Почетна НЕШТО УБАВО Отворена изложбата „Жените и фотографијата“: Да се долови момент, да се зачува...

Отворена изложбата „Жените и фотографијата“: Да се долови момент, да се зачува спомен, да се раскаже приказна…

Да се долови момент, да се зачува спомен, да се раскаже емоција и приказна, или испрати порака, е основа и суштина на изложбата „Жените и фотографијата“, која од синоќа (6 март 2025 година) е поставена во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и ќе може да се погледне во следните 14 дена.

И, има и што да се види – 80 моќни фотографии, затоа што женскиот објектив, впрочем како и женското око, уште повеќе како и женското срце, гледаат поинаку, понежно, поемотивно и многу прецизно.

Luxury Catering Service

Организаторот „Фото клуб-Куманово“ со гордост ја претстави оваа, традиционална, 12. Национална изложба на уметничка фотографија.

– Овие фотографии не само што сведочат за мајсторството на авторките, туку и ја потенцираат нивната способност да доловат емоции, светлина и моменти кои остануваат запаметени. „Жените и фотографијата“ не е само изложба – тоа е симбол на борбата за рамноправност, за еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност!

Нивната претставичка во воведниот говор со кој беше отворена изложбата, пред бројните посетители истакна:

– Веќе 12 години по ред, во чест на 8 Март – Меѓународниот ден на Жената, „Фото клуб – Куманово“ ја организира оваа изложба, со цел да ги истакне и слави македонски фотографки. Тие, не само што активно учествуваат во изложбите, туку и постигнуваат врвни резултати. Затоа, би сакала да ги споменам авторките кои во 2024 година беа во најдобрите десет излагачи на национално ниво – Мери Бошковска, Анита Палчевска, Неда Арсениевска и Каролина Димовска. Жената отсекогаш била дел од светот на фотографијата. Суптилноста и чувствителноста на жената, вроденото чувство за грижа и внимателност, како карактеристики кои ни се припишуваат, се предност во оваа област за постигнување на посакуваниот ефект.

Вечерва можеме да видиме како овие два аспекта, жената како уметник, но и како важна тема во уметноста, се спојуваат во едно, рече таа.

Меѓу изложените дела можеме да се видат и фотографии од истакнати авторки од целата Република, но и дела на почетнички кои навлегуваат во сферата на уметничката фотографија.

– Веќе шест години учествувам на овој конкурс. Во категоријата „Слободна тема“ вобичаено ги испраќам, според мене, најдобрите фотографии од измината година, за кои најчесто се водам по својот вкус, а во категоријата „Жена“ пак, одбирам фотографии на кои се истакнува жената како целина – убавина, сила, нежност, љубов, борбеност, а особено ми е предизвик да врамувам ситуации каде што жена на жена ѝ е потпора и поддршка. Сметам дека овој натпревар е од клучно значење, бидејќи им дава шанса на сите македонски фотографки да го покажат својот поглед низ објективот и ги мотивира оние кои не фотографираат, а сакаат, да започнат едно вакво интересно хоби, ни изјави Анита Палчевска од Скопје, една од застапените фотографки.

Стручниот селектор од 250 пристигнати, направи избор на 80 најдобри дела, кои се најдоа на оваа изложба, организирана со поддршка на Општина Куманово и Центарот на култура „Трајко Прокопиев“.

Валентина Ѓоргиевска Парго