Почетна КОЛУМНИ Култура, кич, шунд – до кога?

Култура, кич, шунд – до кога?

 

„И реката на почетокот не била река, но не е нужно да биде понорница сѐ до крајот“, Бранимир Џони Штулиќ

 

Luxury Catering Service

„Народот на Југославија беше многу глуп, сите го ценеа, но, тој самиот не знаеше да се цени. И, дојде крајот“, изјави славниот Штулиќ.

Ајде сега да направиме едно кратко резиме. Најдолгиот скок во досегашната историја на зимските скокалници – Словенец, најдобриот светски кошаркар во моментот – Србин, најдобриот тенисер на сите времиња откако се игра овој спорт – Србин, нобелови награди – Иво Андриќ, Мајка Тереза. Но, да не губиме време: Тесла, Иво Погорелиќ, Влатко Стефановски…

„Македонско девојче“, „Јовано Јованке“, „Чудна јада“, а мостот го урнавме. До кога? Сѐ што вреди урнавме, сардисавме, омаловаживме.

Повеќе од три децении сме сами, ама како велат кумановци „Сам човек за нигде не е“, но судбина била така да се случи, можеби околностите, можеби „големите“, можеби кој знае што?

Но, зарем до толку глупавоста не ни дозволува да направиме исчекор, да си ја направиме државичкава едно пристојно место за живеење? Место, каде што ќе има соодветен простор за секој кој сака да твори, да придонесе од свој агол, за да се помрднат работите кон подобро.

Секогаш некој „од горе“ нема да дозволи, секогаш треба да се оди по најдолгиот пат, да се докажеш надвор, па дури тогаш да те земат во предвид дома, своите.

Па добро, мајку му, кога еднаш културата ќе ја ставиме на пиедесталот кој го заслужува? До кога на културата „капа“ ќе ѝ ја кројат оние „од горе“, во најчести случаи неупатените, поставени на места да „кројат“, да селектираат и секако толку се вешти што знаат да пливаат и во понорници, но никако да испливаат на површина. Всушност тие испливуваат и на површината, но само за да направат уште една каша – попара.

Овие „пливачи“ кои аминуваат што е култура, а што не, дури и не ја третираат нематеријалната култура, за нив е поважна онаа материјалната. Многу им се допаѓа зборот „материјална“, тогаш им затреперува срцето, мислата, дека тука лежи зајакот, во материјалното.

Епа, „пливачи“ треба да знаете дека култура е она што го правиме, култура е како се однесуваме, како одиме, како седиме, како ги носиме нашите тела, како комуницираме. Култура е како се однесуваме на спортски натпревари, на концерти, во театар, на улица итн.

Културата е мерило за совршенство, уметност. Културата е посебен начин на живот.

А да, ама вие тоа го знаете, а во речникот постои и зборот некултура и некултурата, исто така, е начинот како се однесуваме, како одиме, како седиме …

Во овој контекст треба да се напомене дека во културата постои и кич. Кичот е ниско вредно уметничко дело кое има претензии да допре до што поширок круг на луѓе, а основниот мотив на кичот е да се оствари што е можно поголем профит.

Одиме понатаму, имаме и шунд. Шундот пак не би можеле да го третираме како уметничка – културна вредност, шундот е нешто што нема уметничка вредност, нешто што во суштина е лоша работа.

Основното прашање кое си го поставуваме е „Како да пливаме, како слободно да се појавиме на површината?“. Навистина, реката не мора да биде понорница до крајот, не мора да се криеме, треба да се излезе на површина и да се однесуваме културно, да ги цениме културните дела кои имаат вредност, уште повеќе да ги цениме и почитуваме уметниците кои тие дела ги создаваат. Да ги охрабриме да продолжат со своето творештво.

Системот треба да створи механизми на клучни места во културата, да номинира кадри кои ја разбираат културата, кадри кои се едуцирале и кои се компетентни да ја водат и да се грижат за културата и културните вредности.

Да ја прекинеме нитката на себеуништување по пат на губење на идентитетот во културата, бидејќи културата е таа која е основниот идентитет на еден народ.

Ако преовладува кич и шунд во едно општество, во една држава, отиде државата, станува банана – држава.

Имаме шанса, треба да си ја цениме културата барем онолку колку што ни ја ценат од надвор, доволно ќе биде.

Драган Јаким, професор

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.