Почетна ИНТЕРВЈУ ЉИЉАНА ТРИЧКОВИЌ: Расказот „Љубов“ на кумановски, го читам секаде и добивам најсилни...

ЉИЉАНА ТРИЧКОВИЌ: Расказот „Љубов“ на кумановски, го читам секаде и добивам најсилни аплаузи!

Никогаш не е доцна да се остварат младешките соништа, додека се во нас како жарче кое тлее. И, ако ние не се сетиме на нив, се случува тие да се сетат и тргнат кон нас.

Авторката Љиљана Тричковиќ, сега веќе пензионерка, со задоволство зборува (и) за годините кога почнала да ја чувствува литературата и уметноста за блиска, и кога истата ѝ се создавала како пејзаж во нејзините мисли и чувства. Но, животните обврски си го сториле своето. Клопчето почнало да се одмотува тогаш кога најмалку очекувала.

Љиљана е член на Светската поетска организација и има бројни награди и Гран при

Љиљана, да почнеме со навраќање низ годините, од каде ви е љубовта кон пишаниот збор?

– Дедо ми, по мајка, беше многу начитан и некогаш многу јак човек во Бељаковце, па дошол во Куманово купил куќа, го одработил своето и пак се вратил во родното место. Во свое време бил најголем книговодител, а работел и во земјоделското стопанство Клечовце, блиску до Бељаковце. Кога се пензионира, летно време јас и братучедите одевме кај него. Деца како деца, полни со љубопитство, во една соба имаше цела полица со книги, а меѓу книгите и списанија од тоа време „Практична жена“ и „Базар“. Ние бевме шест внуци и од тие внуци никого не го интересираше читањето, освен мене. Јас ќе влезам во собата и не излегувам, си читам и се внесувам во тоа. Оттаму ми е таа љубов. Но, на 20 години се омажив и се вработив, бидејќи сум самостојна и сакам свои пари. Прво се вработив во ЧИК, а веќе бев мајка и сопруга. Во ЧИК работев седум години, од кои четири како работничка. Имав завршено економско училиште и само што се бев запишала на Виша школа “Организација на работа” во Врање. Не бирав работа ама само си плачев, не од работата, од средината. Откако ја завршив првата година му велам на мојот сопруг Драган дека сакам да одам да запишам втора година и морам да излезам од погонот, тоа не е за мене. Тој беше либерте, ми дозволуваше сѐ што сакам, без никаков проблем. Ова не е фалба, но иако бев со мало дете, едно па друго, не паднав на ниеден испит. И додека моите мали деца Мирослав и Томислав спиеја, јас книгата в раце, ги лулам и учам. Ги дадов сите испити во втора година, зедов диплома и тоа беше отскочна штица за јас, меѓу нас шестмина завршени вишисти, да добијам приоритет за работното место – продавачка во ЧИК. Меѓутоа, во 1997 година во транзицијата, фабриката отиде во стечај, се затвора продавницата и морав да барам ново решение. На Ленинова отворивме железарија и две години го работевме тоа, како приватен бизнис кој ни тргна супер, сѐ додека не ја направија улицата едносмерна и прометот затаи. Сега што ќе правиме? Одиме на пазарот. На пазар и семки да продаваш, ако те бива, ќе ги продадеш. Отворивме приватен дуќан, се преориентиравме на прехрана и повторно ни тргна многу убаво. Сопругот си работеше во банка (служба за општествено книговодство – завод за платен промет, кој сега е Централен регистер). Од банка попладне ќе дојдеше само малку да ми помогне и заминуваше на имотот во Доброшане. Тој си е роден во Куманово, но е „пироќанец“ а „пироќанци“ се познати по работа. Неговиот татко се имал доселено од Пирот некаде во 1921 година. За тоа имам снимено и документарец „Пиротско маало низ времето“. Дома сѐ машко, свекор, маж, две деца, можете да замислите во што ми беше претворен животот. Свекрвата не ја ни затекнав бидејќи беше почината. Обврски големи, а особено на дуќан, цела прехрана што ја продававме сама сум ја работела, немав доверба во никого. И така си течеа некои дваесет и повеќе години. Потоа паднав и ја удрив ногата и направив операција на коленото. Тоа ме спречи, инаку, знаете, те влече парата, децата си сакаат свое, ај да им купиш, ај да им дадеш, нема крај. Кога почина сопругот се ориентирав на творештво и создавање на поезија и проза.

Luxury Catering Service
Застапена е во повеќе од 45 збирки од група автори, од кои најмногу кај Вера М. Самарјанин

Можете ли да ни ја раскажете поентата на филмот за Пироќанско маало?

– Јас сум пораснала во Пироќанско маало кај Болницата, а мојот сопруг живееше преку една улица кај ЗИК, кај градинката. Таму сите беа пироќанци. Пироќанци, тие се вредни луѓе и сите имаат имот во Доброшане. Кога почнаа да ни ги купуваат куќите, едно по едно, речиси сите ги продадоа. Филмот сѐ кажува. Го има на Јутјуб, погледнете го. Снимен е чисто аматерски, но открива факти. Јас сум уредник, а го работев со двајца другари, едниот снимател, другиот монтажер. Промоција правевме пред една, две години.

Тоа е сега скоро

– Сега. Сѐ ми е мене за овие десет години откако останав без сопругот, од 2016 година. До 2014 тој никако не сакаше да ја продаде куќата, беше на убаво место и сѐ ти е блиску тука – пазарот, центарот… Но има едно верување – кој како ќе продаде куќа од Пироќанци за година дена починува, тоа го имам кажано и во филмот и тоа е чиста вистина. И тоа им се случува и на семејството Тричковиќ, кое инаку е огромна фамилија. Ние меѓу последните продававме. Еден од нив те ја продаваше, те не ја продаваше и кога го прикажувавме филмот, од мерак да го види дојде на промоција во количка и некако се качи. Потоа и тој ја продал куќата, не поминаа шест седум месеци и тој замина во вечноста. И како да не веруваш дека има нешто? Мојот сопруг шест години беше болен, но не беше толку критичен, почина во јануари 2016 година, токму откако ја продадовме куќата. Оттогаш, од тага не одам и не поминувам оттаму. За жал, таму веќе живеат некои други луѓе.

Литературното творештвото доаѓа после тој период?

– Тогаш почнувам нов живот. Јас веќе не работам, земам семејна пензија од сопругот и се ориентирам кон она што сум го сакала цел живот.

Дотогаш немавте намера да пишувате?

– Сум пишувала, но од каде време, од утро до вечер во дуќан, а кога ќе дојдеш дома те чекаат домаќински обврски околу деца, перење, пеглање… На времето, прво сум ја сакала музиката, и кога во Куманово завршив нижо музичко, сакав да се запишам средно музичко во Скопје, но мајка ми беше болна, имаше многу нежно здравје морав да се грижам за неа. Заради тоа не отидов, но мислам и убедена сум, дека сега таа од таму од горе некаде, како да ми овозможува да ми се случи сѐ што сум сакала. Сега ми се остварува и да глумам и да пеам и да пишувам и еве, неодамна почнав да пеам и во црковен хор. Мене уметноста ми е во душа. Тоа сум сакала цел живот, а не економско и продавачката да бидам. Дедо ми книговодител, мајка ми беше невиден математичар и книговодител, и мислеа дека и за мене тоа е најдоброто, но јас не мислев така.

Кој имал талент за пеење кај вас, освен дедото што имал склоност кон литература?

– За пеење татко ми. Татко ми е паланчанец и тој е дојден во Куманово многу млад, такво било времето. Мајка ми од Бељаковце дошла да учи училиште, и така се запознале.

Што го означи почетокот и вашиот влез во светот на литературата?

