Да се зборува за зачетоците на кумановската рок сцена и сето тоа да ви го раскажуваат „старите волци“ кои палеа и жареа на истата, е посебно уживање.
Да ви ја доловуваат повторно „дражта“ и моментот како е да се собере храброст и срамежливо да се покани саканата девојка на „стискавец“, додека свири групата што ја чекаш цела недела.
Многу родителите сигурно им го раскажуваат тоа на своите потомци, голем дел од нив се и плод на таква љубов, отпочната на некоја градска журка.
Џинкс, за Вас како музичар и учесник во тогаш значајни кумановски бендови и ден денес зборуваат како за некој кого го паметат од времето на славните игранки
– Ние кога почнавме бевме деца, а идоли ни беа членовите на групата „Нај“, во неа Драгомир Шојиќ, Антонио Тоскиќ, Драган Шутевски, Слободан Илиевски – Цобе, Тихомир Петровски – Ќусем, Данчо Јовановски, Драган Денковски – Шајто, една величина од музичар (подоцна и од „Автограм“). Беа десеттина години постари од нас. Тие беа хит и наши идоли – тие па „Битлси“. Јас почнав да вежбам со една група и нѐ пуштија на пауза на нивна игранка да отсвириме три – четири песни, паметам ја изведовме и The temple of the King од „Rainbow” . Тоа беше нешто, еееех. Имаше една барака отспротива „Сума“, тоа беше култно место, тука се правеа тие игранки, во петок и сабота. Земам в рака џез-бас гитара, свирам и се прашувам „Дали е можно ова, ова е нешто неверојатно?“. Ха ха. Навистина беше така…
Која година беше тоа, се сеќавате?
– Па, јас сум бил средношколец, втора или трета година, некаде од 1981 до 1983 година. Во групата со мене беа Столе тапанарот, за жал почина, пејачот Зоран Скаловски, а подоцна и еден роднина на Бодан Арсовски, Кирчо Арсовски (познат по тоа што ја направи и групата Т.Б. Трачери).
А Вашата група како се викаше?
– Првата група се викаше „Роктелекс“. Значи, дете сум бил, свирев на некои импровизирани тапани, со некои акустични гитари, со некои појачала хај-фај. Следната група што ја направивме беше на повисоко ниво, групата се викаше „Илинден“. Паметам кои бевме членови – јас на гитара, Сашо Трајковски на клавијатура, Емил Ѓоргиевски истотака гитара, Игор Марковски бас гитара и Бобан Стојановски на тапани. Освоивме прво место на Кумановска гитаријата каде што ја свиревме Ebony and Ivory (1982) од Пол Макартни и Стиви Вондер и други. Тоа се тие први чекори.
Со странски песни почнавте?
– Со странски песни правевме игранки во Соколана, со таа група „Илинден“. Проби правевме кај мене дома, кај татко ми во една гаража. А свиревме и на покрив на зграда.
На покрив се качивте, како „Битлси“?
– Да, свиревме на покрив на една зграда. Зградата е веднаш до училиштето „Браќа Миладиновци“, долу се собраа ученици, маса народ се собра, а горе се свири и сите гледаат нагоре, кон нас. Колку сме свиреле? Петнаесет, дваесет минути, половина час нека било, но, беше голема атракција. И една станарка се качи и вели: „Аман, заман, што правите? Вие сте луди вие сте ненормални, ха, ха?“. Со „Илинден“ потоа свиревме во одморалиштето Манастир, во Матејче. Детски ја теравме работата. Јас немав ни појачала, татко ми немаше пари да ми купи.
Тоа сакам да прашам – влезници се наплаќаа или не?
