Почетна Вести „Години молк нѐ доведоа до минута молчење“

„Години молк нѐ доведоа до минута молчење“

Трагедија. Голема трагедија, која се случи во дискотека во Кочани. Во синоќешниот пожар во дискотеката „Пулс“, според првичните информации на МВР, починале 59, а 155 се повредени. Трагедија, која за жал е „уште едно потсетување дека во нашето општество владее недостиг на одговорност и совест“.

Со огромна болка и потресеност, од името на редакцијата на Плоштад, упатуваме сочувство до семејствата и ближните на трагично загинатите и повредените во катастрофалниот пожар во Кочани, што сите нѐ зави во темнина…

Ако постоеше грижа, ако секој ја преземеше својата одговорност сериозно, колку ли животи ќе беа спасени…?

Ако постоеше одговорност и имаше совесност и исправање на грешките, ќе се повторуваа ли вакви трагедии во кои животот на младите луѓе е заложник?

Luxury Catering Service

Ако немавме кратко паметење за сите заташкани несреќи, за кои бевме очевидци, ќе бевме ли, за жал, повторно очевидци за тоа како неодговорноста, небрежноста и алчноста доведуваат до ненадоместливи загуби?

Сите сме виновни. Сите до еден. И институции, и граѓани и родители. Затоа што не реагираме, пасивни сме, не апелираме, не делуваме, не сме ангажирано општество.

Во „шупата“ во која имало околу 1500 млади, и кои, со своите младешки надежи, отишле да се забавуваат на „свирката“ на нивната омилена група ДНК, надежите беа закопани. ДНК и нивните обожаватели беа заедно во траорната вечер, која требаше да биде добра забава.

Вистината излегува на виделина. Ниту еден безбедносен протокол не бил запазен. Немало излези за итни случаи, немало контрола на материјалот од кој се градени, немало стручни лица кои можеле да одредат што смеело, а што не смеело да се користи, не постоела редарска служба која ќе интервенира во вакви моменти и плус, внатре имало петкратно повеќе луѓе од капацитетот на објектот.

Оваа трагедија не смееше да се случи. Се случи само затоа што некој кој требало да се грижи, не се грижел превентивно за безбедноста.

Во оваа наша мала држава, се случија премногу масовни трагедии – на патишта, во болници, на езера, во дискотеки…

А главната причина е нечија неодговорност и нечија алчност. Нема алиби за ставот дека некој друг ни е крив, поточно, дека во претходното политичко владеење се случиле пропустите.

Нема молк додека не се добијат сите можни одговори на сите поставени прашања и изразени сомневања. Бидејки, со право, овој тажен и немил настан може да се третира како убиство „поради човечки фактор“ кој свесно ги игнорирал обврските и процедурите. А тој човечки фактор се, и  организаторот и изведувачите и  институциите, и сите други од магичниот круг наречен корупција.

Затоа, секоја критика до власта, и до сите претходни власти, всушност е повик за будење на свеста. И кај нив, и кај нас. А кога ќе има свест, сите ќе работиме совесно.

Засега, Јавното обвинителство ќе бара краткотраен притвор за десет лица, за кои во текот на вчерашниот ден се обезбедени докази за евентуална одговорност за пожарот. А од вчерашниот увид на лице место, јавни обвинители утврдиле дека „објектот немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на задниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објекотот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без друштво со овластување за палење на пиротехничките материјали. Бил регистриран како деловен објект за лесна индустрија и не е извршена пренамена во угостителски објект. Сослушан бил еден од организаторите на настанот и утврдено е дека немало писмен договор меѓу организаторот и групата за организирање на концертот.“

На социјалните мрежи имаше статус дека години молк нѐ доведоа до минута молчење…

 

Р.П.