Постојат ли зборови?!
Постојат ли чувства?!
Постои ли начин да се каже било што?!
Многу адекватно ми се наметнува една мисла од Виктор Франкл кој говори од позиција на професионалец, со тоа што јас ќе ја проширам и во однос на придонесот на психотерапевтите, психијатрите…
„Ние не знаеме сѐ, ниту сме семоќни, но сме сеприсутни“.
А, сеприсутноста понекогаш значи најмногу.
Особено во првата фаза на акутна стресна реакција 24/ 48/ 72 часа.
Кога зборовите ќе стивнат од кнедлата во грло, кога ќе надвладее она човечкото, хуманоста, алтруизмот… Кога повеќе од секогаш сеприсутноста значи да бидеш сламка за која давеникот може да се фати.
Од друга страна тоа подразбира; подготвеност, стабилност, пожртвуваност, флексибилност, способност, истрајност, но и подеднаков ризик да се удавиш со давеникот.
Терминот „катастрофа“ старите Грци го преведувале како „лоша ѕвезда“, држејќи се до „фактот“ дека катастрофите се случуваат кога ѕвездите на небото се лошо распоредени.
Кој ли лош распоред на ѕвезди беше таа кобна вечер над небото над Кочани?! Катастрофа предизвикана од човечки фактор, која во неповрат однесе 59 млади животи и еден професионалец. Катастрофа, во која дирекно беа засегнати околу илјада и повеќе млади луѓе, како една од највулнерабилните (осетливите) категории на општеството.
Катастрофата е циклична
Катастрофите сами по себе оставаат долгорочни последици. Тие во себе носат трауматично искуство кое го надминува вообичаеното и секојдневното. Често во пракса ги мешаме стресот и траумата, а свесноста за ова можеби ја спознаваме дури кога ќе ја почувствуваме, или, не дај Боже, доживееме разликата.
Стресот, би рекла, е зачин на животот, непријатноста која ја чувствуваме при некоја наша креативна адаптација.
Траумата е повреда.
Катастрофите се глобални реакцијата на секоја една личност и индивидуа.
Она што е симптоматично е што катастрофите оставаат и трансгенерациски последици и трауми.
За жал, нам ни се случи токму една таква катастрофа. Станува збор за една циклична катастрофа, од кој повеќе од сигурно последиците допрва ќе следуваат.
Централно место заземаат дирекно инволвираните, примарно истрауматизираните и повредените. Следни се примарните семејства на инволвираните и директните стручни тимови на терен кои пружаат медицинска и психо – социјална помош и заштита.
Катастрофите се глобални, секако повеќе од очигледно е дека и народот воопшто не е имунизиран, особено не од медиумите и социјалните мрежи, кои без цензура и безрезервно се потрудија да ја подрашират катастрофата, не размислувајќи дека сите тие клипови, снимки и слично, ги гледа дел од пошироката маса… Битни беа себичните пориви.
А, дали некој се запраша како тоа делува на секоја една психички и здравствено нестабилна личност? Како делува на некое дете, кое е квалитативно и квантитативно различно од возрасните?
И нормално, на крај катастрофата ни го зафати и целото општество, кое потфрли по сите принципи, без било каква потреба да се атакува некој…
Не вреди!
Неможноста да се соочиме, нели, вообичаено кога катастрофите се во прашање…
Велат, никогаш не се простуваат оние предизвикани од човечкиот фактор.
Фази на катастрофа
Ако природно го набљудуваме текот на една катастрофа, можеме попластично да ја согледаме низ три фази.
– Херојска фаза која трае првите 7 дена по катастрофата, а специфична е по тоа што се користат сите расположиви човечки ресурси за пружање примарна помош, фокус е на инстиктивното, човечкото.
– „Меден месец“ се нарекува фазата која трае во период некаде од 2 до 4 недели и ова е фаза кога се пристапува кон пружање хуманитарна и парична помош, а фокусот е на заедништвото “не сте сами“.
– Губење на илузија е всушност завршното впуштање и враќање во реалноста по катастрофата и трае од 1 до 1,5 година, последиците се последователни.
Поддршка при катастрофа
Низ сите фази на катастрофата поддршката е неминовна. Во првата фаза е првично човечката присутност, да се препознае, да се насочи, да се пружи психосоцијална помош и заштита. Но, и оние кои пружаат помош и поддршка, треба да се вмрежени: активност- комуникација- воспоставување систем на поддршка.
Најнеопходна е поддршката на ниво на групи, колективи, локална заедница. Се чини дека во втората фаза таа е најизразена, но нејзината неопходност е токму во процесот на фазата на губење илузија. Чувството дека: не сум сам/а во ова, се чувствувам безбедно, прифатено, разбрано, поддржано и слично.
Место и простор за средби со луѓе кои поминуваат низ истото животно искуство можеби е една од превентивите, со оглед на тоа што по ваква катастрофа се очекува развивање на последици со инциденца зголемена за три пати повеќе (со оглед што катастрофата е лоцирана најмногу на млади луѓе, меѓу кои имаше и неполнолетни, потоа примарни семејства кои ги изгубија своите деца, професионалци кои пред сѐ се живи луѓе, луѓе и деца кои можеби дирекно немале контакт, но доволно е да виделе некоја сцена, слика која може да ја поттикне траумата).
Исход
Страотно е она што не може да се предвиди каков исход нѐ очекува по оваа катастрофа. Повеќе од очигледно е дека никој не е имун на истата. Факторите за ризик се подеднакви како и протективните фактори. Ако се запрашаме кој е подложен на катастрофите, првично мора да напоменам дека не секоја катастрофа секој ја доживува на ист начин и со ист интензитет. За некој тригер фактор може да биде ваква енормна катастрофа, за некој загубата на блиска личност, за некој нискиот социо – економски статус, тука нема правила. Но, повеќе од сигурно битна улога имаат био- психо- социјалните фактори на една личност, кои индиректно ја условуваат и нејзината резилиентност. Тука има улога генезата, темпераментот, присуство на разни болести, социјализација, вредности, флексибилност, поддршката, примарното семејство, социо- економскиот статус, последователната поддршка и слично.
Вообичаено по вакви катастрофи се говори за развивање на Акутна стресна реакција/ состојба како и Посттрауматско стрес растројство PTSD. Истиве вообичаено одат во комбинација со друга дијагноза како депресија, анксиозност, панични напади, промена на расположение, злоупотреба на психотропни супстанци и алкохол и слично.
Траумата може да трае и многу долго. Нормално се смета тагата да трае до шест месеци, сѐ над тоа во Америка се смета за дијагноза, кај нас е поразлично. Тагата е функционална негативна емоција, проблемот е кога преминува во депресија, тогаш се соочуваме со нефункционална негативна емоција.
Сѐ има свој процес на тагување, растење и промена. Постои Комплексен PTSD кој може да доведе и до Трајна промена на личноста. По секоја траума човекот се менува. Постои менување кое ескалира на лошо, во правец на психоза, меѓутоа постои и така наречен Посттрауматски раст, кога една личност има можност да ги искористи ресурсите од траумата и да ја зголеми својата резилиентност.
Деновиве, со моите колеги сме вклучени во тимовите за пружање психо – социјална помош и заштита. Постојано даваме поддршка онлајн и на телефон, се координираме, се надоградуваме, споделуваме искуства.
Како човек кој пред сѐ има доживеано траума од човечки фактор и како професионалец кој има искуство во работа со траума, можам да кажам дека како ќе ја испроцесуираме траумата е во наша корист или на наша штета. Живи луѓе сме, секому сѐ може да му се случи. Не постои нормална личност која траумата нема да ја допре, но после сѐ, мора да се оди понатаму…
Секоја траума е приказна за себе и индивидуално искуство, ниту една работа со траума не е идентично иста, секоја носи свои специфики, но искуството без човечноста е ништо. Доколку имате било каква потреба ви стојам на располагање, а во прилог ги оставам линковите за контакт.
Комплетно разбирам и сочувствувам, пред сѐ како родител.
„Кога ќе го спознаете ужасот од сопствено искуство наоружани сте против сѐ во животот“, Ана Франк.
Гордана Нестора – дипл.социјален работник, сертифициран интегративен психотерапевт, сертифициран едукатор, автор и писател
https://www.youtube.com/@psihoterapeut.gordananestora
https://www.facebook.com/share/1B3N2LGf9w/
https://www.instagram.com/psihoterapeut.gordananestora?igsh=ejlreGExYTZzaHhsо