Во една од претходните статии, пишувавме за историјата на денешната улица „11 Октомври“, која важела за значајна улица во некогашното старо Куманово, бидејќи на неа отсекогаш биле сместени нејзините највитални институции во градот, почнувајќи од органите на власта, полицијата и судот.

Една значајна институција на која денеска ќе ѝ обрнеме повеќе внимание е денешната Општина, која е сервис на граѓаните и работи во нивен интерес.
Најпрво, денешната улица „11 Октомври“ во минатото носела други називи.
Во турскиот период улицата се нарекувала „Хамидие“, којашто уште ја нарекувале и Уќумат сокак и бил еден од најстарите сокаци во Куманово, бидејќи баш во тој дел на градот, околу денешната Стара Ески-џамија, најпрво се формирало најстарото градско јадро во градот.
Хронолошки, во 1880 година на просторот на денешната Општина, за потребите на турската управа, судската и полициска власт, најпрво бил подигнат Уќумат, каде биле сместени кадијата со останатите судски и полициски органи на Кумановската каза. Во него заседавало и градското собрание. По тој објект, улицата се нарекувала уште и Уќумат сокак, како што напоменавме.
Во меѓувоениот период, денешната улица „11 Октомври“ се нарекувала ул. „Крал Петар“ и во Регулациониот план од 1923 година, на тој плац (маркичка) каде денеска се наоѓа Општината, е запишано: „среска зграда“.

Иницијатива за изградбата на објект во кој би требало да бидат сместени административните и управно-полициските служби, влече корени уште по ослободувањето од Турците (1912 г.), кога во Куманово бил новоименуван началникот на Округот Кумановски, мајорот Ранко Трифуновиќ, кој забележал и констатирал катастрофални состојби на зградите за деловна и административна дејност во градот. Во врска со тоа, забележал: „Јас до сега немам сретнато град кој нема ама ниту една зграда во која би можело да се сместат административните и управно-полициските служби…“
Во јули 1914 година од општинскиот полномошник, Михајло Ристиќ и белградскиот инженер Драгослав-Карло Брож бил склучен договор за изготвување на регулационен и нивелационен план на градот Куманово.
Работите не се одвивале така бргу во периодот кој следел, како последица на политичките прилики што се одвивале на нашето поднебје, па Регулациониот план бил изготвен, готов и одобрен дури во 1923 година, а како главен проектант се бележи арх. Душан Миросављевиќ.

По изготвувањето на споменатиот Регулационен план, во градот започнал еден процес на изградба што оставил трајни белези во урбаното и градежното битие на Куманово.
Како што вели (Д. Масевски, 2008), денешната зграда на Општината, која се наоѓа на улицата „11 Октомври“, во која при изградбата, проектот бил заведен како „Нова зграда на Срез Жеглиговски во Куманово“, е работен во Министерството за градежништво на Кралството Југославија во Белград.
Под проектот биле потпишани архитектите Драг. Тадиќ (Тодиќ) и Н. Рашковиќ, а од нивна страна проектот бил завршен во мај 1930 година, по што се претпоставува дека бил даден на Среската управа во Куманово за реализација.

По целосно сочуваниот проект, главната, предната страна каде што се наоѓа главниот влез, се наоѓала на тогашната улица „Крал Петар“, западната страна на ул. „Врањска“, од јужната страна била ул. „Шуматовачка“, додека од северната, неколку приватни објекти.
Зградата, најверојатно градена од државата, започнала да се гради во 1931 година. Се немаат податоци колку време траела изградбата, иако аналогно на времетраењето на изградбата на Занаетчискиот дом (само шест месеци: мај-ноември 1930 г.), може да се претпостави дека и овој објект бил завршен за релативно кратко време.

Уште повеќе што градот не располагал со објекти потребни за работа на администрацијата на власта. Се вели за кратко, сметајќи при тоа на еден период од година до две, со оглед дека овој објект веќе бил евидентиран во Деталната скица на градот Куманово од 1934 година, која се чува во катастарот во Куманово, односно во подрачната единица на Државниот архив на Македонија, во Куманово.

Од она што може да се забележи во проектот за Околиската зграда во Куманово и она што денес го имаме на лице место, може да се констатира дека објектот бил изграден во целина како што го проектирале двајцата архитекти од Белград и со сите простории потребни за една среска (околиска) управа. Единствена разлика, во однос на првобитниот проект, е во катноста на задниот дел од објектот – во оригиналниот проект е приземен, а денес има и кат. Тој кат, поради зголемени потреби на Околиската управа на Куманово, по одредени сеќавања, бил изграден некаде во почетокот на шестата деценија на минатото столетие. (Д. Масевски, 2008).

Споменатата Општина во која денеска се наоѓа кабинетот на градоначалникот и локалната самоуправа, од изградбата во триесеттите години на минатиот век па сѐ до 1941 година се нарекувала „Зграда Среза Жеглиговског“, а потоа до 1965 година зграда на Кумановската околија. По 1965 година, по укинувањето на околиите како второстепени административно-територијални единици на власта, таа е седиште на првиот човек и административните служби на општината Куманово, а денес седиште на единицата на локална самоуправа и градоначалникот на општина Куманово.
Затоа и овој објект се вбројува во културните зданија на Куманово.




Користена литература:
Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.
Д. Масевски – Динамични триесетти години на XX век: нешто за урбанизацијата на Куманово, Списание Корени, (Год. 7, бр. 25/26, март/јуни 2008, стр. 4158-4167)
Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.
Фото: https://moekumanovo.blogspot.com/search?q=Куманово
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник