Дека фудбалот како најубава споредна работа на светот, но и еден од најпопуларните спортови во светот, а секако и кај нас на овие простори, ниту претежно не важи само за машки спорт, покажува примерот и случајот со нашата седумнаесетгодишна, млада, сограѓанка и фудбалерка Емили Митковска.
Таа уште како дете, иако на почетокот играла и фудбал и ракомет и кошарка, сепак од сето тоа најмногу го засакала фудбалот, а своите први фудбалски чекори ги направила на својата деветгодишна возраст, во фудбалскиот клуб ФК „Куманово – Еуроспорт“, кадешто прв тренер ѝ бил поранешниот кумановски фудбалер Александар Маневски.
По две години поминати во овој клуб, таа преминала во ФК „Куманово“, кадешто останала во наредните три години, а кадешто тренери ѝ биле Тони Раденковиќ и Мартин Наковски, а еден период тренер ѝ бил и еден од најдобрите кумановски тренери за помладите категории на фудбалери, познатиот поранешен фудбалер на ФК „Куманово“, Зоран Ристиќ.
Интересен податок за настапот на Емили Митковска во овие два фудбалски клуба е што таа, иако девојче, цели пет години тренирала и играла натпревари со машки деца, бидејќи во тоа време во Куманово за девојчиња под 14 години било дозволено да тренираат и настапуваат и во машки екипи. Меѓутоа, потоа со наполнети 14 години, регистрирани девојчиња имале право на настап само во женски фудбалски клубови, па така Емили Митковска со наполнети 14 години направила трансфер во тогаш единствениот женски фудбалски клуб во општината Куманово, ЖФК „Речица“, каде што тренер ѝ бил Валентин Стоиловиќ.
Во овој женски фудбалски клуб всушност започнува и нејзиниот сериозен пристап кон фудбалот и таа тука добива вистинска шанса да го покаже и на дело својот вистински фудбалски талент и своето фудбалско знаење.
Истата година (2001) во месец септември, поради своите физички предиспозиции, а особено поради својата брзина на трчање, како член на Македонската училишна репрезентација за ученици од генерацијата У15, учествувала на Меѓународните светски училишни игри, кои се одржале во Белград, а на коишто игри учествувале над 30 училишни репрезентации од целиот свет. На овие игри таа постигнала забележителни резултати и тоа 6. место во штафетата 4х100 метри и 8. место во поединечна конкуренција во трката на 100 метри.
Освен талент кон фудбалот и кон трчањето, Емили во слободно време има и свое хоби, цртањето, што барем засега го прави доста успешно.
Со настапот за екипата на ЖФК „Речица“, нејзиниот голем фудбалски талент веднаш бил забележан и од стручниот штаб од Фудбалската федерација на Македонија, поради што таа била поканета да настапува за Фудбалската репрезентација за фудбалерки од генерацијата У15. Meѓутоа, таа уште на стартот во настапите за Репрезентацијата на Македонија, имаше голем малер и голем пех, така што на пријателски фудбалски натпревар со Репрезентацијата на Република Бугарија во градот Албена, се здобила со тешка повреда, при што имала скршеница на потколеницата од десната нога, поради што следела итна хирушка интервенција и пауза од речиси една цела година, што за неа и за нејзината фудбалска кариера во тој момент само по себе претставувало голем хендикеп. Но, благодарение на нејзината голема упорност и храброст, но уште повеќе поради нејзиниот карактер и нејзината верба во себе си, таа успеа да заздрави и да им се врати на обврските, односно на тренинзите.
По целосносното санирање на тешката повреда, таа, благодарејќи пред сѐ на нејзината неверојатна волја, упорност и храброст, со голем успех настапува за својата екипа на ЖФК „Речица“, а што е уште поважно- таа до ден денес остана и дел и од Фудбалската репрезентација на Македонија, каде што во иднина ја очекуваат големи предизвици и настапи за генерацијата У19, но исто така и за Сениорската репрезентација, со којашто неа во почетокот на месец април, во Загреб, Република Хрватска ја очекува квалификационен турнир за пласман на Европското првенство.
Неодамна Емили за својата досегашна успешна работа како фудбалерка, на манифестацијата за прогласување на најдобрите спортисти на Градот Куманово за 2024 година, од страна на Сојузот на спортови на Градот, доби диплома во вид на признание за „Најдобар млад спортист“ на Градот, што за неа во иднина ќе значи и голем поттик, но и голем мотив во нејзината фудбалска кариера.
Инаку, Емили во моментов е ученичка во трета година во ОСЕУ „Перо Наков“ во нашиот град, кадешто, исто така, е многу добра ученичка, а иако сега засега е сѐ уште многу млада, нејзино мото во животот е „Никогаш не се предавај и никогаш не се откажувај!“ и дека до успех во животот се доаѓа само со многу посветеност, упорност, дисциплина и со многу вложен труд и работа, но и со и многу љубов кон она што го работите.
Т.Д.