Почетна КОЛУМНИ Зошто е потребно ЕВН да се национализира ?

Зошто е потребно ЕВН да се национализира ?

Револтот кај народот поради нереалните и пред сѐ високи сметки за потрошена електрична енергија за јануари 2025 година е оправдан. ЕВН од позиција на загарантирана сила и моќ целосно го узурпира енергетскиот пазар во Македонија и настапува како компанија која ги диктира и задкулисно ги пропишува условите под кои ќе се врши енергетскиот бизнис во Македонија.

Делот од дистрибутивната мрежа на ЕЕС на Македонија, или сегашно ЕВН, е продаден во 2006 година за 225 милиони евра со обврска за инвестиција од дополнителни 96 милиони евра во наредните три години. Овој „бонбона бизнис”, е по принципот – распродај го богатството на својот народ и како награда ќе бидеш устоличен во НАТО.

Зошто ЕВН е потребно да се национализира ?

– До ден денес јавно не е обелоденет договорот по којшто е продаден дистрибитвниот дел од ЕЕС на Македонија. Иако тогашната влада на Бучковски објави дека во тендерската постапка учетвувале три компании од кои најповолна била понудата на ЕВН.

Luxury Catering Service

– Да се потсетиме дека по продажбата на дистрибутивната мрежа во Собранито на Македонија следуваа низа измени на законски решенија во корист на ЕВН.

– Денес, после 19 години од продажбата на ЕСМ, дистрибуцијата  сѐ уште во Бирото за метрологија нема еталон за проверка на точноста на броилата, со коишто се мери потрошената електрична енергија.

– РКЕ воведе тарифен модел со којшто се овозможува манипулација во прикажувањето на потрошената електрична енергија на потрошувачите, со премин од поефтин во поскап тарифен блок. Оваа манипулација е изразена особено при промена на цената на електричната енергија, односно при нејзиното поскапување на почетокот или на средината на годината (во јануари или јули). Иако РКЕ призна дека имало погрешна проценка на потрошената електрична енергија и дека броилата не се отчитани, сепак ЕВН ќе остане неказнета. Народот е веќе свесен дека РКЕ не работи во полза на народот туку во полза на компаниите кои немилосрдно го крадат народот.

– Ќе цитирам еден пример кој го истакна Здружението на инженери на Република Македонија. Најголем дел од потрошувачите (околу 80% домаќинствата) влегуваат во вториот ценовен блок (211-630 kWh за 30 дена) особено во зимските месеци. Ако едно семејство троши рамномерно 630 kWh месечно, а со паушално пресметување се намали потрошувачката за 10% во еден месец (576 kWh), во следниот месец реалната потрошувачка ќе покаже повисоки вредности (693 kWh). Така, 63 kWh ќе преминат во третиот, поскап блок, што води до дополнителни трошоци и тоа 117,5 денари како добивка за ЕВН, 21,1 денар како ДДВ или вкупно 138,6 денари неправедна наплата по домаќинство. Ако оваа грешка се повторува шест пати годишно и ако 15% од броилата се неотчитани секој месец (околу 137.000 потрошувачи), тогаш граѓаните можат да бидат оштетени за околу еден милион евра годишно, од кои 18% завршуваат во државниот буџет“.

– Според Еуростад, Македонија има најскапа електрична енергија во 2024 година дефинирана на просечно ниво од 6,08 денари за KWh, Албанија 5,72 денари за KWh, Црна Гора 5,49 денари за KWh, Србија 4,81 денари за KWh, БиХ 4,45 денари за KWh и Косово 4,05 денари за потрошен KWh потрошена електрична енергија.

– РКЕ воведе тарифа од 200 денари за пристап до мрежа. Математиката е многу едноставна 600 000 домаќинства х 3,5 евра х 12 месеци = 25 200 000 евра годишно за ЕВН. За 10 години целосно само од таксата се отплаќа првичниот влог на ЕВН за откупуваење на дистрибутивната мрежа на ЕЕС на Македонија. Денес доколку во период од еден месец не вклучите ниту една светилка или ги спуштите осигурачите во вашиот дом ќе треба да платите сметка од 420 денари.

Наведените 7 точки се доволен основ за раскинување на договорт со ЕВН и за национализација на дистрибутивната мрежа на ЕЕС на Македонија.

 

М-р Дејан Димовски, дипл. eл. инж.

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.