Непочитувана министерке,
Каде оди нашето општество е круцијално прашање не само во економската сфера, туку и во онаа воспитната, етичката, говорната и мислечката сфера. Денес, во домот на демократијата оформен за граѓаните да добијат право на глас преку своите претставници кои во партиите ги решаваат горливите прашања со кои секојдневно се среќаваат, добија ладен туш во говорот на министерката за финансии Кочовска. Ваков говор е без преседан во историјата на Македонското собрание. Ваква мизерност, злоба, мизогинија и омаловажување на жена немам слушнато и доживеано, таков јад и чемер ми се постела на душата, та ни Чашуле во „Црнила“ не може да ја опише. Министерке, нит сте ми драги нит сте ми почитувани затоа што имате семејство, затоа што имате две деца, затоа што сте жена, оти ниедно од овие три не ги заслужувате заради злобата, лошотилакот и нечовечноста што ја носите во себе. Ниту сте ми драги, мили, почитувани, оти дискриминирајќи друга жена заради тоа што нема семејство и деца, самите кажавте за себе многу повеќе одколку што јас сакам да кажам за вас, макар ги употребила сите можни навреди со кои ми располага јазикот. Не вреди да си го поганам јазикот на таков лик како вас, не вреди ни срцето да си го полнам со јад заради лик кој можеби завршил највисоки школи, ама најважната не ја завршил – да се биде човек!
Министерке, јас сум ќерка на мајка која родила две ќерки, мајка сум на две деца и сестра на една жена која почина на 34 години, добивајќи карцином од хормонски терапии за да роди. Знаеш ли МинистАрке колку неа ја болела желбата за рожба, знаеш ли министАрке колку мене ме боли нејзиното одсуство од мојот живот? Не знаеш оти не си и не дај боже да почувствуваш. Знаеш ли министАрке низ какви маки поминале мајки кои родиле со вештачко оплодување, каков им е животот на мајките на децата со посебни потреби, на мајките чии дечиња легнуваат без корка леб, ги почитувате ли нив или и тие не заслужуваат ваша почит. Знам министерке и многу млади девојки заболени од карцином кои си ги извадија органите и не можат да родат, знам и многу силувани девојки кои не можат да родат, знам и многу девојки кои го изгубиле својот сопатник и останале немажени. Нив ги почитувате ли или и тие не ја заслужиле вашата почит?
Жената во нашето општество не е маргинилизирана само од мажите, туку многу повеќе од жените како вас и затоа сме на дереџе како во турско 5 века. Имате статистика да ја видите бројката на жените кои трпат семејно насилство, ја имате бројката на жените убиени од своите партнери, можете да ја имате ама вие избравте да ја селектирате својата почит. Знаете министАрке, вашата дефиниција за почит кон жените наликува на Хитлеровата дефиниција за ариевска раса. Ама жените министАрке не се само крави за приплод по ваша дефиниција, ние сме и мислечки суштества. Можеби природата и бог имаат свои правила, па не секоја од нас може да биде и сопруга и мајка, но затоа може да биде корисен дел на оваа општество, давајќи ги другите свои квалитети за негова добробит. Непочитувана министерке, извинувањето не чини многу ама е чекор вашата нечовечност да ја промени макар 5 сантиметри кон човечност, тоа не е голем чекор за човештвото, ама е голем за вашата личност.
Авторот е познат на Редакцијата.