Почетна Спорт Мартин Тодоровски стана член на Клубот 100 во нашата футсал репрезентација

Мартин Тодоровски стана член на Клубот 100 во нашата футсал репрезентација

Со настапот на футсал натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и Холандија нашиот сограѓанин и футсал репрезентативец Мартин Тодоровски го одигра стоттиот јубилеен натпревар за македонската футсал репрезентација, со што влезе во таканаречениот Клуб 100 на фудбалери кои што имаат одиграно најмалку сто натпревари за нашата футсал репрезентација.

Со овој сопствен рекорд тој всушност испишал историја во неговата фудбалска кариера со што станал петтиот кумановец кој како футсал репрезентативец има настапувано најмалку на 100 натпревари за нашата футсал репрезентација. Пред него, овој рекорд го имаат остварено и поранешните, но и сегашни, кумановски футсал репрезентативци: Петровиќ Драган – Брус, Оливер Јовановски – Оки , Бранимир Љубомир – Пижон и Ферид Агуши, податок кој, сам по себе, говори дека нашиот град според бројот на футсал репрезентативци го прави лидер и водечки град во државата.

Luxury Catering Service

Што се однесува пак до нашиот сограѓанин Мартин Тодоровски, тој својата фудбалска кариера ја започнал  на својата 17 годишна возраст во фудбалскиот футсал клуб КМФ „Куманово 1903“, каде што прв тренер му бил познатиот поранешен фудбалер на ФК „Кумaново“, Зоран Ристиќ. Досега, тој во својата фудбалска кариера има настапувано за повеќе екипи во државата со кои што има освоено вкупно 10 шампионски титули (седум  со екипата КМФ „Железарец“ од Скопје, и по една со екипите на КМФ „Велес“, КМФ „Проект“ од Валандово и КМФ „Форца“ од Куманово), а дури 7 пати го освоил и Купот на Македонија (пет пати со КМФ „Железарец“ и по еднаш со екипите на КМФ „Велес“ и КМФ „Форца“).

Освен за горе споменатите екипи тој имал и еден краток меѓународен ангажман, така што, една полусезона настапувал и за екипата на КМФ „Врање“ во Република Србија. Во  моментов сѐ уште настапува на нашето домашно првенство, и тоа со неговата најнова екипа, КМФ „Осогово“ од Крива Паланка. Во досегашните настапи, за сите екипи во нашето домашно првенство досега тој има постигнато преку 150 голови.

Во натпреварувачката сезона 2014/2015 Мартин Тодоровски добил големо признание и како член на футсал екипата на КМФ „Железарец“ од Скопје бил прогласен за најдобар футсал играч во домашното првенство на Република Македонија.

За футсал репрезентацијата на Македонија дебитирал во 2009 година во Скопје, на пријателскиот натпревар против репрезентацијата на Франција, а на досега одиграните 100 натпревари за репрезентацијата, постигнал повеќе од 20 голови.

За него, и ден денеска, еден од најсилните моменти во неговата репрезентативна кариера што му оставил трајно сеќавање, се случил во 2011 година во Скопје на натпреварот на нашата футсал репрезентација против репрезентацијата на Србија, кога тој, при моментален резултат од 2:2, буквално, во последната секунда од натпреварот, го постигнал победоносниот гол за нашата репрезентација за конечна победа од 3:2.

Во последните пет години тој, паралелно со неговата футсал кариера како играч, работи и како фудбалски тренер и координатор со млади категории на фудбалери, и тоа во фудбалската школа на фудбалскиот клуб ФК „Куманово Еуроспорт“, чиј што сопственик е поранешниот кумановски фудбалер Цветан Маневски.

Нашиот сограѓанин, фудбалерот  Мартин Тодоровски исто така е многу успешен и во областа на образованието и има завршено Економски факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, и тоа во редовен рок, што го прави да е еден од нашите ретки фудбалери со завршено високо образование и со статус на академски граѓанин, што  само по себе говори и за неговиот индивидуален капацитет како човек – интелектуалец.

 

Т.Д.