– Прво почнав да следам конкурси на Фејсбук и лесно ја најдов Милица Паулус која, преку своето Здружение, често објавува конкурси за поезија. Кога видов, се пријавив со своја песна. Потоа почнав да пишувам песни, се пријавував и на конкурси организирани од Фондација „Такец“, почнав да одам по настани, да ме покануваат. Во 2019 година излезе мојата прва стихозбирка „Секогаш своја“ која има добиено и награда на „Дата песнопој“- Книжевни меридијани, во Битола.

Како дојде самата идеја за книгата?

– Првата песна за ова мое дело е напишана во Дојран на летен одмор. Случајно во иста вила беше сместен поетот Аго Хаурдиќ кој летуваше со својата сопруга и внука. Навечер, собрани со моите другарки, слушавме поезија од неговите стихозбирки. Едно утро ја пишувам „Виѓење“ на српски јазик и по утринското кафепиење следува читање на мојата песна за која барав мислење од господинот Аго, дали да продолжам да пишувам или не. Внимателно ме сослуша, ја подигна веѓата и онака сериозно рече „Продужи, биче од тебе добра песникиња“ („Продолжи, ќе биде од тебе добра поетеса“). И му благодарам за тие зборови. По „Виѓење“ се редеа песни и нормално целта се знае – пишување на стихозбирка, а како да се вика ако не си го окарактеризирам карактерот мој, „Секогаш своја“. Ја промовирав следната година во Занаетчискиот дом во Куманово, заедно со уште две мои книги, па така, на иста промоција одеднаш промовирав три книги.

Кои беа другите книги од оваа тројна промоција?

– Втората е романот „Не ми ја допирај верата“ објавен во 2020 година. Јас сум Македонка мажена за Србин. Искрено, не знаев дека можам да напишам роман. Имаше конкурс од страна на издавачката куќа „Арс ламина“ и траеше месец и половина. За разлика од другите конкурси, овде за првото место следуваше награда од 100.000 денари. Привлечно нели, си велам ќе пробам. Бидејќи половина век живеев во мешана средина и работев во мој самостоен дуќан, каде што потрошувачи беа од различни вери, имав можност да ги запознаам обичаите на двете вери, дури и јазикот. Така ми светна идеја дека може на таа тема да пишувам. Седнав и почнав пишувам, многу малку спиев оти краток беше временскиот период. Удирам математика колку страници дневно можам да напишам и дали ќе успеам. Страниците се нижеа. Малку ме разочара еден неврзан разговор со една моја пријателка поетеса на која ѝ се доверив дека пишувам роман и дека сакам да ги земам тие 1500 евра. Таа ми вели: „Е, од толку академици што пишуваат баш тебе ќе ти ги дадат“. За чудо не ме демотивира. Продолжив и тој последен 45 ден му ставам крај на романот. Па, за тој краток период 210 страници е солидно. А содржината – мора да ја прочитате. Парите не ги земав, ама има нешто многу повредно добив – видов дека можам. Тоа е тој мој прв роман.

Третата книга од промоцијата, каков наслов и содржина има?

– „Прва замолив за љубов“ е во рамките на истата промоција, исто објавен во 2020 година, со неа ја зедов наградата „Пелистерски ракувања“на „Дата песнопој“. Кога започна злото наречено корона, за мене започна доброто наречено „Прва замолив за љубов“. Сите го знаеме она „седи дома“ кое ни се врежа во умовите, па полициски час… Што да се прави, а да се остане нормален во тој хаос? И си почнувам – нема тема, нема идеја, нема наслов… И? Ајде нека се вљубат овие двајца – им ставам имиња Кристијан и Лина. Аха, овој мора да е женет. Таа мора да е богата… Сум работела во ЧИК, нека биде газдарица на погон. Па кога почнав да ја опишувам работата во погон, сопругата на Кристијан, Фросе, нека е вработена кај Лина. Лина газдарица – Фросе работничка. Перипетии, љубомора, љубов, секс. Фросе мора да дознае. Дали ќе се разведат? Караници, бол од една страна, страст, недоверба, љубомора, пристрасност од друга страна. И ќерката на Лина – Сара, ќе се вљуби во Кристијан. Што е многу, многу е. Тој сепак ја сака Лина. Лина има канцер. Докторите велат нема лек. Зарем ќе дозволам да умре. Ќе победи ли љубовта? Кој сака нека осудува. Кој сака нека рече – секое зошто има свое затоа…

Бидејќи сум пред крај со читање на книгата, што се случува со Лина. Починува ли?

– Нееее, нема да почине. Јас ги чував внуците за време на короната и на снаата ѝ раскажувам дека Лина се разболува од канцер. „Да гу умру Лину, што викаш?“…

Се консултиравте со снаата?

– Дааа, јас сѐ ѝ читам, по десет страници напиши, па ќе ѝ ги прочитам… А таа вели, „никако немој, те молам“. И јас одговарам „добро нема да гу умру”. И продолжуваме понатаму. И на крај Лина ќе се излечи од канцер и тоа се излечи во село кои по грешка го отпечатиле како Сетилово, но не знам дали сте слушнале, станува збор за село Жедилово во Крива Паланка, на граница меѓу Македонија и Бугарија. Два пати сум била таму, но она што ми останало како дете е сликата за стрина ми Десанка – жена за пример, добра, чесна, сите сме ја сакале. И јас сакав да го спомнам нејзиното име, па во романот направив Лина и Кристијан да одат кај Десанка и таа со своите природни средства и мед, сѐ на природа база, ќе ја излекува.

Во Вашето портфолио стои дека потоа доаѓа Танц на дотраениот мост, тоа е следната стихозбирка?

– Промоцијата на книгата „Танц на дотраениот мост“ беше исто така во Занаетчиски дом, по мое, секогаш промоцијата треба да биде беспрекорна и без пропусти. „Кај може природата без љубов и љубов без природата?“ е прашањето кое го загатнувам во таа книга. Во неа е и мојот „Сонетен венец“ во акростих на кој што сум посебно горда. Е во таа книга има и раскази. Кога му ја испратив на Илија Мерковски од „Дата песнопој“ му велам – има песни, раскази, сонетен венец, од сѐ по нешто, и баш му се допадна. Расказите ми се навистина посебно драги, обично се инспирирани од моменталната состојба во која се наоѓа мојот дух. Знам во нив да се скарам самата со себе, да му се изнавикам на тој отспротива оти страшно ме нервираат паразити со педигре. Да им кажам дека раната не зараснува исто кај секого. Знам во расказите да речам погледни си го одразот во огледалото, или не сакам кратки манипулативни мигови затоа да играме во ритамот на среќата… Но неизбежни се и раскази на кумановски дијалект. „Како да гу изоставу теми за корону? Сви се гледамо преко нишан. Ам‘н више. Свак д‘н јавља по некој престанаја да дише. Сви се прашуев до к‘д ли ќе трае, а што е најлошо никој тачан одговор не га знае“.

Ви го прочитав и расказот Љубов на кумановски, па слатко се насмеав

– Расказот „Љубов“ е моја лична карта. Имам и снимки од Белград кога бев на една манифестација. Таму го прашувам организаторот Срѓан Симеуновиќ Сендан, што да читам? А тој ми вели да читам што сакам. Може и на кумановски, може и на српски, може и на македонски. Му велам „Може ли три, кратки?“. И гледам – за српскиот добивам аплауз, на македонскиот и така и така, а за кумановски громогласни аплаузи, се смее публиката. Кај би помислила дека во Белград ќе ме разберат на кумановски? „Прво к’д се беше зачитала, цела маала за моју љубав беше разбрала“. Тие го разбраа, знаете ли како се смееја? Па еден аплауз… И каде и да одам, особено на страна, и во Ниш, и во Лесковац, им го читам. Самите ме тераат – „Љубов“ мораш да го прочиташ – и задолжително следува огромен аплауз.

Што напишавте следно по овие четири набројани книги?