– Не, не, тоа беше аматерски. Подоцна отидов во војска. За тој период се формира групата „Тумба“, за која неодамна зборуваше и Љубиша Жишка и почнаа да свират на поголемо ниво. Се враќам од војска, неколку дена потоа ме викаат во групата „Тумба“ да свирам на мојот матичен инструмент бас гитара. А јас веќе имав некои планови со „Илинден“, во војска си разменувавме писма со нив. „Тоа ќе свириме, ова ќе свириме“ и дојдов назад, се менува планот и сега и не знам што да правам. Го прашувам брат ми Марјан, исто така музичар, ми вели „Брат што размислуваш, ќе ја оставиш твојата група „Илинден“ и ќе си продолжиш со „Тумба“, ова си е веќе формирана група“. Немам инструмент. Одам кај татко ми „Тато ќе ми дадеш пари да купам бас појачало, ќе свирам во група?“. „Нееее, ќе учиш факултет, нема да свириш“. Но брат ми вели: „Ќе најдеме појачало и тоа има да го купиш најдоброто што постои, во сериозна група влегуваш“. Тие веќе година, две, свиреа и беа популарни. Не знам од кои причини вокалот Љубо Жишка и нивниот басист ја напуштија групата, па на нивно место доаѓаме јас и пејачот Миле Стојановски. А Миле и јас, всушност, имавме некои свирки со „Тумба“ уште пред да одиме во војска, но тоа беше неформално. Сега веќе постариот мој брат, Марјан Џинкс, по кого и јас и помалиот брат Горан го носиме неговиот прекар, кој подолго свиреше по ресторани во Скопје, ми најде контакти. Доаѓа и вели „Утре ќе одиме да купиме појачало“. „Колку пари чини?“ прашувам. „2.000 германски марки“. 2000 марки, ух колку пари беа тоа? Вели: „Ќе купиш Акустик појачало, од басистот на Лева патика“. „Како бре на Лева патика, велам, дали ќе најдеме пари?“. Од еден, од друг, од трет, нешто позајми, нешто пари имаше брат ми, ама 2000 марки многу се, кога ќе ги вратам? Одиме кај басистот, паметам се викаше Аљоша, работеше во некоја банка на Кејот, а живееше во зградите веднаш до излезот на ГТЦ. Го гледам појачалото, за тоа време беше нешто најдобро во свет, Акустик со четири звучници, четири петнаесетки, па канал. Тоа беше нешто незамисливо. И една бас гитара ја продава, ама многу ми беше голема и беше без прагови, а јас и не знаев да ја свирам добро и не ја купив бас гитарата, „Јамаха“. Во едно Рено го товариме појачалово, го носам во Куманово и го ставам во соба, за мене нешто неверојатно. За три дена оди Бодан Арсовски да го купи појачалото кај тој човек Аљоша, ама веќе продадено. Гитарата ја купи, го гледав на последниот концерт на „Леб и сол“ свири на истата таа „Јамаха“ што јас требаше да ја купам. Така купив појачало, купив потоа и бас гитара и почнаа игранките во Гимназија.
Повторно не се наплаќаа влезници?
– Не, не, сега се наплаќаа. Се плаќаа огромни пари. Гимназијата во Куманово беше култно место. Немаше кафулиња, имаше едно две, немаше јаки автомобили, немаше мотори, се чекаше петок, сабота заради свирките. И редовно продававме од 800 до илјада билети. Јас на првата игранка свирам без пари, „банка“ немам в џеб… А подготвени, што да ви кажувам. Доаѓам дома, ги носам парите од прва вечер од билетите што беа продадени, ги ставам на маса, татко ми утрото ме буди, ме фаќа „Стани, стани, од каде си ги украл париве?“. „Абе тато свирев на игранка“, а тој не верува, професор по географија. „Како ова, ова моја е цела плата и половина“…и не можеме да се убедиме ха, ха. Почнавме да земаме многу пари. За два месеца јас го исплатив појачалото. Тргнавме на настапи по Златибор, Ивањица, Ваљево, на море до Опатија. Значи вистинско свирење, вистинско пеење. Многу, многу добро поминавме тој период, нема што. Млади бевме, од 20 до 25 години. Но јас, за жал, поради музиката го оставив факултетот, географија на Природно математички. Го ислушав три години и го оставив за малку.
Кои беа членовите во таа постава?
