Во време на политичка криза и морална амнезија, најгласните „патриоти“ често се најголемите предавници на сопствениот народ. Тие се тие што со полна уста зборуваат за државата, но со празни раце оставаат генерации да заминуваат. Тие се тие што на митинзи Македонија ја викаат татковина, а во канцеларии ја продаваат нејзината иднина за личен профит. Лажниот патриотизам е форма на цинична манипулација. Се користи како параван – да се прикрие неспособноста, да се покрие корупцијата, да се замолчи критиката. Кога некој политичар ќе почне да ја мери љубовта кон државата со тоа колку гласно вика „татковина“, а не колку чесно работи – знајте дека не зборува за народот, туку за себе. Денешниве политичари не се борат за иднината, туку за емоциите на минатото. Ги делат луѓето на „патриоти“ и „предавници“, наместо да ги обединуваат. Патриотизмот, наместо вредност, го претвораат во алатка за поделба и мобилизација. Ја замаглуваат вистинската љубов кон татковината. Од Европската унија кон Скопје безнадежно ни испраќаа предупредувачки пораки, Македонија од нивна перспектива стана „рак рана“.
Максо, пријатељу, ЗНАМ не е ништо друго туку „мала бара полна со крокодили“, полна е со гмизавци и штеточини. Алчни луѓе, нелуѓе. Не се знае кој кому сака да му подметне. Можеш да се лутиш колку што сакаш, можеш да одрекуваш со денови, можеш да рипаш до таван…ама така е. Ова не е ништо друго, туку чиста реалност.
Секој од нив е дел од комплексен мрежен систем каде што претходно изработените стратегији за манипулација и корупција секогаш имаат предност над вистинските интереси на татковината. Тие до тебе и околу тебе, иако на прв поглед можеби изгледаат мирни и невини, не се калфи или чираци, мајстори се, еј Максо , мајстори, мајстори на ништожноста, слушај ме што ти кажувам. Во секој момент се подготвени да нападнат, искористат или уништат сè што им стои на патот, во обид да ја заземат власта за себе. Тие, као големи политичари, не се интересираат за благосостојбата на народот, туку за својата лична корист и контрола. Празни се, а надувани. Шупливи и самобендисани…без трунка чест и човечко достоинство. Ликови кои со својата бесчесност, со цинизмот, некултурата, полтронството и простаклукот живеат на сметка на народот.
После локалните избори ќе се соочиш со суровата вистина. Со реалноста. Ќе видиш што ќе ти се случи. Немој после да кажеш не сум ти кажал. Политиканти се, Максо, не се политичари во вистинска смисла. Немаат визија, немаат став, немаат план. Се движат од ден за ден, од настан до настан, од скандал до скандал, секогаш внимавајќи не на јавниот интерес, туку на сопствената агенда. Како камелеони, го менуваат јазикот, идеологијата, па дури и моралот – сè со цел да опстанат во играта. Сега секој сака да ти се вовлече во задникот, сто посто сум сигурен, ама седењето таму ќе им е до некоја „нова прилика“, кога ќе се префрлат кај друг. Јас велам дека во ноември или кон крајот на декември ќе влезат кај Горан, ти што мислиш!? Не верувам оти ќе истраеш до после Нова Година…
Мислиш дека ова со муабетов дека ќе си министер за одбрана не е нивна работа? Ич не помисли дека е игранка? Во светот на политиката, каде зборовите често звучат возвишено, а ветувањата изгледаат како патоказ кон подобро утре, реалноста знае да биде сурова и разочарувачка. Политиката, која треба да биде средство за служење на граѓаните и за унапредување на општото добро, често се претвора во поле за лични пресметки, борби за позиција и задкулисни игри. Во тој контекст, на површина испливуваат политичари кои не ги води визија, туку амбиција;не ги движи моралот, туку интересот;не се раководат од совест, туку од алчноста за моќ.
Политичките игри Максо не се феномен на денешницата. Тие постојат од самите почетоци на организираното општество. Во античка Грција, каде се родила демократијата, истовремено се развиле и првите методи на политичка манипулација. Демагозите, користејќи ја наклонетоста на народот и стравовите на масите, успевале да дојдат до моќ и да ја злоупотребат за свои цели. Еден од најпознатите примери е Алкивијад, атинскиот политичар и војсководец, кој често ја менувал страната – од Атина, до Спарта, па до Персија – сè во обид да го задржи своето влијание и позиција.
