Соња Тодоровска, професорка по македонски јазик и литература во Кумановската гимназија. Поранешна в.д. директорка на Гимназијата и поранешен советник во Советот на Општина Куманово. Од неодамна, секретар на ООСДСМ Куманово. Кумановчани ја опишуваат како активна жена; не само во политиката туку и во нејзината професија. Како наставник, политичар, родител, таа за себе вели дека го вложува сето свое знаење и умеење, вистинските вредности да се секогаш во прв план. Нејзината богата биографија како социјалдемократски активист и педагог, нѐ заинтригира за Плоштад да ја каже својата Азбука.
А
Амбиција, енергија која ме води во денот, животот, работата, она по што сум препознатлива и горда.
Б
Бог е мојот заштитник, мојот најголем пријател, знам дека секогаш е со мене и затоа од ништо не се плашам.
В
Верност, вистина, вредност, зборови чие значење го живеам и почитувам.
Г
Големина, како патот на Гилгамеш до бесмртноста, како патот до големите дела и вечноста.
Д
Детство полно со добрина, љубов, безгрижност, леснотија, топлина на домот и многу убави желби.
Ѓ
Ѓеврек со многу сусам, мирис на топол ѓеврек и сончево утро во кое со радост брзам да се сретнам со моите ученици.
Е
Емпатија, чувство од кое црпам човечност, среќа, солзи и потврда дека живеам.
Ж
Жена, среќна, стокмена, горда, со широка насмевка и со многу љубов за семејството, домот, работата, животот и луѓето околу себе.
З
Зајдисонце, палета на бои и емоции кои го означуваат крајот на денот и раѓање на ноќта, секогаш ги доживувам со посебна емоција.
Ѕ
Ѕвезди, но не оние лажните, чиј блесок го гледаат само нивните очи, овде мислам на оние вистинските ѕвезди, кои ноќе ни го осветлуваат патот, а денски не мотивираат да бидеме подобри луѓе.
И
Избор, многу е важно да знаеме дека имаме право на избор, да ги бираме пријателите, другарите, професијата, изгледот на денот и животот. Мојот избор е да бидам среќна.
Ј
Јазикот наш македонски, наш аманет, светост, татковина и мојата улога како наставник во чување и почитување на нашиот јазик. Јас како дел од светот и светот како дел од мене.
К
Книга, книгите, моите најдобри другарки, најумни пријателки со кои патувам, учам, другарувам, се радувам и плачам, секогаш се со мене.
Л
Лулка, мојата татковина лулка на писмото и писменоста, историјата и традицијата.
Љ
Љубов, емоција без која не може и не вреди да се живее, тоа е она што му дава смисол и вредност на секој мој ден, на животот. Љубовтa му дава светлина на окото, трепет на зеницата и мирис на среќата.
М
М е најубавата буква за Мојата Мајка, симбол на кроткост, внимание, мајчинска љубов.
М е за мојот најголем успех, мајка на две златни деца, благословена со ќерка и син.
Н
„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“, „Дениција“, моите омилени стихови од неповторливиот, наш, Петре М. Андреевски.
Њ
Њујорк, моја посакувана дестинација, град во кој соништата блескаво се остваруваат, а паузите се само скок до нови успеси.
О
Огледало, ако секој од нас секое утро, пред да излезе од дома, си го види својот лик во огледало, животот и светот би биле поубави и полесни за сите нас.
П
Пирамидите во Египет, загатка, мистерија, совршенство или тајна, можеби и нешто друго…
Р
Рима и ритам, важни елементи во поетското изразување и емотивно доживување на уметноста. Уживам во читање поезија.
С
Сонце, моето Сонце, мојот нов почеток на живот, среќа, љубов, топлина, трепет кој не се споредува со ништо пред тоа и ништо потоа.
Т
Театар, љубов кон драмата и драмски претстави заедно со талентот, креативноста и работата со моите ученици, со кои направивме драми за кои долго се раскажува низ градот. На дел од нив театарот им стана професија, горда сум на сите нив.
Ќ
Ќерка, мојата прва и најголема љубов, мојата посебна и најдобра другарка, нејзината насмевка ми го осветлува денот, секој нејзин чекор ме прави горда и среќна што имам убава, љубезна и паметна ќерка. Таа е моето ЈАС.
У
Училиште, мојот втор дом, место каде растам, учам и живеам со моите ученици.
Ф
Фотографија, заробен момент во времето и просторот кој раскажува приказни за животот и живеењето, за младоста и радоста, за тагата и среќата, за брчките и желбите.
Х
Хумор, или мајтап на кумановски, посебен и оригинален во духот на Батко Ѓорѓија.
Ц
Цвеќе, љубов всадена од мајка ми, моите цвеќиња во дворот секоја година раскажуваат нова приказна, оние во домот се мое друштво за првото утринско кафе.
Ч
Човек, најважната задача во денот, да останеш човек во овој нечовечен свет.
Џ
„Џокер “, мојот омилен филм и репликата од него: ,, Лудилото е како гравитација, се’ што треба е само мал поттик“.
Ш
„Шагринска кожа“, од врвниот реалист Оноре де Балзак, дело со кое на моите ученици им го објаснувам животот, времето, желбите.