Почетна Вести Фрлајќи го палтото, јапонецот Котецу го воскресна Јонче Христовски на сцената на...

Фрлајќи го палтото, јапонецот Котецу го воскресна Јонче Христовски на сцената на Златна Буба Мара!

Под мотото „Вештачка интелигенција за Владата – природна забава за народот“, 28. издание на манифестацијата „Златна Буба Мара на популарноста“ во четири и пол часовна програма, успеа да понуди разновидно сценско шоу од актуелни и ретро моменти од јавниот живот кај нас.

Се одржа на 19.02.2025 година во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

На почеток, „бајкерите“ го имаа воведниот збор со впечатлив бајкерски настап. Во дел од првите најави го препознаваме гласот на легендарниот Благоја Крстевски. Потоа, традиционалните учесници „Златните славејчиња“ ја испеаја новата инклузивна химна „Ние сме гуш и бац“ со Мијата и Денис Космонаутко, кои долетаа од Космосот во стилот на Илон Маск.

Luxury Catering Service

Првата „необична комбинација“, нешто по што е познатливо ова шоу, ја донесоа Ана Петановска и легендарната Зорица Поп Панкова, заедно пеејќи го нејзиниот некогашен хит „Диско пар“. Потоа Ана со Сашо Гигов – Гиш, продолжи со „Моја гитара“, откако Гиш ѝ ја врачи наградата “Златна Буба Мара за млада талентка”, момент кој го потсети на тоа дека пред 26 години, исто таква награда му врачи и на Тоше Проески, а девојките во Универзална сала силно вриснале. А во знак на благодарност Тоше дури и запирал со својот џип да го поздрави каде и да го сретнел по улица.

Гиш ја изведе и композицијата „Еј, ти младо момче“, во чест на неодамна починатиот автор Љупчо Константинов, песна која датира од „Скопскиот фестивал 1972“, изведена од групата „Индекси“.

Домаќинот на манифестацијата Ранко Пртровиќ од Радио Бубамара посака добредојде за сите гости. По него на сцена се појави и освои актуелниот хуморист и имитатор од Куманово, младиот и спонтан Жарко Јовановиќ, кој со неколку хумористични „бисери“ и имитации на наши политичари, направи добра атмосфера. Особено со онаа на премиерот Христијан Мицкоски, за кого рече не знае како да го имитира, освен што проба да седи мирно и да ги држи дланките склопени во форма на пирамида.

За да ја прими наградата за трајни вредности во фолк музиката, Перо Христов дојде дури од Америка каде имал турнеја, а публиката ја допре и почести со импресивна изведба на „Нема живот Ангелино“.

Дарио и „Миг 21“ заедно со танчерската група „Денсерс Јунајтед“, откако и овој познат пејач ја прими наградата за трајни вредности во музиката, внесоа диско елементи во амбиентот.

Појавувањето на традиционалниот гостин, или подобро речено веќе и домаќин Игор Џамбазов, овој пат значеше и негова најава на гостинот од далечните хоризонти. Имено, Игор прво испеа јапонски рефрен со што го најави Јапонецот – интернет сензација, вљубеник и исполнител на македонскиот мелос, Казухиро Котецу, кој специјално допатува од Јапонија за да прими награда, и да ја испее „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски, фрлајќи го палтото како што тоа го правеше Јонче. Вознесената публика стана и аплаудираше громогласно на пејачот кој беше прогласен за амбасадор на македонската култура.

И, веќе ништо не беше исто. Чувствата зовриени, до плафон.

За Сузана Спасовска, која ја прими наградата за трајни вредности во фолк музиката, беше подготвена и снимка од МТВ, на која се гледа дека Васка Илиева своевремено ја прогласува за своја наследничка. Спасовска ја изведе „Билбил пее во градина“.

Ансамблот на Стевче Стојковски, по 25 години постоење, доби награда за најдобар етно концерт остварен минатата година, а со изведбата на хумористичната „Зајко Кокорајко“, нѐ потсетија и на легендата Александар Сариевски.

Втората задача на Игор Џамбазов помина уште повеќе од одлично, даде силна рецитација на „Тешкото“ од Блаже Конески, во придружба на разиграниот „Универзитетски ансамбл Македонија“.

По цели 30 години постоење, награда за трајни вредности добија и хумористите од К -15, а потоа и нивниот пријател – сликарот Мирослав Масин и писателот Тихомир Јанчовски.

Златни статуетки добија и Битолскиот камерен оркестар и спортската легенда Илија Најдоски.

