добие едно завршување на едно минато животно поглавје и да продолжи понатаму, бидејќи со сѐ што ѝ направиле таа не може да има деца, не може да има доволно среќен брак и има трауми и посттрауматичен синдром. Добро сработени биографии на сите тројца од ликовите од карактерите што ги играме, добра комуникација меѓу целата екипа е заслуга на режисерот, кој велеше  секогаш да имаме на ум дека претставата почнува од 30 отсто, не од нула, и нѐ насочуваше дека со  самото дејствие треба да се отвора, отвора и отвора за да можат подобро се разберат нивните приказни- кој е докторот,  кој е адвокатот и која е жената. Режисерот сакаше публиката да се прашува – „Чекај, оваа можеби навистина е луда“, бидејќи никој не е на нејзината страна и единствено оружјето таа го зеде како своја сила, со вперен пиштол да ги дознае тајните коишто со години се ставале под тепих, и на нејзиниот сопруг и на докторот. Само е  многу голема штета што мора да дојде до лоша крајност и до тој чекор…

„СЕКОЈ ОД НАС ИЗВАДИ ПАРЧЕ МЕСО ЗА ПРЕТСТАВАТА“ – Марко Трајковиќ

Херардо е нејзиниот сопруг, наводно наивен и посветен лик, којшто на комичен начин ја изрелаксира комплексната суштина што ја има оваа драма. Олабавувањето на ликот – тоа беше клучот што ја направи и многу посебна.

Но, најтешко е да направиш наивен, речиси смешен карактер во една толку комплексна драма, му аплаудираме на Марко за тоа.

– Јас тоа го сфаќам како очовечување на еден лик, за разлика од другите два лика коишто во ниеден момент немаат некоја комична нота. Херардо е сѐ што не сум јас. Го оценувам како наивен. Многу ми е онака, како изваден од некој роман- класичен, добар, ама има и некоја сенка зад него во поглед на таа негова кариера и манипулирање, но тоа го прави без да гази по лешеви. Од првата читачка проба во почетокот на декември ја градев неговата улога. Ова ми е посебно драга улога затоа што претставата е направена од сопствени средства- што ќе рече претстава направена без пари, се вложи целата техника на театарот, сите беа тука да помогнат и процесот на создавање беше најубавото нешто. Претставата слободно може да се постави на голема сцена кога би имале уште малку повеќе средства, ама и да имаме, престудено е сега, немаме греење. И тука се мрзневме секоја ноќ до полноќ со пробите, климите не постигнуваа да затоплат. Сите вложивме многу, не само јас во Херардо. Крв пуштивме на сцената, се избодевме со тие ножевите. Секој од нас извади парче месо,што се вели, и стави во претставата. Мислам дека затоа и имаше таков ефект, каков што луѓето видоа…

„РЕЖИМОТ СОЗДАВА ЅВЕРОВИ, КОИ СЕ ЧУВСТВУВААТ НЕВИНИ“ – Владо Дојчиноски

„Докторот“

Актерот Владо Дојчиноски!

Тој во оваа констелација е судбината, алка што ги спојува оваа драма, „фикцијата“, реалноста и своето лично семејно минато.

Тој не глумел, само го трансформирал внатрешното чувство од едно во друго, во истиот контекст.

Јас не сакав да сум на ваше место бидејќи Вие бевте врзан за столче цело време и чувствував некој психолошки немир во мене,  велам „Леле, не дај Боже онака да ме врзат, што ќе правам?“, ама ви поверував кога рековте „Совеста повеќе врзува“… Полошо, вашиот лик на крај пак го повтори злосторството, од силување премина на најлошо.

– Мојот лик немал друга опција. Мојот лик постоел во еден режим каде што ако не си со режимот ќе бидеш погубен. Видете, оваа претстава, овој лик мене ми беше многу интересен за работа, играме претстава за едни случувања во Чиле, ама во одреден период таква диктатура имало и кај нас, овде, која е опишана во многу наши слични македонски дела. Јас правев компарација на ова дело и на работи кои им се случувале на мои луѓе. Мојот дедо по мајка, Борислав Николовски, во Охрид ми има раскажувано дека во еден таков период за малку ќе заминел на Голи Оток, затоа што не се согласувал со власта и ќе бил фрлен од седми кат од зграда, но некои луѓе го вратиле назад и го спасиле. Една, да речеме, од сликите којашто што нема да ја заборавам и ми беше прв мотив за сето ова е неговото раскажување. „Да бидеш затворен во подрум во темница, три дена да  нема светло од никаде, три дена  да не ти даваат храна и одеднаш некој ти фрла нешто за јадење, го јадам тоа…“ и утрото кога го вадат на дневна светлина тој е цел во крв затоа што му дале да јаде живи џигери, а од глад во темницата не гледал што јаде. Жива вистина за диктатурата. И најмногу што ми беше мотив, иако на почетокот, јас, кога го читав докторот, велев „Ова е гад, страшен гад, ова е човекот кој му ги правел тие работи на мојот дедо, како и на многу други луѓе“, потоа сфатив дека така налагал системот. „Или ќе бидеш со нас, а ако не бидеш ќе јадеш живи џигери и ќе одиш на Голи оток, ќе бидеш во тие исчезнати“… А во драмата во еден момент дури велам „Јас сум невин“ и има вистина во тоа – принуден сум, и раскажувам во драмата дека брат ми, пак, бил во тајната полиција, ама со тоа и спасувал човечки живот. И денеска тие луѓе ги има, за жал, јас познавам такви ликови, коишто на времето биле во таа диктатура, во УДБА, денеска се големи патриоти и кога ќе ја спомнеме историјата наназад „Чекај, ти што правеше?  Малтретираше многу луѓе, го малтретираше мојот дедо“, тој вели „Ние го правевме тоа за доброто на државата“. Видете колку е тука гадно. Системот создава ѕверови без луѓето да осетат. И не само ѕверови – менува цели поколенија. Драмата е со цел да ни укаже дека мора еднаш да запре насилството, а, за жал, ни се продлабочува и оди уште повнатре. Токму кога велиме „Еве сега ќе се реши“, не, напротив, тие што се бореа за да исчезне таа диктатура, влегоа во исчезнатите…

***

Навистина:

Зар не е време да прекине насилството?

Валентина Ѓоргиевска Парго