Почетна СТЕТОСКОП Рано препознавање за рана интервенција

Рано препознавање за рана интервенција

Во првите 5 години од животот детето брзо расте и се развива. Физичкиот раст и развој сe нешто што во тој период лесно можеме да го видиме, но тоа е и период во кој детето рапидно развива низа на способности кои подоцна ќе влијаат на тоа како детето ќе комуницира, учи, носи одлуки, решава проблеми и воспоставува релации со други луѓе.

Што е важно да знаеме за развојот?

Секое дете има сопствено темпо на раст и развој, но сепак постои предвидлив редослед во развојот. Тоа значи дека секое развојно скалило има свој временски период во кој очекуваме детето да развие способности очекувани за тоа скалило.

Luxury Catering Service

Развојот на детето не тече рамномерно и линерано, туку со скокови, забрзувања, застанувања, забавувања, па понекогаш децата дури и краткотрајно се враќаат на претходното ниво на развојот.

Нормално е секој родител да се прашува, што подразбира типичен раст и развој на детето, и дали треба да биде загрижен доколку нивното дете не успева во одреден период од развојот да ги достигне целите кои се очекуваат од детето на таа возраст.

Кога зборуваме за „нормален“ развој на детето, тоа подразбира очекуван, типичен развој на детето, согласно возраста во пет развојни области (социо-емоционален развој, говор и комуникација, когнитивен развој, моторни вештини, вештини за самопомош и грижа за себе). Доколку имаме отстапување на развојот од нормативните цели во една или неколку од овие области, може да зборуваме за состојби на развојно доцнење или попреченост во развојот кои не треба да се поистоветуваат.

Тука мора да напоменеме дека, кога се прави проценка на развојните достигнувања, мали отстапки се дозволени, но доколку постои целосно доцнење во развојот или некоја од овие области доцни повеќе од едно развојно скалило, веќе имаме вклучен аларм дека постои потреба од преземање на понатамошни чекори. Тоа подразбира дополнителни медицински иследувања, вклучување на третман соодветен на областа која е засегната и будно следење на состојбата.

Моето искуство покажува дека родителите на децата од најрана возраст честопати  имаат тешкотии во навремено препознавање на тие отстапки во одредени развојни периоди. Понекогаш се случува родителите и свесно да направат превид во идентификување на отстапките во развојот, следствено на тоа да задоцни или изостане барањето на помош, со надеж или верување дека состојбата е минлива.

Родителите треба да побараат помош од стручни лица доколку детето:

– до крајот на 12 месец не го придвижува телото од една до друга точка во просторот на ниту еден начин (ползење, влечење), повлечено за раце на застанува на нозе, не може самостојно да стои потпрено до кревет или масичка, не користи гест за чао, браво, не бара предмет кој ќе види дека го криете;

– до крајот на 18 месец не ве гледа во очи додека му зборувате, не оди самостојно, не се врти на повик на своето име, не реагира на звуци од секојдневието (звонење на телефон), не покажува никаква реакција, ниту се вклучува на било каков начин додека му читате или разгледувате слики во сликовница, не прави никаков обид да изговори слог или збор;

– до крајот на 24 месец не прави обид за трчање, не знае за што се користат предметите од секојдневието (чешел, лажица, чаша), не повторува кажани зборови и нема имитации, има помалку од 20 збора во својот вокабулар, не покажува интерес подолг од неколку минути додека разгледувате книга, не ги разбира вашите едноставни вербални налози, има многу млитаво или круто држење на телото;

– до крајот на третата година не составува реченица од два збора, не оди стабилно, не воспоставува контакт со очи, не знае да состави едноставни сложувалки, има хиперсаливација и неразбирлив говор, не постои симболичка игра, недостасува топол и радосен израз;

– до крајот на четвртата година е неспретно и нестабилно, не ве гледа во очи кога му зборувате, не составува реченици, не разбира налози кои содржат 2 или 3 барања, не шкраба, не знае да скокне, не ги забележува членовите на своето семејство, не имитира, нема стекнато културно-хигиенски навики;

– до крајот на петтата година има многу краткотрајно внимание и лесно го губи фокусот од една активност, екстремно е повлечено, агресивно или срамежливо, не знае да го каже своето име и презиме, има ограничен избор на игри или несоодветна игра со играчки (не ја вози количката туку ги врти нејзините тркала), не реагира кога го викаме или му се обраќаме, постојат повторувачки движења при манипулација со предметите, присутни се повторувачки движења или држење на телото, рацете и/или прстите;

– до крајот на шестата година сé уште не извршува вербални налози од повеќе делови, користи многу мал фонд на зборови, има тешкотии да научи основни бои и форми, има исклучително краткотрајно внимание, не памти едноставна приказна со неколку дејствија и ликови;

Родителот исто така треба да биде загрижен кога детето на која било возраст ќе ги изгуби вештините кои ги има стекнато претходно.

Зошто е важна раната интервенција?

Раното препознавање на отстапките во развојот води кон рана интервенција која ќе овозможи значајно намалување на развојните тешкотии и максимално искористување на капацитетот на детето.

Имено, мозокот има способност да се менува и реорганизира како одговор на искуство (учење и изложување на нови средини) и таа способност е особено изразена за време на раниот развој. Раната интервенција за време на овој период е многу важна токму заради таа „пластичност“ на мозокот. Тоа е периодот кој треба да се искористи за да се поттикнат развојните процеси и да се намалат развојните доцнења.

Раната интервенција исто така може да превенира или да ги редуцира и секундарните предизвици кои може да се појават како последица на развојното доцнење или попреченост во развојот, а то се: социјалната изолираност на детето, тешкотии во академското напредување, како и проблеми со однесувањето.

Рената Пандуревиќ
Дипл.специјален едукатор и рехабилитатор
м-р по специјална едукација и рехабилитација