Наградена беше и театарската претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци, додека главната театарска награда за претстава на годината заврши во рацете на режисерот Синиша Евтимов за популарната претстава „12“ , која во МНТ ја изведуваат 12 најдобри македонски актери. За актерка на 2024 годината беше прогласена Дарија Ризова, а за актер Ѓорѓи Јолевски.

По долг период на сцената се појави и Калиопи, која од истата замина со три златни Буба Мари: за концерт на годината, за пејачка на годината и за албум на годината. Едната од наградите му ја посвети на својот автор и поранешен сопруг Ромео Грил, чии песни ги запеа во нејзиниот блок, и освен со сензуалноста со „Остани во мене“, евровизиските „Дона“ и „Црно и Бело“, целата сала ја прели со музичка моќ, изведувајќи ја „Роѓени (Бато)“ со сите во еден глас. Побара и доби ѕвездено небо од публиката.

„Некст тајм“ и Слаткар, статуетка за хит на годината понесоа за заедничката тема „Океани“ во која се зборува за тагата на Македонците кои заминале од родното огниште.

Во крајниот дел од манифестацијата „Меморија“ добија статуетка за рок група и за рок концерт на годината, а во отсуство на нивниот пејач Ристо Самарџиев, Поце Икономов сам ја испеа песната „За тебе“, посветена на неговата сопруга по вечната разделба. Следната нумера „Само за добро да е“ ја изведоа со прилепчанецот Филип Николовски.

Специјалниот гостин од Сараево Муарем Сербезовски, некаде после полноќ, откако публиката уморна и од смеење и од долгото траење на приредбата  веќе беше на заминување а салата полупразна, ја направи завршницата со легендарната „Зашто су ти косе побелеле друже“.

Тој смета дека по Србија и Босна и Херцеговина кои го прогласија за академик, истото треба да го направи и МАНУ и со тоа да стане првиот Ром со таа титула во нашата земја, како роден скопјанец од Топаана и автор на седум романи и човек кој на ромски јазик го превел и Куранот, Библијата и Стариот завет.

„Буба Мара“ во еден блок им се оддаде почит на Атина Апостолова, Константин Икономов, Лазар Лечиќ, Велибор Џаровски – Џаро, Љупчо Константинов, Анка Гиева, Мирко Попов, Оливера Николова и Снежана Стамеска, кои веќе ги нема меѓу нас.

Сите музички точки во текот на вечерта беа отсвирени од симфониски оркестар, но и од неколку бендови и од врвните инструменталисти Стевче Стојковски и Александар Јовевски.

Хуморот доминираше! Од актерите Сашко Коцев, Жарко Јовановиќ и Тино Костадиновски слушнавме повеќе досетки на сметка на политичарите- дека нашата делегација ја следела инаугурацијата на Доналд Трамп во Вип ложа оддалечена на два километри и дека можеби сега повторно ја следи манифестацијата од Вип ложа од салата „Јане Сандански“…Дека за Коце Трајановски не може да се направи скеч бидејќи тој само работи и можеби додека ние се забавуваме во ноќта тој со лопатата го прави патот Кичево Охрид… Дека Артан Груби избегал на своја сметка без патни трошоци, и дека можеби не избегал туку поминал преку граница дриблајќи топка и дека туку само направил трансфер во трета лига во “Феризај”… Дека првиот човек на АНБ не може да прислушкува затоа што не знае како со софтверот, не го знае англискиот јазик… Дека мајка му во 8 го носи на работа а во 15 часот го зема Тимчо Муцунски, за кој никој не може да рече „го знам од дете“, бидејќи тој уште е тоа, а дека во Влада го зеле за да плаќаат поевтини билети во авион, како за дете…

А Сашко Коцев се пошегува дека бил толку малер што имал  „Инфлуенца Б“, а никако да фати ни А.

„Еднаш бев на приватен лекар, се накашлав, трипати магнетна резонанца ми правеа“, рече на шега…

Хуморот на моменти беше добра страна, на моменти слаба, најмногу кога се однесуваше на грбот на една држава, кој треба да претставуваат моќен и обединувачки симбол и човек не би се чувствувал добро кога се преминува границата… Шегата отиде до таму што државниот грб требало да содржи двоглава лебарка, споредено со народот кој издржува сѐ како лебарката, и магла, загадување и расфрлани шишиња во водата како асоцијација на навиката сѐ да се фрла в река… Но, што е тука е, Златната Буба Мара помина по стандардниот шаблон, можеби следната или во пресрет на 30 годишнината, нѐ очекува некакво освежување.

(Фотографиите се со несоодветен квалитет затоа што се направени со мобилен телефон и на голема дистанца од сцената)

Валентина Ѓоргиевска Парго