Во самиот почеток на втората деценија на минатото столетие во Куманово почнале да пристигаат руските емигранти познатите Белогардејци, кои по поразот на „Белите“ во Граѓанската војна во Советскиот сојуз, по разни патишта пристигнале во Македонија и се населувале во нејзините градови. Тие доаѓале од разни краеви на Русија и биле со најразлични занимања и професии. Пристигнувале во Македонија по разни патишта, најчесто со бродови преку далечниот Владивосток до Солунското пристаниште, преку Турција, со бродови преку Црното Море во Бугарија, па потоа во тогашната Кралска Југославија.

На кумановската јавност, малку повеќе од сите Руси – емигранти дојдени во Куманово, им е познат инженерот Владимир Антонов кој дошол од рускиот град Тамбов и го задолжил градот со архитектонски дела кои ги оставил зад себе. Еден од тие архитектонски дела е и Касапскиот круг, кој спаѓа во склоп на старата општинска зграда. Инаку, Владимир како општински инженер бил вработен во 1925 година.

Касапски круг се нарекува, бидејќи власта во предвоена Југославија, дуќаните на кумановските месари ги лоцирала баш на тој простор, во општинскиот двор, а на тоа место пак се наоѓал комплексот „Стар мерак“, кој името на комплексот му го дал некогашниот професор по македонски јазик во кумановската гимназија, Благоја Игњатовски.
Историјата на целиот тој комплекс со поранешната Општина, влече корени од третата деценија на минатиот век.
Како што вели Д. Масевски (2019), за Општината и целиот тој комплекс, не се пронајдени оние најосновните документи за тоа кога е точно изграден овој објект, кој ја финансирал изградбата, како се одвивала изградбата и фазите на изградба. За овој објект недостасува и проектот и од самиот Владимир Антонов. Објектот бил граден во неколку етапи.

Се претпоставува дека оваа зграда, односно дел од целиот комплекс, бил изграден во 1931/32 година, кога Куманово извесен период било седиште на Кумановскиот округ, а воедно го сменил статусот од варош во ГРАД. Инаку во тој период била изградена првата етапа од овој објект – приземјето со општинските дуќани и 6 канцеларии од кај главниот влез на Општината.
До 1941 година била доградена втората етапа-дел од катот кој водел до слаткарницата „Пчела“ а од спротивната страна, со поглед кон хотелот „Кристал“. Катните простории биле подигнати многу подоцна, дури во 1957/58 година, каде била сместена севкупната општинска администрација. Тоа била третата етапа од изградбата на овој сѐ уште незавршен објект.

Објектот е приземен, блоковски затворен со внатрешно двориште, со триаголна основа.
Приземјето се состои од содржини од јавен карактер како што се трговија, угостителство, култура, а на катот се наоѓаат административни простории.
Објектот располага со атриумски простор во кој се влегува од два влеза и во него, како што напоменавме подолг период биле концентрирани продавници за месо.
Подоцна, овој простор доби нови содржини со угостителски карактер, за денес да претставува пријатно место за дружење на нашите сограѓани.
Во комплексот „Стар мерак“, се наоѓаше ресторанот „Батко Ѓорѓија“, рибниот ресторан на „Бисерка“ кој се спои со старата слаткарница „Пчела“ и неколкуте помали кафулиња со разиграноста на кумановчани и нивниот тогашен претседател Драган Атанасовски. Инаку, осмислување на оваа атрактивна локација во 1989 година ѝ било доверена на инж. Драгана Јовановска од РО „Простор“ која што ја обликувала паралелно со целосната реконструкција на старата општинска зграда во чиј простор се наоѓа комплексот.

Еден денес реномиран угостителски ресторан „Корнер – Баба Цана“ и ќебапчилницата „Корнер“, кои се дел од фирмата „Доминос“ од Куманово, во сопственост на Тони Димитриевски-Шеик веќе дваесетина години успешно чекорат на кумановската угостителска сцена и на некој начин ја продолжија традицијата на старата кафеана „Баба Цана“ во која ја вршеа дејноста сѐ до 2015 година за потоа да се преселат во комплексот „Стар мерак“ т.е. во денешниот Касапски круг.

Исто така денеска во комплексот Касапски круг се наоѓа и Градската кафеана „Галерија – Касапски круг“.
Угостителските објекти во комплексот Касапски круг, претставуваат синоним за вкусна храна и пријатен амбиент, со традиционални спацијалитети од македонското поднебје.
Посебен белег, шарм и дух на целиот комплекс му ја дава долгата историја на комплексот, проектиран од рускиот инж. Владимир Антонов.




Користена литература:
Д. Масевски – Рускиот академизам во архитектурата на инж. Владимир Антонов во Куманово со посебен осврт врз зградата на занаетчискиот дом, Списание Корени, (Год. 4, бр. 15, септември 2005, стр. 2443-2454)
Д. Масевски – Руската колонија во Куманово, Списание Корени, (Год. 7, бр. 27, септември 2008, стр. 4417-4426)
Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.
https://visitkumanovomk.wordpress.com/cevidi/arhitektura/kasapskikrug/
https://www.abv.mk/details/korner-etno-restoran-baba-cana-kumanovo
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник