Дали сте знаеле дека името на градот во кој живееме, Куманово, не е единствениот топоним и име кое го среќаваме само кај нашиот град, туку го има на повеќе места. Во географски аспект зборот „Куманово“ го среќаваме кај едно село во Србија, кое се нарекува Куманово, а се наоѓа во Пиротскиот округ. Исто така, во минатото, во средниот век, на Косово постоело едно село кое денеска е исчезнато, а се нарекувало Куманово.

Интересно, за следнава приказна што ќе ви ја раскажеме, не е поврзано со географијата, туку со историјата на еден брод кој се нарекувал „Куманово“, а бил наречен во чест на Кумановската битка од 1912 година и нашиот град Куманово.
Некогашниот брод „Куманово“ има интересна историја и приказна.
Имено, бродот „Куманово“ кој бил во сопственост на „Дубровската парабродска пловидба“ бил изграден во 1907 година во шведското бродоградилиште Коцкум во Малме, кога тогашниот бродар AB Readeri Sverige – Tyskland порачал изградба на два патнички параброда, од кои едниот се нарекувал Prinsessan Margareta и биле наменет за пловидба помеѓу пристаништето Трелеборг во Шведска и Засниц во Германија.
Бродот имал тежина од 1.376 тона, должина 74 метри, со парна машина од 3.000 коњски сили и брзина од 15,5 јазли.

Бродот Prinsessan Margareta на оваа траса запловил на 14 јули 1907 година. Таму останал само две години, бидејќи во април 1909 година за половина милион шведски круни бил продаден на финската компанија „Finska Angfartygs“ од Хелсинки.
На 7 јуни првпат стигнал во Турку. Под истото име ја одржувал рутата од Турку до Стокхолм, а по две години почнал да плови помеѓу Стокхолм – Финска – Санкт Петербург, каде останува само една година. Во 1912 година бродот бил продаден во Русија.
По избувнувањето на Првата светска војна, во август 1914 година, тој бил приклучен на Црноморската флота како сигнален брод. Набргу бродот паднал во германски раце, а исто така пред самиот крај на војната го држеле и некои британски генерали.

Бродот Prinsessan Margareta пловел за „Russkoje Dunajskoje Parohodstvo“ под името „Големиот кнез Александар Михаилович“. Во текот на 1919 година пловел на релација Севастопол – Цариград. По руските реки и езера пловел сè до 1921 година кога Александар Михаилович (името во меѓувреме, во 1917 година, му било скратено) и послужил за евакуација на Вранглеровите белоградејци од Крим кон Истанбул.
По симнувањето на патниците во Истанбул, бродот по наредба на баронот Петар Врангел и контраадмиралот Баренс, отпловил за Бизерта (Тунис). Таму го заробиле Французите, кои по долго време присвоеност го продале на Дубровската парабродска пловидба за шест илјади фунти. Тие му го дале новото име „Куманово“.

Дополнително реконструираниот брод Куманово имал 1409 тона, долг бил 77,4 метри и постигнувал брзина од 17 јазли.
Првпат впловил во матичното пристаниште на 26 февруари 1924 година. Бродот успешно пловел на рутата помеѓу Котор, Дубровник, Сплит, Трст и други места и било престиж да се плови со него. Останало забележано дека бродот „Куманово“ на 27 септември 1924 година допловил со кралската свита во придружба на бродот „Караѓорѓе“, кои во посета на Дубровник пристигнале со кралот Александар и кралицата Марија.

Со капитулацијата на Југославија, во таканаречената Априлска војна во 1941 година, „Куманов“” паѓа во италијански раце. Во 1943 година добил ново име „Corfu“. Но, ни тоа не траело долго, па поради уште една капитулација, овој пат италијанска, сојузниците бродот го предале на флотата на Југословенската војска, надвор од татковината, на Малта, кадешто му е вратено старото име „Куманово“.
Бил оштетен во текот на бомбардирањето на градот и пристаништето Ла Валета, Малта, на 7 декември 1944 година. Набргу потоа, во сојузничките акции на Сицилија, бродот „Куманово“ на 27 декември 1944 година бил бомбардиран и потопен во Средоземното море, источно од брегот на Сицилија.






Користена литература:
http://www.turkusteamers.com/ulkomaanliikenne/prmargareta/laiva.html
https://www.finna.fi/Record/museovirasto.571BAE98F33E4C92994F793C8610B4B7
http://varvshistoria.com/kockums/en-reklambroschyr-fran-1926/?print=print
https://kommandobryggan.se/sj/margareta.htm
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник