Ја знаеме како директорка на „изгорена школа“, како непрекален борец за подобрување на условите во нејзината ООУ „Браќа Миладиновци“ цели четири децении и повеќе, како педагог кој бил на ветрометина кога се менувале политички структури, но на кого правата на детето и на ученикот биле на прво место, како Јасе но и како „тета“, бидејки е тетка на познат кумановски политичар. Ја знаеме како жена која знае да биде победник во конкуренција со маж, кога истрајноста е во прашање. Затоа за Плоштад е провокација да ја дознае нејзината лична Азбука.
А
Александар, името на ТАТКО ми, „виновник“ за сѐ она што сум денес, и причина што мојот живот го делам на два дела. Живот со татко и живот без татко.
Б
Библиотека, институција во која членувам од својата осма година до денес.
„Бело дугме“ , музика која ја одбележа мојата младост. Благодарност како начин на живеење.
В
Вистина, верба, Врање – град во кој сакав и бев сакана, а секогаш кога му се навраќам ја чувствувам љубовта.
В
Венко Андоновски и негова „Вештица“.
B
Градинка, моите професионални почетоци во неа, трајни другарства и пријателства.
Горан Бреговиќ лик кој секојдневно ме потсетува дека постојам.
Д
Дете, достоинство, дипломатија, дедо и неговата „демократија“ со дрвена лажица, секогаш кога бев палава, а бев палаво дете на Даштев рид.
Ѓ
Ѓорѓе Балашевиќ и сѐ е кажано…
Е
Енергија, која секојдневно ја црпам од разни извори, емоции – за мене значајни, или ги имаш, или ги немаш – на зелен пазар, ниту во некој маркет, не се купуваат.
Ж
Желба, жар, жед…..за многу нешта, важни или помалку важни.
З
Закана, на која многу лошо реагирам, од која не се плашам, а истата може да го извлече најнегативното од мене.
Ѕ
Ѕвоно, училишно, кое секојдневно го слушам, убавата песна „Ѕвона, ѕвонат за мене“.
И
Илузија, лажна претстава на реалноста која ги изобличува сетилата на луѓето и е добра мамка за наивните души.
Ј
Јасна , Јадранско море, Југославија, земја во која бев среќна.
К
Куманово, град во кој се родив,бживеам, го сакам. Калимеро лик од цртаните филмови,бкој го отсликува мојот карактер.
Л
Лична карта, личен идентитет по кој те препознаваат луѓето.
Лоб удар!
Љ
Љубезност, љубичица, цвеќе кое е отпорно на сите временски услови, љубов која ми е потребна секоја секоја секунда, минута ,час и ден, за секого и за сѐ.
М
Мајка, која ја немам, а празнината и чувството на сирак боли. Марија мојата единствена рожба.
Н
Насмевка, нежност, нос за да ги „намирисам“ намерите на поединци.
Њ
„Њами-њами“, восклик и радосно лице на внук ми Константин за секоја подготвена палачинка.
О
Образ, на едниот име, на другиот презиме. Очи, во очите секогаш ја наоѓам вистината.
П
Правда, почит, правичност, мои принципи. Пораз.
Р
Радост, исконско чувство, Рим вечниот град, за мене град со единствена енергија.
С
Сонце, среќа, совест, сериозност, сон, соништа, строгост. Кога сум кај строгост, во моето детство постоеше една жена, комшивка Стојна, од која, после секое паѓање на топката во нејзиниот двор, следеа клетви и сечење на топките. Во шеесетите години родителите НЕ секој ден ни купуваа топки……траума.
Т
Точка, како точка. Точка на вриење, топење. Триумф !!!
Ќ
Ќумбе, кое ова зима многу ми недостасува. Целиот живот во мојот дом преку зима се топлевме со дрва во ќумбе, годинава клима. Дали ќе е мода, или заштита на животната средина допрва ќе истражувам.
У
Училиште во кое го минувам мојот четириесет и две годишен работен стаж, успех, уцена и на крај „умри мушки“.
Ф
Фудбал…. сѐ уште се сеќавам на натпреварот Југославија-Заир 9:0. За секој даден гол добивав пари од друштвото на татко ми, кое беше собрано заедно да го гледаат натпреварот. За мене тоа беа МНОГУ пари и единствени пари кои ги заработив со игра на „туѓ грб“.
Х
Хозе Силва, парапсихолог од САД и неговиот СИЛВА метод на успех преку контрола на умот, интуиција и сензибилност, се мојот секојдневен начин на живеење.
Ц
Цел, цврстина на карактер и одлука, Цвета – мајка ми.
Ч
Чест, чесно, четириесет и две години работен стаж со деца, родители, вработени во училишта и други институции.
Џ
Џамлии, „џелик“, игри од моето детство, и денеска би ги играла, за момент да го вратам детето во мене.
Џ
Џек Николсон, го обожавам и омилен филм ми е „Лет изнад кукавичјег гњезда“.
Ш
Шеесет и две години и шест месеци живот, кои ги живеам со цело срце, оти поинаку не знам, и не можам.
Шпанија, земја која ја сакам со цело срце и во која, кога би можела, за десет минути би се преселила да живеам.