Почетна СТАРО КУМАНОВО Живко Стоиљковиќ, модерен индустријалец заслужен за градот Куманово

Живко Стоиљковиќ, модерен индустријалец заслужен за градот Куманово

Никулци на индустријата во Куманово се јавиле мошне доцна. Во 1912 година работела една шарлаганџиница со неколку работници, којашто дневно преработувала 80 кг. афионово семе. Во 1914 година проработило претпријатие за сапун, основано од Тодор Гребенаровиќ, трговец со колонијални стоки од Куманово. Во првата година производството на сапун изнесувало 35.714 кг. сапун, а биле вработени 4 лица.

Сл. 1. Живко Стоиљковиќ со втората сопруга Параскева и децата

Првото современо индустриско претпријатие било основано 1925 година. Тоа е автоматската мелница на Живко Стоиљковиќ, подоцна на неговиот син Миодраг од Лесковац, со капацитет 5 тони брашно за 24 часа. Таа била една од 14 мелници со индустриски карактер на територијата на денешна Македонија. Мелницата главно произведувала брашно за потребите на градот, но и извезувала и за Далмација, преку Солун. Мелницата вработувала персонал и до 41 лице. Во состав на мелницата била инсталирана и Калорична електрична централа, основана во 1926 година којашто давала енергија за погон на мелницата и за потребите на градот. Во 1940 година во централата биле вработени 11 работници и службеници.

Кој е тогаш Живко Стоиљковиќ, модерен индустријалец од Лесковац, основач на првото современо индустриско претпријатие во градот?

Сл. 2. Автоматскиот млин во кој работела и Електричната централа за осветлување на градот

Живко бил роден на 28 јуни 1852 година во Белград, во старо белградско трговско семејство Стоиљковиќ – Бркиќ. Својата кариера во трговија ја започнал на своите 14 години. Кога ја завршил нижата гимназија, се запослил во железарница на Илија Антоновиќ покрај Сава, каде провел 9 години како чирак и калфа. Потоа се здружил со Милан Ѓукановиќ и Милош Милосављевиќ и отворил железарница во Ниш. Неговите почетоци во трговијата биле тешки и полни со борба, но жилав и истраен во својата работа, сите тие тешкотии ги пребродил и бргу се истакнал во првите редови. Малку подоцна, во 1896 година купил еден млин во Лесковац, кој тогаш бил мала мелница, за мали потреби, која настојувал да ја модернизира и створи најмодерен млин. Поради тоа, Живко, својот најстар син Миодраг го испратил во Германија на усовршување на млинските техники, кој по завршувањето на студиите и пракса, во 1908 година ја презема работата во млинот. Со усовршување и модернизирање, овој млин по Првата светска војна станува модерно индустриско претпријатие и бил матица за основање и на други млинови. Може со право да се каже дека Живко Стоиљковиќ бил меѓу првите покренувачи на млинската индустрија во Србија и нејзин најдобар пропагатор, внесувајќи во нејзината работа, полн смисол за нејзин развиток и просперитет.

Luxury Catering Service
Сл. 3. Панорама на градот Куманово со поглед кон млинот на Живко Стоиљковиќ

Паралелно со тоа, Живко со своите двајца синови работел и на усовршување и проширување и на железарницата во Ниш, кој пред тоа веќе ја имал отворено.

За време на бугарската окупација, бил интерниран во Бугарија, каде во заробеништво поминал за време на целата окупација.

По ослободувањето и Првата светска војна, граѓаните на Ниш го избрале да биде градоначалник на градот.

Со помош на неговите синови, кои заедно управувале со фирмите, тие настојувале за ширење на индустриските претпријатија, така во Куманово во 1925 година го подигаат автоматскиот Млин, а потоа и Електричната централа. Потоа отвориле и во Велес и Приштина.

Сл. 4. Автоматскиот млин и Електричната централа во Куманово

Инаку, Иницијативата за електрификација на Куманово била покрената на седниците на  Општинскиот одбор на тогашниот Суд на Општината Куманово, поконкретно, на 15 февруари 1926 година, кога одборниците биле информирани за понудата од страна на Лесковачката централна банка за реализација  на овој зафат. По консултација со општинскиот инж. Владимир Антонов, Одборот формирал Комисија во која членувале: Владимир Антонов и одборниците, Јован Радовиќ, Зија Беговиќ, Тома Глигоријевиќ, Теодос Маневиќ и Јован Младеновиќ и која по разговорите со споменатата Банка, распишале конкурс, а на седницата од 18 април 1926 година, одборниците концесијата за електрификација на Куманово му ја повериле на лесковачкиот индустрјалец Живко Стоиљковиќ, кој со својот капитал веќе бил присутен во Куманово, каде имал инсталиран Млин на парен погон.

Во сочуваниот договор помеѓу Општина Куманово и индустријалецот Живко Стоиљковиќ, кој бил склучен во Начелството на Срез Жеглиговски на 5 јули 1926 година, меѓу другото било зацртано дека Општината му го отстапува правото на Живко Стоиљковиќ за снабдување на градот со електрично осветление и електична моторна сила за време од 15 години, и за тоа време никој не може, па ни Општината да го има ова право на концесија. Освен тоа, Концесионерот се обврзувал во рок од  4 до 5 месеци, во зградата на неговиот млин да ги подигне сите постројки и машини за производство на електрична енергија за просечно напојување на 4.000 светилки од 15 до 25 W,  како и изработка на целокупната развојна мрежа на улиците означени во планот и во предвидениот рок. Исто така концесионерот се обврзувал да ја изгради потребната арматура за  уличното осветление, а напонот  секогаш морал да биде 220 W, а во случај на прекид на електрично осветление по вина на концесионерот, истиот морал да плати општинска казна.

Сл. 5. Првата електрификација на Куманово во 1926 година, Електрична централа на Живко Стоиљковиќ

Стоиљковиќ бил сопственик на Автоматскиот млин и Електрична централа за осветлување на градот. По национализацијата продолжува да работи во состав на „Жито-мел“ Куманово.

Целосно настрада во транзицијата.

Што се однесува до семејството, по кажувањето на г-ѓа Снежана Миленковиќ, правнука на Живко, Миодраг (1890-1950), бил најстар син на Живко од брак со неговата прва сопруга Мара Петковиќ, која починала, и тогаш Живко се сели во Лесковац и се жени со Параскева Митиќ, со кој добиле уште пет деца. Живееле во Лесковац, а потоа во Ниш, каде Живко имал железарница. Тој на секој син кој наполнил 18 години му давал 1.000 000 динари да започнат свој бизнис, а тие во знак на благодарност, фирмата ја воделе под име „Фирма Живка Стоиљковиќа“.

Инаку, Живко имал и еден син Момчило Стоиљковиќ – Мома (1897-1923), кој починал млад на 26 годишна возраст. Судбината така сакала, ова младо момче, од својата невнимателност, да било повредено на воз на железничка станица, каде од повредата му била отсечена левата нога до над колено, а набргу после тоа починало од компликации на воспаление на белодробните крила.

Според хроничарот Д. Масевски (2019), денешниот објект, во кој се наоѓа Народниот музеј на Куманово, во минатото претставувал семејна куќа и дом во сопственост на индустријалецот Живко Стоиљковиќ. Масевски исто така наведува дека вилата била изградена некаде во 1926 година и се претпоставувало дека била проектирана од рускиот инженер Владимир Антонов. Во разговорот со правнуката на Живко, г-ѓа Снежана Миленковиќ, на прашањето дали Живко поседувал куќа и вила во Куманово, таа вели дека тој никогаш не живеел во Куманово.

Сл. 6. Народен музеј во Куманово, според Д. Масевски, некогашната вила на Ж. Стоиљковиќ

По Војната, овој објект е национализиран и бил во функција на Окружниот комитет на КПМ за Куманово, како и за потребите на локалната администрација. Во 1965 година, во него започнал со работа Народниот музеј на Куманово.

Живко Стоиљковиќ починал на 18 февруари 1933 година, од последица на срцев удар на железничка станица.

Погребан е во Лесковац.

После смртта, ја оставил вдовицата Параскева, пет полнолетни синови: Миодраг, Радмило, Милан, Коста и Душан и две омажени ќерки Љубица и Добрила.

Сл. 7. Некогашниот млин на Живко Стоиљковиќ денеска, кој целосно настрада во транзиција, фото: Ф. Ѓошевски

 

Користена литература:

Лесковачки гласник: лист за трговину, занате, пољопривреду и друштвени живот, 17. новембар 1923.

Лесковачки гласник: лист за трговину, занате, пољопривреду и друштвени живот, 18. фебруар 1933.

Л. Соколов – Општествено-економската и национално-политичката положба во Куманово и кумановско меѓу двете светски војни, Куманово и кумановско во НОВ 1941-1942 година, Куманово, 1979.

М. Арсовски – Болто – Куманово 1519 – 1994, Народен музеј Куманово, Куманово, 1994.

Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.

Д. Масевски – „Враќањето“ на четирите бандери (Збор-два за електрификацијата на Куманово), Списание Корени.

Фото бр. 1: Слике старог Ниша / фб. страница

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник