Тројца творци, различни по својот концепт и делување се спојуваат во еден состав, за кои компарација со тројца (уметнички) мускетари, да не навлегуваме дали би била или не пожелна, ќе се одважат да ја одбранат честа на уметноста, според она што го најавуваат како свој концепт и според тоа што го видовме на нивната прва изложба.
Станува збор за „Група 3“, составена од врвни и докажани уметници кои одамна се познаваат и се во корелација – станува збир за м-р Страхил Петровски, визуелен уметник, вработен во Музеј на Македонската борба како советник конзерватор за метал и дрво и професор на Европскиот универзитет по предметот, порано „Фотографија и мултимедија“, а од пред неколку години само по „Фотографија“ на трета и четврта година, м-р Ангел Коруновски, вајар и скулптор, воедно и директор на Музејот во Велес, и д-р Лазе Трипков, графички дизајнер и професор на Балканскиот универзитет.
На 17 февруари 2025 година ја одржаа својата прва заедничка изложба „Why not now?“(„Зошто не сега“), во преполниот изложбен салон на Младински културен центар во Скопје, на која говореа програмскиот директор на МКЦ Горјан Ѓорѓиев и професор д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет на УКИМ.
***
М-р Страхил Петровски: Тргнуваме кон промена на мајндсетот!
Создадовте група, еден триаголник на релација Скопје–Велес–Куманово, која некако од старт нѐ предизвикува на внимание
– Прво морам да ви се заблагодарам за вашиот интерес, за овој разговор и на редакцијата Плоштад, за која што работите. Групата е новоформирана во време кога во државава ни се случуваат интересни моменти, не навлегувам во политика, впрочем и поводот сега ни е уметнички а не политички, и мислам ова е вовед во едно тотално освежување на ликовната сцена на Република Македонија, затоа што сметам дека иако со години наназад ни се случуваа многу изложби, ние каскаме. Некако многу често нѐ ставаат на маргините, и вистинското време е да се формира една ваква група од тројца реномирани и докажани македонски автори, секој во својот домен, кои ќе делуваат пошироко. Ние сите живееме животот на различен начин, меѓутоа идеолошки сме многу поврзани, и фамилијарно исто така, и мислам дека токму таа различност нѐ прави уште посилни.
Вашите дела на оваа изложба содржат претежно темна, црна боја, што е во основа е мошне уметнички
– Во однос на црната боја многу има да се говори. Многумина ја доживуваат како тажна, морбидна како страшна боја, сепак во црната боја е содржано сѐ, сите бои се содржани во неа, целата светлина ја впива црната боја. Црната боја е елегантна, и не секој може да ја изнесе, би рекол во некој сленг, не секој од уметничката фела умее да „барата“ и да се изразува со неа. А и не секоја црна боја е црна, да се разбереме. Црната има многу нијанси, впрочем како и животот. А јас постојано уметноста ја поврзувам со животот, верувајте. Да се навратам на животот, затоа што животот е непредвидлив. Сите живееме едно сулудо темпо на живот, сите се бориме на свој начин првенствено за егзистенција, а уметноста исто така ни е една заедничка нишка на сите тројца, па така преку овие дела успеавме да презентираме и нешто од црното и нешто од поколоритните бои.
Велат дека во темнина и во црно најмногу се отвораат сите сетила, предизвикува чуден но посебен сенс…
– Таа е присутна во моето сликарство повеќе од 20 години, дури и 99 одсто од гардеробата ми е во црно. Ја преферирам и истражувам, затоа што сметам дека навистина е боја која што заслужува почит и е доминантна на некој начин. Експериментирам со црната боја, експериментирам со повеќе материјали, што сликарски што несликарски, така што за мене ова не беше ништо ново.
Лесно се договоривте тематски како ќе изгледа вашата изложба?
– Тематски да, се договоривме лесно и ова сега што го направивме е едно убаво заокружување, преку организирање на оваа заедничка изложба, со огромна благодарност до господинот Горјан Ѓорѓиев, наш драг колега. Што не значи дека тука ќе застанеме. Веќе на 15 март имаме закажано изложба во уметничката галерија „Маказа“ во Битола, со поддршка на директорот на музејот господинот Зоран Николовски, а имаме исто така аплицирано во белградска галерија Културни центар Дорѓол…
Во Куманово од каде потекнувате, и во Велес каде живее Ангел, дали да ве очекуваат?
– Секако, да се надеваме, и редно би било. Еве веќе направивме пробив и огнено крштевање во Скопје, па „why not…?“, зошто не би направиле и во Куманово и во Велес?
Ја прочитав Вашата порака до јавноста во најавата за изложбата и се согласувам активизам е потребен, бидејќи знаеме во каква состојба се наоѓаме, од која сите сме револтирани, а црната боја содржи револт нели, не можеме да негираме.
– Апсолутно!
Го поставивте прашањето и сега ќе си барате одговори…Но дали меѓу себе си предвидувате подолго постоење како група? И кој активизам ќе треба да го прочитаме во Вашето целокупно изразување?
– Ова не е инцидентно колку сега да „пукнеме“ едно ваууу пред јавност. Ние планираме да направиме еден уметнички манифест по кој би делувале визуелно, но и активистички. Впрочем и историски е докажано дека и многу други групи низ годините делувале активистички на уметничката сцена. И мислам дека тоа е вистинското нешто што треба да се случи во моментов на културната сцена во Република Македонија. Уметноста е таа којашто провоцира, којашто поставува прашања и дали наоѓаме одговори тоа е веќе многу широка и опширна тема и прашање… И не само лично. Лично и колективно. Колективното во однос на личното и личното во однос на колективното. Затоа тука сме ние како група да делуваме и да истапуваме. А впрочем и уметноста е активизам – и преку некој збор, преку некоја боја, преку некоја форма, линија. Со тоа делувате и на мајндсетот на целокупното општество во кое што живееме. Трансформација. Ни треба трансформација. Според мене, ние со мајндсетот сме на многу ниско ниво. Треба уште мнооооогу години да поминат, генерации и генерации, за тој мајндсет којшто го имаме години наназад, а ги знаеме импликациите и рефлексите, да се промени, се разбира во позитивна насока.
М-р Ангел Коруновски: Ни треба будење на поединецот!
Идејата за спојување дојде намерно или спонтано, како плод на вашето долгогодишно пријателство?
– Ние подолго време се познаваме и преку творештвото и приватно, и во разни конверзации увидовме дека треба да се реагира кон општеството. Нормално, ние како поединци реагираме преку нашето ликовно творештво, но за една таква реакција некогаш се потребни многу години, нели, и да има еден нов од свеж и искрен пристап и кон творештвото, или како што јас велам кон крикот на уметникот. Уметникот крикнува кон општеството и остава одредена порака. Макар и таа да е неангажирана порака, самиот пристап кон естетските влијанија или реакции, е крик. Така што, во такви разговори сфативме дека е добро да се реагира преку група. Прво, сите ние сме различни енергии, различни луѓе, различни автори, но, не спојува едно исто – тоа е трагањето кон естетиката и кон убавите нешта. Нели и во неубаво нешто има убаво нешто. Тоа ни е една позитивна појдовна точка. Како група може многу почесто да реагираме пред сѐ, многу погласно можеме да говориме на тој начин, и затоа што и нашето прикажување на јавноста би било позачестено – групата сама по себе има моќност да реагира побрзо.
А од друга страна сепак тоа само–организирање знае да биде и погломазно, поинаку е кога е еден, меѓутоа секако заеднички ефектот е многу посилен.
– Тоа е многу слично ко еден бенд, значи имаме врвни музичари но, кога ќе се здружат во бенд добиваме една комплетна и многу подлабока слика и башка имаш анализа и синтеза на нештата. Значи секој од нас во нешто е врвен, а нешто му недостига, а групата е тука и за да се унапредиме меѓудругото. Да добиеме еден продукт кој што ќе биде поинтересен и за реципиентите – самите изложби би биле поинтересни заради тоа што гледаш три различни автори со некој сличен концепт. Сега ова е прва изложба, понатаму сето тоа би функционирало уште подобро и уште поголема кохезија би имало заради тоа што треба и време за сето тоа, не оди така брзо.
Сметате ли дека совршено се вклопивте и надополнивте еден со друг?
– Ммммм. Совршенство во светот не постои и е многу лошо да го има, затоа што убавината е и во грешките. Грешките нѐ едуцираат и прават од нас и подобра група и подобри единки. Трагањето кон совршенството сите од нас го имаме, но пак ќе кажам групата може да биде и критички настроена кон самото сопствено творештво и би имало напредок и би имало едно поубаво канализирање на пораките кои што ги оставаме.
Црната нијанса доминира и во Вашите дела?
– Па не секогаш, но имам преокупација одредена, од некои си десеттина дела задолжително ми се јавуваат две три црни дела, и тоа не е случајно – мислам, црното е самото по себе провокација, исто и белото е провокација.
Двете основни бои
– Да, но белото ако го гледаме како пауза, а црното како една реакција, и таа игра на светло-темно, може да биде многу интересно. Јас употребувам и колорит, го сакам и колоритот, но тој колорит е само да објасни една состојба моја, лична или чувствителна состојба, во која сум бил во тој момент додека сум творел. Црната боја е многу интересна и особено во уметноста таа е многу длабока, може многу нешта да покаже. Знам и колку нумери и песни се испеани за црно, еве „Back to black“ на пример.
Ејми Вајнхаус, токму така…Уште едно прашање, дали имате јасна или (и) порака во порака што ни ја упатувате?
– Јасна порака немам. Според мене уметноста секогаш треба да биде енигматична и да биде сама за себе, не треба да биде буквално ангажирана и да укажува кон јасна порака. Самите дела ко сублимат укажуваат кон една двојна порака, таа е всушност насочена кон будење на поединецот, то ест преку нашето лично творештво кое е баш лично, и сите си имаме одреден белег во нашето постоење и креирање, но вкупниот сублимат кога ќе го видите дава една порака со којашто би сакале да го извадиме реципиентот односно гледачот од таа комфорт – зона што ја носи брзата информација, од неактивност, пасивност летаргичност. Затоа и самата изложба е така динамична, имате еден тек од црно кон колорит – на пример Лазе има фантастични бои и буди едни многу подлабоки чувства во своето творештво и сѐ комплет е многу интересно – баш една симфонија, баш еден бендовски приказ…
Д-р Лазе Трипков: Фатив сликарска четка во рака по 23 години!
Што претставивте Вие како своја визија во „Група 3“?
– Јас настапувам со одредени геометриски рефлексии. Моите согледувања во однос на уметноста, а ќе речам на дизајнот пред сѐ, беа некакви конструктивистички геометриски обиди, како и сето тоа да се разложи и да се развие во една визуелна игра на контрасти, бои, форми и тука ми се насочи всушност целиот фокус, за да можам да се нурнам малку подлабоко во тие слоеви на истражување. Дали со тоа постигнувам нешто искрено не знам, меѓутоа, дополнително после 23 години, по прв пат зедов и четка во рака. Јас имам и магистратура по сликарство, но повеќе сум се занимавал со графички дизајн. Па така мислам дека сега имам некој обид којшто е можеби и некое наговестување на некои идни циклуси, околу тоа што би работел јас во иднина.
Кој момент толку ве испровоцира и за Вашето враќање на сликарството, односно овој пат шетање меѓу двата уметнички жанрови?
– Па најмногу тоа што моите колеги се прекрасни уметници и автори, исклучителни во тоа што го работат, а бидејќи ние тргнуваме од некоја премиса „Зошто не сега?“ и таа требаше да биде онаа точка околу која што ќе се преврти дискурсот и ќе биде пресвртница во целото тоа заедничко создавање и творење, го направив тоа. Но, не толку за да им парирам визуелно во сликарскиот дел, кој кај нив е силно изразен, туку повеќе во однос на моите внатрешни пориви или немири, кои што сакав да ги доистражам или можеби да пробам да ги изразам како такви. Сепак кај мене станува збор за графизми, за геометриски коструктивистички тенденции.
Ве поттикнаа да се истражувате себе си, и сам да откриете нешто плус за Вас, звучи интересно.
– Открив дека многу го сакам сликарството и дека сум погрешил што сум го оставил ха, ха. Односно не сум го оставил туку сум направил дваесет и кусур годишна пауза. Немам ателје бидејќи мојата работа секогаш беше „лапотот со мене, компјутерот, мозокот, срцето и седнуваш, дизајнираш, работиш“ па дури и скици кога сум работел ми била доволна само работната маса, а сега мојата сопруга има проблем, не може да го исчисти паркет, јакната, панталоните… Меѓутоа уживам во тоа што го работам и многу сум среќен и тоа ми дава дополнителна мотивација да продолжам понатаму.
Како графичар Вие по дифолт другарувате со црната боја, а неа Вашиот соработник Страхил ја истакна како носителка во неговите дела, и нешто помалку ја имеше и во делата на Ангел.
– Кај мене овој пат е најмалку застапена црната боја. Јас сум тој кој што ја прави рамнотежата, со колоритот. Меѓутоа како и да е, она што јас го работам е да си играм со тие некакви поместувања, па наоѓање на композиција, декомпозиција, разложување на формата за да манифестира одредена перцепција и… Не знам?! Обожувам да истражувам, едноставно сакам тоа така да го третирам – како истражување и игра некоја, која и откако ќе ми даде резултат нема да ме остави спокоен, туку ќе ме тера да се вратам и уште повеќе да го подобрам, да го направам малку поразлично и тоа.
Што треба да порача Вашиот дел од оваа изложба, како една колективна порака?
– Па, прво јас го гледам колективот како нешто кое што е многу битно. Јас одговорот на „Зошто не сега?“ го гледам во зборот „заедно“. Околу премисата да се бориш за една идеја, односно „за едно“, како продукт кој што го дава различноста но и да претставува и сличност. Разликите во карактерите, во ставовите, во размислувањата, да бидат на некој начин и спојката.
Дали има(ше) неформален лидер оваа Ваша група?
– Сите се дружевме. Можеби некој повеќе се истакнуваше во однос на социјалните мрежи, а партиципиравме подеднакво сите. На одредени моменти работевме и одвоено, меѓутоа на изложбата имаме и заеднички дела на голем формат на четири метри хартија, коишто заедно го создававме. Секој учествувал со одредени елементи за да даде свој придонес во однос на таа една генерална приказна која што треба да биде. Во рамките на сето тоа јас повеќе ја третирав метафората. Онаа, визуелната метафора, ми е некаков предизвик.
Валентина Ѓоргиевска Парго