Како годините одминуваат, секоја година во оваа денешнина во која живееме е значајна година за нешто. Секоја година е јубилејна за нешто. Во 2019 година Куманово јубилејно прославуваше 500 години постоење на градот. Во 2012 година, може да кажеме дека јубилејно се одбележуваше еден век од Кумановската битка и ослободувањето од Турците. Минатата 2024 година јубилејно се навршија 80 години од ослободувањето на Куманово во Втората светска војна. Примери за јубилеи поврзани со Куманово има многу.

Oваа сегашна 2025 година, за која ќе обрнеме повеќе внимание, е поврзана со јубилејот по повод еден век од изградбата на денешните Основни училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“.
Пред точно 100 години, во 1925 година, е изградена училишната зграда во која денеска се наоѓаат споменатите две училишта. Проектот за изградба на ова училиште во Куманово бил изготвен од Министерството за градежништво на Кралството СХС во Белград.
Оскудни се податоците за историјата на училиштето во периодот од изградбата на училишната зграда во 1925 година до завршувањето на Втората светска војна, 1945 година. За тој период не располагаме со податоци поврзани со бројот на учениците, наставниците, паралелките и т.н. Само се знае дека во меѓу воениот период училиштето се нарекувало „Централно основно училиште“.
Во зградата на денешните две училишта, за време на Априлската војна од 1941 година, околу 1000 војници и офицери на бившата југословенска војска биле приведени од страна на германскиот окупатор во формираниот логор на 8 април 1941 година.

Сл. 2. Централно основно училиште во 1936 година
Од споменатите сегашни две училишта, прво е основано училиштето „Крсте Мисирков“.
Вредни податоци за историјата на двете училишта за повоениот период ни дава проф. Стојко Николовски – Стојановиќ.
Веднаш по ослободувањето од фашистичкиот окупатор во почетокот на 1945 година, во сегашната зграда на Основното училиште „Крсте Мисирков“ започнало со работа Народното основно училиште „Свети Климент Охридски“ и Гимназијата „Гоце Делчев“ (во смени – прва и втора).
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ имало голем прилив на ученици. Токму и заради тоа, во септември 1948 година од неа биле издвоени 11 паралелки со 484 ученици од I-IV клас и дел од наставниот кадар и била формирана Неполната гимназија „Крсте Мисирков“.
На 14.09.1948 година Наставничкиот совет извршил распределба на часовите и предметите и ја утврдиле бројната положба на паралелките за првата учебна година.
Тогаш имало 16 паралелки, од кои 9 на македонски наставен јазик, 4 на српско-хрватски, 2 на албански и 1 на турски наставен јазик со вкупно 723 ученици.

Тогаш во училиштето биле вработени следниве 19 наставници: Киро Андов, Димитар Стојанов, Рада Пурковска, Марица Стојанова, Јефто Алексиќ, Галина Љубљани, Петар Влахов, Сузана Бошковска, Стефан Димитров, Нада Андова, Спиро Козјаклиев, Гога Костовска, Темелко Стошевски, Петар Утевски, Ѓорѓи Симоновски, Воислав Дајлевиќ, Џафер Наразани, Абдула Османи и Мустафа Хусеиновски.
Со ширење на школството, паралелките на народностите со наставниот кадар им биле дадени на четиригодишните матични училишта и тоа: албански на ОУ „Бајрам Шабани“, турски на ОУ „Ишик“ и српскохрватски на ОУ „Вук Караџиќ“.
Во учебната 1950/51 година од Неполна гимназија, Училиштето прераснува во Седумгодишно училиште со 22 паралелки и 871 ученик.
Во 1950 година, Полната гимназија „Гоце Делчев“ се преселила во новоизградената зграда каде работи и денеска, а зградата во која започнало со работа Народното основно училиште „Свети Климент Охридски“ на македонски јазик, му била отстапена на „Крсте Мисирков“.
Со донесувањето на Законот за задолжително основно осумгодишно образование, од учебната 1952/53 година училиштето прераснува во Основно осумгодишно училиште „Крсте Мисирков“.
Подоцна, од составот на ова училиште биле дадени ученици и наставен кадар за основните училишта и тоа: во 1953 година на ОУ „Браќа Миладиновци“; 1959 година на ОУ „Христијан Тодоровски – Карпош“; во 1962 година на ОУ „Толи Зордумис“ и во 1964 година на ОУ „11 Октомври“ – Куманово.
Во тоа време при училиштето работел и интернатот за сместување на децата – ученици од селата.
Ноќта, меѓу 27 и 28 декември 1954 година, училишната зграда ја зафатил голем пожар што направил огромна материјална штета, уништувајќи ја целосно кровната конструкција и поголемиот дел од училишниот инвентар. Пожарот избувнал во кабинетот по наставниот предмет хемија. Од пожарот, меѓу граѓаните на Куманово, прекарот на ОУ „Крсте Мисирков“ остана како „Изгорена школа“.
Поради пожарот, со решение на Народниот одбор на Општината Куманово, наставата била прекината до 4.01.1955 година, а потоа наставата се изведувала во новата зграда на Гимназијата „Гоце Делчев“.
Во текот на летото и дел од есента во 1955 година училишната зграда била санирана и бил награден уште еден кат, со што бил проширен просторот за изведување на наставата.
Во периодот во 1977-1982 година во Училиштето се извршени покрупни инвестициони зафати. За тој период се извршени следните работи: извршена е целосна реконструкција на училишната зграда, воведено е централно греење, заменет е поголем дел од училишниот инвентар, изградена е нова фискултурна сала со спортски терени, адаптирана е малата сала која е пренаменета за музички активности и е набавен инвентар за кабинетите по физика, хемија, биологија и ОТП.
Како резултат на напорите што училишниот колектив ги вложувал, има добиено повеќе општествени признанија. Два пати е добитник на Ноемвриска награда, како највисока награда на Собранието на Општината за покажаните резултати и тоа во 1971 и 1988 година. Прво од училиштата во Општината е добитник на највисока републичка награда Климент Охридски, која се доделува за особени заслуги постигнати во образованието, здравството и културата, што се во интерес на Македонија.
Оркестарот, хорот, драмските, литературните и спортските секции со години освојуваат награди ширум нашата земја. Младите литерати од 1959 година издаваат свое списание Пламенче, а за учество на повеќе литературни конкурси добитници се на високи државни и други награди и признанија.
Што се однесува до директорите, следниве личности директорувале со училиштето: Киро Андов (1.09.1948 – 1.03.1950), Димитар Стојанов (1.03.1950 – 31.08.1954), Петар Трајковски (1.09.1954 – 31.08.1956), Стојче Денковски (1.09 1956 – 31.08.1957), Димитар Стојанов (1.09.1957 – 6.04.1961), Тодор Симоновски (6.04.1961 – 31.08.1962), Димитар Стојанов (1.09.1962 – 31.12.1980), Трајче Петрушевски (1.01.1980 – 1.10.1999), Јанка Богдановска – Арсовска (од 10.09.1999) и т.н. Денеска актуелен директор на училиштето е Александра Стаменовска.

Во учебната 1948/49 година во училиштето учеле 723 ученици, во учебната 1997/98 година имало запишано 1346 ученици, додека во учебната 2023/2024 година, бројот на учениците паднал на 1021 ученик.
Што се однесува до училиштето „Браќа Миладиновци“, кога во учебната 1952/53 година се зголемил бројот на учениците во Осумгодишното училиште „Крсте Мисирков“, се појавила потреба од отворање на ново училиште во градот.
Народниот одбор на Градската општина Куманово донел РЕШЕНИЕ за формирање на ново македонско училиште „Браќа Миладиновци“ – Куманово.
Според членот 71 точка 26 од Законот за народните одбори и градските општини, а врз основа на потребата од формирање на ново македонско училиште „Браќа Миладиновци“ – Куманово, Народниот одбор на Градската општина Куманово, на својата XIII седница, одржана на 11.XII.1953 година, го донеле следното РЕШЕНИЕ.
Се формира ново, македонско школо „Браќа Миладиновци“ – Куманово. Сметано од 11.XII.1953 година.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: Поради големата пренатрупаност на учениците во Македонското народно школо кое брои 1.200 ученици и македонската осмолетка која брои 940 ученици, не е можно нормално изведување на наставата. Наведените училишта, како и сите простории на училиштата, се недоволни за толкав број на ученици. Во новоформираното училиште ќе се префрлат цели паралелки со учители од горенаведените училишта, така што новоформираното училиште ќе има 10 паралелки ученици во основно училиште и 3 паралелки во забавиште.
Се задолжува Советот за просвета да го спроведе горното решение како и да определи кои паралелки со учители ќе се префрлат во новоформираното училиште. Смрт на фашизмот – слобода на народот! Бр. 5148, 25.XII.1953 год. Куманово, Претседател (Милисав Маневски).
На основа на горното РЕШЕНИЕ, во средината на декември 1953 година, започнало со работа Основното училиште „Браќа Миладиновци“ – Куманово, и тоа со 10 паралелки од I –IV одделение и 4 паралелки за предучилишно образование и воспитание, со вкупно 555 ученици.

Училиштето тогаш ја започнало работата во следниот состав: Стојко Атанасовски, директор, и учителите: Добрила Ангеловска (Југ), Богданка Михајловиќ, Горица Калешовска, Љупка Ангеловска, Добрица Савиќ, Младен Џартовски, Милица Спасовска, Невенка Ачковска, Радмила Краљевска, Нада Стошевска, Лепосава Јовчевска, Нада Дамњановиќ, Ратка Малинска и Јулијана Шкуртевска (14 учители).
Техничкиот персонал го сочинувале: Ранко Ристовски, Тефик Таири и Драга Тасевска (3 лица).
Училиштето со работа започнало во зградата на некогашниот интернат, што се наоѓал на улицата „Тане Георгиевски“. По извесно време се преселило во зградата, во која и денес работи заедно со ООУ „Крсте Мисирков“.
Како што напоменавме, ноќта помеѓу 27 и 28 декември 1954 година, во заедничката зграда со ООУ „Крсте Мисирков“ се случил голем пожар.
Со проширувањето на училишниот простор и со зголемувањето на бројот на учениците, во учебната 1956/57 година тоа прераснува во полно Осумгодишно училиште со 12 паралелки од одделенска и толку од предметната настава.
Во 1972/73 година во училиштето биле отворени забавишни групи.
Во времето од 1977 до 1982 година во училиштето биле извршени покрупни инвестициони зафати. Тогаш била изградена и новата фискултурна сала.
Директори на ООУ „Браќа Миладиновци“:
Стојко Атанасовски (1953/54), Спаско Ѓошевски (1954-1956 г.), Солтир Стојковски (1956-1961 г.), Марица Стојановска (1961-1967 г.), Ѓорѓи Поповски (1967-1978 г.), Божин Јовановски (в.д. директор 1979 г.), Стојко Николовски – Стојановиќ (1980-1988 г.), Надица Ангеловска (1988 – 1990 г.), Мите Митевски (од 1990 – до 10.09.1999 година), Сашо Димковски (в.д. директор од 10.09.1999 година) и т.н. Денеска актуелен директор на училиштето е Јасминка Спасовска.

ООУ „Браќа Миладиновци“, освен со основните училишта од градот, мошне успешно соработувало и со основните училишта: „Милое Павловиќ“ од Загреб, „Трети крагуевачки баталјон“ од Крагуевац, „Петар Тасиќ“ од Лесковац, „Вук Караџиќ“ од Врање, „Браќа Миладиновци“ од с. Миладиновци – Скопско, „Кузман Шапкарев“ од населбата Драчево и „Кирил и Методиј“ од с. Орашец – Кумановско.
Заводот за школството ја следел и работата на сите основни училишта. Изготвувал и ранг-листи. Според ранг-листата од 1970 до 1974 година, Училиштето било три пати најдобро, а еднаш освоило и II место. Од 1974 до 1979 година, три пати било прво, еднаш второ и еднаш трето. Од 1979 до 1982/83 – три пати го освоило првото и еднаш второто место.

За постигнатите резултати во работата, ООУ „Браќа Миладиновци“ има добиено многу признанија. Ноемвриската награда на Општината Куманово ја имало добиено двапати (1972 и 1989 година), Златно Климентово слово на „Нова Македонија“, Климентовата награда, највисоко Републичко признание од областа на образованието и културата.
Денеска ООУ „Браќа Миладиновци” Куманово е лоцирано во центарот на градот и опфаќа ученици од централно подрачје, реонот на Соколана и селата Пчиња и Студена Бара кои се во состав на училиштето. Работи во пет училишни згради и функционира како Централно училиште со две подрачни и едно училиште за деца со Посебни образовни потреби, кое има нова функција на Центар за поддршка на ученици со попреченост на Североисточен регион/Општина Куманово и тоа:
Централната училишна зграда се наоѓа на улицата „Народна Револуција“ бр. 43 каде се сместени 20 (дваесет) паралелки од предметна настава, 4 (четири) паралелки од I одделение, 4 паралелки од II одделение, 1 (една) паралелка од III (трето) одделение и можност за една паралелка продолжен престој од прво и второ одделение, доколку има заинтересирани ученици.

Користена литература:
С.Н. Стојановиќ – Школството во Куманово и Кумановско 1805-200, стр. 339, Куманово, 2001.
Д. Масевски – Куманово (Време во времињата), Трето дополнето издание, Друштво за наука и култура, Парадигма, Куманово, 2010.
Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник