Почетна НЕШТО УБАВО Савка Тодоровска: Токму во Куманово почнав со моите јавни настапи!

Савка Тодоровска: Токму во Куманово почнав со моите јавни настапи!

Позната македонска активистка и борец за женски права Савка Тодоровска, долгогодишна претседателка на СОЖМ, има интересна биографија. Но, кога ја профилираме „првата жена меѓу еднаквите“, откриваме дека нејзиниот порив за борба за женските права има основа.

Родена е на 9 август 1943 година во Велес, растела во хармонично семејство, а една околност целосно ѝ дала насока.

– Мојот татко починал кога сум имала само седум месеци и тогаш мајка ми со мене и со брат ми се вратила кај баба ми, па така сум живеела само во женско опкружување, кое меѓусебе си давало поддршка, доверба, јачина, се потсетува Тодоровска.

Luxury Catering Service

Голем дел од нејзините активности и тоа како течела нејзината животна линија ѝ се познати во македонската јавност, а се претставени и во монографијата на СОМЖ „30+: Жените тоа го можат“, објавена минатата година.

Но знаете што можеби не знаете за оваа неуморна госпоѓа?

– Да се вратам малку наназад. Мојата мајка како медицинска сестра требаше да биде пример за однесувањето со нејзиното дете, во средината во која живееше во Велес. Јас сум од првата генерација во детската градинка и затоа кога отидов во прво одделение, во едно ново време во кое се градеше повоената држава, веќе бев подготвено девојче. Ме подготвиле дома, во домашна средината, а потоа и во градинка, каде јас веќе отидов со научени стихотворби, приказни, со навики на одржување на хигиена. Потоа, кога имав десет години, се преселивме во Куманово и, нели потекнувам од Велес, каде што дијалектот е акцентирање на третиот слог одназад и затоа говориме точно македонски, јас почнав да се издвојував од другите. Но, другарчињата од маалото во центарот на Куманово, ми рекоа: „Ќе те земеме во друштво само доколку зборуваш кумановски“. Јас веднаш фатив неколку збора „мавачку, куде тебе, куде мене“ и тие веднаш ми поверуваа.

Но, затоа пак кога во септември почнавме во трето одделение во основно училиште, и, како што е познато, на 11 октомври пукнала првата пушка во Куманово, па во чест на тој празник сите деца нѐ собираа во салата за фискултура, рекоа дека некој треба да чита. Учителката гледа кого, и веднаш мене ми го даде текст, бидејќи, како што веќе кажав, јас знам да прочитам чисто, јасно и на литературен македонски јазик. И така почнав да настапувам на јавни настани, да бидам добра во тоа, затоа што тоа го научив уште од градинка, а го истакнав во Куманово, ни раскажува Тодоровска.

Но Куманово ѝ останало во сеќавање и по други детски спомени.

– Сме имале многу активности – во Куманово има кулуана, каде сум вежбала на греда, на душек, на карики, на разбој… па натпревари, не сум била врвна во спортот, но сум вежбала. Таму ми се роди и желбата за читање книги. Во Куманово имаше библиотека на плоштадот кај познатите четири тумби, библиотеката за време на летниот распуст работеше од 9 наутро, до 12 и попладне и од 16 до 18 часот. Ние со другарката со која се дружевме во маало, а бевме иста генерација, исто одделение, одевме да читаме книги, оти од библиотека не ги даваа книгите да си ги носиме дома. Сакам да ви го доловам времето во кое што сме живееле, тоа е ’54, ’55, ’56 година. Значи, книгата ќе ја читаме, ама ја читаме заедно, и се договараме да се натпреваруваме која прва ќе ја сврти страницата. Eдно се натпреваруваш, а истовремено следиш квалитет, бидејќи потоа ние двете разговаравме за книгата. До попладне до 12 часот библиотеката ќе ја заклучи вратата, јас ќе се вратам дома, и во 16 часот, повторно ќе си дојдеме да продолжиме со книгата. Тоа ни беше начин на дружење, е врежано во сеќавањата на Тодоровска.

А кога во Куманово се правеле приредби за крај на училишната година, во тие филскултурни сали обврзно имало приредба и драма, таа повторно била во главна улога, а истовремено и свирела и на клавирот поставен на бината.

– Еднаш мојот дедо од Велес дојде во Куманово на гости и заедно со другиот мој дедо дошле на приредбата, без никој да знае. Сите другите се прашувале за мене, која сум, оти јас не бев родена во Куманово и не сум им била познато дете. Во Куманово почнав да одам на музичко училиште и да свирам на клавир, завршив и нижо музичко и затоа ги научив тајните на клавирот. Свирев напамет, тој кој што не свирел не знае, ти вежбајќи ја запаметуваш мелодијата, во главата ти стои тоа и само го свириш махинално. Така што, кога ќе го видам Симон Трпчевски како свири, се потсетувам на тие моменти, ќе рече познатата Савче, потсетувајќи се на годините поминати во Куманово, од каде во 1959 година се вратиле назад во Велес.

Тодоровска е претседателка на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), некогаш познат и како СОЖМ. Основан е во 1994 година, како најголема женска мрежа во нашата земја, која брои 116 локални женски организации со преку 80.000 жени од сите средини. Промовираат култура на мир и ненасилство, еднаквост на жената во секое поле од општеството…

Во десеттината основачки организации на СОЖМ најпрво беше и Организација на жени „МАЈКА“ од Куманово, на чело со Гордана Митровска – Беба и Лидија Илиевска.

Многубројни се нејзините активности во општествениот живот и затоа е добитничка на повеќе награди, меѓу кои: Награда во областа на општествените и хуманитарни активности од страна на Град Скопје – 1998 година, Награда за човекови права – 2014 година од страна на Амбасадата на Франција, Медал за заслуги од Претседателот на државата Стево Пендаровски во 2023 година, а непроценливо драго ѝ е признанието од целата мрежа на невладини организации, доделено во 2022 година.

Во 2013 година добила и награда за мир и хуманост од страна на Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“. Во однос на ова признание треба да се додаде и дека со името на Мајка Тереза ги спојува и едно од остварувањата на СОЖМ, на самиот почеток на своето основање, кога тие дале иницијатива за поставување на спомен плочата на Мајка Тереза во самиот центар на главниот град, Скопје. Таа успешно беше поставена во знак и сеќавање на некогашната улица „Поп Кочина“, кадешто некогаш живеела Гонџа Бојаџиу, познатата Мајка Тереза. Од таа плоча потоа потекна и идејата на радио водителот Стојан Тренчевски (исто така со кумановско потекло), за изградбата на Спомен куќата.

– Секогаш има нешто ново и од секого може да се научи. Многу сум умерена и посветена, но знам дури и да бидам непријатна со својата отвореност. Но, сакам да укажам, зашто молчењето често прави штета – е позната изрека на велешката скопјанка госпоѓа Савка Тодоровска, а во детството и еден период и Савка – кумановка…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго