Кога се во прашање ликот и животното дело на нашиот сограѓанин, професорот Трајко Тасевски, и кога во градот би постоела алеа на личности кои се жив пример за тоа како сите ние треба да се однесуваме кон луѓето, кон работата, но и кон самата држава, тогаш тој би бил на едно од водечките места во градот. Или, во најмала рака, би се нашол на таканаречената Топ Тен листа на личности кои пленат со својот карактер и со својот севкупен интелектуален и човечки капацитет.
Тој исто така е и еден од ретките наши сограѓани кој поседува и мулти талент во неколку области од јавниот живот. Образованието, музиката и спортот, што би се рекло, три во едно, во неговиот живот се споени на многу високо ниво и со многу посветеност, одговорност и професионалност.
„Пуста математика вода ја однела…“
Неговиот најголем успех во животот тој го има постигнато во образованието и тоа како професор по математика во ОСУ Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, каде што успешно работеше цели четириесет години и тоа од првиот па сѐ до последниот ден од неговиот работен век. Од таму замина во заслужена пензија, во која што и ден денес ужива заедно со членовите на неговото потесно семејство.
За време на својот работен век во Гимназијата тој со својата посветеност, но секако и со својот професионален приод кон професијата и начинот на кој што работел со учениците, успеал да воспостави многу високи стандарди и критериуми за оценување на знаењето на учениците по предметот – математика. Неговите критериуми сите ученици, без исклучок, ги прифатиле и ги почитувале, бидејќи, се темелеле и одговарале на реалното знаење на секој ученик поединечно. Поради сето тоа, тој, иако меѓу учениците важел за многу строг професор, истовремено меѓу нив важел и за еден од најправичните професори, што пак од друга страна го правело и еден од најценетите и најавторитетните професори во Гимназијата, кој секогаш и тоа за време на целиот работен век бил на страната на учениците. Тезата за неговите стандарди и критериуми за оценување на знаењето ја оправдуваат и потврдуваат и ден денеска многу поранешни ученици од Гимназијата, на кои што професоророт Трајко Тасевски им предавал математика, а меѓу нив по професија има и многу успешни негови наследници.
Кога фудбалот е музика
Голем придонес и голем удел во неговата успешна кариера како професор има и неговиот голем талент кон фудбалот и кон музиката од каде што тој црпел позитивна енергија. Овие активности во слободното време многу му помогнале секогаш да остане релаксиран, со „здрав дух во здраво тело“, што пак од друга страна како фактор многу позитивно влијае врз психофизичката состојба во животот на еден човек.
Неговиот талент кон фудбалот тој го покажал уште како средношколец, играјки мал фудбал на многу школски турнири на гимнзиското и на соколанското игралиште. Таму бил забележан од тогашниот тренер на подмладокот на ФК Куманово, Трајан Стевчевски – Џина и добил покана да тренира и да настапува за екипата на Куманово. За жал морал да ја одбие поради училишни обврски, со што, во тоа време како многу талентиран и надежен млад фудбалер, ја пропуштил и големата прилика да учествува на фудбалски камп во Сплит, што пак, за едно дете тогаш, односно за еден фудбалер, претставувало вистинско фудбалско доживување и вистинска фудбалска сатисфакција. Подоцна како студент со голем успех настапувал за екипата на кумановските студенти, кои во тоа време важеа за една од најдобрите екипи во мал фудбал во градот, но и пошироко во Македонија. Потоа настапувал и за силната екипа на Соколанското маало, екипата на „Алфа Вук“, која, во тоа време беше една од најдобрите во градот, но и пошироко во Македонија. На крајот на фудбалската кариера долги години настапуваше во мал фудбал и за екипата на “Професори“ која што беше многу популарна и омилена кај кумановската публика. Тој како фудбалер во фудбалските кулоари во градот важел за многу добар техничар, кој на мал простор можел да направи неверојатни потези, односно дриблинзи, но и по популарниот и таканаречен „дупли пас“ , што кај гледачите предизвикувало вистинско уживање и воодушевување .
Многумина љубители на спортот од градот најверојатно не знаат дека нашиот сограѓанин Трајко Тасевски пред да почне да игра фудбал најпрвин бил голем вљубеник во трчањето, односно во атлетиката, поради што често бил посетител на атлетската стаза на градскиот стадион, а поради својата неверојатна брзина на трчање посебно бил вљубен во таканаречените кратки стази на трчање.
„3+2“ значи чиста петка
Што се однесува пак до музиката, тој уште како дете бил голем вљубеник во гитарата, која подоцна му станала нераздвоен другар и составен дел од неговиот живот и без која што тој не можел да си го замисли својот живот. Бил член на музичката група „3 + 2“ со која што учествувал на неколку гитаријади и свирел на многу музички настани и игранки кои се одржувале во салите во Гимназија, Соколана и во Дом на ЈНА, а кои во тоа време, или поточно во седумдесеттите години од минатиот век, биле многу посетени и многу популарни кај помладите генерации.
Неговото мото, односно идеа во животот, одсекогаш била една и единствена – дека ние како луѓе никогаш не треба да дозволиме злото и неправдата да надвладеат врз позитивното ткиво кое што е носечки столб во општеството. Негова порака до помладите генерации е тие што повеќе да се занимаваат со спорт и спортски активности и по можност да се отргнат од „големото зло“ на денешнината, а тоа е прекумерната и неконтролирана употреба на мобилните телефони, кои што имаат многу негативно влијание, а што од друга страна има голем удел и врз нивната севкупна социјализација во општеството.
Успешна животна приказна
Било како било, во случајот со нашиот сограѓанин Трајко Тасевски или во кулоарите низ градот многу попознат како Трајче – Професор, станува збор за една многу успешна животна приказна. Приказна која што може, но и треба, да послужи како пример и поука на многу сегашни и идни генерации, дека до успехот може да се стигне само со многу труд и многу љубов, чесност, посветеност, одговорност и професионалност. И дека државата може да оди напред само со знаење, и покрај тоа што денес, за жал, разни структури се обидуваат овие вредности да ги стават во втор план.
Т.Д.