Немам сé што сакам, но сакам сé што имам – Толстој
Минатата 2024 година се одржаа редица на фестивали, секој од нив е за почит, особено ако се земе предвид дека на прстите од една рака можат да се избројат оние кои беа подржани од Министерството за (Не)Култура на Република Северна Македонија.
Истото се случи и предминатата, и таа пред неа и … а истото се случува и оваа година Господова 2025.
Со достојна почит за сите од нив, дозволете да се осврнам на еден – Фестивал на новосоздадена македонска народна шегобијна песна „ТУМБА ФЕСТ“. Секако, на упатените, а и на оние кои не ги следат фестивалите, ќе им биде јасно дека станува збор за фестивал кој се одржува во Куманово.
Со Господ напред, годинава овој Фестивал ќе се одржи по тринаесетти пат.
На Фестивалот досега има исполнето преку 250 – читајте двестотини и педесет песни, исполнети од пеачи од Турција, Романија, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина … и секако, најголем дел, од наши еминентни естрадни уметници. Проследен е од гледачи од целата земјина топка. На Фестивалот своите музички кариери ги започнаа Ленче Дедејска (Кукиќ), и да не зборувам уште колку наши, денеска, ѕвезди од нашето естрадно небо. Учествуваа Беки Бекиќ, Бранимир Стошиќ, Благица Павловска, Круме Спасовски, Миле Кузмановски, Елена Велевска, Биоритам, Скопски Боеми, Маргица Антевска, Нино Величковски… листата е предолга… Љупчо Бубо Каров, Раде Рогожаров, Ѓокица Лукаревски… Според имињата, секако дека ќе се согласите дека овој Фестивал во најмала рака е уникатен.
Фестивалот е ЕДИНСТВЕН во светот кој ги негува и сочувува од заборав дијалектите како историско културно наследство на еден народ, што, ќе се согласите дека е основа за сочувување на идентитетот на еден народ. (Или не????)
На Фестивалот освен на кумановскиот дијалект се пееше и на охридски, струшки, валандовски, гевгелиски, кавадаречки, струмички, дојрански, ресенски, прилепски, кривопаланечки … Богатство на еден народ ќе се согласите секако.
Најзначајните медиуми кои ја следат естрадата се согласија дека минатата 2024 година „ТУМБА ФЕСТ“ беше најорганизираниот и најдобриот фестивал во нашата татковина, но попусто.
Низ сите овие години нашето Министерство за (Не) Култура воопшто не го препозна Фестивалот, не го поддржа „ни под разно“, а тоа продолжува и понатаму. ЗОШТО?
Некој „Љутко“ можеби ќе се налути доколку ги прочита овие редови, но, бадијала, ништо не се менува. МОЛК.
Немаме средства за организација на еден ваков грандиозен проект, но, имаме сила и истрајност, а нашите естрадни уметници, вклучително авторите на музика, текст, аранжман, пркосат на сето она што ги кочи да творат, да создаваат дела со трајни вредности, си го сакаат „ТУМБА ФЕСТ“ и си ја почитуваат мисијата која ја има Фестивалот да го сочува историското културно наследство. А со тоа и нашиот идентитет – нема политика овде, ние го сочувуваме идентитетот. Пееме и твориме и се радуваме кога во многу пригоди ќе ги слушнеме „ГОЛЕМ МЕРАКЛИЈА“, „ЕЈ РОЗИКЕ БРЕ КОМШИКЕ“, „ЈА У СЕЛО НЕ СЕ ВРАЌАМ“, „УЈКА ЌЕ ГА ТРАЖУ“, „ДОЈРАНСКА“, „НЕСТА РЕСЕНСКА“, „ЦЕЛ НОЌ ТИ СЕ К’ЛНУ ГИНЧЕ“, „СТАР БЕЌАР“, „ЛЕНЧЕ И ЗОНЕ“, „ЕДНА КУЌА ЗА ДВЕ ЖЕНИ“, „ОЈ ВЕРО ВЕРИЦЕ“, „БАРАМ МЕСТО НА ЕСТРАДА“ и многу, многу други хитови кои како трајни вредности ги оставаме зад себе.
Сакаме достоинствено и со почит да се вреднува придонесот на „ТУМБА ФЕСТ“ за се она што го има направено за Македонија. За жал го немаме, но си го сакаме се она што го имаме, а имаме многу. Генерациите по нас ќе ги слушаат песните за Батко Ѓорѓија, Јовка Кумановка, Досе, Трендо Бозаџија … За стариот јавор, за Иванка од Ресен, за љубовта на еден струмичанец, но и врањанец кон убавата кумановка …
Немаме сѐ што ни е потребно, но сакаме сѐ што имаме.
А го имаме најуникатниот и единствениот „ТУМБА ФЕСТ“, и како кумановци сме горди, си го сакаме Фестивалот.
Одиме понатаму
П.С. Што уште треба да направиме? Зарем е малку?
Драган Јаким
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.