– Членовите сигурно ги знаете – Младен Протиќ вонсериски гитарист за тоа време, Зоран Краљевски Глусац, Моме Костадиновски – Феликс тапанар, Миле Стојановски страшен вокал и јас басист. Бевме сериозна постава на групата „Тумба“- свиревме во „25 Мај“ во Скопје, свиревме на телевизија, па на Саем како предгрупа мислам дека беше на „Рибља чорба“, за Нова година свиревме во скопското диско „Хардрок“, сите нѐ викаа. Потоа јас неочекувано отидов во други води. Брат ми Марјан свиреше народно по кафани со еден многу сериозен музичар Ружди Абди и со Зоран Јакимовски тапанар. Им се приклучив и јас на еден настап во Кочани. Со тоа направив пресврт. Потоа нема каде што не свиревме, и народно и забавно. Седум- осум матури за средношколците ги свиревме во „Континентал“ во Скопје. Ружди не знам од кои причини се повлече и нас нѐ викнаа овде во Куманово во група за свадби „Професори“, многу позната група од 1990 до 2002- 2003. Свиревме интензивно, со покоен професор Ѓоршев, тој ни беше фронтмен и свиреше на кларинет. Потоа јас исто направив група за свадби „Тумба“ со гитаристот Чита, Сашо Трајковски, покоен Роби, а брат ми Горан свиреше на тапани и на саксофон. Сега веќе 15 години свирам во Етно село со „Етно бенд“, од прв ден сум таму.
Значи една богата музичка кариера која тече, но задоволен сте финансиски нели, бидејќи сте свиреле доста
– Дааааа, да. Од 1999 година се вработив и во Градско пазариште, обврски имам и на работа, а сабота и недела цел ден сум на свирење, но таму малку ми е порелаксирано, работам на компјутер.
Авторска музика некако слабо имавте
– Ништо немаме. Имавме две три песни со „Тумба“. Едната песна се вика „Марија“. Сега кога ќе го вратам филмот каков бенд сме биле, со таков гитарист, а немаме ни видео записи, криво ми е. Имавме настапи на популарната емисија „Неделно попладне“ којашто одеше во етер низ цела Југославија. Некои пријатели имаа видео рекордери и снимаа, но ги изгубиле снимките. Јас бев да ги барам и во телевизија, велат нема ништо тоа, сѐ е уништено, наводно од поплава.
Да се вратиме повторно на кумановската сцена од тој период, бидејќи беше мошне инспиративна и интересна. Морам да ве прашам – велат дека момчињата станувале гитаристи и влегувале во рок група за да ги освојат девојките, точно е?
– Не 99, 110 насто е така. Зашто кој и да свиреше гитара имаше „проѓа“ кај женските. Реков веќе, немаше мотори, немаше автомобили… Гитара да свириш? Па тоа беше што да ви кажам. Неодамна се дружевме со еден пријател бизнисмен Тони, тој вели „Еј кога ќе ми текне дожд врне, а јас чекам да купам билет да го гледам Џинкс на игранка“ ха, ха. Половина град се има оженето на нашите свирки. Имаше момент кога требаше да се игра „сендвич“, „стискавец“. Сите го чекаа тој момент, да ја поканиш девојката и да се залепиш за неа.
Како професорите ви ја даваа салата од Гимназијата?
– Ни ја даваат со мака, бидејќи делевме 50- 50 од билетите. И еднаш доаѓа професорот по физичко и вели: „Слушајте, паркетот е лом“. Ние прашуваме: „Колку пари чини тоа?“. „Многу пари“, и кажа на пример некоја цифра од 200 – 300 марки. „Леле, лакирајте веднаш“, за нас тоа беше ситна пара. Па купивме и справи за вежбање. Редовно имавме од 1500 до 2000 души на игранка, продававме сокови, нешто ракија, ама со криење.
Некоја анегдота?
– Со „Тумба“ проби правевме во Културен дом и од таму пробаа да нѐ избркаат, да не ни даваат да пробуваме. Ние се налутивме и ги изнесовме инструментите на сред улица. Се собра народ. И, повторно наголемо се слушна за нас.
