Почетна АНАЛИЗИ Лас Вегас на кумановски начин

Лас Вегас на кумановски начин

Според бројот на казината и обложувалниците кои во последните дваесетина години се отворија во градот, сакале или не, мора да признаеме дека нашиот град од ден на ден се повеќе наликува на еден коцкарски град, по теркот на градот Лас Вегас од Америка.

Па така, Куманово како град и најголема локална самоуправа во државата, наместо да се развива во духот на една модерна цивилизација и модерна економија и во склад со времето во кое што живееме, полека но сигурно станува град на пороци, кои што крајно негативно влијаат врз воспитувањето на младите генерации, и директно ги отргнуваат од вистинските вредности, како што се, пред сѐ, образованието, спортот, музиката и други позитивни области од општественото живеење.

Luxury Catering Service

Коцкањето како форма на забава

Со дефинирањето на коцкањето како форма на забава, за која коцкарот плаќа одредена цена и од која државата црпи ресурси за да го пополни буџетот, и македонскиот законодавец, исто како и во другите држави од бифша СФРЈ, не бил свесен, а камоли образован, за сите аспекти на отворањето на Пандорината кутија. Бидејќи, другата страна на паричката, за жал, ја чувствуваат учесниците во овој заводлив и магичен круг, но и членовите на нивните семејства, како и тесниот круг на измамени пријатели. На ред се професионалците за психолошка помош, бидејќи, коцката, пред сѐ е зависност, а борбата против зависности не е лесна.

Поради овој  непопуларен тренд во државата и во нашиот град, а кој се појави и настана како резултат на лошиот стандард и сиромаштијата, од неразбирливи причини, денес во Куманово постојат безброј објекти на казина и обложувалници, од кои што поголем број се наоѓаат во централното градско подрачје, и тоа на најатрактивните локации во градот.

И наместо да се градат стадиони, спортски терени, базени и воспитно-образовни установи, како што се пред сѐ градинките, што во моментов се неопходни заради нормално и здраво функционирање на градот, ситуацијата е обратна.

Градската автобуска станица „мека“ за коцкари

Во градот има и такви места и локации каде што на само стотина метри функционираат и работат дури четири обложувалници, што навистина е симптоматично, но и чудно, што надлежните институции во градот но и пошироко, барем засега, овој тренд и оваа појава ги подржуваат и одобруваат, и покрај тоа што истите се косат со вистинските вредности во нашето општество.

Многу интересна е локацијата на Градската автобуска станица, која што наместо на автобуска станица по својот изглед повеќе наликува на класична коцкарница, од која што повеќе од половината од просторните капацитети, новиот сопственик наместо да ги стави во функција на модернизација на автобуската станица, со внесување на нови програми во служба и како сервис за граѓаните, тој истите ги има издадено под закуп на две казина.

Младите како атрактивна коцкарска таргет група

Во целата оваа приказна најголеми жртви се помладите генерации, особено тинејџерите, и тоа оние помладите од осумнаесет години, за кои што влезот во казината и обожувалниците за ваквите лица со закон е забранет, но и покрај тоа, тие успеваат да се снајдат и тоа стоејќи и чекајки пред влезот на обожувалниците, и молејки ги полнолетните играчи да им го уплатат ливчето, при тоа, трошејки ги последните пари кои што родителите им ги даваат, за време на училишната пауза  да си купат кифла за јадење.

Било како било, навистина е крајно време државните но и општинските надлежни институции сериозно да го разгледаат овој горлив проблем и да изнајдат решение за него. Од проста причина, негативното влијание на коцкарниците врз севкупното општествено живеење, влијае и врз животот и воспитувањето  на помладите генерации, кои се иднината на државата.

Т.Д.