Во римската република, пак, политичките игри се одвивале во сенатот, но уште повеќе зад неговите врати. Цезар, Помпеј и Крас ја формирале првата триумвирата – не од идеолошка блискост, туку од калкулирани интереси. Кога рамнотежата била нарушена, Рим паднал во граѓанска војна. Историјата на Европа е исполнета со слични примери:од интригите на Макијавели до современите диктатури кои владеат преку пропаганда, страв и поделби. Дури и во демократски системи, играта на моќ никогаш не исчезнува – само ја менува својата форма. Кога станува збор за владеење, често важи правилото: редствата се оправдани ако целта е власт. А тие средства, низ историјата, вклучувале сè – од убиства, прогонства и предавства, до медиумски кампањи, дискредитации и купување гласови. Политичките игри не се водат јавно, туку најчесто зад завесите, зад кулисите, во сенките на разно разни договори, алијанси и изневерени ветувања. Политичарите кои се движат низ лавиринтот на моќта знаат дека јавната слика е само маска – она што е одлучено во кафулиња, ресторани, или во приватни станови, има многу поголема тежина од она што се зборува во парламентите.
Како бе Максо, жити се, ќе си министер, па не за екологија туку, ни мање ни више, за одбрана… кога пола партија ЗНАМ не можете да добиете сертификати за безбедност. Али пази, не од „нашиве“, такви можеби и ќе ви дадат, туку од оние поинаквите, што ги дава „стратешкиот партнер“. Мислиш не знаат за Драганче, твојот идеолошки татко? Максо, друже мој, мислиш дека „партнерот“ не слушнал за „генералот“? Дека ништо не знае за него? Па не го за џабе пред време пензионираа. Или, демек, не знае оти Лазе и Томе и оној од аеродромот се таму до тебе… Прочитани сте сите до еден како селски буквар. Те пуштаат, Максо, низ вода. Ако го дадеш местото во Куманово, готов си. Ама па и ако не дадеш и решиш сам да трчаш за кмет, без „патриотиштата“ пак си готов. Културно кажано:„Угоре високо, удолу длабоко“. А, народски, онака по нашки, понекултурно, тоа би звучело: „Ни змија, ни магаре“. Има уште една, како и да се завртиш…али да не претерувам. После локалните ќе имаш неуверливи оправдувања и не баш славни обиди да се извлечеш од ниту малку лагодната ситуација, но прилично ќе се заплеткаш со реакциите, особено кога ќе се земе во обзир дека нив ќе ги демантираат официјалните документи од Државната изборна комисија. „Сенилноста“ кај луѓето на високи позиции во партијата во тие клучни моменти ќе биде на високо ниво. Не ќе им требаш ако не си градоначалник. Сфаќаш!?
Што е за тие што се до тебе да го предадеш ближниот свој. Ништо!Ама, баш ништо. Тоа тие го прават за час. Само ако некој им вети нешто малку повеќе од тоа што ти им го даваш сега.
И, не се прави „на Тошо“ дека ова што ти го кажувам не ти е позната работа. Ти не си подобар. Памтиш што му направи на Виктор? Не!? За ич пари го „продаде“. Бевте од иста екипа. Како интелектуално понапреден од тебе, ти пречеше. Првиот момент кога во две илјади и некоја „папата“ посака да не го гледа, ти кукавички му „пукаше в грб“. Така е или не е така, а? Што велиш?
Кармата, Максо, е лоша работа.
Јадни сте бре, и бедни во ЗНАМ. Еден сантиметар напред не тргна Македонија со вас…еден, макар еден чекор да направевте нанапред… Не однесовте на дното. Направивте пекол од државичево наше. Политичката комуникација никогаш не била на пониско ниво. Љубовта кон татковината, Максо, не се покажува со пароли – туку со работа, со резултати, со чесност. Со политиканството ја убивте суштината на јавниот дијалог. Наместо дебата, добивме циркус. Наместо аргументи – навреди. Наместо одговорност – театрални сценарија на жртви и херои. Максо, ниту дипломата, ниту парите, ниту статусот, само душата, само таа зборува каков човек си.
Добро, и парцелата за „Лидл“ кажува, али ајде… За образот, почитувањето и човечноста, драги мој пријатељу, можам да пишувам и пишувам. Доста ни е од вас. Само нови и неизвалкани треба да го спасуваат она што сеуште може да се спаси. А има такви во Куманово. Има и во Скопје, и во Битола, Охрид и Прилеп, па и во Берово, Струмица, Делчево, Пехчево, Кратово…
ПС. Овој текст се стреми да ги наведе различните облици на политички игри, да покаже како непринципиелноста станува стратегија, а нечесноста – прифатен облик на „снаодливост“. Анализиравме историски и современи примери, ги откривме механизмите со кои се обезбедува и злоупотребува власта и затоа треба да се запрашаме – Која е цената што ја плаќаме сите кога лидерите забораваат дека се избрани за да служат, а не да владеат?
Марјан Славко