– По двете стихозбирки и двата романа, следуваа и две книги за деца. Минатата година, за време на Месецот на книгата, бев поканета од страна на почитуваната Христина Алексовска, директорка на Библиотеката „Тане Георгиевски“, во детскиот оддел на Библиотеката, да им прочитам нешто од моите книги, на дечињата од прво до четврто одделение од Основно училиште „Браќа Миладиновци“ од село Пчиња и Студена бара. На крај им поделив детски книги, но од други автори. И тие почнаа да ме прашуваат „Зарем вие немате ваша сликовница или детска книга?“. Ги гледам тие мили лица и им велам: „Немам, ама ви ветувам дека ќе имам. Следното мое дело ќе биде или сликовница или книга за деца и дека сите ќе ја имате на подарок“. Ветено сторено. Се сретнав со Мирослав Димевски, учител во училиштето и му реков да ми испрати фотографија од секое детенце и по една реченица, што е најкарактеристично за него – пее, игра топка, го бива за ликовно… И се роди идеја на таа основа да напишам 44 песни за 44 дечиња со 44 фотографии. За секое детенце фотографија и песничка.

Втората детска книга носи наслов Наши другари и е напишана на српски јазик

– Таа се создаде на интересен начин. Во Ниш организирав промоција на сите мои дотогаш пет книги, со помош на кумановецот Благе Петрушевски, кој живее таму и е претседател на Здружението на Македонците во Ниш, „Вардар – Ниш“, како и Лидија Трумпиќ професорка, исто така со кумановски потекло, која живее во Ниш. Направивме прекрасна промоција. Во првиот ред на промоцијата дојдоа и деца и професорката Валентина Радојчиќ, која ме праша дали може децата да читаат стихови на македонски јазик од книгата „Ние и нашето училиште“. Ме одушевија со рецитацијата и веднаш ги засакав. Тие се од училиштето „Јастребачки партизани“ во село Мерошина. Потоа, и за нив направив исто таква книга со 37 фотографии и песнички, „Наши другари“. Тие имаат една прекрасна учителка Сузана Стојановиќ, јас таква посветеност и такво залагање не сум сретнала. Таа ми помогна заедно со другите учителки во реализација на мојата замисла.

Ги промовиравте ли детските книги преку промоција?

– Да. Истотака се случи нешто интересно. Договаравме промоција со Марио Арангеловски, директор на Фондацијата за култура и спорт во Општина Куманово некаде на 17 октомври минатата година. Еве, нека биде 20 ноември. Вели, која книга ќе ја промовираме? Велам, „Ние и нашето училиште“, а ако успеам да напишам уште една, ќе ти кажам!” Чинам. помисли дека се шегувам оти временски период од еден месец е навистина краток. Но ја напишав и „Наши другари“ и тоа на српски јазик. На 25 октомври завршувам, ама не седам мирна. А да ги преведам на македонски? Мислев тоа ќе оди бргу. Ама не, римите тешко се вклопуваат. Како да пишуваш нови песнички. Упорно пишувам и не спијам. Ги завршувам на 5. ноември. Издавачот „Дата песнопој“ од Битола, каде се испечатени сите мои дела, ми излезе пресрет и веднаш го испечати делото. Потоа, сите дечиња заедно дојдоа на промоцијата, беше прекрасно.

Што работите во моментов?

– Во моментов пишувам нова стихозбирка и роман. Воедно сум посветена на обновување на црковниот женски хор „Света Марија Магдалена“ од Куманово, кој прави проби во црквата Свети Никола, а литургии во Света Петка во Бедиње… Се возобнови по 12 години. Вкупно сме 12 членки, а раководител ни е Виктор Костовски, со кого настапувам на поетски настани. Тоа целосно ме исполнува. Пишувам и текстови за песни. Песната „Ти си мое посебно“, што ја напишав за Милица Кузмановска во соработка со композиторот Гоце Џуклески, на „Лешочки Фолк фест 2024“ помина многу добро, одлично, особено кај женскиот дел од публиката…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго