15.04.2025
Се ближи мај, се ближи и годинешното издание на најголемиот музички фестивал на светот, Изборот за песна на Евровизија 2025. Тој, годинава ќе се одржува од 13 до 17 мај во Базел, третиот по големина град во Швајцарија.
Можеби звучи претенциозно, но организаторите најавуваат дека може да биде еден од најголемите хит – шоуа на векот.
Инаку, тоа е земјата од каде потекна идејата за Евровизија, тоа е земјата која го организираше првиот фестивал во 1956 година и тоа е земјата која ја однесе првата евровизиска победа.
Според најавите на швајцарскиот радиодифузер SRG SSR, годинава сѐ ќе биде во знакот на земјата – домаќин и ќе ги симболизира вредностите што ја дефинираат: отвореност, различност, повеќејазичност и чувство на заедништво.
Во мај, фестивалот нема да има за цел само да ја слави различноста на Европа, туку и да ги донесе на сцена вистинските вредности и духот на Швајцарија – позната по својата отвореност, интеграција и заедница, велат од таму.
„Слушнати и ценети“!
Годинешниот концепт го осмисли уметничкиот директор Артур Дејнев. Неговата цел е да создаде дизајн што ќе ги натера луѓето да се чувствуваат „слушнати и ценети“.
Инспириран од швајцарската традиција на директна демократија, која се врти околу „слушање и дијалог“, Дејнев го избра „слушањето“ како централна водечка тема на целиот концепт во брендирањето, нарекувајќи го „Единството ја обликува љубовта“.
Оваа порака на сцената ќе биде пренесена и визуелно, преку симболот на срцето на Евровизија, кој се залага за дијалог, единство и обединувачка моќ на музиката.
Што се однесува до сценографијата, Флоријан Видер, продукциски дизајнер со швајцарски корени, кој по осми пат го надгледува дизајнот на Евровизија, открива дека овој пат е инспириран од швајцарските планини и од јазичната разновидност на земјата.
– Нашата цел е да создадеме револуционерен сценски концепт – холистичко искуство што никогаш претходно не сме го виделе на Евровизија. Благодарение на извонредниот распоред на сцената, публиката ќе може да биде дел од Евровизија како никогаш досега, најавува.
Лис, Селин, Немо – златната швајцарска тројка!
Евровизискиот триумф досега три пати ѝ припаднал на Швајцарија. На првата Евровизија, одржана на 24 мај 1956 година во Лугано, учествувале Франција, Германија, Италија, Холандија, Луксембург, Белгија и секако Швајцарија, а секоја земја испратила по две песни, па така се собрале вкупно 14.
Лис Асија стана првата победничката, со песната „Refrаin“.
Родена е во северна Швајцарија, кариерата ја започнала како танчерка, но подоцна се посветила на пеењето. Таа ја претставуваше својата земја на Евровизија и во следните две години, во 1957 и 1958, како и во 2012 година, кога го освои осмото место. Почина на 94 годишна возраст, на 24 март 2018 година.
А, дека канадската ѕвезда Селин Дион ќе присуствува на Евровизијата годинава, се гласини коишто ги воодушевуваат нејзините фанови, воедно и ги прават нетрпеливи.
Организаторите велат дека работат на тоа повторно да ја имаат суперѕвездата, триесет и седум години по нејзината победа под швајцарските бои (црвена и бела).
– Работиме на тоа. Селин Дион и „Евровизија во Швајцарија“ одат рака под рака, вели Мориц Штадлер, копродуцентот на Евровизија.
Но, ништо не е решено, дури и ако фановите со сите сили се надеваат на ова враќање, помалку од една година по нејзиното изненадувачко појавување на отворањето на Олимписките игри во Париз, минатото лето.
Погодена од ретка невролошка болест која ѝ го вкочува ликот и може да влијае на нејзините вокални изведби, Селин Дион сѐ поретко ја има. Затоа, повторното застанување на сцената во Базел би било многу повеќе од настан.
Во 1988 година, во Даблин, Ирска, Селин Дион ја изведе „Ne partez pas sans moi“ и го зазема првото место, со што го означи и стартот на нејзината извонредна светска кариера.
Да потсетиме и тоа дека Швајцарија ја заслужи честа оваа година да биде домаќин на Евровизија 2025, откако швајцарскиот пејач Немо минатата година триумфираше на натпреварот во Малме со песната „The Code“ и освои импресивни 591 поен – 365 од жири и 226 од телевоутинг.
Третата победа на Швајцарија беше придружена и со масовни коментари насекаде, откако Немо призна дека е не – бинарен.
37 нови евровизиски песни, македонска нема да има!
Големото финале на Изборот за песна на Евровизија 2025 година ќе се одржи во пренаменетиот фудбалски стадион Сент Јакобсхале, во сабота на 17 мај, а пред тоа првото полуфинале е во вторник на 13, а второто во четврток на 15 мај.
Оваа година ќе учествуваат претставници од 37 јавни радиодифузери. Македонија нема да учествува, веќе трета година, а од регионов Црна Гора се враќа на натпреварот, по учеството во 2022 година.
Албанија, Ерменија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белгија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Сан Марино, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина и Велика Британија се земјите кои ќе испратат свои претставници.
Македонија вкупно учествуваше 19 пати досега.
За првпат на Евровизија запеаа Владо Јаневски, во Бирмингем во 1998 година. Песната носеше наслов „Не зори зоро“.
Пред тоа, во 1996 година, Калиопи со „Само ти“ зеде учество на претквалификациите, но не обезбеди влез на фестивалот.
Најдобриот успех е забележан во 2019 кога Тамара Тодевска со „Proud“, го освои седмото место. Таа година, државата за првпат учествуваше под новото име – Северна Македонија, па нејзиниот успех не беше соодветно прославен кај домашната публика.
Најлош пласман беше 18 место во 2018 година, со групата „Eye cue“.
Во 2022 година во Торино Андреа со темата „Circles“ настапи во второто полуфинале, но не влезе во финалето, завршувајќи на 11-то место со 76 бода. Проблемот со фрлање на македонското знаме на под, за да се фотографира, предизвика скандал во земјава. Оттогаш МРТ реши да го повлече своето учество на овој фестивал.
Сан Ремо – предвесник на Евровизија
Натпреварот за песна на Евровизија е координиран од Европската радиодифузна унија, водечката светска алијанса на јавните медиуми со 113 членови во 56 земји – заедно со 31 соработник во Азија, Австралија, Африка и Америка.
Идејата за Евровизија се роди во текот на педесетите години на минатиот век, како обид завојуваната Европа да се обедини, поврзе и отпочне соработка и толеранција.
Главна ѕвезда водилка во осмислувањето бил славниот фестивал во Сан Ремо.
Всушност, изразот „Евровизија“ е постар од самиот натпревар. Него прв пат го употребил британскиот новинар Џорџ Кемпи уште во 1951 година, но идејата за фестивалот потоа ја дал Марсел Безенсон, швајцарски новинар, тогаш во Забавната редакција на националната куќа на Швајцарија, во чија чест на Евровизија 2002 во Талин е воведена евровизиската награда која го носи неговото име.
Оттогаш наваму, сѐ другото е историја …
Евровизијата, сега, ја оценуваат како брилијантно Тв шоу кое од година во година расте и цвета и предизвикува сѐ поголема гледаност во светот и меѓу сите генерации од сите континенти. И секогаш внесува технолошки новини кои дотогаш не се видени, како цел филм. Препознатливо е дека од музички натпревар на класични поп песни, се префрли на телевизиски спектакл.
Го нарекуваат и фестивал на човекови права, каде се прифаќаат различностите, а контроверзиите и трачевите кои се случуваат- некои се спонтани, а некои изрежирани, но поради цврстата организација и строгите правила од страна на организаторот, никогаш досега не излегле пропусти, а ни докази и основани сомневања дека има местенки од страна на организаторот, во нечија полза.
Заткулисно има лобирање, а познато е регионално и меѓусоседско разменување на гласови. За секоја песна се гласа со поени 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 10, 12. За нецел месец и „… Европа може да почне да гласа, сега!“.
Валентина Ѓоргиевска Парго