Мед! Најслаткиот густ сок којшто пчелите го прават од нектарот што го собираат од цветовите и најсовршениот производ на природата кој ги содржи речиси сите состојки кои го хранат човечкото тело. Но, мислите лесно е да се произведе вкусен и природен мед? Да, лесно е, кога е произведен од лесни раце и со срце полно со љубов.
А за да откриете и засакате нешто треба да разговарате токму со таква личност, со некој кој и ја познава и многу ја сака таа работа.
Овој пат „Плоштад“ ви нуди не само разговор кој ќе го поттикне вашето љубопитство туку и своевиден прирачник кое повеќе од сигурни сме ќе го препрочитате и меморирате во вашата архива, а можеби ова некому ќе му отвори очи при избор на животна професија.
Душан Петровиќ, познат како Петролејка, ни ги откри речиси сите тајни на еден пчелар, кои ги впивавме со посебно внимание.
– Дејноста пчелар ја работам од 2019 година, заедно со мојата сопруга. Тогаш го отворивме нашиот пчеларник „Петролејка“, според семејниот прекар по кој нѐ знаат Кумановци. Првата замисла беше јас и моите двајца браќа да правиме големо производство на мед, ама од тоа ништо не бидна, бидејќи браќата ми се алергични на убод од пчела. Потоа јас сам зедов шест пчелни семејства и ги поставив во викендица во село Шупљи Камен на седум километри од Куманово кон Свети Николе. Сега имаме 50 пчелни семејства и дејноста ја спроведувам како земјоделец – поединец. Имаме своја етикета и медот го носиме на проверка секоја година. Кај нас има само чист производ, а покрај мед продаваме и медни производи, прополис, околу 20 тинктури. И во тинктурите нема ништо вештачко. Тоа е екстракт од билка која се добива со 90 отсто алкохол. Ја правиме од жалфија, камилица, од сладок пелин, горки пелин, од нане, мајчина душица… Тинктура од коприва се користи за слабокрвност, 10-15 дена се пие и железото се враќа во нормала на природен начин. Напролет береме и природни чаеви покрај река.
Како научивте да правите мед?
– Благодарение на нашите ментори, Бобан и Сашо Стошевски, од кои што Бобан е претседател на здружението „Пчела“ од Куманово, кое моментно брои 125 членови, и е второ по големина, по „Матица“ од Скопје.
Добра бројка на медари во Куманово
– Не, ние сме пчелари, одгледуваме пчели, а пчелите произведуваат мед. Има разлика. Медари се фалсификатори, што прават мед од шеќер.
Пчелар, значи, е повисока титула од медар?
– Па, како да ви кажам, како генерал и водник. Ние само ги одгледуваме и им помагаме на пчелите за тие да ни донесат мед. И фактички ние го крадеме од пчелите, бидејќи кога тие би знаеле дека ние би им го зеле, тие не би го ни донеле. Да, навистина. Тие мислат дека прават зимница за себе, а ние таа зимница им ја земаме. Ќе си соберат 25-30 килограми за себе долу во кошницата во која им ставаме саќе, а сѐ што им е вишок, кога дозволува природата кога има паша, тие го ставаат во погорните саќиња и ние тоа им го земаме.
Пчелата фактички си се храни со својот мед. Мене ме интересира доколку не би постоеле пчелари, како ќе го собира медот доколку не ѝ се стави саќе?
– Таа сама ќе си произведе, бидејќи пчелата има уникатна способност сама да лачи восок. Сега ние ова го викаме модерно пчеларство во кошнички, порано се одгледувале во дрнки и кога старите наши го ваделе медот ги давеле пчелите во река. Не можеле како поинаку да им го земат медот. Дрнката ќе ја стави во река, пчелите се ќе исподават, ќе го извади, ќе се исуши и ќе им го земе медот. Следната година други пчели сами ќе си дојдат во таа дрнка. Моја баба по мајка ми била пчеларка и така ваделе мед. Сега е модерно пчеларство во начинот на производство, но сега најголема битка водиме со медарите. Имаме информации дека одат во маркет и го купуваат она што на рафтовите се продава како мед, по 250 денари, ќе го однесат дома, ќе ја извадат етикетата, го изнесуваат на продажба на улица и луѓето ќе се излажат ќе го купат и тоа двојно поскап по 500 денари.
Медарите сепак не биле толку медни како името. А како купувачите да препознаат кои се фалсификатори, кои се производители?
