М-р Орхан Дуро Јашаровски по вокација е актер, по титула е магистер по глума и режија, а по работен ангажман е дел од Кумановскиот народен театар. Всушност, паралелно работи на повеќе полиња.
Без бели ракавици, без влакна на јазикот, без затскривање, директно и отворено поразговаравме за горливи прашања, на чие решавање е насочено целокупното негово дејствување.
Тој планини би поместил со цел да се оствари сонот на генерации Роми, за подобра и подостоинствена иднина.
Господин Орхан, прво би прашала која е Вашата примарна професија, со што се занимавате?
– Јас сум дипломиран актер, завршив во Бугарија во далечната 2001 година. Потоа специјализирав уште две години во Софија и станав магистер по театарска и филмска режија. Се занимавав малку со политика со цел да направиме ромски театар. Такаречи не успеав, бев девет години во рамковен договор и еве веќе петта година откако сум преземен во националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“- Куманово, но не ни како актер, не ни како режисер, туку во одделот за маркетинг и односи со јавност. Но, за жал од икс причини јас за четири години досега немам немам одржано ниедна прес конференција.
Не работите соодветно? Како сте се нашле на тоа место?
– Лошо бев преземен и тогаш немав пријател правник да ми каже – „Чекај малку, не прифаќај!“. Но во ред, не се лутам, колегите и директорот ме прифатија и така си продолжи тоа. Ах, заборавив да кажам, јас во секоја друга институција и во секој друг театар можам да режирам, а во својот не, бидејќи ќе имало конфликт на интереси, што нема врска, затоа што јас сум во администрација. Сега, бидејќи нема други роми со мојот факултет во Куманово, а и во Македонија, ќе притиснам многу, ќе притиснам да си дојдам таму каде што ми е место. Затоа што, меѓудругото и платата ми е на половина.
Како тогаш одржувате кондиција во професијата?
– Од 2008 година имам невладина организација во Куманово, Ромски културен центар „Чирикља“, или во превод „Птици“. Секоја година аплицирам со проекти во министерство и секоја година добивам. Жално е што добивавме многу малку средства. Е, оваа година добивме 150.000 денари за моноспектакл, кој што досега ми е најголемиот проект. Нашите навикнале моноспектакл да е со еден човек, светло, музика и крај. Но јас ќе му дадам една друга димензија…
Кои се вашите досегашни театарски активности?
– Изминативе две децении сум бил дел од ромскиот театар „Рома“ од Скопје, секако и дел од мојата невладина организација, но работев и самостојно. Работев достав, но ова сакам да го потенцирам, досега правев да биде мулти- култи, да има застапено ромски, македонски, англиски, албански јазик и пред македонците да се докажам колку вредам. Тоа најверојатно ми била голема грешка и затоа отсега ќе работам строго само на ромски, па кој разбете, разбере… Минатата година за прв пат аплицирав во национална установа во Крива Паланка, како Град на културата, и добив проект од, замислете, 46.000 денари за цела претстава. Не стигнуваа, но јас од инает решив да го направам „Кралот Иби“ од Алфред Жари и ја направив. Инаку, секоја година со „Чирикља“ учествувам на фестивал „Малката Мелпомена“ во Пловдив, Бугарија. Во 2022 година таму станавме лауреати со еден детски спектакл „Камината“ и добивме 1500 евра. Беше многу убаво. Ја одиграа дечиња од осмо одделение и од средно образование. Минатата година гостував на еден многу интересен фестивал во Благоевград, кој беше хуманитарен. Големи луѓе дојдоа. Таму беше и министерот за култура. Сега во моментов работиме на еден долгометражен ромски филм „А мари маала“(„Наше маало“), кој се работи во Ќустендил, а јас влегувам како режисер. Сценарист е бугаринот Валериј. Се работи на тоа да се прошири сценариото, не може да биде само за Ќустендил, ако сакаме да направиме нешто балканско мора да е тука Македонија, Србија, па и Грција и Албанија. Во септември треба да стартуваме со снимање, бидејќи околу 300.000 евра мислам, се веќе обезбедени во Бугарија, а тука покровител ќе ни биде министерот Шабан Салиу.
Каков друг ангажман имате во моментов?
– Оваа година, на 25 април, повторно ќе учествуваме на фестивалот во Пловдив, но тоа нема да е со натпреварувачки карактер. Поради финансиска ситуација најверојатно ќе е ревијален и нас, како поранешни лауреати, нѐ поканија да гостуваме со најновата претстава или мјузикл. Јас имам екипа која што знае да свири, да игра… Што се однесува за овој проект, повторно одиме со скромни суми. А од друга страна многу изненадувачки – Министерство за култура и туризам дава пари и не гледа кој што сѐ прави. Луѓето кажуваат земале пари за многу големи проекти. Јас тоа никогаш не сум го правел. Е сега би сакал уште нешто да напоменам, ве молам разгледајте го буџетот за 2025 година и побарајте дали загарантираните 2,7 отсто се одобрени за Ромите. Со сигурност не се одобрени. Ромите во Македонија најмалку добиваат. Па дури и тие што се како мене се со факултет не се ни на соодветно место.
Се добива впечаток дека не е само што малку добиваат туку и малку лобираат. Секогаш како да даваат предност на сите, а за себе не знаат да се изборат. Се согласувате или можеби грешам?
– 50-50. Сега ќе ви кажам и зошто. Јас многу се карам со моите пријатели организатори, затоа што тие за фестивал бараат минимални средства, од 2000 евра. Јас им велам „Луѓе, како ќе ви дојдам јас со претстава?“. Тие не знаат што се случува во Македонија, јас благодарение на тоа што сум во институција гледам. Една македонска, албанската драма не е под 800.000 денари. Јас им велам „Побарајте повеќе пари за да можам да направам добра претстава, а таа без четири, пет илјади евра не може да се направи, затоа што тука не е само режисерот, тука се еден куп професионалци“… Но тие, нашите Роми, го мешаат аматеризмот и професионализмот. Нека си работаат во аматеризам, никој не им брани, но и нас според Уставот ни е загарантирано како што има НУЦК „Трајко Прокопиев“, како што албанците, турците имаат национална установа, да имаме и ние. Значи под итно Владата треба да направи НУЦК и за нас. Нека биде „Шаип Јусуф“, нема врска кое име ќе му стават. И ќе ме преземаат мене, ќе ја преземаат Санела, Џенгис, Емра Кутришова. Ние имаме кадар само што сме раштркани, еден во Тетово, еден во Театар за деца и младинци, еден во Шутка во градинка, јас во Куманово… Нека биде на ромски, но нека има и македонски театарџии. Лесно се учи јазикот. Еве последно глумам во филм на Јани Бојаџи, „Утре, наутро“. Целиот филм е на ромски. Јас го играм Дурмиш, сметководител на главниот лик (кој го толкува Васил Зафирчев). Но, таму ќе видите како нашите македонски актери го учат ромскиот јазик. За глумецот тоа не е проблем, да зборува на ромски, на англиски, на италијански…
Вашата невладина рековте постои од 2008 наваму…
– Да, постоиме од 2008, но невладината не работеше интензивно секоја година. Во 2008/2009 за прв пат ја поставив „Бегалка“ во Кумановскиот театар, на ромски јазик. Тогаш финансиската поддршка дојде од Европска Унија. Сите глумци беа роми- Северџан Бајрам, Муарем Рамуш Цирко, Санела Емин, Емра Куртишова. Ах. Ние имаше да направивме многу повеќе отколку што направи „Пралипе“, само ни треба една куќа, една национална установа и да се почне.
Може ли да ви откријам една моја тајна, јас се дозаљубив во театарот најмногу поради „Пралипе“. Кога работев во „Охридско лето“ во деведесеттите, тие на Имарет ја даваат „Ромео и Јулија“, со многу експресивна изведба од актерите, и, иако зборуваа на ромски сѐ како да ги разбрав. Дури на крај испициентот ми ја подари чашата и круната, ги чувам за спомен. Но, рековте ќе се тркате со нив, па можеби некои други генерации ќе се заљубат во ромската уметност поради вашите изведби…
– Јас не сакам да се тркам со никого, затоа што не сакам да копирам. На академијата прво правило е: „Забранета копија!“. Рахим Бурхан (режисерот и предводникот на „Пралипе“) бил принуден да прави психофизика, затоа што тие времиња тоа го барале. Јас сум ја режирал „Три сестри“ од Чехов, во театар „Рома“ ја режирав „Вител“ од Коле Чашуле и многу други. Во театар „Рома“ дојдов по завршувањето на студиите и половина екипа на Рахим Бурхан ја затекнав таму. Инаку тој беше пријател со татко ми Дурмеш Јашаровски, кој во тоа време беше аматерски режисер, заедно со Стоје Додевски, заедно со Рахим Бурхан. И пак ќе кажам, значи најголема грешка правиме што мешаме аматеризам и професионализам.
Зарем сметате дека „Пралипе“ е аматерски ансамбл?
– Штом немаат национална установа… Тие може да се десет пати подобри, но, дали ме разбирате?
Значи, го отвораме она главно прашање – барате институционализација…
– Пандорината кутија мора да се отвори.
Но знаете што, нема дилема дека вашата констатација и барање се сосема легални, ама дали некогаш сте седнале на маса со Бурхан и со други ромски творци и да го покренете тоа прашање?
– Не знам зошто ама тој бега од мене, уште од 2001 година кога јас со мојата екипа настапував на фестивал во Киев, Украина, каде станав лауреат, а тој не дошол, наводно поради мене. Јас многу сакам да седнам да зборувам со него и само ќе го прашам „Зошто господине, сте работеле цел живот, а немате НУЦК тука? Требаше во Шутка да направите зграда на која што ќе пишува Национална установа!“… Нека пишува и НУЦК „Рахим Бурхан“, немам ништо против, ама таму да има чистач ром, да има инспициент ром, да има сценограф, костимограф, реквизитер, асистент режисер, режисер, драматург ром, значи цела постава. Тоа е успехот.
Што доколку државата реши ете во Куманово да направи таков центар?
– Во Куманово не би можело, ние тука веќе сме две во едно – македонска и албанска драма. Нашиот театар се реновира и привремено сме во Домот на културата. Но, ако се сака сѐ се може, тоа е само една одлука на Влада. И ако Владата донесе таква одлука, јас уште сега ќе пуштам текст за да се изведува во 2026 година. Јас сум сигурен ние ромите, кога ќе се направи Ромскиот театар со тапија, со сите нишани, ќе бидеме број еден во Македонија. Од аутсајдери, број еден. Зошто? Бидејќи ромите се желни да играат. Бидејќи нашиот народ е музикален, знае да свири, да игра, тоа што дури и во повеќето професионални театри го нема.
Вашата невладина организација се занимава само со театар?
– Само со театар. Може да се прошириме и со филм. Ние официјално сме регистрирани во 2008 година, но како група се бавиме со театар веднаш по моето дипломирање 2000-2001 година. Тогаш во Куманово имаше три здруженија, а здружение „ДРОМ“ нѐ собра и ја игравме премиерно претставата „Полковникот Птица“ на Христо Бојков. Тоа беше одбрана на мојата магистерска работа, јас го поканив лично и авторот Христо Бојчев од Софија, и тука го играв во Центарот за култура, каде што цело жири заедно со авторот беа на сцената. 650 седишта, салата беше полна, зимно време немаше греење. Уште немаме греење тука, да ви кажам. Тогаш па јас млад ентузијаст, неженет, сум работел со сите ромски театри. Кога кажувам театар дури ми е срам, тоа се сите здруженија. Но, ајде условно кажано, аматерски театри. Ја работев „Три сестри“ од Чехов, со „Рома“ ја работев „Вител“ од Коле Чашуле, освојувавме награди, кршевме мраз. Во мај 2003 година со „Вител“ зедовме учество на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани и освоивме специјална награда за Најдобар експериментален израз на сцена. Во 2004 година меѓу 87 апликанти – театарски групи за учество на Меѓународниот театарски фестивал што се одржа од 22-30 мај, во Денизли, Турција, бевме избрани со претставата „Вител“, а нашиот настап на градскиот плоштад предизвика посебен интерес кај организаторите, публиката, театарските критичари, печатот и електронските медиуми во Турција. Во 2010 година учествувавме на меѓународниот театарски фестивал во Банска Бистрица, Словачка… А со феноменалната комедија „Не те познавам веќе“ од Алдо Бенедети во организациона соработка со мојот сегашен директор Сашо за прв пат игравме на „Денови на кумановска комедија 2018“. Таму сме јас, Цирко Кољо и две, три македонски актерки. За прв пат дадовме камерна претстава во Куманово. Но, за жал тука ако пишете Орхан Јашаровски „Бегалка“, ќе се двоумат дали да дојдат. Зборувам за македонската публика. Таа поделеност некако не ја разбирам. Еве албанците кога имаат драма, јас како ром одам ги гледам, а нашите колеги не доаѓаат да гледаат. Бугарите кога доаѓаат половина сала е празна, а земете од Србија и најслаб аматер, однапред ќе се продадат билетите. Ние кумановци сме феномен.
Општо тоа е една пропаганда, а за Бугарите знаеме се ненадминливи во театар, нема збор.
– Тоа значи дека многу луѓе од нас не знаат да ја читаат уметноста, а се прават „Леле што видовме!“. Во едно мое интервју во Бугарија велам дека јас публиката ја делам хоризонтално и вертикално. Вертикално, во мојата свест замислувам дека половина од публиката е слепа, a другата половина е глува. Значи тие треба да разберат од мимиките, пантомимата и од говорот на актерите. А хоризонталната, тоа ми е најтешко да го кажам. А зошто? Велам, има еден, два, три ката… најдолу ги ставам тие луѓе што купиле билет, што се облекле и дошле да се фотографираат, а „п“ од претстава не знаат. На второ место се луѓето што прочитале некоја книга. А, најгоре сакам да ги ставам критичарите, но за жал во Македонија немаме критичари. Јас многу сакам за моја претстава да добијам не негативна критика, туку да биде посочено тоа што не сум го сработил. Досега немам такво нешто, а знаете зошто? Затоа што нашите, условно речено критичари, не знаат да читаат театарски знаци и елементи. Не се доволно начитани, мислам. На третиот кат ги ставам луѓето кои навистина го познаваат театарот, ја познаваат уметноста, а што не им е јасно, доаѓаат и прашуваат. Една година на „Охридско лето“ доаѓам со грчки ансамбл и ја даваме „Електра“. Најверојатно ме мислеа дека сум Грк, да знаеја дека сум ром немаше да дојдат, и доаѓа еден критичар и на грчки ми вели „Сигноми“, јас му велам „Ве молам, зборувајте на македонски“. И ми вели „Тие столбовите во претставата не ги разбрав“. Критичар, замислете… Си дадов пет секунди, се насмеав и му одговарам „Да, да колега така е“, и рецензија охоохо најубава (се смее).
Сценографијата беше грчка, а актерите Грци?
– Да, од Комотини. Претставата беше на грчки јазик. Јас во Комотини работев како хонорарен режисер.
Таму живеат Грци, но има и доста Турци…
– Има, да. Затоа користев и турска и индиска музика, а мене инспирацијата секогаш ми доаѓа од музиката. Но, таму луѓето се професионалци. На премиерата во амфитеатарот дојде и мојата сопруга. Почнуваше кај 9-10 навечер и бидејќи летно време ми вели „Ајде да излеземе малку, да каснеме нешто“. Излегуваме и се враќаме, но на влез ми покажуваат каде е билетарницата. „Јас сум режисерот“, им велам, а тие одговараат „Да, ние ве знаеме, но вашиот договор завршува со премиерата, а премиерата е за 20 минути“. Вие сте си ја завршиле работата, сте добиле хонорар, а доколку сакате да гледате, вели, ќе си платите. Трчам јас, купив два билети, кои уште ги чувам и се насмеав… Со задоволство платив 60 евра и седнав во публика и тогаш за прв пат во мојот живот немав трема. Не ми беше криво за тие 60 евра, во спротивно можеби немаше да си ги согледам сопствените грешки и само знам дека по 10 минути на сопругата, Кристина, ѝ велам „Дај ми лист!“, вели „Каде да ти најдам?“. И вади паломи од џеб и јас си ги запишував сопствените режисерски грешки. Отидовме на коктел и им велам „Момци да не ви ја расипувам забавата, се гледаме утре, тоа да се измени, тоа да се измени и одиме во Атина подготвени“. Награда добивме во театарот во Комотини.
Значи работите доста и во странство?
– Работам две три години интензивно, па една година паузирам, пак две три години интензивно па пак паузирам. Затоа што јас има договор и со „Summer school“ во Ваљево во Србија, и тоа се студенти и за нив работиме работилници и држиме часови за театар, музика…. Тоа е многу дебело платено. Го организира организација од Америка, сѐ е обезбедено. И со Благоевград имам потпишано меморандум за соработка. Јас обично премиерите ги правам кога треба да излезам надвор. Македонија ја користам само како работилница и однапред се знае каде се оди, каде ќе се настапува, каде можеме да добиеме награда, каде не…
Раскажете ни некое интересно доживување?
– Еден интересен пример мислам дека беше во Велико Трново, не ме фаќајте за збор. Обично кога аплицирам на сите им велам „Објавете го моето име во пет до 12“. „Ама зошто?“. „Ако видат колегите нема да ви дојдат“. И тоа се случи баш таа година кога отидовме таму. Само знаете што, има разлика меѓу колегите од Бугарите и од Македонија, со тие мои колеги ние имаме „творческа“ завист, љубомора на сцена. Кога тоа ќе заврши, седнуваме се гушкаме со групите од Бургас, од Пловдив, од Петрич… Убаво е што фестивалите во Бугарија не е доаѓаш и си одиш. Целиот фестивал го гледаш. И секој секого гледа и оценува. И првиот ден се запознаваме со тие што не се знаеме, и тој еден Сашо, Александар, ме гушка и вели „Колеги видовте ли ние дојдовме со автобус, со сценографија цел шлепер, а ова е Орхан од Македонија, тие дошле со два автомобили и со еден куфер, ама да знаете…Каде е тој њама прва награда. Б’дете сштасливи ако сме втори“. Јас „Чекај бе Саше, зошто така им правиш на луѓето, им ставаш комплекси“. И вечерта како станавме лауреати? Сега дали случајно или не, на половина претстава ни снемува струја. А јас требаше да бидам на пултот за музика и за светло истовремено. И во тој момент мене ми текнува го земам телефонот и на светилка излегувам на сцена и на публика ѝ велам: „Ајде момчета да видим телефоните“. Музиката си оди од латпопот, дејствието си оди, да сум сакал немаше така да го изрежирам. Сите вадат телефони и палат светилки и јас одам зад актерите и велам „Еее, тук требаше дека има димна машина, деца мои, замислете дека има димна машина“ и правиме шушкање „шшшшшшшшшшшш“ едно дваесет, триесет, секунди колку да се извлечам и само кога видов дојде струја се враќам и… Тогаш се боревме ние и театарот од Бургас со „Ромео и Јулија“, кои беа прекрасни и јас лично мислам дека тие требаше да добијат прва награда. Но, жири комисијата нѐ собира на тркалезна маса и Надежда, театарџивка во пензија, вели: „Колеги, не знам какво е станало, но това со лаптопот, со димната машина, този момент со телефонските светилки, е заради това решив Македонија да ја земе првата награда“. И јас ѝ велам – „Ама чекајте професорке, вие не знаете што? Не беше тоа планирано. Па некој од организаторите можеби зел пари да ни снема струја“… „Какво? Па во професионални театри ако снема струја паѓаат претстави“ ни одговори на бугарски… Организаторот презадоволен од нас, ни плати по уште едно хотелско сместување да преноќиме, на сите нас, дванааесетмина…
Ова е со театар „Рома“?
– Да, со театар „Рома“. Да бидам искрен повеќето наслови од мојата работна биографија беа со тој театар.
Сега работи театарот или не толку интензивно?
– Не толку интензивно, бидејќи претседателот што го води, господинот Фаат Абедин, здравствено не може да одговори. Тогаш, од наградата што ја добивме во Турција 2000 евра, јас мојот хонорар го донирав за бараката во Шутка, која сега гледам перална ја направиле. На театар „Рома“ во тоа време им дадоа една барака, во која вежбаме и детски претстави. Охоо, колку само детски претстави имам направено на ромски. Тие одеа по училишта низ Шутка и собираа по 10 денари за да ми платат пат. Јас го продадов мојот автомобил за да одам со автобус, процесот да не се прекине. Тоа беше прекрасна екипа, прекрасни луѓе, вљубени во театар, а јас сум спиел во таа барака. Со глувци сум спиел. Едно утро, еден пријател, да не го именувам, ми носи кафе, бидејќи немаше ни фрижидер, ни ништо, само едно креветче и импровизирани услови, а работиме и летно време, и доаѓа и јас плачам. „Ај Орхан зошто плачеш, што бидна?“. Му велам „Ми умре глувчето. Имав еден леген, имаше водичка, се удави глувчето“. Вели – „Ах бре, театар правиш, а со глувци спиеш“. И потоа ми најдоа соба кај еден пријател. Еј, сум спиел во барака без услови за да направам нешто. Е затоа јас им имам се лутам на некои луѓе. Треба да седнат сите тие и градоначалникот Курто Дудуш, со кого добро стојам, и да се побара не Дом на култура ами Национална театарска установа. Важно да се почне со процедурата.
Со бугарските театри имате контакт? Ве викаат кај нив нешто да работите?
– Обично во Бугарија не се платени и сега ќе откријам една тајна, тука од 9.000 денари па нагоре е најмалиот хонорар за второстепена улога. Во Бугарија тоа е најголемиот. И кога ќе направиш математика, излегува дека треба од свој џеб да плаќам. Ме поканија да играм главна улога во една позната тв серија, во која играше цела моја класа, но никако не ми излегуваше математиката. Кај нас во Македонија сценски работник зема 42.000 денари, а во Бугарија толку земаат драматурзите. Во Грција хонорарите ми беа по 15-20.000 евра за две години. Колку само проекти сум работел во Грција, но бидејќи тогаш немав европско државјанство, а тие нас не нѐ признаваат, ми велеа „Ќе мора да го пишеме Јорго режисер, а ти да земеш пари“. Или пак велат „Потпиши тука за 10.000 евра, дека се откажуваш од авторските права како режисер“
Тоа сте го правеле?
– Сум го правел, па зошто да не? Тоа се институции, а претставите беа на грчки. Во периодот од 2001 до 2008/9 година, потоа добив бугарски пасош и работите беа полесни.
Начнавме малку за моноспектаклот, ама не кажавме што сѐ ќе содржи…
– Па видете, имам една идеја да глуми Наталија, таа е единствена ромка која во Бугарија заврши факултет. Ако таа прифати ќе биде многу убаво. Самиот наслов во превод значи „Дневникот на еден луд“. Е сега женски род „Дневникот на една луда“. Таа знае да игра, да пее, а во заднина ќе ја појачам со инструменти. Во мојот спектакл мора да има свеќи мора да има, димни машини, мора да има прекрасна музика, ќе се уверите во тоа. Очекувам моноспектаклот да збуни многу критичари и многу новинари. А публиката да ужива. Јас сум најазадоволен кога публиката е задоволна. Сите ние работиме за публика. Премиерата ќе биде во НУЦК „Трајко Прокопиев“ бидејќи јас со нашиот директор имаме потпишано меморандум за соработка. Морам да кажам мене на Академија една од најсилните страни ми беа моноспектаклите, ги играв во трета година…
Кога отприлика да ја очекуваме премиерара, па да го продолжиме и нашиов разговор …
– Крајот на мај, ќе бидете свечено поканети со специјална покана и ви давам овластување кои сметате дека се најдобрите критичари од Македонија и надвор, слободно да ги поканете.
Ааа, така. Да ја гледаат и да дадат своја критика. Многу убаво резиме. Ви благодарам!
Валентина Ѓоргиевска Парго