Домашните како го прифаќаа тоа, особено таткото просветен работник. Да се биде музичар тогаш, за домашните не беше нешто најсјајно
– Не го прифаќаа. Во почетокот татко ми воопшто не го прифаќаше, па кога со групата нѐ поканија да свириме во хотел „Палисад“ на Златибор, тоа беше најпрестижен хотел во Југославија каде и Тито имаше апартман, кога кажа не, имаш сесија, ќе се вратиш во месец мај“. Јас се враќам, пратив замена на Златибор, ама ќе умрам од нервоза и по 15 дена си се вратив пак назад. Поради тоа го запоставив факултетот. Но подоцна, кога татко ми виде дека земаме „сериозни“ пари од игранките, веќе не се бунеше. Јас од мои 18-19 година сто денари од татко ми немав земено. Повеќе пари заработував од него.
Кој ви бил најомилен репертоар од странските групи? Во Куманово многу се свиреше странска музика…
– На игранките почнавме да свириме од „Bad company” до „Deep purple”, но тој период имаше многу квалитетна југословенска музика и почнавме и „Бијело дугме”, „Рибља чорба”, Масимо Савиќ, Бајага, сѐ комплет. Пред тоа свиревме „Rainbow”, „Deep purple”, „Quееn”, онолку колку што може ние да ги отсвириме.
А кој ви беше најомилен странски бенд?
– За мене се „Deep purple“ број еден со Дејвид Ковердејл. Тој беше шармер. Бев на „White snake“ и Дејвид Ковердејл кога беа во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
И како го доживеавте?
– Абре што…Само да го гледаш, ништо друго. Доволно е само да знаеш дека тоа е твојот идол и ништо друго.
А од домашните?
– Од ју просторите „Бијело дугме“, „Парни ваљак“ па и „Мерлин“… „Мерлин“ прво беа како во втор ешалон, потоа избија во прв. А ако ме прашувате од пејачите на овие простори, Оливер Драгојевиќ и Тоше Проески како вокали. Оливер особено со тие аранжмани. Музика се правеше од 80-тите до 90-тите години. Од тука натаму-не. Еве, кажете ми, кој хит го знаете после 90-тите?
Неее, тоа е антологија која што нема да се повтори. Веројатно тогаш се споија многу работи од многу области на животот и прогресот на човештвото, потоа сѐ отиде во погрешна насока
– Имаше вистински текст, вистински аранжман, имаше песни. Сега пушти компјутер и аутотјун и готово.
Рок музиката сѐ уште преживува некако, има и нови генерации кои што дознаваат за неа преку родителите. Сепак „Квин“ не може да ја замени никаков компјутер
– Кажав „Deep purple“ и „Queen“, да додадам.
Како ги набавувавте материјалите за да ги слушате и да го научите текстот за пеење?
– Значи, во почетокот, во првите две групи што ги спомнав некои членови на бендот беа поситуирани, имаа грамофон, а нивни блиски работеа во странство и им носеа плочи. Пејачот ги имаше сите плочи од „Deep purple“, му ги носеа од странство. Ние сите другите имавме касетофон дома и ја чекавме радио емисијата „Три гонга“, слушаш и ја снимаш песната, па земаш и се мачиш, ја учиш, па како беше вака ли, така, онака… Така тоа го правевме сите.
Точно ги изговаравте или импровизација?
– Ха, ха, ха не. Јас ќе ви кажам исто една анегдота. Нѐ викнаа да свириме во Богданци, со „Тумба“ ама само да бидам пејач, зашто нивниот тогаш отиде во војска. Во тоа време јас сум бил втора или трета година во средно училиште, а од англиски знам само 15 – 20 збора… Замислете цела вечер да пеам на англиски и сите да велат браво, кое лудило ха, ха. И излезе анегдота. Нѐ префрлуваат од Богданци да свириме во Дојран на журка на која избираа и Мис на Македонија. Свириме ние, го пееме истиот репертоар, никој од нас не знаеше англиски, кога едно време доаѓа шефот „те молам не пеј на англиски, едни странци те гледаат, велат овој не е нормален“ ха, ха.