– Многу е тешко да се препознаат. Единствено само да се купува мед од свој познат човек кој е пчелар и кој е вљубеник во природа и кој сам го произведува медот од љубов, а не заради некој си голем профит. Моите ментори одгледуваат 300 пчелни семејства. Пред две години имаа пет тони мед, минатата еден тон. И еве сега тие отворија и фирма и го носат медот по поголеми маркети бидејќи имаат количина. За разлика од нив, јас таа количина ја немам, годишно собирам од 200 – 300 килограми. Сега останува да се надеваме природата да биде добра, па можеби ќе отидам до кај 500 – 600 килограми. Но немам проблем да го продадам, си имам свој круг на постојани муштерии и пријатели. Луѓето нѐ дознаа од уста на уста и тоа е најдобра реклама. Да ви кажам право добро ни оди и нам првенствено ни е важно добробитот на пчелата.
Во последно време се враќа културата на јадење на мед на нашето поднебје, а и доста се зборува. Често има и саеми
– Ќе се зборува и повеќе затоа што медот дава доста бенефити за луѓето, кај децата особено. Постои едно народно верување дека дете треба да е постаро од три години за да му даваш мед, не е точно. Дете откако ќе наполни една година може да јаде мед. Јас на моите деца и пред шест месеци сум им давал и немаат никаков проблем. А, истотака, 80 отсто од луѓето што користат мед го стават во топол чај, а не треба, затоа што ги губи сите својства и останува само шеќерот.
Како може да се спречи луѓето да не се излажани во врска со медот?
– Е тоа државата и инспекциите треба да поведат сметка. Ни држеа предавање професори од Земјоделскиот факултет и тие велат „Фалсификаторите толку перфекционистички го усовршиле занаетот за правење фалц, што не може да се познаат“.
А по вкус?
– По вкус може да се познае, ама можам јас, додека обичниот човек не може.
Вие не ставате шеќер во медот?
– Не, никако.
Што е потребно за пчелата да даде добар мед?
– Добра природа. Минатата година заедно со планинарското здружение „Козјак“ од Куманово во разни акции насадивме преку 5000 медоносни дрвца, од кои околу 1500 багреми, така што како Здружение се залагаме да создадеме што подобри услови.
Како се прави мед? Која е процедурата ако од утре јас да сакам да станам пчеларка?
– Се купуваат пчели, кошници и саќиња. Нивното основно живеалиште е кошница. Од пролет до доцна есен во една кошница има од 30.000 до 60.000 пчели. Тоа е една заедница. Тие не се мешаат. Треба да знаете дека во секое пчелно семејство секоја пчела си има своја задача. Си имаат магационери, си имаат стражари, си имаат водоносачи, и секој си има своја работа. Ние луѓето да сме пет проценти како пчелите, ќе летаме. Кај нив сѐ е толку организирано, толку средено. Може на пример некоја пчелка во медоберот ако задоцнила навечер и не може да стигне во нејзината кошница да проба да влезе во друга кошница, на влезот на кошницата си има стражари и тие ќе ја пуштат и таа веќе станува дел од таа колонија. Само една е матица. Женка е. Кралицата. Таа е главната што ги создава пчелите. Штом почне овошната паша таа носи од 1500 до 2000 јајца дневно. Од јајцето бива ларва од ларвата бива пчела. Од таа матица зависи дали ќе биде јакопчелна или послаба. Ако таа носи до 300 јајца дневно нормално дека ќе биде послаба, дури и да е пашата јака.
Од што зависи тоа?
– Тоа зависи дали е мала матицата или е стара. Обично не практикуваме да чувавме матица повеќе од три години, а таа живее до седум години. А пчелата живее од 28 до 36 дена. Една пчела во својот живот може да ви донесе само едно лажиче мед.
Кога е добра матицата?
– Кога е добра природата, кога се добри временските услови. Во народот се вели „Не секоја пчела носи мед“. Знаете како, некои пчелни друштва се слаби, некои се изнемоштени, не презимиле како што треба. Пчелите сами си се селектираат. Зимските пчели живеат по шест месеци, бидејќи тие не одат во природа да собираат нектар, само јадат наготово тоа што донеле нивните претходници. Нивна работа е само да загреваат до 38 степени бидејќи таа им е оптимална температура и во зима и во лето. Седат внатре, чистат, дотеруваат, средуваат и ја чуваат матицата. Кога ќе се затополи малку во февруари почнуваат да излегуваат да собираат полен и се трошат, па во рок од недела две тие угинуваат бидејќи се изработени. Тоа е циклусот на животот на пчелата.
И на колку време го земате медот од саќиња?
– Само еднаш или два пати може да се вади мед во годината. Има две паши, на пролет кога цветаат дрвјата на јаболката, вишните, крушите почнува овошната паша, потоа е багремова паша која почнува отприлика 4 – 5 мај и трае до 15 – 20 мај. Тогаш нешто може да извадиме од багремовиот мед. И на крај, почнува главната паша, тоа е драката. Тоа е најмедоносно растение во Македонија, а всушност е еден трн што расте покрај пат. И ако послужи времето во идеални услови може едно пчелно семејство да донесе и по 20 – 30 килограми мед. Мене ми се има случено да ми има донесено 53 килограми.
Колку пати ги надгледувате неделно?
– Секој ден одам до викендица каде ми е пчеларникот и гледам кај што влегуваат пчелите да не има снег, па го тргам.
Ве препознаваат? Некои велат дека газдите не ги касаат
– Не. Не не точно. Ако е така нема да носиме мрежи.
Ако им ја фатите кошницата знаат да нападнат или?
– Не. Ти можеш да се движиш околу нив, ако има нектар тие нема да те погледнат. Нервозни се само кога нешто не е во ред во природата и кога има запрашување, пестицидот на дрвото од кое бере полен ја иритира и може да дојде од никаде и да ве касне. Кога е загрозена таа веќе не знае кај оди. Потоа ја иритира галама, разни мириси, парфеми, ако некој им тропа. Многу битна работа е да не сте алергични на пчелин убод. Затоа секогаш со вас ќе си носите „Епипен“, тоа е адреналин, со мала игличка. Може да ти го спаси животот. Помага за убод од било кој инсект и змија. Моментално може да се набави само во странство, а во нашите аптеки може се да купи обична адреналинска инјекција со шприц и мала игличка, која е и доста евтина.
Колку време би требаше да ги научите тајните на пчеларството?
– Мислам дека нема да ги научам додека сум жив. Тоа е една наука како уметност исто. Постои предмет кој се изучува на Земјоделскиот факултет, а го имаме и еден од најреномираните професори кого го ценат низ цел свет, Александар Узунов. Тој го посвети животот на пчелата, а неодамна ни држеше предавање овде во Куманово. Само немаме доволно софистицирани машини да го фаќаат оној мед што го прават медарите.
Колку чини на пазарот килограм вистински мед?
– 600 денари за една тегла од 1060 грама. Ние како друштво, за да излеземе пресрет на нашите граѓани, решивме да формираме најоптимална цена, за да можеме и ние да издржиме со таа цена, затоа што верувајте, и со 600 денари е неисплатливо.
Што вложувате Вие?
– Сѐ. Пчели, восок, кошници, полумедишта, покриви, подници… Пчелата ја земате како нуклеус, потоа ја ставите во ваша кошница, додавате рамки и таа само се разразмножува во пчелна колонија. И како што кажав, два пати се вади мед, багремов а потоа ливадски, зошто тие самите ќе си го измешаат како сакаат.
Има разлика во вкусот меѓу багремов и ливадски?
– Да.
А боров мед?
– За жал кај нас во Македонија не постои, а тие што го продаваат се фалсификатори. Боров мед можете да најдете само во Грција на Тасос, бидејќи секој растение си има своја оптимална температура. На борот му треба ноќната температура да не е под 30, а дневна може да оди до 45 степени. Тогаш борот меди. Овие што продаваат црн мед како катран тоа не е боров мед, тоа е шеќер кој се вари со иглички од бор и кога ќе пробаш мириса на мед. Тоа е чиста измама.
Колку може да издржи во рок на траење?
– Медот е пронајден во пирамидите, нерасипан и употреблив, бидејќи старите Египјани го користеле медот за мумифирање на мумиите. Има остатоци на мед кои се добри после 2000 години. Доколку е правилно спакуван, ставен во чиста тегла, нема рок на траење. А кога ќе се шеќериса никако не се изложува на топла вода и температура поголема од 40 степени, си има посебни комори во кои се става теглата и температура да оди до 39 степени, но да не паѓа под 35 и на таа температура медот природно се декристализира. Само тогаш ги содржи сите својства кои ги има.
Да позборуваме кои болести ги лекува, а за што служи како превенција
– Медот благотворно делува за имунитетот на луѓето и како што ви реков, делува како сврзник. Ние правиме разни мешавини со медот. За да е лековит го мешаме со цимет, куркума, или со обете, со овошје сушено на природен начин, кое специјално го купувам од продавница за здрава храна. Обично се меша со поленов прав, тогаш делува на цревната флора и на мочниот меур. Ако се измеша со оман ги чисти белите дробови и грлото.
Поленовиот прав каде се купува?
– Го имаме ние пчеларите. Си имаме подници кои се викаат поленофаќачи. Пчелата кога влегува, го носи поленот на нозе, и кога ќе влезе во кошницата таа поленот ќе го истресе, тој паѓа и ние го собираме. Исто така и со матичен млеч. Сакам ова да ви го кажам дека матицата живее 7-8 години, а зошто знаете ли? Затоа што јаде само матичен млеч. Матичната млеч ја нема во природата. Тоа пчелите го произведуваат за да ја хранат матицата, бидејќи таа најмногу работи, носи јајца и се грижи за следното поколение. Уште не може ни да се доиспита колку сѐ хранливи материи има во матичната млеч. Тоа е нешто најневеројатно што постои на светот. Нема ништо похранливо ни подобро за човекот. Англиската кралица Елизабета Втора користела по 300 грама матична млеч годишно, како и секој член од нејзиното семејство.
Го имате и тоа?
– Оваа година ќе почнам да произведувам. Пчелите ја прават и матичната млеч. И како што реков – ние пчеларите крадеме од пчелите. Ама исто така па и се грижиме. Без човекот многу потешко ќе преживее пчелата, бидејќи ја напаѓаат разни болести и кога ќе биде самостојно пчелно семејство, една година ќе успее и потоа ќе го снема. Четири пет пати годишно ја димиме против крлежот. Најголема болест е варола, крлеж кај пчелите. Тоа ги уништува. Исто ги третираме со потребна киселина, така што, се бориме на секој начин.
Тежок бизнис е пчеларството?
– Ако го работите со љубов не е тежок.
Кај Вас од каде потекна таа љубов?
– Јас отидов кај татко на мој другар да гледам како е со пчелите, но пчелите ме искасаа и се откажав. Потоа пријател ме одведе кај моите ментори кога видов како тие работаат се заљубив. Сѐ беше во бело, како доктори, со докторски ракавици, си работеа без никаков проблем, а пчелите беа многу мирни и така ме привлече таа работа.
Друго ништо не работите со сопругата, немате време, претпоставувам
– Имаме време, само немаме работа. Тоа беше и една од причините, зашто јас имам завршено Факултет за безбедност, а сопругата има Магистратура по економија – финансов криминал.
Со ова се покривате?
– Не се покриваме, уште се трудиме да отидеме на позиција нула, бидејќи пчеларството не е да земеш пчели и веднаш си горе. И за тоа досега – им благодарам. Многу труд, многу работа треба за да нешто се успее. Сега само Господ да дава да биде како што треба за да видиме благодет од нив.
Државата помага ли на некој начин?
– Единствена помош што имаме од државата е по 600 неповратни денари по пчеларник, во случајов кај нас по 30.000 денари, така што мала е помошта. Сепак добро ни доаѓа во месеците кога ќе ни ја пуштат. Државата нѐ контролира дали имаме толку пчели, бидејќи постојат луѓе кои пријавуваат дека чуваат пчели, а тие всушност не чуваат ништо. Кај нас е обезбедено, сѐ е под видео надзор. Ние сме си пријавени, секој пчеларник си има РБО.
Бидејќи сте борец и не сте се предале со тоа што нашата држава, за жал, не обезбедува работа на младите едуцирани граѓани, освен на нивни привилегирани, вие сте си направиле сопствено решение кое ем ви ја обезбедува егзистенцијата, ем со сопставен труд правите нешто корисно за другите. Ќе им порачате ли нешто на луѓето кои што очајуваат, а можеби и тие имаат викендица или некоја нива некаде?
– Единствениот страв на денешниве капиталисти е тоа да не почнеме сами да произведуваме храна. Најдоброто нешто што можат сите да го сторат за себе и за своето семејство е да бидат сами произведувачи на својата исхрана. Не зборуваме само за медот, зборувам за сѐ. И доколку си имаат некое такво нивно место, најдобро е да си отидат во природа, да си произведуваат сѐ што треба да се јаде. Да не се купуваат секакви овошја што се прскаат со престициди. Сред зима лубеница, јагода и патлиџан, тоа не оди така. Во зима се јадат зимници. Кај нас на нива, за наши потреби, мајка ми сади сѐ. И сѐ никнува.
Ме одушевивте. Имате ли некаков голем сон?
– Јас секој ден сонувам да сме здрави и живи и пчелите да се здрави и живи. Без пчела нема живот, ако ја нема неа да го разнесува поленот – четири години потоа и нас ќе не нема. Само Господ здравје да дава, друго сѐ ќе си постигнеме. Колку сонуваме – толку ќе постигнеме!
Валентина Ѓоргиевска Парго