Господин Џенгис Агуш е претседател на „Ротари Клуб Куманово“, за ротаријанска година 2024/2025.
Нашата средба е по повод нивните неодамнешни хуманитарни забави, а нашиот разговор ги опфаќа сите важни аспекти од постоењето на клубот.
Деновиве актуелно е што ротаријанците во Македонија прославија 120 години од постоење на оваа мрежа, а и вие како клуб имавте и своја донаторска забава. Пред да се осврнеме на тоа, би сакала да нѐ запознаете што значи Ротари?
– „Ротари интернешнл“ е организација на светско ниво, а „Ротари Клуб Куманово“ е нашиот клуб кој е дел од Сојузот. Ние во Македонија имаме Сојуз на ротари клубови, кој е во склоп на „Ротари дистрикт 1912“ заедно со Словенија. За да имаш свој дистрикт треба да имаш најмалку 32 клуба и најмалку 1100 члена. Засега, не ме држете за збор, имаме 27 клубови и броиме околу 700 членови, но се надеваме дека до 2030 година ќе имаме свој дистрикт. Инаку, „Ротари Куманово“ брои 21 член.
Кои услови треба да бидат исполнети за некого да го поканите?
– Во клубот во принцип се покануваат успешни луѓе кои се веќе препознаени и докажани во средината во која живеат. Не мора некој да е доктор на науки, ниту да е на функција, но со својата биографија да е препознатлив и успешен. И најважно, да го носи тој момент на хуманост во себе. Инаку, за да е појасно, ќе ви кажам како почнала оваа приказна. Точно на 23 февруари пред 120 години, еден успешен адвокат од Чикаго, по име Пол Харис, дошол на идеја дека треба нешто да возврати на заедницата во која станал успешен. На пример, јас овде во Куманово 40 години работам како приватен бизнисмен, прво 20 години имав кафуле, а потоа бутици за машка гардероба, и сѐ што сум постигнал сум постигнал од овие луѓе, и треба да им возвратам со нешто. Тоа е она изворното што тоа го замислил и Харис, за среќа, нашол неколку истомисленици и непрофитабилно и невладино и почнале со сопствени донации да градат некои работи кои биле во служба на заедницата. Прво што направиле било јавен тоалет, немало во тоа време во Чикаго.
Сум го слушнала, ама како легенда...
– Не е легенда вистина е, тоа навистина било така. И потоа полека, полека, се формирале клубови низ Америка, па потоа и низ цел свет. Денес на глобално ниво има преку 35.000 клубови со речиси еден милион и четиристотини илјади членови. Тој фактички ја дал идејата и од него почнува сѐ.
Што значи името како суштина?
– На англиски тоа значи „се врти“, ротира, а се однесува на тоа што ние ротираме. Секоја година се избира нов претседател и мандатот трае една година. Се избира претседател на Клуб, претседател на Сојуз и гувернер на Дистрикт. Сите се по една година. Основната цел е да ѝ служиме на заедницата.
Во Македонија, кога е формиран првиот клуб?
– „Ротари“ во Македонија за прв пат е формиран во 1931 година во Скопје, од страна на тогашниот скопски градоначалник Јосиф Михајловиќ Јуруковски, по потекло од Тресонче. А, во Кралството СХС, првиот ротари клуб е формиран во Загреб во 1929 година. Меѓутоа, за време на социјализмот во 1945, згаснува сето тоа. Во 1995 година по иницијатива на Димитар Јуруковски, повторно заживува ротаријанството во Македонија, Димитар го возобнови. Тој е кум и на нашиот Клуб, основан во 2011 година. Членовите во клубовите остануваат колку што сакаат. Имало многу членови, некои престануваат да доаѓаат од разни обврски. Но има и кои си остануваат и се тука од самиот почеток, како Горан, Тони … Јас сум десет години.
Вас кој Ве покани?
– Мене ме покани еден познаник кој беше пред мене во клубот и заедно со чартер претседателот ми објаснија, а потоа јас се информирав преку интернет, прочитав и велам „да“, се согласив.
На кој начин се спроведува финансирањето?
– Организацијата „Ротари“ е чисто хуманитарна, непрофитабилна и недоходовна, донациите ги даваме ние и секоја донација е наменска. Сите си плаќаме годишна членарина, од таа членарина еден дел оди во „Ротари интернешнал“, еден дел оди во Сојузот, кој си има свои органи за да функционира. За нашите настани си плаќаме влезница, а дел од таа влезница оди во хуманитарни цели. Конкретно, оваа година средствата беа наменети за акцијата насловена „Поздрава шанса за иднината 2“, за нашата Општа болница. Минатата година донацијата ја дадовме за Педијатриското одделение, а оваа година ќе биде за опрема и обновување на еден анекс во Гинеколошко- акушерското одделение.
До кога е Вашиот мандат?
– Мојот мандат истекува на 30 јуни годинава. Ротаријанската година почнува на 24-25 јуни. Оваа година претседателка на Сојузот во Македонија е Елена Панова, менаџерка од ВИП А1, а секретарка е Добринка Демијански од ТВ Телма. Моментно гувернерот на „Дистрикт 1912“ е од Словенија. Ни беше гостин на забавата, специјално дојде кај нас, и тој и претседателот на „Лајонс Македонија“. Се дава предлог за секој претседател и клубовите гласаат. Внимаваме да е по некој редослед, значи постарите членови некако имаат предност. Минатата година ме избраа мене, без разлика што имам многу обврски, имам тригодишно синче од вториот брак, син адвокат кој веќе има 31 години и ќерка 27 години. Кога ме избраа, јас го замолив чартер претседателот Горан Митевски за помош. „Јас сум прв меѓу сите еднакви, но не можам сѐ јас да правам“, му реков и добив поддршка.
Во што се состои активноста на Клубот?
– Активностите на Клубот се различни, но сите се во склоп на Сојузот каде прво ги донесуваме како идеи и предлози, а потоа преминуваат во конкретни активности. Одвреме-навреме ќе направиме некоја акција на пример пинг-понг натпревар, затоа што дружењето е исто така еден од факторите. Се дружиме секогаш со некој повод за празник, за роденден, бидејќи, освен што помагаме на заедницата и дружбата е многу битен чинител на сето тоа. Но сето тоа задолжително е поврзано со некоја активност или акција. На пример, наш член е тренер на велосипедисти и правевме една мала трка со нив, а ние пешки го изодевме патот, во едно многу убаво место тука, Студена вода. А наскоро почнуваме со акција на пошумување со медоносни дрвца.
Кој ги дава предлозите, кој го прави планот?
– Тоа доаѓа од Сојузот, од централата, а идеите сами потекнуваат од некоја наша дружба или некоја средба. Е сега, за да учествуваме, ние треба да прифатиме, и секој на пример што ќе земе по едно дрвце ќе плати. На една таква забава плативме плус по 1000 денари за дрвце, па ги насадивме низ Куманово. „Во служба на заедницата“, тоа ни е главно мото. И тоа е всушност тоа што ви го кажав на почеток, дека им било и главното мото на тие луѓе коишто го формирале „Ротари Интернешнл“- ние заработивме од оваа средина, да ѝ вратиме нешто со нашите активности! Еве на пример, првата година собравме средствата за Болницата, а УСАИД иницирани од нашава идеја, ни дадоа уште толку. Собиравме донации и преку телефонски линии – по сто денари со вртење. Кумановски бизнисмен од „Екстра Мејн“ донираше илјада евра на една вечера и се собраа доста пари.
Бизнисмените ги поканувате и доколку и не се членови или самоиницијативно доаѓаат?
– Ги покануваме и доколку не се членови. Оваа година исто поканивме пет- шест фирми, некои дојдоа некои не, ама дадоа средства. Средства даваат и другите клубови. На пример, „Ротари клуб Куманово“ е збратимено со „Ротари клуб од Велење“, па на забавата ни дојдоа двајца претставници од Љубљана, донесоа чек од 500 евра, а вечерата за двајца си ја платија сто евра. Од Загреб не дојдоа, но исто ни пратија чек од 200 евра. Многу интересна работа нели.
Што сѐ имате направено во овие десетина години откако сте вие таму?
– Ние долги години собиравме во една организација „Порака наша“, во која има деца со попреченост, некои со аутизам, некои со даунов синдром, некои се напуштени – немаат родители. Долги години нив им даваме помош – и материјално со купување на храна и облека, ама и парични средства. Потоа, Општината почна да одделува од својот буџет за нив. Уште нешто ќе ви кажам, пред короната во паркот на Кеј поставивме средства, тие се инклузивни за деца со попреченост. Една година Швајцарска амбасада даде 10.000 евра, па ние додадовме пари и сега со тој фонд зедовме камери за обезбедување на тој дел во паркот. Значи секоја забава е донаторска.
Кога правите забава дали присуствуваат само членовите?
– Секој е добредојден. Ние дури и на социјалните мрежи објавуваме и ги покануваме. Си плаќаш билет и доаѓаш, но треба барем 3-4 дена порано да се пријавиш за да обезбедиме простор. Годинава обезбедивме простор за 150, ни дојдоа 130 луѓе.
Задоволен сте од оваа забава?
– Оваа забава во „Палас Гарден“ беше екстра, ми се јавуваат луѓе и од другите градови да ми честитаат. Имавме преставници и гости, членови на Ротари речиси од цела Македонија – од Битола, Струмица, Кочани, Виница, Штип, Свети Николе, Велес, Скопје… Собравме околу 200.000 денари донаторски средства. Се собраа и 40.000 денари од лотарија, во која една госпоѓа чиј број го извлековме, си доби уметничка слика од професор м-р Зоран Јакимовски. Ама очекуваме и плус пари од „отворените линии“ кои ќе течат до крај на месец мај. Минатата година преку телефон собравме повеќе од 500 евра.
Како се организирате за сѐ?
– Одржуваме состаноци секој втор вторник, меѓутоа кога треба да се организираме нешто повеќе, тогаш зачестуваме со состаноците секоја недела, па дури ако треба и два пати неделно, за да ги распоредиме задачите и реализацијата да биде поуспешна.
Во добра координација сте со сите Клубови кога нешто треба да се направи?
– Да, преку Сојузот во Македонија.
Со кој Клуб сте најблиски?
– Многу сме блиски со Клубот од Велес. Короната малку нѐ оддалечи. Се сеќавам, направивме една екскурзија до Лешочкиот манастир, од таму отидовме во Куклица, кај „скаменетите сватови“, а потоа отидовме на прошетка во Кратер, во ресторан во Гиновце и многу убаво си поминавме. Е, и ова да ви кажам, во ноември минатата година „Ротари клуб Велес“ правеше донаторска забава во еден убав хотел кај езерото Младост и тие средствата ги донираа за купување на апарати кои го вшмукуваат кислородот од воздухот. Во езерото Младост има едни алги кои го апсорбираат кислород и цветаат еднаш годишно. Арно ама, со промена на климатските услови, почнаа три пати годишно да цветаат. Со тоа, тие многу го апсорбираат кислородот, па ќе се наруши системот, ќе нема флора и фауна, ќе остане само мочуриште. И сега, стручњаците велат дека треба да се купат тие апарати што го земаат кислородот од воздухот, па да го уфрлуваат во Езерото. Скапи беа, 5-6 илјада евра. Клубот тие средства ги собра, неколку помоќни фирми дадоа плус пари за да ги купат и да ги стават во функција. Всушност тоа е, со тие забави сите ние си се помагаме. Тоа е поентата. Инаку соработуваме со сите, еве сега се формира нов Клуб во Струмица, а ние ќе одиме кај нив на чартер, тоа се нарекува чартерување.
Дали вашата мисија е поуспешна кога сте поиспромовирани во јавност или тоа не зависи толку од тоа, колку од меѓусебните договори меѓу Клубовите?
– Многу добро прашање. Треба да биде испромовирано, меѓутоа, има еден мал проблем што на нашата мисија „Ротари интернешнал“ која што сака да помогне на заедницата, не знам од кои причини се гледа како на некоја организација која е иницирана од Запад и која со своето делување, ете, како да прави нешто како е тајно, дел е од масонски тајни друштва, а тоа нема врска.
Значи сѐ е јавно и треба да им се објасни убаво на луѓето за да немаат страв дека ќе бидат изманипулирани доколу се приклучат во вакви донации?
– Тоа е едно… Друго, не секој може да почувствува потреба дека треба да врати.
Вам какво лично задоволство ви носи што на ваков начин комуницирате со заедницата?
– Ако навистина си алтриуст, многу значи. Пред неколку месеци кога ги предадовме апаратите на Педијатрија, знаете ли колку бев јас горд?!
Добивте повеќе пријатели и подобар квалитет на животот со „Ротари“, барем во оној ден во кој станува збор за социјализирање?
– Во таа смисла да, често одиме на забави, се запознаваме. Јас како претседател, оваа година запознав стотици нови пријатели, преку тие забави. Трајче Димитриевски, тој е сега претседател на Клубот од Велес, има мала фабрика која прави наменска облека за војска и за полиција, и нѐ покани на дегустација на вина, па си поминавме одлично. Таму беше еден, можеби и единствен, доктор енолог Дане Јованов Хермес и тој има мала бутик-винарија… Дружбата е многу битен фактор.
Од позиција на претседател на Клуб, каква порака ќе упатите, но генерално кон целата заедницата и општество, доколку Македонија ја гледаме како едно големо семејство…
– Моја порака е луѓето што повеќе да се вклучат во ваков тип на организации каде што нивната заложба, па и средства, за некого ќе преставуваат голема помош. За нив можеби се една вечера или еден ручек, а за некого се многу. Бидејќи, еве отидете во кафана и само летечки погледнете, ќе видите половина од храната останува и се фрла, нели? Да не одиме кон нешто повеќе. Замислете луѓе одат во контејнер, остатоците од храна да ги земаат и со нив да се прехранат. Тоа го има секаде во светот, единствено не сум видел питачи во Швајцарија и Австрија, инаку секаде сум видел. Луѓе, на кои им треба помош, има многу такви околу нас. Ајде повеќе од нас да се вклучат во вакви типови организации, затоа што ќе помогнат на повеќемина кои имаат потреба од помош. А не да имаат потреба од помош, во државава многу има такви случаи. На пример ние читаме и работи кои се парадоксални – болници немаат чаршави, а ваму пратениците земаат енормни патни трошоци…
На 22 февруари 2025 година во „Хилтон дабл три“ со свеченост, прославивте 120 години од постоењето на „Ротари интернешнал“. Каква беше програмата, колку изнесуваа влезниците?
– Сите плативме влезници по 2500 денари. Во еден дел, се зборуваше малку за историјатот на „Ротари во Македонија“, потоа излезе и нѐ поздрави гувернерот од Словенија, Миро Штравс. Да кажам и тоа дека пред две години гувернер на целиот Дискрикт беше Раде Христовски од Македонија… На сите ни се обрати и ротаријанецот кој по стаж е најдолго, од 1997 година. На клавир свиреше професорка која докторирала на својот инструмент, пееше оперска певица, а настапија и актерите Горан и Кети Илиќ од Куманово.
Гувернерот од Словенија беше гостин на забавите, но и тој сам си го плати својот билет?
– Апсолутно. Сите плаќаат. Кога им објаснувам на луѓето за нас, ме прашуваат: „Па како, па што?“. Нема „како, што?“, само давате. Само давате! Ако сте подготвени на тоа, повелете…
Валентина Ѓоргиевска Парго