Не секој ја има таа привилегија да раскажува за младоста вакви анегдоти, да рече – ова ми се случувало, ова сум го правел, сум купувал инструменти, девојки, вака било така било. Горд сте што бевте дел од една таква легендарна сцена како кумановската која, секако во поширока рамка, е и македонска?
– Тоа го правеше самата ситуација, да се чувствуваш така. Веќе кажав, гитарист да бидеш тоа беше нешто. И сакам и друго да спомнам – Куманово како град имал страшни музичари во тој период.
Зошто не бевте упорни да се пробиете по фестивалите?
– Искрено? Искрено да кажам?
Најискрено, Ве молам
– Почнавме да свириме игранки и кога победивме во „25 Мај“ ни понудија да снимиме плоча, ние: „Не! Ќе треба два викенда да ги оставиме игранките, извинете“. Дали е тоа пресудно или не – не знам.
Значи сепак имавте шанси?
– Шанси? Па влеговме на голема врата, два пати во две години, настапивме на „Поп- рок спот фестивал“ кој беше со интернационален карактер, покрај Дарио и „Миг 21“, Калиопи, групата „Зијан“ и други, знаете ли кои пејачи пееја од надвор? Кичо Слабинац, Зорица Конџа, Хелена Благне…
Тој фестивал брзо замре
– Има запис на Јутјуб, на кој ја има програмата како и исечоци од весници, ама за жал ја нема снимката.
Ви е жал ли сега зошто не бевте упорни да снимите авторски материјал?
– Ни е жал, како не. Парите се потрошија, тоа ќе останеше. Барем пет-шест записи да имавме, ако не друго од игранкиве што ги имавме. Или фотографии.
Љубиша Жишка најави дека ќе прави концерт. Вие ќе бидете дел од тоа, ја поддржувате идејата?
– Ние ја поддржуваме идејата. Тие вежбаат сега, таа постава што беа во „Тумба“, кога јас бев во војска. Можеби ќе настапиме и ние, јас и пејачот, со две три нумери, со песните кои ги свиревме во тоа време.
Музика што не одумира…Што ви остана неостварена желба што сакате да си ја остварите, а да не зборуваме за тоа што се пропуштило?
– На музички план, ова што го кажавте, ме мачи што не оставивме некој запис од мојата младост, од моето златно време. Јас сум подготвен, колку сака пари нека бараат, да ни ги најдат снимките од Македонска телевизија, ама ги нема. Таква сериозна група од тој период, а да нема снимка… Можеби главен виновник сум јас што се растури бендот. Свирев во „Тумба“ утредента брат ми дојде, јас одам во други води и ме одведе со Ружди во Кочани. Потоа замре групата.
Сепак останува како голем белег, а самото име е заштитник на градот, добро е што сте го крстиле така. Кое било друго име да сте му дале, нели, немало баш да го карактеризира Куманово
– Да, да. Мене ми е многу мерак, првиот пат бевме „Тумба’ како рок бенд, потоа свирев во фолк групата „Тумба“. Ги прашав сите дали имаат нешто против и фолк групата да биде „Тумба“, рекоа не им пречи. Ја крстив и таа група „Тумба“ и по втор пат заживеа тоа име. Свиревме по свадби, но и таа пропадна кога почнав да свирам во Етно село. Знаеш, кога фронтменот ќе отиде и групата ја снемува…
Некој ве замени во талентот?
– Едниот брат Горан сега свири во познатата народна група „Ѓезме“. Мојата ќерка Мирјана сними песни со Ерик Фокс и со други продукции. Требаше да пее и на „Макфест“, но замина за Германија. Синот не влезе во музиката. Но, не знаете кое чувство е кога влегов во еден голем мол во Скопје, а на звучници одеше хит со гласот на мојата ќерка. Бев многу, многу горд.
Валентина Ѓоргиевска Парго