Се одѕива на повеќе вокации – ликовен педагог, графичар, визуелен уметник, актер, артист, сценарист, водител и пчелката од фестивалот „Распеано детство“ и сето тоа заслужува да биде напишано со големи букви. Интересен и поливалентен во своето уметничкото битисување и произнесување.

Професоре Александар Стефановски, сам за себе што ќе речете во ова наше запознавање?
– По професија сум ликовен педагог, графичар, кого што во траекторија од основно училиште па досега го влечат сите видови на уметност. Па така, уште од основно училиште во „Браќа Миладиновци“ сум член на драмска секција, во средното „Гоце Делчев“ дури напишав пиеса со наслов „11 Октомври“, а сега, случајно или не, работам во училиште со исто име. Во сопственото дело, кратката пиеса „11 Октомври“ за ослободувањето на Куманово, глумев стар дедо кој што дава идеја партизаните да се кријат во буре за вино. Дури имав соработка со глумецот Драган Димитриевски – Шипе, како да направам бела коса, како да личам на старец, како да ми се тресат рацете…
Уште во средно училиште?
– Уште во средно училиште. Во реката наречена живот, јас имам две притоки кои ме движат: театарот како глума и уметноста како визуелен ефект. Во втора година во гимназија професорката по македонски јазик, Анита Цветковска, која ја водеше секцијата, кога го напишав тоа фамозно дело ме пријави во актерската аматерска група, каде имав чест една година и половина да работам со Горан Илиќ – Гиле и Кети Дончевска Илиќ, тие ми беа како втори мајка и татко. Со нив поинтимно го запознав театарот. Потоа имам изглумено 45 претстави низ цела Македонија со проектот што се викаше „Позади темната страна на Месечината“. Разработува одредена тематика на смешен начин, меѓдругото, јас бев во делот на рекетарството, мафијашите и делењето на градот на половина, каде што алегорија беше да го глумам црна Арапина, наспроти Крале Марко (го игра Мартин Србиноски).
Вие го направивте и тоа сценарио?
– Ние си ги пишувавме сопствените реплики, со доработка од страна на Горан и Кети. Тоа е фамозен, убав, преубав проект со сите компоненти, со кој глумевме во Мариово, во Струмица, во Прилеп, во Охрид, во Струга. Доаѓаа по 500-700 луѓе. Тогаш ги учевме сите процеси, сите вежби, како функционира амфитеатар, па мирисот на театарот, сѐ, сѐ, сѐ. Имав една омилена вежба „рипни го тигарот“, да вежбаш дијафрагма за кога ќе треба да викнеш силно, да те слушнат и во последнот ред.
Колку години имавте тогаш?
– Цели 17.
Како успеавте да напишете реплики за некој кој е мафијаш и се занимава со такви работи?
– Е, тогаш соработка имав со Сашко Коцев. Беше постар од мене две години и работеше во кафулиња, воедно и како глумец, и сите наши локални мафијаши ги има видено како функционираат. Гестикулации, маицата внатре, ланци надвор, до таа мера што ни го пренесе ликот и делото на кој било мафијаш и го вметнавме во црна Арапина. Сашко Коцев во тој период беше средношколец пред големи врати на актерството, го имаа како голема надеж во театарот во Куманово. Во тој период како млади актери го запознавме и Васил Зафирчев, него го шминкаат во гримиорна, а ние го интервјуираме и учиме од него. Потоа, во втора година настапува професорот по ликовно образование Часлав Марковиќ, кој што ми ја отвори чакрата за уметност. Бев, ми се чини најдосадниот ученик, затоа што за време на голем одмор, додека професорот пие кафе, јас ќе му тропнам во канцеларија, секој носеше по едно ликовно дело, јас носев по две, и го прашував дали ми се добро нацртани. Тогаш професорот ми ја воскресна пак желбата за тоа, инаку роден сум левак и цртам од своја трета година, првиот цртеж ми е гулапче. Ќе ни дадеше два споени слободни часа да одиме да посетиме галерија, од 40 ученици само јас одев во галеријата. Другите, на кафиња… И, сега ми се раѓаат два големи универзума каде што сакав да припаѓам – актерството и ликовната уметност. Паралелно си работев и во „театарски води“. Кога проектот заврши, сакав уште да глумам, па седнав и напишав три монодрами коишто се даваа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и во други простории и сали. Ја направив претставата „Икарус“, една од поуспешните, работена на психологија на премногу голема височина и паѓање од печењето на сонцето и восокот, но во алегорија и во инспирација на животот. Во неа свирев на хармоника и на тарабука. Траеше еден час и 25 минути, имав публика од преку 280 луѓе.

Монодрама?
– Монодрама. Мојата тетка Марица Стошевска, книжевник, гледајќи ја, ми рече „Си се фатил да работиш нешто што е најтешко, професионалци не се осмелуваат да работаат монодрама, ти си почнал обратно“. Па напишав уште една монодрама. Но, тогаш дојде раскрсницата помеѓу театарот и визуелната уметност и мајка ми Владанка, но и татко ми Милорад, ме посоветуваа „Сине ти си премногу емпатичен, премногу силно ќе влегуваш во улогите, те молиме театарот не е за тебе, пробај да направиш нешто со другиов талент“. Мајка ми има школски другар, имено, легендарниот Драган Шипе кој, како многу емпатичен, влегувал во улогите и не можел да излезе од нив.
Таа емпатичност ви наштети во улогите кои ги одигравте дотогаш?
– Да, да, затоа што почувствував емоција која што не е твоја, ти ја носиш како да е твоја и плачеш како да е твоја. Човекот во суштина е личност којшто не е свесен колку работи носи во себе. И сега си велам, бидејќи сум почитувач на родителите и подржувач на родителството, кога ќе кажат совет треба да се послуша. А воедно за да биде симболиката уште поголема, тој период на Академијата беше затворена катедрата за актери, во таа 2002 година примаа студенти – сценаристи, режисери и продуценти. Ајде, ќе се прескокне улицата, отспротива од ФДУ е ФЛУ и таму ќе се запишам. Е сега пак сум на раскрсницав- дали самостоен уметник или треба да бидам со деца? Тогаш, Гиле беше тој што рече: „Чекај малку, во суштина ако завршиш за ликовен педагог тоа значи дека треба да работиш во училиште, а во училиште седат мали дечиња во клупа и тоа е веќе публика, а ти можеш да им бидеш актер – професор“. Од тогаш, до ден денешен, всушност моите часови се мали мини актерски пиеси, од наставната програма по ликовно. Ми доаѓаат спонтано и 15 години ги изведувам и со музика во заднина. Добро што го одбрав педагошкиот смер, затоа што кај нас уметниците преовладува прашањето – со што ќе се храниш?

Во која смисла да се храниш, духовно или интелектуално?
– Финансиски пред сѐ, и по 4-5 години кога ќе излезеш, треба да знаеш каде ти е патот – ако си самостоен уметник значи ќе треба да работиш платна и ќе треба да ги продаваш, ама сѐ уште не си изграден како уметник за да го правиш тоа, и затоа кај мене победи идејата на Гиле „мали мини претстави и ќе си глумиш“, па така го одбрав педагошкото, а педагошкото е општо познавање на сите уметности – сликарство, вајарство, графика… Но и театарот не можеше да издржи внатре во мене, па така уште во трета година имав и презентации на моите ликовни дела со публика – студентите. Еднаш глумев судија, самиот себе си судев за моите лоши навики. Презентацијата ја направив како судница, со инсталација, се облеков и како судија со тие црните панделки на реверите, со чудна капа… за потоа да дојде мојата дипломска кадешто за првпат, некој да донесе музичар, џезер кој што свиреше. Џезерот беше Филип Стевановиќ (сега професор на џез катедрата во Музичката академија во Штип). Дипломската траеше еден час и 20 минути, повторно како монодрама, до таа мерка што највисоко ме оценија професорот од кој што имав среќа да учам, главниот професор Рубенс Корубин, Фехим Хусковиќ од методологија и Трајче Блажевски, графичар кај кого завршив. Е сега, Рубенс како дел од екипата советници кои што одлучуваат за оценка вели „Александар повеќе од десетка не можеме да ти дадеме“. Рубенс дури ме има и прашано „Ти да не сакаш да бидеш декан, затоа што од Куманово имаме најголем прилив на декани“. А, Фехим Хусковиќ во една прилика ми даде прекар „професор“, или „профа“… Но, најубавиот дел се случи пред дипломската. Завршивме во ателјето на Рубенс, каде што доаѓа неговата сопруга Лиле, играат танго, ние сме околу нив со црвено винце, па следи разговор за уметност. Нивниот дом е во уметничката улица во Скопје, кадешто сите соседи им се уметници… Такво му е на Рубенс финиширањето со студентите кои завршуваат сликарство кај него. Тогаш си ја видов всушност сопствената иднината како проекција пред мене, ем театарот застапен како елемент, а од друга страна начинот на уметничкиот живот, како таков.

Потоа се вработивте?
– Потоа доаѓа третата раскрсница, кога нема да можеш да работиш затоа што сѐ е зафатено, училиштата веќе имаат професори, арно ама, за да не им тежам на домашните дома почнав да работам како келнер и шанкер во локалните ресторани. „Рим- Париз“ ми беше првиот, потоа се спуштив во модерно моторџиско кафуле „Лоу рајдер“. Таму секоја сабота држев стенд-ап. Во 2007 година никој не знаеше што е тоа, тоа е она слично како Ванчо Петрушевски и Гоце Тодоровски кога ќе влезат меѓу фестивал и ќе кажат некоја хумористична точка. Епа таков ефект правев во саботите. Ќе дојде бенд, ќе свири, помеѓу јас ќе кажам две три шеги и вицови, па пак ќе си продолжи бендот, па пак некои смешки. Тоа се викаше кабаре. Француски кабаре. Во тоа кафуле почнав да правам мурали, да врамувам мои слики, го редизајнирав логото во комбинација со сопственикот, кој е моторџија. Од таму продолжив во локалното кафуле „Кјуб“ под „Агора“, за во истото место да се случи една многу интересна анегдота за нашата мила држава. Во „Кјуб“ на кафе доаѓа професорка по ликовно образование заедно со нејзина пријателка. Сопственикот прави штос и им вели „Девојкееее, кафе ќе ви биде малце поскупоо овај д’н, затој што ќе ви га служи дипломиран професор по ликовно“. А професорката кон мене „Ти ми требаш. Јас ќе одам на породилно боледување, нема кој да ме менува“. Така, утредента, јас облечен во смокинг како за на свадба, доаѓам на замена на професорката во „Браќа Миладиновци“, моето старо училиште. Имав среќа што колективот ме прифати, и кога дојдов првата реплика им беше „Аце, к’д ти дојде ученик, тој значи дека си остареја“ а во ходниците сѐ уште ме има на фотографија како матурант. На крај, доаѓам до четврта раскрсница, професорката се враќа на работа, а јас пак треба да се хранам и да опстанувам. Е тогаш се случи нова пресвртница кај мене, почнав да живеам сам во стан, се одделив од моите.

Претпоставувам целиот стан се претвора во ателје...
– Во ателје. Она ателје кое што го видов кај Рубенс, со цртање на мурали, со правење на секоја соба различен континент – имав Индија, имав Африка, имав Египет, имав Месопотамија, имав сѐ што ми е потребно за уметноста – ќе нацртам, ќе закачам… Таа година, се случи мојата прва самостојна изложба. Како куриозитет, јас сум роден точно на Божиќ, на 7 јануари 1984 година, а точно на тој ден во 2007 година си заминува мојот дедо, чие име го носам. Од преголемо почитување кон дедо ми правам изложба во Кумановска галерија, на 14 февруари, на точно 40 дена. „Од Александар за Александар“ ми се викаше првата самостојна изложба, тогаш по првпат направив 37 уметнички творби, 10 беа акрил на платно, 10 беа компјутерски графики, 10 беа класични графики и други слики. Повторно имам театарски пристап со мала монодрама, со сите уметнички нишани. Во 2015 година следуваше изложбата „Мементо“ и „Спокој“ во 2023 година. Е на третата изложба, на сцена настапувам со перформанс во кој внесувам мои ученици и колеги, актери, музичари и џезери… Актерката Цветанка Вељковска глуми со кустос која не ми дозволува да изложувам, па тука со свои улоги беа Јован Цветковиќ, Гордана Кузмановска, Филип Стојковски, Евгениј Свилар, Меланија Георгиевска, Мила Николиќ и Мелани Цветковска, а виолинистката Ева Стајковска свиреше музика од „Шиндлерова листа“.

Имаше тоа некаква симболика?
– Да, емоцијата на уметникот кој што не може да биде доизразен, забрането му е изложувањето…
Кога се вработите повторно?
– Во 2012 година во сосема случаен разговор дознавам дека во ОУ„11 Октомври“ се ослободува место, колегата отишол на неплатен одмор. Се пријавувам јас и од таа 2012 година сѐ уште сум во ОУ „11 Октомври“.

Што е карактеристично за новото работно место?
– Од сите училишта во Куманово само ние имаме двор, атриум, како на времето во богатите вили во Грција. Има патеки за шетање, има фонтана и во централниот дел дворче, а наоколу е како хациенда, па си влегов во филм дека тука ќе вадам штафелај, ќе држам часови, ќе правам перформанси и навистина тука си почнав со Детска ликовна колонија и од 2012 година сѐ уште немам прекинато. Колонијата ја наследив од колегата. Тематиката е секогаш „11 Октомври“, славиме датум од ослободување од окупаторот, а јас имам и свој перформанс. Пред неколку години, со Драган Јаким отвораме здружение која се вика „Натуро“, за култура и заштита на животна средина и се занимава со еколошки материјали и повторно организираме нова детска ликовна колонија со ученици од сите училишта, која е од награден карактер. Детски ликовни колонии се многу реткост. Со „Натуро“ досега имаме направено три колонии за будење на свеста на ученикот, за заштита на животна средина, воедно, дека сѐ што е паднато може да биде уметност. Ги бираме датумите, 27 јануари, па Осми март – Денот на жената, Први јуни – Денот на детето и сега ќе имаме за Велигден, сите ќе си донесат јајце, а од лушпите ќе правиме мозаик.

Да позборуваме сега за славната пчелка од детскиот фестивал „Распеано детство“...
– Пред три години, во атриумот доаѓа нов професор по музика, Игор Трајковски, и со него ни се наоѓаат фреквенциите во разговорите за уметноста. Ме поканува на „Распеано детство“ со зборовите: „Да си дојдеш со децата, да си уживаш, ќе ти дадам билети, но ми треба твое мислење“. Јас дома два сина во тоа време, Блажен оди во градинка, а Огнен во петто одделение, па велам: „Ајде ќе ги водам. Ама какво е тоа „Распеано детство“? – прашувам. „Распеано детство“ ти е нешто како „Златно славејче“, но кумановска варијанта. Поминува Фестивалот и во нашето фамозно дворче Игор го чека моето мислење, јас му кажувам дека имам 11 забелешки. „Ама чекај малку, полека, нема да ми кажуваш мене, ќе седнеме со главниот и одговорен на „Етно ризница“, директорот Драган Јаким, кој е организатор, да му кажеш нему“. Се случува запознавањето со Драган, јас распалувам како треба да изгледа сценската изведба и Драган ме гледа „Ајде момче, што чекаш? Ако наоѓаш маана, ако си подобар, повели прави го“. Тоа беше во 2021 година.

Од 11 забелешки, колку ви прифати?
– Тоа што сакав беше преголем залак. Сакав да направам претстава врз база на текстовите што ќе ги пеат учесниците, како мал мјузикл. „Ова е фестивал и некако не ми оди“, одговори Драган, а другите десет работи ги прифати. Влегов во тимот, па тројцата заедно направивме промени – уметнички, технички и доаѓа на ред графички дизајн на обвивка, плакат, билет, заштитен знак, лого, како треба да изгледа водителот, а воедно, затоа што театарот ми е многу јак бекграунд, велам јас ќе им бидам водителот. Си направив сопствен костим, за што ангажирав своја ученичка која што има завршено дизјан на облека, ѝ го нацртав дизајнот и го имаме најуникатниот дизјан на водител на фестивал. Пчелата што ја знаете, со раскошна капа, е синоним на собирање на песнички од училиште до училиште, од фестивал до фестивал. Е сега, за да биде уште поинтересно, велам „Па зошто пчелката да не оди по училишта и градинки и да го рекламира фестивалот како подвижна реклама?“. А, бидејќи секоја година сакаме да бидеме сѐ подобри и подобри ,почнав да се шетам по улици, па измислив и поздрав со публиката, јас да кажам „Распеано“ а тие да викнат „детствоооо“, па громогласни аплаузи и многу овации. 8 и 9 мај се датумите за „Распеано детство 2025“, убаво е што сѐ се распролетува, јас сум пчелката, собирам песнички од фестивал на фестивал, веќе одиме по училишта и градинки и им правам перформанси и со тоа сакаме да ги поканиме најмалите и најмилите и ќе се потрудиме да ги наполниме двата фестивалски дена. Воедно, се крчка новиот дизајн, новиот плакат, новите композиции, секако и новиот рекламен материјал и сѐ по ред, за да имаме уште еден квалитетен фестивал, затоа што е 20-ти по ред, јубилеен. Многу убава чиста енергија од сите страни. А воедно на Фестивалот сум и аниматор на публиката.
Медиумски како го промовирате Фестивалот?
– Со директорот Драган Јаким почнавме да гостуваме на сите локални телевизии, во Скопје бевме на ТВ Алфа, на Сител, ТВ Сонце, а по некоја ѕвездичка ќе дојде да ни прави друштво… Промоцијата е дел од пакетчето на секој учесник во „Распеано детство“ – ќе дојде кај нас, ќе му се изработи песничката, Игор е композитор, учителката Весна Бојковска прави текст и сѐ е одлично.
„Распеано детство“ ви го исполни сценскиот сон, бидејќи ви овозможува поголема слобода отколку на театар, каде што сепак мораш да се држиш до улогата, а тука можеш да излезеш од рамката…
– Може да излезам од рaмката во интеракција со публика, да имаме различни игри, необични најави на блокови со по четири песнички и кажување на шеги. Со дечиња е најубаво за играње. Минатата година 40-тина балетанчиња облечени во лебеди го играа „Лебедово и езеро“ и тоа беше феноменален сценски настап, а сега ќе ги повикаме „Динамик“ за со латино танци, малку да ја размрдаат публиката. Ќе имаме гости од преку граница, едните ќе бидат од Србија, другите од Бугарија и тоа со голем хор, третите дури од Хрватска, дечиња што ќе пеат песнички кои се создадени на нивни фестивали. Водителот е подготвен, нели? Ќе биде во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, големата сала. Минатата година медиумски покровител ни беше МТВ, седум-осум пати нѐ репризираа на петтиот канал на МТВ, кој што е исклучиво за детска програма. Се надевам и годинава ќе дојдат. А и Драган ќе настапи со неговиот Јутјуб канал, каде што секоја ѕвездичка си има своја промоција, си добива свои исечоци, модерно време, доколку некој го промашил терминот ќе може да го види настапот потоа во секое време. По Фестивалот веќе традиционално се вклучувам и во шегобијниот фестивал „Тумба фест“, каде директор е повторно Драган. Е таму јас сум во заднина со пуштање на графички визуелизации за песните… Многу работи правам и во сите нив сум внесен целосно.
Баш интересно од Ваша страна што сите тие компоненти сте ги вклопиле на многу паметен и користен начин и Вие како професор со ваквиот интерактивен пристап од различни страни им го отворате сенсот за уметност на учениците...
– Да, да, да, максимално интерактивен, да го разбудиш она кое што мене ми се случи со Часлав Марковиќ, којшто како на време да ја вклучи ламбата, и таа светна и се претвори во голема желба за уметност.

Вашите синови сте ги вклучиле во ова поле?
– Ги вклучив како публика, ама затоа што јас сум интерактивен и во домашна атмосфера. Синовите велат: “Добро тато што ќе бидеш денеска? Крал на шахот, Крал како Ѓорги Колозов, Дедо Мраз?”, бидејќи и тоа го имам глумено. Постариот син од седум години беше член на латино танци, а помалиот е копија на мене, уште од мал сака да црта, да бои, имаме мал штафелај и ако тато црта, црта и тој. Сопругата е медицинска сестра Фросина, јас сум син на медицински лица до четвртото колено, сѐ се бели мантили околу мене, а само јас сум шарен мантил, единствениот од фамилија кој доби инспирација уште од мали нозе да биде нешто од ваков карактер.
Валентина Ѓоргиевска Парго