Тато и мама се разделија! Што направив погрешно? Што ќе се случи со мене? Каде ќе живеам? Ќе биде ли тато тука за мене? Ќе престане ли мама некогаш да плаче? Ова се само дел од прашалниците во детскитe глави кога се разведува бракот на нивните родители. Што е важно во овој процес за полесно прифаќање на новонастаната состојба во семејството од страна на децата?
Развод и родителство по развод
Развод (или распаѓање на бракот), престанок на брачниот сојуз, поништување на законските обврски и одговорности на бракот и укинување на брачниот договор помеѓу брачните другари. Вака се дефинира развод на бракот, и звучи лесно по дефиниција, додека практично е стресен процес за секој поединец. Разводот всушност претставува загуба, загуба на идентитет како мажена/женета личност, загуба на домот, загуба на семејството. Загубата претрпена за време на разводот може да се спореди со смрт на сопругот/гата, само што поединците не тагуваат само по својот партнер, туку и по загубените соништа, очекувањата и убедувањето врз кое го засновале својот живот и својот брак. За да се надмине ваквата загуба е потребно време и адаптација на новонастанатата состојба. Каде се децата во овој процес? Колку и како разводот на бракот влијае врз децата? Од што зависи?
Од родителите! Од нивниот родителски однос и соработка на родителско ниво!
За жал, процесот на адаптација во текот на разводот и по разводот е проследен со загриженост, исцрпеност и стрес кај партнерите што влијае и на родителството. Колку мама и тато имаат време да се занимаваат со родителството и соработка на родителско ниво додека минуваат низ тешки внатрешни емоционални состојби? Ова е навистина предизвик за голем дел од родителите, особено во првите две години од сепарацијата/разводот. Првите две години често се проследени со силни негативни емоции и чести конфликти помеѓу поранешните сопружници. Децата често се вовлечени во партнерскиот конфликт кој преминува и во меѓу родителски конфликт без да се направи граница помеѓу партнерско и родителско ниво. Ваквите ситуации се многу стресни за децата и потегнуваат понатамошни предизвици со менталното здравје на децата и нивното однесување. Во вакви ситуации децата чувствуваат вина за разделбата на родителите, се наоѓаат во конфликт на лојалност кон еден од родителите, загрижени се за својата иднина, се јавува несигурност кај нив како на пример – промени во однесувањето. Односно, високата конфликтност помеѓу родителите, го држи детето во состојба на постојана вознемиреност и збунетост, создавајќи му потешкотии реално да ја перципира новонастанатата состојба во семејството. Ова резултира со послаби академски постигнувања, депресивност, анксиозност, социјално повлекување, агресивност во училиште и кон врсниците, прибегнување кон девијантно и деликвентно однесување.
Што значи дека односот на родителите е важен за благосостојба на децата. Истражувањата покажуваат дека без разлика дали бракот е разведен или не, високиот конфликт помеѓу родителите резултира со потешкотии од емоционална природа кај децата и може да има долгорочни последици врз децата кои можат да се провлекуваат и до нивно возрасно доба.
За да се амортизира стресот од развод кај децата и да не дојде до нивно вовлекување во партнерскиот конфликт, важно е да се редефинираат улогите, да се постават граници помеѓу родителско и партнерско ниво. Потребно е да се дефинираат правила кога и како секој од родителите продолжува да се однесува со децата, на кој начин ќе одржува контакти со родителот со кој не живее, и на кој начин секој од родителите ќе учествува при чување и воспитување на децата.
За да се воспостави ваква динамика, неопходна е комуникација на родителско ниво на поранешните сопружници. И ова е навистина голем предизвик, како што веќе напоменав, особено во првите две години од разводот, но е од особено значење за менталното здравје на децата. Бидејќи, блискиот однос со двајцата родители го зголемува детското уверување дека конфликтот не го вклучува неа или него, и дека примарната врска со секој родител нема да се загуби. Ова ја намалува преокупацијата со разводот, дава чувство на сигурност, ослободувајќи енергија за внимание на социјалните и училишните активности.
Затоа е важно во процесот на развод родителите да имаат поддршка од блиски членови на семејството, блиски пријатели. Да имаат соработка со стручни лица од институциите вклучени при разводот на бракот, да побараат стручна помош низ индивидуално советување и психотерапија, семејна и системска психотерапија, читање соодветна литература за ко-родителство и родителство по развод.
Ваквите начини на помош и поддршка можат да им помогнат на родителите да ги разберат и изразат своите чувства на здрав начин. Да им помогне при ставање на граница меѓу партнерско и родителско ниво, оневозможувајќи мешање на двете улоги, и да им овозможи на родителите до воспоставување на близок родителски однос кој ќе резултира со посреќни и посигурни деца.
М-р Сања Јовановска
Семеен и системски психотерапевт ( под супервизија )
ОЛИ советник