Почетна КОЛУМНИ За културата – Што правиме ние со нашата (не)култура?

За културата – Што правиме ние со нашата (не)култура?

„Моето најголемо достигнување беше тоа што успеав да ја убедам жена ми да се омажи за мене“. (Винстон Черчил)

Можеби ќе се запрашате зошто ваков вовед, надвор од темата-насловот?

Во ек е втората светска војна, Адолф Хитлер напредува и завзема сѐ поголема територија. Светот е во хаос, жртви насекаде.

Заседава раководството на Обединетото Кралство под раководство на Винстон Черчил. Еден од главните проблеми е недостаток на средства на Министерството за одбрана. За збор се јавува министерот за култура со предлог, средствата од неговиот ресор да се пренаменат за одбрана на земјата.

Luxury Catering Service

Големиот Черчил кажува една реченица која е можеби најисториска во досегашната светска историја:

„А зошто ни е потребна државата ако ја загубиме културата“.

Визионерска реченица на еден од најголемите политичари – лидери во современата историја на светот воопшто. Лидер кој на еден бескомпромисен начин ја водеше својата земја во најтешкиот период за опстанок, не само на Обединетото Кралство туку и на Европа (која подоцна нашиот Ѓорѓи Марјановиќ ќе ја нарече ку..а), и со право. Лидер, кој одигра клучна улога во победата, за на наредните избори да не ја добие довербата – но тоа е патриотизам, „капа доле што викамо ми кумановци“.

Денеска истата таа Европа на културен план е во криза, и тоа во криза на сопствениот идентитет не само на културен план. Старата дама не можете веќе да ја препознаете. Поделбите, несоодветниот и непринципиелен однос кон своите граѓани и цели нации (особено кон нас), доведоа од стара дама да се претвори во кршна и трошна старица, за на својата почва повторно да војува. Со тенденција и заплашување дека е можно проширување на војната на поголема територија, дури и до избивање на трета светска војна. Згора на тоа, истата таа „старица” веќе скоро за ништо не се прашува во однос на тоа како да прекине ова лудило. Повторно, некој од преку барата треба да дојде и да ни го исчисти нашиот двор.

Што правиме ние со нашата (не)култура?

Полека но сигурно го губиме нашиот идентитет. Овде не зборувам за политика и што направија политичарите и нивните препукувања во однос на губењето на нашиот идентитет, јазик …, зборувам за губење на нашиот културен идентитет, а примери има премногу. Ќе наведам само еден – нашето Министерство за (не)култура дел од својот буџет го наменува за проекти од национален интерес во културата, и ако погледнете таму, помеѓу останатото, ќе најдете убава сума на средства одделени за сомнителни активности. Ќе споменам само една – „Концерт на Петар Грашо“, па без да ги навредам фановите и обожавателите на овој хрватски уметник се прашувам: „Со што придонесе Петар Грашо неговиот концерт да биде дел од годишната програма за култура на нашата татковина“?

По некое непишано правило нашите уметници најпрвин треба да се докажат – препознаат надвор од државата, па дури потоа да го препознаеме нивниот труд дома – Милчо Манчевски, Тоше Проески, Синиша Кашавелски …

Но, проблемот не е само тоа, веднаш се јавуваат квази-интелектуалци кои го оспоруваат делото на уметниците кои светот веќе ги прифатил. Кои се наградувани со престижни награди, кои ги полнат салите во кои се презентира нивното творештво, и се покануваат на разни форуми да држат предавања за нивниот успех. Нивните дела се изложуваат на најпрестижни колонии од каде добиваат престижни награди… Овде не, овде „Вардар тече угоре“.

И тоа не е сѐ!

Со невидена хистерија ја дочекуваме „Жена од султана“, а нашата Лихнида, осамена, никој не ѝ помага, сама си весла со кајчето по Езерото.

Епа, не може така да си ја сочуваме државичката во која живееме, со буџет за рекреација, култура и религија од едвај 1,3 отсто од вкупниот буџет на државата. Кој, впрочем, со ребалансите дополнително се намалува (бидејќи нели, сѐ друго е поважно). И затоа, нема да го доживееме „светот како културен натпревар помеѓу народите“ како што нѐ учеше Делчев.

 

П.С. За распродавање на нашата богата култура и културно наследство друг пат.

 

Драган Јаким

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.