Почетна СТАРО КУМАНОВО Основно училиште „Толи Зордумис“ – образовна институција во Куманово

Основно училиште „Толи Зордумис“ – образовна институција во Куманово

Познатиот географ А. Урошевќ (1949), во својата монографија за Куманово вели дека Грците како етникум во Куманово биле доселени уште пред изградбата на сегашната Стара црква „Свети Никола“ во 1851 г. и тие како граѓани на Куманово учествувале во нејзината изградба. Од тие Грци постоеле семејствата Зордумис, Кондакалис и Дувлис. Споменатите фамилии биле доселени од Јанина (Грција) како анџии, меанџии и пекари.

Сл. 1. Училишната зграда на ОУ „Толи Зордумис“

Од споменатите три фамилии, интересна е фамилијата Зордумис, од која потекнува познатиот Апостол Толи Зордумис, кумановскиот херој од НОБ, а во негова чест денеска основното училиште „Толи Зордумис“ во Куманово,  гордо го носи неговото име.

Поради тоа, во продолжението ќе кажеме нешто повеќе за историјата на денешното ОУ „Толи Зордумис“ и биографијата на личноста Толи Зордумис.

Поради големиот број ученици во ОУ „Крсте Мисирков“, „Браќа Миладиновци“ и други ОУ, во Куманово се појавила потреба за формирање и на реонско училиште во близина на Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски – Папучар“. Токму заради тоа, била изградена училишна зграда и на 8 август 1962 година било формирано ОУ „Толи Зордумис“, а со редовна работа започнало на 1.9. 1962 година (учебна 1962/63), со 27 паралелки, од кои 24 на македонски и 3 на албански јазик, со вкупно 982 ученика. Освен во I, учениците во другите одделенија претходно учеле во „Крсте Мисирков“ и во „Браќа Миладиновци“. Вкупниот број на вработените изнесувал 22, а наставата ја изведувале 19 стручни лица.

Luxury Catering Service
Сл. 2. Наставничкиот колектив на Училиштето во минатото

Училиштето располагало со 15 класични училници, 2 работилници по ОТП, просторија за библиотека (13,5 м2), просторија за наставни средства и помагала, простории за директор, педагог и психолог, наставничка канцеларија, 2 простории наменети за забавишни групи, просторија за делење на бели печива, за хаус-мајстор и подрумски (визбен) простор.

Во 1982 година била изградена фискултурна сала од МПС и административен дел.

Училиштето има и спортски полигон (1.056 м2), парк (2.080 м2), бетонирани површини од 300м2 и друг дел од дворот од 3.100 м2, засаден со трева.

Во 2012 година во централното училиште се доградени училници во кои сега следат настава ученици од VI до IX одделение на албански наставен јазик.

Од 2007 год. до училиштето се припојува како подрачно – училиштето во село Режановце.

Уште при самото формирање, било одлучено од надлежните органи да се вика „Толи Зордумис“. Во чест на патронот, во дворот на Училиштето, на 11 Октомври 1971 година била подигната спомен – биста на Апостол Леонид Зордумис (Толи Зордумис).

Сл. 3. Бистата на Апостол Толи Зордумис во училишниот двор

Освен од реонот околу Тутунскиот комбинат и Болницата, во ОУ „Толи Зордумис“ учеле и ученици од Черкези (на албански јазик од I-IV) и од Бедиње и Железничка станица Куманово (на македонски јазик од I-VIII).

Учениците од Черкези во ОУ „Толи Зордумис“ учеле заклучно со учебната 1968/1969 година. Во учебната 1969/70 година била формирана паралелка во Черкези и влегла во составот на ОУ „Бајрам Шабани“.

Од таа учебна година, во ОУ „Толи Зордумис“ наставата била изведувана (и се изведува) на албански јазик до IV одделение од реонот на Училиштето.

Учениците од Железничка станица Куманово и од Бедиње, од почетокот (па до денес), од I-IX одделение учат во ова училиште.

Во учебната 1984/1985 год., во Училиштето работеле 28 паралелки од I-VIII одд. со 860 ученици и 3 предучилишни групи со 84 деца од предучилишна возраст. Во составот на Училиштето работеле и паралелки на албански јазик со 164 ученици од I-IV одделение. Вкупниот број на вработените изнесувал 51, а наставата ја изведувале 38 лица со високо, вишо и средно образование.

Прв директор на ОУ „Толи Зордумис“ бил Стојче Денковски, кој претходно бил директор на ОУ „Бајрам Шабани“ – Куманово.

Во 1975 година бил примен педагог, а во 1987 година и психолог,  комплетна психолошко – педагошка служба.

Во 1990 година било предадено во употреба ново асфалтирано ракометно игралиште. Била извршена реконструкција на фискултурната сала. Биле засадени многу зимзелени дрвца, направени се патеки, жардињери со цвеќе и ова училиште има најуреден училиштен двор.

Покрај успешна соработка со ОУ од градот, Училиштето мошне добро соработувало со ОУ „Ѓорче Петров“ од Скопје, „Живадин Апостоловиќ“ од Трстеник, со ОУ „Илинден“ од Крива Паланка, „Гоце Делчев“ од Виница, „Браќа Рибар“ од Табановце и др.

Училиштето за постигнатите резултати има бројни награди, дипломи, благодарници и други признанија. Училиштето ја добило и Ноемвриската награда на Собранието на Општина Куманово за 1985 година.

За уредувањето на училишниот двор и за целокупната работа на Училиштето, голема заслуга имал и директорот Никола Ракиќ, кој бил директор на ова училиште од 2.12.1987 година до 10.09.1999 год.

Директори (В.Д.) на  ОУ „Толи Зордумис“ – Куманово

  1. Стојче Денковски – ПА – биологија (од 1.09. 1962 – 31.12.1968)
  2. Стојан Каранфиловски – ПА – историја, (1.01.1969 – 1.09.1978)
  3. Владанка Спасовска – ВСС – мак. јазик (1978-1981), а рaботела од 1.09.1964
  4. Трајче Николовски – ПА – мак. јазик, (В.Д. 1984-1986)
  5. Божа Трајковска – ПА – одделенска настава, (В.Д. 1987)
  6. Никола Ракиќ – ВСС – француски јазик, (од 2.12.1987 год. – 10.09.1999 год.)
  7. Ацо Божиновски – проф. по мак. јазик (В.Д. директор) – 10.09.1999 г.
  8. Нинослав Трајковски
  9. Бобан Ѓорѓиевски (од 01.12.2012 до 01.03.2017)
  10. Круме Стошевски (в.д.)
  11. Милорад Јордановски
  12. Дејан Младеновски (јануари, 2024 – сега )
Сл. 4. Училиштето „Толи Зордумис“ денеска

Денеска, Основното Училиште „Толи Зордумис’’ од Куманово обезбедува услови за креативен развој на учениците и постојано стручно усовршување на наставниците. Промовира толеранција, разбирање и хумани вредности помеѓу наставниците, учениците и родителите, преку воннаставни активности, почитувајќи и негувајќи ги различните културни вредности.

Основното училиште „Толи Зордумис“ како воспитно образовна средина ќе продолжи да ги следи модерните текови, спроведува интегрирано образование и овозможува услови за постојан индивидуален развој на наставниците и учениците. Обезбедува еднаквост на сите и го негува меѓуетничкото разбирање, почитување и различност преку негување на мултикултурното општество.

 

ЗОРДУМИС ЛЕОНИДОВ АПОСТОЛ – ТОЛИ

 

Апостол Толи Зордумис бил роден е 1918 година во Куманово. Тој бил ретко интелигентна личност, многу начитан и со особена дарба за раскажување.

Потекнувал од ситно трговско семејство. Член на СКОЈ бил од 1937, а на КПЈ од 1940 година. По националност бил Грк.

Сл. 5. Толи Зордумис во две различни изданија

Како ученик на Кумановската гимназија се вклучил во напредното движење. Од гимназистите го создал младинско друштво „СКАУТ“ на кое му дал прогресивен белег. Организирал и скоевски групи во Гимназијата.

Во работата не знаел за слободно време и умор. Поради собирањето и политичкото воспитувањена  младината, пропагирањето на прогресивните идеи и популаризирањето на СКОЈ и Партијата, средношколската младина го сметала како душа на Организацијата, со личен пример покажувајќи каков треба да биде младинецот – скоевец. Во пролетта 1939 година, иако заболен на белите дробови и паѓа во постела, не прекинувал со работата во СКОЈ. Одел на лекување во Словенија и одново се вратил во Куманово. каде што во 1940 година матурирал. Оттогаш почнувал да дејствува и меѓу работничката младина, одликувајќи се со интелигенција и широка култура.

Во летото 1940 година станал член на КПЈ. Како раководител на една партиска ќелија во градот, не ја прекинувал врската со младината, особено средношколската. При крајот на истата година станал член на Месниот комитет на СКОЈ за Куманово. Тогаш покренал илегален младински лист кој излегол во три броја.

Од јуни до почетокот на октомври 1941 година работел со партиската техника во градот и станал член на редакцискиот одбор на листот „ДЕДО ИВАН“ – орган на МК на КПЈ за Куманово. Тоа бил неговиот крупен придонес за подготовките и организацијата во вооружената борба во кумановскиот крај. Работата со партиска техника видно ги издвоила политичките и моралните квалитети на Апостол Зордумис – Толи.

Сл. 6. Апостол Толи Зордумис (со стрелка), Васе Гелев, Љубомир Здравковски – Гачо, Димче Величковски – Барутана, Бојан Секирарски, Стефчо Стефановски, Димитар Алексиевски – Пекар, Бранко Стојковски – Руле, Кирил Стојмановски – Лезе, Христо Кралевски – Кицо, Коста Кобурски и Киро Менков, 1941 година

Поради слабото здравје не бил одреден со првата група да излезе во Кумановскиот партизански одред. Останал во градот со функцијата член на новоформираниот Местен комитет на КПЈ за Куманово.

По судирите на двата кумановски партизански одреда, во октомвриските денови на 1941 година, полицијата почнала да се интересира за него, но бидејќи успеал да го избегне апсењето во декември 1941 година минал во илегалност.

Сл. 7. Апостол Толи Зордумис претпознатлив по очилата

Со одлука на Месниот комитет заминал на партиска работа во Србија, отпрвин во Врање а потоа во Ниш, каде поради здравствената состојба бил оставен на работа во заднина. Од Ниш се префрлил во Крушевац и таму веднаш се поврзал со партизанската организација на која ѝ бил познат уште од пред војната.

Во 1942 година станал член на Окружениот комитет на КП за Крушевац, а во март 1943 година паднал во рацете на „љотиќевците“ кои го предале на Гестапо. Бил затворен во казнениот затвор во Крушевац, каде на 8 јули 1943 година бил стрелан со група патриоти од тој крај.

Сл. 8. Апостол Толи Зордумис во средина
Сл. 9. Апостол Толи Зордумис (со стрелка) со група младинци

 

Сл. 10. Апостол Толи Зордумис (лево)

Користена литература:

А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на Филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.

С. Николовски – Стојановиќ – Школството во Куманово и Кумановско 1805-2000, Куманово, 2001.

Спомен-зборник 1941-1945, Куманово, 1976.

https://ooutolizordumiskumanovo.edu.mk/

Фото: инстаграм: oou_tolizordumis_kumanovo