Почетна ИНТЕРВЈУ Јелена Спасовска: Доколку детето доцни со говорот, побарајте стручна помош!

Јелена Спасовска: Доколку детето доцни со говорот, побарајте стручна помош!

Децата се вредни колку и животот на родителите, затоа тие прават сѐ што можат нивното дете да го добие најдоброто во секој поглед. Но, и покрај нивните целокупни залагања и грижа, често се случува детето, во текот на своето растење, да се соочи со одредени предизвици, кои може подобро да се надминат само со стручно лице.
Често пати и самите родители не умеат да препознаат во кој случај треба да се обратат кај дефектолот, затоа поразговаравме со Јелена Спасовска од Друштво за едукација, советување и стимулација на детски развој „Детска светлина“ од Куманово, а она што таа ни го кажа од стручен аспект веруваме ќе биде од корист на оние на кои им е наменето.

Во една најкуса дефиниција, најпрво, што значи професијата дефектолог?

– Секој дефектолог индивидуално ја доживува и живее оваа професија. За мене дефектологијата го претставува мојот идентитет, лична сатисфакција и воопшто мојот начин на битисување. Инаку, дефектологијата денес во општеството се истакна како една наука која сериозно се занимава со превенција и рехабилитација кај децата во ризик.

На кој начин може да се препознае потребата дека треба да се посети дефектолог?

Luxury Catering Service

– Семејството и потесната социјална средина, со која детето има примарен контакт, се меѓу првите иницијатори за препознавање на потребите од дефектолошката помош. Понекогаш може и да не е така, но во случај ако кај детето се забележат специфични промени, некарактеристични за типичниот развој кај детето, се јавува потреба од посета на мултидисциплинарен тим, кој вклучува и дефектолошки профил. Педијатрите, предучилишните и училишните установи често детектираат промена кај одредено дете за кое е потребно да се вклучи во дефектолошка пракса.

Кои сомнежи се сигнал дека родителите треба да го однесат своето дете на дефектолог?

– Моето искуство досега покажа дека родителите како прв проблем кој го забележуваат е отсуство или доцнење со говор. Понатаму, хиперкинетичко однесување, тантруми и проблеми со воспоставување на авторитет. Ова, според мене, се подоцнежни сигнали за деца со висок ризик. Потребно да се следат децата и пред првата година од животот. Дали детето уредно го постигнува моторниот развој или прескокнува одредени фази (на пример ползење), социјалната насмевка, раната имитација и поздравните гестови и слично. Некои семејства и покрај забележаните отстапки сѐ уште практикуваат да го донесат детето после третата година. Тоа се должи на верувањето дека детето се остава само да се избори со сопствениот проблем, што ретко е така. Родители, доколку постои најмал сомнеж во однесувањето кај вашето дете, ве советувам да си направите консултативен разговор со стручно лице!

Поради што децата се соочуваат со проблеми и одредени тешкотии во развојот? Дали можеби, во последно време, средствата за комуникација и игрици влијаат на тоа?

– Проблемите кај децата се од различна природа, која може да бидат органски, генетски, епигенетски и слично. Зависно од симптомите кај детето во однос на одредена потешкотија, се манифестираат одредени однесувања специфични за самата потешкотија. Секоја злоупотреба на технологијата си остава последици по развојот на детето. Средствата за комуникација и игрите можат да донесат бенефити кај децата доколку истите се аплицираат на адекватен начин, со прифатлива временска и возрасна рамка. Во спротивно, сведоци сме на генерациски загуби од последиците на несодветно користење на средствата со кои треба да останеме присутни во нашиот живот, а не несвесни за опкружувањето.

Колкава е улогата на дефектологот за понатамошниот развој на детето?

– Навремен рехабилитациски третман помага во надминување или ублажување на развојните проблеми кај децата, но секако тоа зависи и од детскиот потенцијал. Дефектологот обезбедува пристап до стручна помош и поддршка, го насочува семејството за расположливи ресурси и прави превентивни увиди за можни понатамошни ризици и потешкотии кај детето. Еден дефектолог станува како член на семејствата кај кои имаат потреба од користење на овие услуги со една цел.

Имаат ли родителите кај нас навика лесно да побараат помош од дефектолог за своето дете или тоа е сѐ уште едно табу и предрасуда?

– Пред околу 7 години, кога „Детска светлина” започна со работа, предрасудите и стигматизацијата беа на многу повисоко ниво отколку денес. Потребни беа неколку години за семејствата да сфатат дека дефектолошката пракса е во нивна полза, а не за нивно етикетирање. „Детска светлина” обезбедува рамноправен пристап на сите деца до трајни и применливи знаења, практични вештини, развивање на индивидуална и семејна одговорност, почитување и развивање на потенцијали кај децата, стекнување на знаења, социјализација, недискриминација, почитување на индивидуални разлики, подигнување на јавната свест за инклузивно општество и таканатаму. Отворени сме за соработка со родителите и една од инспирациите на „Детска светлина” се подобра иднина за нашите деца, подготвено општество за прифаќање на разликите и градење на квалитетни односи со социјалната средина.

Како детето лесно да стекне доверба во дефектологот, дека тој ќе биде негов пријател? 

– Првиот процес во дефектолошката работа е адаптација на детето со дефектологот, просторот и односот дефектолог-дете-родител. Што поголема доверба ќе стекне родителот, толку повеќе го подобрува процесот на стекнување доверба меѓу детето и дефектологот. Каков однос понатаму ќе се развива е според индивидуалните разлики на децата. Некои деца градат пријателски односи, додека други функционираат исклучиво со авторитет. Битно е да се допре до секое дете на начин на кој ќе се постигнат резултати.

Колку родителите пак треба да имаат доверба кон дефектологот, дека тој ќе му пружи на нивното дете нешто што тие нема да можат?

– Довербата се гради постепено, со добронамерност, чесност, стручност, искреност во постапките и професионалност. Родителот е тој кој одлучува кому ќе му го довери сопственото дете и треба да се води според вистинските параметри во кој нема да преовладува гордост и суета. Довербата ќе се стекне во оној момент кога родителот ќе ги препознае сите овие особини кај терапевтот и секако во реакцијата на сопственото дете. Почетоците секогаш се тешки и за двете страни, но она на што треба да се фокусираат родителите е да остават малку време и простор.

Детето си има на свој начин на игра и да си живее во свој, детски свет. Но знае ли некој детски гест да биде и лажен и погрешен симптом?

– Децата се разликуваат по начинот на игра, темперамент, комуникациски и социјални вештини… Понекогаш децата можат да направат избор со кого сакаат да си играат со кого не. Постојат фази на играта согласно возраста. Интересите на децата многу често ги наметнува и социјалната средина, па така, се следат разни трендови и курсеви за мали деца, за кои семејствата сметаат дека се корисни. Но едно дете, доколку не пројавува интерес за околината или врсниците воопшто, тогаш веќе имаме црвено светло дека кај детето постои ризик фактор за одредена потешкотија, за која треба да се интервенира од страна на стручно лице.

Како најчесто се спроведуваат третмани за развој на детето? 

– Секој дефектолошки центар си има свој стил и метод на работа. „Детска светлина” има визија да следи светски трендови во имплементација на програми за учење и стимулација, квалитет, транспарентност, инклузивност, интегративност, граѓанска одговорност и примена на истите трендови. Во нашиот центар се прави дефектолошка проценка со специјализирани тестови и алатки за проценка и врз основа на добиените резултати и раположливите ресурси и приоритети, се изготвува индивидулен протокол за третмани кај самото дете.

За секое дете правите индивидуален план и третман, или третманите се групни?

– Во рамките на реализација на третманите дали се работи за индивидуални третмани, работа во двојка и работа во групи, работа со родители преку советодавна работа, практични примери и тестирање се следи протокол за работа. Доколку се работи за индивидуална услуга, секое дете има свое досие со индивидуални цели, кои стручниот тим во „Детска светлина” ги донесува согласно потребите на детето и во релација со родителите. Согласно напредокот на детето, се прави ревизија на целите и било какви промени да се потребни.

Кои забавни активности и игри ги играте со децата со кои работите?

– Тимот на „Детска светлина” постојано ги надоградува своите знаења и пракса со нови едукации. Оваа година завршивме квалитетни обуки, дел од тие обуки беше обуката Brain gym со која низ игра се стимулира мозокот кај децата и возрасните. Исто така, имаме и музички работилници и музикотерапија која допринесува стимулација на функциите на начин поинаков од третманите, а нејзината главна цел е постигнување на подобри резулати во дефектолошко – логопедската работа. Во нашиот центар можат да се најдат многу едукативни игри кои на забавен начин го поттикнуваат когнитивниот, моторниот и говорниот развој кај секое дете согласно потребите. Голем дел од игрите се купуваат во специјализирани продавници надвор од нашата држава.

Кои методи ги користите за подобрување на функциите како што се визуелни, аудитивни, моторни и други?

– „Детска светлина” е опремен центар со нови методи и технологија за работа, инвестира во стручно усовршување на кадарот, опремата, литературата… Поседуваме сертификати за имплементирање на раната интервенција, дијагностика и превенција и имаме искуство во давање на истата услуга. Методи кои најчесто ги практикува дефектологот, а за кои ние сме сертифицирани се: сензорна интеграција, реедукација на психомоторика, интеграција на примитивни рефлекси. Истите методи се покриени со соодветни надгледни средства, за да можат во потполност да се изведуваат.

Како дефектологот оценува дали веќе детето ги надминало потешкотиите во развојот, по одржаните третмани? 

– Стручните лица во „Детска светлина”, соодветно на своите компетенции, вештини, високо развиени интелектуални потенцијали, претставува сериозен и висококвалификуван кадар кој може да ја направи проценката на можностите, способностите и постигнувањата кај детето, како и да направи компарација пред и после отпочнување на третманите. Кај некои деца се чувствува промена за многу краток период, додека кај други и по подолг период разликата не е голема. Најчесто како оптимална рамка која ние ја поставуваме е од еден до три месеци. Тогаш очекуваме да се појават првите резулатати од нашата работа. Кај некои деца се гледаат позитивни промени и по еден третман, додека има и деца за кои се потребни и години работа за да се забележи разлика.

Дали третманите се скапи и може да си ги дозволи секој родител?

– Нашиот центар е прв лиценциран давател на социјални услуги во заедница за индивидуални третмани во Куманово. Веќе втора година работиме со давање на овие услуги за кои добиваме надоместок од државата, односно од Министерство за труд, социјална политика, демографија и млади. Овие услуги се бесплатни за децата кои имаат соодветно решение издадено од ЦСР Куманово и МКФ проценка. Освен овој проект, исто така соработуваме со Општина Куманово, која е една од ретките општини која гради современи, успешни и ефективни услуги. Во овој случај е соработката за проектот „Рана интервенција и превенција на деца во ризик”, во кој се трудиме да вклучиме семејства кои не можат да си ги дозволат нашите услуги. Со овие две услуги кои се покриени од овие две институции, се обидуваме да им го олесниме финансирањето на родителите. Секако, тука се и комерцијалните услуги, кои во споредба со другите градови се по прифатлива цена.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго