Како и предходните години така и оваа година, викендов, во организација на Здружението на ракометарките ветеранки на ЖРК Куманово, а под покровителство на Сојузот на спортови на градот во спортската сала на Средното економско училиште „Перо Наков”, се одржа четвртиот по ред Традиционален меморијалeн ракометен турнир „Јасмина Голубовиќ – Јасе”
Оваа година на Турнирот настапија вкупно седум ракометни екипи и тоа четири екипи во женска конкуренција – две екипи на градот домаќин, ЖРК Куманово и ЖРК Куманово – Житомел, како и екипите на ЖРК Струга и ЖРК Гевгелија. За прв пат оваа година на турнирот настапија и три машки екипи – екипите на МРК Куманово, МРК Прилеп, како и ветераните на машката ракометна репрезентација на Македонија, за која што во оваа пригода, меѓу другите ракометари настапија и репрезентативците, Лазо Мајнов, Среќко Гергиевскии и Бојан Стојановски.

За прв пат годинава Турнирот се одигра по правилото – секој со секого. Поради тоа, поради големиот број на натпревари, тој се одолжи, така што, за разлика од предходните три години, оваа година Турнирот траеше малку подолго.
На крајот, по сите одиграни натпревари, првото место во женска конкуренција го освои екипата на ракометните ветеранки на ЖРК Струга, додека пак во машка конкуренција првото место им припадна на ветераните на Ракометната репрезентација на Македонија.
Но, се разбира дека пласманот на екипите на Турнирот овој пат беше во втор план, бидејќи тој е од ревијален карактер, со напомена дека главната поента за негово одржување е потсетувањето и оддавањето на признание и почит на нашата поранешна ракометарка Јасмина Голубовиќ – Јасе.
Изјава на Среќко Георгиевски, учесник на турнирот, поранешен ракометен репрезентативец и сегашен претседател на Здружението на ракометните ветерани на Македонија и актуелен претседател на дисциплинската комисија на РФ на Македонија
Kоја е разликата помеѓу ракометот што се играл пред 3-4 децении и денешниот ракомет?
– Денешниот ракомет е многу подинамичен и тоа пред сѐ поради воведување на нови правила и тоа воведување на брз центар, воведување на пасивна игра, како и воведување на играта седум на шест. Освен тоа, многу е изменет и пристапот кон работата во клубовите, каде што се работи многу попрофесионално и со многу поголема логистика, поради што резултатите се повидливи и за 50 % повеќе, токму поради сета таа логистика што ја има ракометот денеска. Денеска и спонзорите на клубовите станаа многу позаинтересирани, а буџетите на клубовите се многу поголеми сега, односно во последните 15 години, а самото вложување автоматски го зголеми квалитетот на нашиот клубски ракомет.
Дали високите буџети на мал број клубови ги става во нерамноправна положба помалите и посиромашни клубови и покрај тоа што тие имаат одреден квалитет?
– Трката по резултати доведе да се зголеми бројот на странците во екипите и тоа е факт. Нормално и по аналогија порасна и буџетот на клубовите, а оние клубови кои немаат доволно финансиски средства да купат поквалитетни странски ракометари паѓаат во втор план. Федерацијата донесе одлука и го намали бројот на странци што можат да играат на нашето првенство, ама би рекол дека таа одлука има и добра и лоша страна, бидејќи тие релативно придонесуваат за зголемување на квалитетот на нашата лига.
Што мислите, каде се денеска нашите млади и перспективни ракометари кои сѐ помалку се застапени во нашите клубови, а од друга страна пак, нели, тие се иднината на македонскиот ракомет?
– Подолго време сум надвор од ракометот, но гледам дека има некои најави да се отпочне со мини ракомет, од причина што за пионерите на 14 и 15 години е веќе доцна за да се носиме со ракометните школи, да не речам само од скандинавските земји, туку и од западно-европските држави. Но овие најави говорат дека можеби од порани години ќе бидат опфатени ракометари и ракометарки, што би рекле ние, цицибани од 8, 9 или 10 години. Динамичноста на денешниот ракомет ја гледам како нешто што не ми е мило, бидејќи носи последици штетни за младите играчи, бидејќи биваат подложни на повреди, како што се лигаментите, и тоа на многу мала возраст. Можеби и тука на тој план ќе работат клубовите, но секако, воведување на помлади категории од пионери може да го подигне квалитетот и да извади квалитетни играчи, бидејќи тие од порано ќе се занимаваат со топката. Квалитетот на школите е релативен. Најголема мана е што наназад со години се појави еден проблем наречен родител или родители, кои сакаат децата да им бидат успешни, да имаат минутажа. Се појави некоја пристрасност и нема некоја објективност во избори и селекции. Според мене, ќе биде доволно за почеток ако овие помлади категории влезат во системот на натпреварување. Ќе мора да бидеме малку стрпливи и да почекаме тие да стасаат на 17-18 години, бидејќи забележано е дека индивидуалната игра, односно индивидуалната техника на нашите кадети и младинци малку заостанува, во однос на понапредните школи на скандинавските и западноевропските земји.
Т.Д.