Освен богатиот етнички колорит, природни ресурси, стопански капацитети и солиден фондус на институции од сферата на општествените дејности, Куманово со својата околина е мошне богато со споменици на културата и спомен обележја кои зборуваат за бурните настани во минатото.

Во Кумановскиот крај, пред сите други споменици на културата, доминантни се средновековните бисери на овие простори: црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Старо Нагоричане од 1313 година, како и црквата „Успение Богородичино“ во манастирскиот комплекс Матејче од XIV век.
Ние во оваа прилика, ќе се фокусираме и ќе кажеме нешто повеќе за старонагоричанската црква „Св. Ѓорѓи“, која припаѓа на споменик на културата со светско значење, задолжбина на српскиот крал Милутин.
Најпрво мора да напоменеме дека денешната кумановска област во средновековниот период била позната и се нарекувала под името „Жеглигово“. Жеглигово првпат се споменува 1354 година како имот на севастократот Дејан Жарковиќ, каде подоцна го наследиле неговите синови. 1512 година, Жеглигово било ограбено од Турците, и тогаш под тоа име последен пат се споменува.

Први пишани записи за некои поединечни села во Кумановската област потекнуваат од XIV век. Најстар датиран запис за едно денешно село во Кумановската област е од почетокот на споменатиот XIV век. Тоа е спомен на Старо Нагоричане. Населбата е заведена само под името Н а г о р и ч и н о. Во него српскиот крал Милутин во периодот од 1313-1318 година, како што напоменавме, ја подигнал својата позната задолжбина – црквата „Св. Ѓорѓи“, која постои и денес.
Поради тоа, средновековното Нагоричино постепено постанало и црковно средиште и центар на областа Жеглигово.

Најстарата историја на оваа некогашна славна црква е испреплетена со легенди и за неа тешко можат да се извлечат веродостојни и проверени факти. Во познатото житие на Св. Прохор Пчински се зборува за тоа дека овој пустиножител се подвижувал во нејзината близина и тука се сретнал со идниот цар Роман IV Дигеном (1068-1071) на кој му предвидел дека ќе се „искачи“ на царскиот престол, па, бидејќи се обвистинило, тој, на тоа место ја подигнал црквата „Св. Ѓорѓи“.
Прохор Пчински во пештерата која денеска се наоѓа во близина на црквата, проживеал 32 години. Во житието на Прохор Пчински, јасно се укажува на неговата моќ за претскажување, затоа што во моментот кога Прохор се наоѓал во пештерата, византискиот војсководител Роман IV Диоген, излегол на лов и ловејќи една срна која избегала кај Прохор, тој дошол во контакт со пустиножителот. Во дијалог со пустиножителот и војсководителот, Прохор Пчински му претскажал дека кога Роман Диоген ќе се вратил во Цариград, тој ќе биде избран за византиски василевс.

Се разбира, во легендата а и во житието, назначено е дека при враќањето на Диоген во Константинопол, тој го заборавил стариот монах и од ветувањето што во тој момент при разговорот било дадено, не станало ништо. Но, Прохор му се јавил на Диоген во сон и Диоген бил принуден да го побара стариот монах. Кога Диоген дошол да го побара, а тоа било во време кога тој веќе станал Византиски император, Прохор Пчински веќе бил заминат по долината на реката Пчиња, каде што пронашол друга пештера и основал друг манастир.
Во чест на тоа, од 1068 до 1071 година, византискиот цар Роман IV Диоген ја соградил првобитната црква „Св. Ѓорѓи“, која се наоѓа во близината на испосницата во која Прохор Пчински живеел 32 години.
Б. Тодиќ (1993), во својата книга за Старо Нагоричино, оваа легенда поврзана со Прохор Пчински и Роман Диоген ја негира и вели дека во најстарите текстови нема спомен за сретнувањето на Прохор Пчински и Роман Диоген и за подигањето на црквата во Нагоричино и уште вели дека таа легенда можеби настанала во XV век, но и за тој податок немало баш историска потврда. Како и да е, таа легенда живее, и со векови сѐ уште се раскажува меѓу народот.

Во непознато време, првобитната црква била разрушена, а во нејзина близина се формирала населбата.
Подоцна, српскиот крал Милутин ангажирал градители, кои ја обновиле црквата „Св. Ѓорѓи“ на добро сочувани ѕидови на првобитната стара градба, но во нов облик и различен материјал, со камен и тули.
Обновата на црквата била завршена во време на нагоричкиот игуман Антоние 1312/13 година и за тоа оставиле убаво изрезбан и свечен натпис на надвратникот на западниот влез:
На крајот на натписот, по датумот, забележана е веста за победата на војската на кралот над Турците, всушност за еден одред кој кралот Милутин го пратил за помош на тастот (дедото), на византискиот цар Андроник II, a кој во Мала Азија однел победа над Турците. Таа победа со радоста била примена, а во Нагоричино, каде моментално се обновувал храмот на „Св. Ѓорѓи“. Таа е, веројатно, доведена во врска со таа обнова, што е подвлечено и на фреските изведени неколку години подоцна.

Насликувањето на фреските внатре паѓа во времето на игуманот Венијамин, кој по сè изгледа, го наследил Антоние на тоа место во Нагоричино.
Фреските во Нагоричино ги насликале сликарите кои со години наназад работеле на задолжбините на кралот Милутин – тие самите или нивните соработници. Тоа биле Михаило и Евтихије, кои таа дејност, благодарение на нивните потписи, ја работеле од 1295 година.
Внатре фреските во црквата „Св. Ѓорѓи“ биле завршени во 1317/18 година.

Кога синот на Милутин, кралот Стефан Урош III (Дечански), пошол во битка против бугарскиот цар Михаило Шишман (1330), свратил во Нагоричино и долго време се молел пред иконата на св. Ѓорѓи, ветувајќи дека во знак на благодарност, ќе му ја украси иконата, а на црквата ќе приложи „многу одбрани правди“.
Стефан Дечански, после битката кај Велбужд (денешен Ќустендил), секако богато ја дарувал црквата, што претходно го ветувал. Спрема архиепископот Данило II, поразениот бугарски цар бил погребан во Нагоричино, но тоа веројатно не е точно, поради значителната одалеченост помѓу Велбужд од Нагоричино и што во црквата нема никаква трага од тој гроб.
После 1330 година, за понатамошниот период, нема никакви вести за Нагоричино.
Светол период за историјата на црквата доаѓа при крајот на XVI век. Во 1570 или 1600 година се пристапило за обнова и проширување на црквата, што се гледало на натписот, каде годината била изрезбана при печење на една тула, испод самиот кровен венец.
Непознато е колку долго траел манастирскиот живот во Нагоричино. Изгледа дека уште пред XVIII век, таа станаа парохиска црква.

Кога спрскиот патријарх Арсеније Црноевиќ патувал во 1683 година во Света Земја, преноќил во Младо Нагоричино. На фреските во црквата ги изрежувале своите имиња поповите и монасите: јереј Крсто од Знепоље 1722, јереј Јеремија 1729, Петар Андреја 1744, јереј Атанасије 1748, јеромонах Кирил Пејчиновиќ и монах Михаило од Марков манастир 1813, некој Рафаило 1817 година. Од првата деценија на XIX век, нешто повеќе се знае за старонагоричкиот парох Паун, кој црквата ја „уредил“, веројатно ја обновил урнатата припрата.

Дури при крјот на XIX век во Старо Нагоричино доаѓаат стручњаци, кои ја откриваат интересната архитектура на црквата, се задржуваат пред нејзините фрески и забележуваат нешто од нејзината историја.
Тука може да ги споменеме историчарот Панта Среќковиќ (1873 г.), потоа Јован Хаџи Васиљевиќ, потоа Н. П. Кондаков, Габриел Мије, Пера Поповиќ (1923 г.), Николај Љ. Окуњев, Милоје Васиќ, Жарко Татиќ, Ѓурѓе Бошковиќ, кој ќе објави монографски труд за архитектурата на црквата. Во текот на 1930 и 1931 година, под надзорот на Ѓурѓе Бошковиќ се вршат мали археолошки истражувања во и околу неа и извршени се неопходни заштитни работи на црквата како и мали реставрациски зафати.
Осумдесетите години на минатиот век, на црквата во неколку сезони се извршувани заштитни и реставраторски работи, во организацијата на Републичкиот завод за заштита на спомениците од Скопје.
Реконструкција на црквата во неколку различни периоди беше извршена и од 2010 година на наваму.
Денеска, секој случаен минувач и посетител кого патот ќе го нанесе во нашиот Кумановски крај и во некогашното старо Жеглигово, трба со задоволство да ја посети оваа стара средновековна црква и да и се восхити на глетката што црквата ќе им ја пружи. Во Нагоричане, секоја педа земја си има своја посебна историја.
Напомена:
Името „Нагоричино“ во текстот, а не „Нагоричане“, е земено бидејќи оргиналното првобитно име на селото е запишано како Нагоричино.

ЌЕ ПРОДОЛЖИ…
Користена литература:
Ј.Ф. Трифуноски – Средњовековна села у Кумановској области, Гласник Спрског географског друштва, св. 52, бр. 1., Београд, 1972, стр. 123-126.
Ј.Ф. Трифуноски – Средиште средњевековног Жеглигова, Гласник српског географског друштва, Свеска LXI – Бр. 1, Година 1981.
Б. Тодић – Старо Нагоричино, Републички завод за заштиту споменика културе, Просвета, САНУ, Београд, 1993.
Д. Масевски – Куманово: време во времињата на Кумановскиот крај, 3., дополнето и изменето изд., Куманово: Парадигма, 2010.
https://gp.edu.mk/средновековно-жеглигово-старото-име/
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник