„Музиката е откритие поголемо од сите мудрости и филозофии“ –
Лудвиг ван Бетовен
Уметникот, музичарот, мора да биде многу внимателен кога ќе сака да се ожени, затоа што никогаш не ја сфаќа својата способност да му го загорчи животот на партнерот, опседнат е со својата креативна работа и со проблемите пред кои се наоѓа, творејќи.
За сите големи светски откритија го знаеме времето и периодот во кои биле пронајдени, музиката не спаѓа во оваа категорија. Хомосапиенсот дури и не бил свесен дека одредени звуци кои ги слушал околу себе всушност претставувале музика.
Замислете го музичарот, кој сите звуци, шумови околу себе ги доживува како музика, или пак како инспирација за компонирање – создавање на музика. Музичарот живее во тој, би рекол паралелен свет, каде што само тој се наоѓа, нема ништо околу себе, само музика.
Музиката не можеш да ја сопреш, не можеш да ја затвориш во кафез, не можеш да ја апстрахираш, таа секогаш ќе биде околу тебе. Привилегија на уметникот е што неговите сетила ја чувствуваат.
А, ја чувствува секој, во секоја пригода, без притоа да е свесен за тоа. Свесен станува тогаш кога ќе ја чуе „својата“ песна, и самиот ќе се изненади кога ќе ја чуе другата „своја“ песна, и другата итн. Не ретко секој од нас ќе рече „Е, ова е мојата песна!“. Сите слушаме музика и секој од нас има некоја „своја“ песна.
Возвишено чувство е да се сака и да се почитува музиката. А, таа пак ни возвраќа со своите само осум ноти, да ја конзумираме во секакви пригоди. Ја слушаме после чашка, две, по што следува потреба од пуштање на поголеми децибели, ја слушаме на кафе – муабет, понекогаш и несвесни дека кафето можеби и токму затоа ни е пријатно, ја слушаме на веселби, ја слушаме кога сакаме да се одмориме – опуштено, но ја слушаме и во тажни и непријатни моменти. Ја слушаме секогаш, и најчесто не сме свесни за тоа.
Музиката често ни го кажува она кое со зборови не можеме да го разбереме, бидејќи таа зборува со емоции. Понекогаш тие се пријатни, но, понекогаш знаат да бидат и крајно непријатни, дури и страшни.
Таму кај што зборовите веќе не се доволни за да ја искажеме сопствената емоција, е тука настапува музиката која ќе ни помогне полесно да се искажеме, полесно да ги интерпретираме нашите чувства, полесно да допреме до она нешто коешто сакаме да го пренесеме, таму каде што зборовите затајуваат, таму каде зборовите се недоволни, таму каде што сме ограничени со моќта на искажаниот збор, таму настапува музиката да ни помогне „да ја довршиме мислата“, едноставно музиката ја има моќта на магијата.
Дали би можеле да го замислите светот, дали би можеле да го замислите животот без музика? Обидете се, вистински обидете се еден ден да ви помине без музика, заклучете ја во кафез, нема да ви успее, ха ха, ако ништо друго телефонот ќе ви заѕвони.
Музиката стави ја во кафез – ќе излета!
Музиката дури ја има и таа моќ да го промени светот, затоа што таа може да ги промени луѓето.
Ех, кога би нѐ променила нас овде, но на подобро. Тогаш би живееле во едно попристојно место, а можеби и токму тоа ни е потребно, да ѝ се препуштиме на музиката да нѐ промени, поинаку да се однесуваме, поинаку да го разбираме светот, да покажуваме повеќе чувство отколку сочувство.
Како што сликата на уметникот останува вечно, така и добрата музика останува за вечност. Сѐ уште слушаме музика компонирана векови наназад и се восхитуваме, но понекогаш и се запрашуваме, како е можно со само осум ноти да се компонираат такви дела кои никогаш нема да прекинат да се слушаат?
Музиката го пали огнот во срцата и предизвикува солзи во очите, без музиката животот би бил празен. И не само што музиката е откритие несразмерно поголемо од сите мудрости и филозофии, туку таа е секоја една бучава, звук, ветер, бран преточен низ осумте ноти на лист хартија…
Драган Јаким, професор
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.