Почетна ИНТЕРВЈУ Стефан Димковски: Аматерскиот театар ми помогна да се социјализирам!

Стефан Димковски: Аматерскиот театар ми помогна да се социјализирам!

Младиот кумановец Стефан Димковски е претставник на онаа милениумска генерација, од 2000 – та, која некако по дифолт треба да е предводничка во овој милениум, исполнет со нови можности и многу возбуда.

Со свежо наполнети 24, тој е полн со планови и визии за својата иднина која ќе се движи меѓу социологијата, уметноста и економијата.

Вие сте млад а веќе успешен кумановец, драго ми е за оваа средба. Кажете ми на што сте посветен во моментов?

Luxury Catering Service

– Моментално сум демонстратор на Филозофскиот факултет во Скопје и главно работам со професорката д-р Милева Ѓуровска, којашто има специјализирано на повеќе економске предмети во социологијата, како и предмети пошироко поврзани со човекови права, евроинтеграција, жената во општеството и таканатаму. Интересни актуелни теми за денес, брзо менливи, дури и контроверзни за некои. Сѐ уште сум во процес на изработка на мојот магистерски труд, веќе имам избрано тема која што сакам да ја истражувам, поврзана со економијата.

Каква слика имате за себе, дали ќе сте еден од оние кадри кои што ќе останат во оваа држава, или можеби ќе истражувате на пошироко ниво?

– Јас, како човек сум авантурист, и, иако сум социолог имам работено сѐ, од заварување на железо – до менаџер на бизнис развој во една американска фирма која има свое претставништво во Македонија. Така што, едноставно, сѐ што ќе ми пружи животот како можност за самонадградување, прифаќам, бидејќи материјалното нѐ задоволува привремено, ние треба да се стремиме кон нешто духовно и нешто интелектуално во овој свет.

Меѓудругото, освен во Македонија имате работено и во Италија

– Во Италија имам поминато некое време, тоа беше повеќе неформална работа. Таму живее мој добар другар Мишо Стојановски, познат уметник од овој град, кој е магистер и работи во „Академија ди беле арти” во Равена. Тој е мозаичар, но прави сѐ, негови дела дури има и во општинската зграда во Равена. Иста генерација сме, на иста улица живееме, едноставно се дружиме од мали до ден денес. Го немам видено две години, но го сакам како да е тука.

За време на тој престој, работевте нешто?

– Претежно му помагав со маркетинг, бидејќи тој тогаш имаше изложби. Имам афинитет за тоа, претходно работев со менаџирање на „Амазон” компании од Македонија, и со тие мои знаења му помогнав колку што можев. А и тој отсекогаш, уште од мали нозе ми даваше поттик, но, јас како јас, бидејќи ме интересираат повеќе работи не само уметноста, се разгранив на повеќе работи и затоа завршив овде каде што сум, на англиски имаа една изрека за тоа – мастер оф нон (master of none). Не сум најдобар во сѐ, но сум доволно добар и знам нешто за да можам да припомогнам на тие што го знаат тоа подобро. Но, истовремено додека бев кај него и јас ја подготвував мојата дипломска, по социологија на уметност, за чии потреби тука кај нас изработив документарен филм за познатиот уметник Сергеј Кашавелски, кој изработува скулптури од железо. Значи, таму паралелно живеев со уметници и работев на мојата дипломска, на терен дури.

Запознавте италијански уметници?

– Запознав италијански уметници во раст и развој, и не само Италијанци, имаше и Грци, Бугари, дури и од Киргистан. Уметници од едно пошироко географско тло. Го учев и италијанскиот јазик, за да можам во одреден процент да го разберам. Сега зедов курс и на практично изучување и на граматиката.

Ве влече ли уметноста?

– Дефинитивно. Дефинитивно!

Секој тип на уметност или само одреден тип?

– Генерално, како што гледам кај себе – изведувачките уметности како театарот, и ликовните, но го почитувам секој вид на уметност и сметам дека секој од нас може да створи нешто со свои раце.

 

И, театарот, како еден вид на уметност од мал тлее во Вас, во тоа веќе сте докажан во рамките на она што сте го направиле како обид. Ајде малку повеќе

– За театарот, баш е интересно зошто го избрав воопшто. Во средно имав можност да се приклучам на Аматерски театар „Куманово”, што го отворивме ние со помош на режисерот Стоје Додевски. Во тој период бев и малку антисоцијален, со долга коса, слушав метал музика, дури имав проблеми да говорам пред голема група на луѓе и тоа го видов како можност за да се истакнам себе си и да пробам да го пребродам тој страв, тој трепет, таа затвореност во мене, таа уплашеност од публиката и генерално од луѓе. Во тоа видов и еден начин за интеграција и надминување на тој проблем. И имавме среќа, по седум часови поминати на училиште, да можеме да дојдеме во Културниот дом, каде понекогаш немаше ни греење преку зима, се мрзневме, но со долги проби и со упорноста да постигнеме многу. Тоа беше во перидот на 2017/ 2018 година.

Која претстава ја направивте?

– Претставата „Ништо без Трифолио”. Оригиналната ја „преведовме” на кумановски дијалект, за да е е интересна во македонско издание… Знаете, има нешто во кумановскиот говор кој го прави поразличен од другите и малку поегзотичен да кажам, и затоа се собравме, делото го „преведовме” од македонски на кумановски дијалект, со некои мали импровизации тука и таму. Не се држевме толку точно до материјалот, но истовремено режисерот имаше добра идеја, да направиме кукли од нас, за некои сцени да ги играме со кукли зад сцената, да е малку подинамично и поинтересно за самите гледачи. Ја изведовме во НУЦК „Трајко Прокопиев”, каде што и ја пробавме.

Колку учесници бевте?

– Бевме, ако не се лажам, десетина или дванаесет глумци – аматери, претежно средношколци од втора и од четврта година, од различни училишта, имаше од економско, од техничко, од гимназија, од земјоделско. Игравме во повеќе градови во Македонија, во Куманово два – три пати, во Општина Старо Нагоричане еднаш, и по еднаш и во Крива Паланка, Свети Николе, и на Драмски аматерски фестивал Кочани, каде Бисера се издвои и доби награда, затоа што многу добро ја изглуми својата улога. Ѝ одеше многу добро, имавме и доста сцени заедно.

Дали глумеше и Вашиот другар кој сега е во Италија?

– Не, но и тој има афинитети за глума. Кога бевме во прво одделение и јас и тој глумевме во претставите кои се подготвуваа во нашето училиште „Магдалена Антова”. Исто, не споменав, во тогашно забавиште имам добиено прва општинска награда за рецитација на „Ода на радоста”.

Како се случи воопшто, ете и во средно, да дојдете на идеја да направите театарска група, тоа Ви беше задолжително во рамките на наставата?

– Тоа беше надвор од училиштето. Некои меѓу нас се знаевме – некои се запознавме преку „Мулти култи” во Куманово. Имаше мала група на луѓе од повеќе места од Македонија кои ни се приклучија, се собравме и прво направивме една претстава која 75 отсто беше на македонски, другиот дел на албански јазик. Беше една импровизација и игра од која почна сѐ. Потоа се здруживме ние неколкумина малку поорганизирано, надвор од самата група, и направивме нешто ново, нешто свое. Тогаш ја дадовме претставата „Ништо без Трифолио”, па се разделивме и повторно се сретнавме пред две зими, седнавме на кафе, сите ние од различни сфери, некои со приватни бизниси, некои на факултет, некои на специјализации и решивме да се споиме пак и да направиме нова претстава.

Уште малку за Трифолио, кога ја издедувавте на кумановски, дали тука повеќе ја прифаќаа и се смееја, или на другите места?

– Многу интерсно, што тука беше најприфатена поради самиот говор, а беше интересна во Крива Паланка, во Кочани на Фестивалот беше многу прифатена, за чудо, во Свети Николе што е доста блиску до Куманово, не беше толку добро прифатена. А во Куманово константно имапе аплауз цело време, ја имаме снимено за спомен.

Како ви се вика групата, има ли име?

– Групава сега е неформална и нема име, а тогаш беше Аматерски театар „Куманово”. За „Ништо без Трифолио” имаме и своја фан страница на фејсбук. Постерот ни го направи нашиот уметник Дарко Трајковски, кој локално е познат по тоа што Општината го ангажира да го разубавува градот со графити. Тој го претстави главниот лик како карикатура со сламка во уста. Сценариото е на Русомир Богдановски, а режијата, како што кажав, на Стоје Додевски.

На што се однесува претставата Дали дојде да ме видиш, каква е тематиката?

– Во неа сме седуммина, од кои што седмиот карактер се појавува еднаш и има реплика само на крајот. По истиот принцип, зедовме текст што е на српски јазик од црногорски автор, го преведовме на кумановски и се случи комедија, во која се зборува за црна хроника, но на комичен начин. Дејството се слулува во Југославија кон крај на педесеттите и почетокот на шеесеттите години, кога се одделува од Русија и едноставно тука има прашање како кој се чувствува – дел од популацијата дали е Сталин дали е за Тито?  Околу тоа се одвива сѐ. Дури има две фамилии, едната чиј син го глумам јас, се вљубува во ќерката на непријателите и тука е целото дејствие…

Како Јулија и Ромео, Капулети и Монтеки на македонски начин

– Да, да, на комичен југословенски јазик. Затоа текстот го преведовме на кумановски дијалект со мали измени, а дејството е направено за да се разбере и во денешната ситуација, затоа што нема секој да разбере што, на пример, се случило кога Русија влегла во Унгарија, друго време било тогаш.

Како вие како млади луѓе допревте до толку комплексна тема? Имавте ли лично удел како социолог?

– Јас многу малку имав удел во самото избирање на темата, но имавме дебати за тоа, што, како, зошто. Лидерот на групата Мики Јаневски, кој што беше и главниот лик во „Ништо без Трофолио”, тој нѐ собра и ја подготвивме во рок од три до четири месеци, активно. Беше ладно, немавме пристап до Културниот дом, ниту до Театарот, па ја подготвувавме во Средното техничко училиште, во училница. А бидејќи секогаш треба некој поискусен да ни ги претатави работите, за сценариото и режија, ни помогнаа Тони и Тина Трајковски. Премиерата беше во НУЦК  „Трајко Прокопиев”, минатиот јуни.

Кој ве финансираше?

– На почеток немавме ништо, само сува волја и со тоа почнавме, потоа некои членови од групата најдоа некои спонзор и се споивме со „Порака наша”, за да поголемиот дел од средствата од билетите ги дадеме како донација на луѓе со посебно потреби.

Вие, веќе имате социјално ангажиран театар, затоа што подготвувате теми кои допираат многу суштини, а од друга страна со вашето вклучување во активноста на Порака наша давате една поголема порака. Која ви е целта?

– Подобро го кажавте Вие отколку што јас би можел да го кажам, најискрено. Едноставно со нешто што почна од љубов и од некој вид на креативност и акција, целта ни беше на некој начин да помогнеме и на тие што најмногу им треба помош.

Некои од тие глумци аматери, продолжија ли на Академија за глумци?

– Неколкумина од нив пробаа, но не успеаја, бидејќи комплицирано е да се влезе таму. Едноставно, уметноста генерално во Македонија е затворен круг.

Дали и во Италија наiдовте на таков ѕид?

–  Таму е сосема спротивно, таму финансираат од страна некој да дојде да им помогне.

 Според Вас, во Куманово има ли клима за аматерско дејствување во уметноста?

– Од секој аспект да, бидејќи константно гледам луѓе со гитари на грб, а има и фантастични музичари. Исто така имаме огромен интерес, не само за уметноста, туку и за спорт, но немаме инфраструктура, немаме институции за тоа да се поддржи.

Што би направиле за младите кога би имале шанса?

-Па Куманово има културно – уметнички настани. Особено музички настани. Куманово е познато по хуморот, генерално имаме сцена за театар и уметност, но како да се недостижни за некој што сака да проба, и да навлезе во тоа, или нема отворени врати од икс ипсилon причини – дали ќе е тоа од што му е страв, како мене што ми беше на почеток, или воопшто нема кој да го упати, каде да побара насока. Веќе кажав, ние во тоа време, наидовме на соработка со невладина организација, која нѐ спои за да направиме нешто. Сега тоа го нема, за жал.

За кој тип на уметност сметате дека во Куманово има најголем интерес музиката, театарот, шегите, ликовната уметност?

-Во Куманово би кажал – музиката и хуморот отсекогаш тие две одат заедно, а ако успееме да ги споиме музиката и хуморот во една прекрасна театарска претстава, би било одлично.

Давате идеја да се направи, да ви се приклучат музичари?

– Искрено, сега добив таква идеја при нашето зборување. Би можело нешто да се направи.

А во областа на Вашата професија што планирате понатаму?

– Во областа на мојата работа, јас сакам да образувам. Сакам да говорам. Реков дека сум авантурист и не сакам монотона работа, да седам затворен во канцеларија. Но, на некој начин и образованието го гледам како еден затворен круг во Македонија. Многу е тешко да се влезе и да се опстане таму.

А имате план Б, странство, ако не?

– Секако, секако.

Кои филозофи Ве инспирираат, како и драмски писатели, чии дела најмногу Ве допираат.

– Мене мислата ми е многу побитна, акцијата ми е многу побитна, движењето и перцепцијата и интерпретацијата на самото тоа, бидејќи секогаш прашањето се врти околу „Што сакал да каже авторот?”. Епа тоа прашање е како постмодерна уметност, секогаш може да се интерпретира на различен начин, единствен начин да знаеме е да го прашаме авторот, ако е жив. Тоа е тоа.

Ако воопшто и мислел нешто поинаку, или можеби го кажал само тоа што го мислел

– Тоа е интересно, тоа е еден вид на модерен парадокс дури и постмодерен би кажал. А што всушност ќе дојде до нас? Ќе дојде до нас само тоа што ние ќе го разбереме од самото дело.

Значи за Вас пораката е поважна отколку славата на авторот?

– Дефинитивно. Затоа не се истакнувам многу да кажам„јас, па јас”, ако забележавте и во интервјуто секогаш велам „ние како група”.

Тоа значи дека Вие веќе сосема сте социјализиран во средината и се чувствувате како дел од општеството, а не како некогаш што сте биле затворен? Со помош на тоа што сте влегле во светот на уметноста, сте го прошириле својот свет...

– Мислам дека воопшто треба да покажеме повеќе солидарност кон сите во општеството, без разлика на тоа дали ние се согласуваме со нив или не. И практикувам нешто што е многу точно – секогаш кога говорам со некој, претпоставувам дека знае нешто што јас не знам и ќе направиме муабет. Колку и да сметам дека не е во право, или дека сме во некаков конфликт, најдобро е да се направи муабет и ќе сфатиме дека немаме толку различности и дека имаме многу повеќе сличности меѓу себе. А тоа е нешто што уметноста го прави на свој начин, со тоа што ти дава за право да можеш нечие дело, дали ќе е скулптура, дали ќе е театарска претстава, да го интепретираш на свој начин и преку својата перцепција.

Која е Вашето кумановско мото и некоја најголема шега што Ве асоцира на родниот град, која би сакале сега да ја споделите со пошироката публика?

– Ха, ха, кумановска шега? Кога бев во прва година на факултет имав колега со кој сѐ уште не се знаевме, меѓутоа ме позна дека сум од Куманово и ме прозиваше пред дваесет луѓе и ми вели „Еј, кумановац, кажи виц”. Јас се закочив, малку ме стави во незгодно. Јас секогаш претпочитам да импровизирам нешто, повеќе отколку да репродуцирам нешто туѓо и затоа не сум толку голем фан на вицовите. Сакам нешто спонтано да се случи, во тоа е шармот, во тоа е харизмата, во тоа е суштината на моментот. И тоа мене некако ми има посебен впечаток оставено. Вака, се чувствувам исфорсирано, а сакам повеќе да се фокусирам на мојата интуиција и на спонтаноста.

Сепак, со што би ме насмеале мене, конкретно...

– Тогаш ќе се префрлам на кумановски „кд ќе направимо претставу па, би сакаја да дојдете”.

 Да глуму?

– Можете да пробате, зошто да не?!

Какву улогу би ми дале?

– Ќе биде улога на кумановка и ќе пробамо неколку различни варијанти да видимо што на Вас ќе ви се погоди, зашто кумановски е много специфично, али ќе биде интересно.

Си пружамо рука?

– Дефинитиво. Добредојдовте!

Добро ве најдов.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго