Почетна ИНТЕРВЈУ МАРГИЦА АНТЕВСКА: Еден ден кога ќе се вљубам, ќе биде, ќе биде...

МАРГИЦА АНТЕВСКА: Еден ден кога ќе се вљубам, ќе биде, ќе биде чудно сѐ!

Ни го раскажа својот живот како на филмска лента. Се почувствува топлина и емотивност во секој дел од тој „филм“. Затоа што, топлината е нејзин знак на препознатливост. Мекоста. Мелозвучноста. Спокојноста.

Секое парче од нејзиниот животен мозаик ја прави достојна за почит, една од најпочитуваните славни кумановки. Госпоѓа Маргица Антевска, чие срце чука за песната.

Посебно ми е мило што се среќаваме на интервју, по долги години. На 29 август минатата година го проследив Вашиот настап и награда за животно дело на „Тумба фест 2024“ која ја освоите заедно со Ристо Краповски, за песните кои ги оставите како вредни музички белези за овој град. Оттогаш наваму, какво темпо имаат Вашите активности?

Luxury Catering Service

– Многу им благодарам на „Тумба фест“ што ме поканија по втор пат, каде ја добив таа преубава награда. Тоа значи почитување на работата на некого, на пример еве на нас, естрадните уметници. Пред короната добив награда за животно дело од „Радио Роса“, но овој пат се изненадив затоа што јас не се афирмирам толку на сите ѕвона. Беше вистинско изненадување. Со Ристо имаме отпеана една за да се пошегуваме „Цел ноќ ти се к’лну Гинче“ па глумиме, а зад нас голем екран. Таа ни беше првата заедничка за „Тумба фест“…  Потоа јас ја испеав „К’т ќе дојдеш у Куманово“… Видете, оттогаш наваму поминаа неколку месеци, не е важно, лета времето, нека лета, но наградата ми е како душевна храна. Јас секогаш велам „Викнете ме да пеам, не се само пари во прашање, не сум среброљубец“, колку – толку јас имам, земам една заслужена пензија од фабриката каде што работев како економист. И да земаш многу, ти ако си незадоволен и неблагодарен и тоа ќе ти е малку. Но, викнете ме колку да излезам од дома. Си седнувам често на пијаното и почнувам- ајде сега севдалинка ли ќе е босанска, српска ли ќе е, или наша староградска македонска? Баш пред некој ден ја запеав „По друм одам мајче“… Пеам тивко и сама се следам, свирејќи на клавир. Јас сум самоука на клавир, а три години учев виолина. Имавме два клавира, едниот го продадовме, сега ни остана еден Петроф.

Се израдуваа ли Вашите кога им ја однесовте таа награда, бидејќи во својот град да ве почитуваат значи навистина сте личност која заслужува.

– Изненадување преголемо. Преголемо. Прво беше преполн плоштадот за „Тумба фест“, па гледам ме испочитуваа сите, од директорот Драган Јаким, па натаму. „Боже Крапче, гледај колку ме почитуваат“, така си го нарекувам, а тој ми враќа „Мацо во твој град најмногу те сакаат, а најтешко во твој град да те сакаат“ …

Директорот Драган Јаким и Маргица Антевска на „Тумба фест 2024“

Ги почестивте Вашите сограѓани со гала концерт на 17 септември 2019 година, по повод  50 години од кариерата.  

– Токму така. Ја прашав ќерка ми Милена дали ќе ми помогне, таа е одличен организатор. Таа сѐ организираше, поднесовме барање до Министерство за култура и го направив концертот. Ги поканив Перо Христов, Сефедин Бајрамов, Нино Величковски, Ефто Пупиновски, Ристо Краповски, со сите што имам заедничка песна. Требаше да снима МТВ, но снимивме во сопствена режија. Милена најде водителка за пет минути, напишаа сѐ за мојата кариера, од општината дојде елита и претставничка која зборуваше за мене.

Како помина?

– Е, концертот, сѐ беше во живо. Прво пеев со пијано придружба на музичар од една група од Велес, „Ој, Јано, Јано“. Со таа песна лежерно влеговме во програмата и со уште една француска шансона. На сред концерт почнаа да паѓаат листовите ставени на пулт. И сега гледам, реагираат музичарите, меѓу нив и син ми Марко ме прашува „Што ќе биде?“, а јас на микрофон велам „Ќе пееме пак“. Ништо не ме допре. Продолживме. Сѐ беше десет плус. Публика полно. Ми аплаудира. И после ги прашувам „Зошто на некои песни плачете, на некои се смеете?“. „Мацо па ти ги поеш такој песме, емотивно. Смеемо се на Гинче, ама к’т га поеш ‘Со маки сум се родила’, плачемо”. Ама беше прекрасно. Ми се наполни душата. Од таму отидовме во ресторан „Грација“, ги поканив сите изведувачи и што беше поважно на сите им поделив благодарници за тоа што ми биле гости. Јас бев како пеперутка.

Следуваше и славенички концерт во 2023 година. 

– Да. Направив по повод 55 години, но нешто пред самиот јубилеј, повторно во организација на Милена. Направивме во малата сала на Занаетчиски дом. Милена ми вели „”Сега веќе немаш поддршка од други пејачи“. „Па што?, ѝ велам јас – ја ќе си поју“. „Танго до Балчак“, не знам од каде ми се створи таа песна во глава, ни филмот го гледав, како да ми ја пушти некој од некаде и со Марко дома ја извежбавме на „Клавинова“. Таа песна ја испеав, покрај моите. Концертот траеше 55 минути.

Симболична бројка, но јак јубилеј.

– Не се каам за ништо, сакам да пеам заради ова грло. За друго, божја работа е, ќе ме фати нога рака, ќе ме пушти. Но, треба човек да е свесен за своја ситуација и нема што тука.

Да погледнеме сега кон почетоците. Која беше првата песна што ја испеавте?

– Првата песна ја запеав во Театарот во Куманово беше „If You go away“ од Ширли Бејзи. На Македонско радио соопштија дека ќе дојдат од Македонска телевизија, на чело со Димитар Масевски да бараат таленти. Отидов и немам трема. Тоа е добро кај мене никогаш немам трема. Немав ни дваесет години. Следниот ден ми се јавуваа „Маргица Антевска, дојдете да снимате“ и за една недела настапив во Народен театар Куманово со Love story. Инаку татко ми таму работеше, но, како сценски работник, плус и музичар пејач беше, со мајка ми беа во хор. Сум пораснала во таква а, со такви родители.

Вашата мајка во кој хор беше?

– Мајка ми, Магдалена Антонова, беше во Градски хор во Куманово кај професорот Ѓоко Симоновски. Со тато прво пееле во заеднички Градски хор, а потоа одделно, а мама со женскиот хор ја прошетаа цела Европа. Кога имав 14-15 години од Полска ми донесе мече, јас го крстив Антонио. Уште го имам плишаниот Антонио, до него една Лола од кога сум се родила и еден Мартин, друго мече, тоа ми е подарок од децата за роденден. Мојот сопруг сака сѐ тоа да исфрли, ама јас не давам ха, ха. Се шегувам. Ратко ми е најголемата поддршка, секогаш.

Позборувајте ни за своите родители штом биле пејачи…

– Ау за моите родители, тешка е тоа тема, многу тешка тема. Мајка ми отиде во 2003 година,  кога имаше 83 години и внимавајте и тука нешто се случи. Помина една недела и ѕвони некој на врата. Гледам Сефедин Бајрамов и Гоце Димитров дошле од Битола. Не знаеле за тоа. Влегуваат и ми велат „Ние дојдовме да ти земеме интонација да пеете со Сефедин“, внимавај, песна со наслов „Родителска љубов“. На една недела по мама, тие поим немаат што се случува, а Гоце ја пишува „Родителска љубов“. И ме прашуваат „Ќе сакаш ли?“. „Мама појала до вчера, додека беше жива. И мама и тато поеја. Нема да се лутаат“, им велам. Еве, кожава ми се ежи. Тие ми земаат интонација и си заминаа вечерта за Битола. Песната со Сефедин ја отпеавме на „Цветници“, мелем на рана и мислам дека добивме награда.

Поминало време, не може сѐ да се запапамети точно …

– Има една тетратка која памети сѐ. А на тато тогаш кога почнав да пеам му беше ќеф. Почнав да пеам и веќе почнаа за мене да пишуваат Славе Димитров, Димитар Масевски, Љупчо Константинов, Запро Запров – „Сѐ гори за тебе“, Љупчо Мирковски и групата „Арлекин“… Првата песна ми ја напиша Љупчо Константинов.

Како се викаше?

– „Еден ден кога ќе се вљубам, ќе биде, ќе биде чудно сѐ“… ете таа ми ја напиша, нека ја слуша од небото. Љупчо!

Преубави нежни женски стихови. 

– Прво со таа почнав. Потоа ми ја напиша „Девојка“ со која на следниот „Скопски фестивал“, во 1971 година, добив награда за најдобар дебитант, еден позлатен часовник. Во 1975 година нѐ пратија како претставници на Македонска телевизија за Песна на Евровизија, група „Бони“, јас, Миодраг Божиновски, брат му Мирослав и уште една пејачка, да ја претставуваме Македонија на Домашниот избор за песна за Евровизија со песната „Доста сме се лажеле“. Сѐ уште го чувам еден приврзок што го добив на фестивалот. Во Опатија пееше и Слаѓана Милошевиќ со група. И знам дека им ги зедовме столчињата, кога тие станаа, ние седнавме. Потоа дојде Слаѓана и вели „Па ние овде седевме, велам, еве, еве сега ние веднаш стануваме“. Испеавме многу убаво без никакви грешки. Следно беше „Суботички фестивал“…

Во тој активен период, во седумдесеттите, ви се отворија ли шанси за поголема кариера?

– Настапив на една многу важна емисија „Максиметар“ што ја водеше Драган Николиќ. Се објави дека во Универзална сала ќе се врши аудиција од Белградска телевизија „Таковска 10“, уште ја чувам и телеграмата од композиторот Радослав Граиќ. Си велам „ќе одам во Универзална“и отидов така слободна… Секогаш како некој да ми шепотел што треба да правам…  И ја отпеав пак „If You go away“, што ја пеев во Куманово. По кратко време стигнува писмо од ПГП „Госпоѓа Маргица вие сте примена за емисијата Максиметар, дојдете во Студио 6 во Белград“. Потоа секој петок или втор, со воз до Белград. И ден денес го сакам Белград поради тие спомени. Тоа беше мамутска серија, траеше една година. Ме известуваа со телеграми кога требаше да одам. Влегов во четвртфинале, во полуфинале, во финале. Додека дојдов до тука со оркестар во  живо ја пеев „Ветерњача мојих снова“. На финалето освоив трето место, а ја пеев „Знам има една жена, плам нејзин гори в мен“ од Љубомир Бранѓолица, која Здравко Чолиќ ја пееше на еден Скопски фестивал. Прва награда зеде Марјан Буѓец од Крагујевац, втора Газмен Паласка од Приштина, трета награда Маргица Антевска од Македонија. Во публиката беше Гоце Николовски. Човек добар, до Бога. Тогаш почнуваше, си седи мирно. Тука беа и „Ју група“. „Знааам има една жена, плам нејзин гори в мене“. Ова сѐ се рани. И Бранѓолица беше скромен и добар. Ах. Го нема веќе. И кога добив  јас трета награда ми рекоа: „Можете да останете во Белград ако сакате, имате прекрасен глас“. Бев млада, се исплашив, страв ми беше и се вратив во мое Куманово. Во тие години се надоврзуваат многу фестивали, 1975/ 1976/ 1977 сѐ до 1984 година. И многу автори пишуваа за мене, да не ги споменувам повторно, да не заборавам некого…

Се заборава, од многу спомени…

-…Но се обидувам да ви кажам дека јас сум соработувала со интелигентни, успешни, скромни, врвни автори, навистина и јас и не сум дала ниту скршено денарче, ниту па ми побарале. Веројатно ми го ценеле гласот. Се омажив во 1982 година, се роди синот Марко. Ќерката Милена уште не беше родена. И во 1984 година тато отиде, по три месечно боледување. На свои 64 години. Е таа година ни во сон не сакам да ја слушнам. Некој кога ќе ми ја спомене им велам „Подалеку од мене, не ми ја спомнувај таа година“. Не пеев шест – седум години, не можев да пеам. Работев во фабриката „Искра“ како економистка. „Искра“ беше јака фабрика, таму ме почитуваа, убаво си работев, но не можев да пеам. Не, не, не. „Пусту гору“ викав Кумановци, или „далеку било“. Не бев со себе си. Затоа што беше душа од човек. Мама држеше малку строгост, а тато ќе влезе од врата, ќе го пушти радиото и ќе пее…

Како се случи да ѝ се вратите на песната?

–  Одам по улицата и го среќавам Мичо Божиновски. „Што правиш Мацо, пееш ли?“. Велам „Не, заврши моето пеење, толку“. „Море како заврши, не завршило, Валандово доаѓа, ќе пееш“. И тој ми ја напиша „Ој туѓино“ во 1991 година. По пауза од седум години запеав „Ој туѓино“ и од забавна отидов во народна. Тогаш тој просто ме расони, од тој не добар сон. Така требало. Следно на „Цветници“  ја отпеав „Не лудувај бре Јоване“, хит беше. И ден денеска е хит. И таа ми ја напиша Мичо. Добивме награди.

Забавната музика тогаш ја оставивте засекогаш?

– Подоцна на „Скопје 1996“ ја испеав „Те нема да го слушаме Шопен“ од Бранѓолица. И таа песна е мелем на рана, само со клавир. Но, пред тоа, кога Мичо ми ја напиша „Китки мешани“ да ја отпеам на „Макфест“, неговата сопруга Славица Божиновска напиша текст „Прошетала се света Недела по Јахорина, вишна планина, посакала да бере китки мешани, китки мешани, бели црвени“. Оваа песна посебно ми е мила и на Славица ѝ е мила зошто мајка ѝ е Босанка и опишува нешто што било за време на бомбардирање на Босна и Херцеговина. Директорот на „Макфест“ Троицки рече дека таа песна мора да се преправи, не може да се спомнува по Јахорина. Славица стои цврсто не дава да се смени текстот и затоа не нѐ пуштија во финалето. Пеевме во полуфиналето, октетот „Куманово“ грми од заднина. Си напиша таа текст за тоа што ја боли душа. За китките мешани со бомбите, ама пак ќе помине ќе расне, ќе израсне цвеќето. Многу убав текст. Уф. Многу ме замори муабетењево.

Заморно ви е?

– Не ми е мене заморно, всушност, тажно ми е …

Ама нормално, штом се навраќа човек низ спомените…

-…И, Бранѓолица тие години ми вели „Ајде одиме сега на армиски фестивал“. Ми ја напиша „Заветна“ – „Ти си ми сѐ земјо мила, сонце си мое“. Ја отпеав, прекрасна песна. Потоа Кире Костов ми напиша една за армиски, Кире ми ја напиша и „Бела птица“, Фис ми напиша песна, па за „Охридски трубадури“ Горан Михајловски ми направи многу убава „Охридска романса“, со Горан Алачки на хармоника. Земавме награда.

Многу емотивен беше и Вашиот настап на првиот „Серенада на Широк сокак“.

– Тогаш ја отпеав „Смилувај се сино небо“ од Милко Лозановски „Болно лежи мојот либе и во него тажно гледам, тажно ми е ова срце, покрај него немо седам. Бледи усни шепнат тивко, дали има надеж праша, што ли мајко ќе му кажам, како него да го лажам. Смилувај се сино небо…“, и да ја стопирам овде песната, поради некои причина. Доаѓа време да ни даваат награда, дали Гоце или јас, тука е новинарката Виолета Хаџи Скерлева. А мене ме нема нигде, избегав во соба. Зашто пулсот сигурно ми бил 200. Таа песна ме асоцираше на тато.

Помислив пред малку, штом сакате да прекинеме, сигурно поради спомените со таткото.

– И песната е таква. Господе Боже, како ќе ми се смири пулс. Лошо ми е, ми дадоа апче, испив. Тоа се емоции. „Дојди ваму Маргица. И Гоце отпеа и Ти“ ми велат и не можат да одлучат кого да го наградат, па ја поделивме наградата за интерпретација. И тоа многу ме погоди. Следната година за „Серенада“ Калица ми ја напиша „Чуј Јордане“. На таа моја изведба во живо стана луѓе на нозе, плескаа со раце. Тука ќе кажам дека сум повредена и лута на битолчани, затоа што не ме покануваат на манифестации, а сум родена таму и многу го сакам тој град и тие луѓе.

Ве имаше редовно и на програмата на „Гоце фест“. Која ви е најомилената од таа сцена?

– Сигурно 12-13 пати пеев. Песната „Султана мајка“ ми ја напиша Благоја Здравковски, синот на директорот Пеце, кој најмногу ја сака таа песна за мајката Гоцева и наша… Мене ми е драга „Една си мајка имаме и една земја газиме“, весела песна. Ама, па, сите ми се убави.

„Еврофест“ Ве награди исто така.

– Директорот Костадин Костадиновски од „Еврофест“ ме покани и награди повеќе пати, а најмногу  ја сакаше „Молитва за вљубените“. Со него бевме во Бугарија. Немаше тогаш политика, имаше песна. Отидовме во Софија да ја снимиме со нов аранжман на Пламен Велинов. И ја снимивме, аранжманот грми. На границата со Бугарија колони со автомобили, јас отидов и му подарив цд на цариникот и нѐ пушти пред сите возила. Во Софија бев наградена со таа песна.

„Серенада на Широк сокак“, „Скопски“, „Макфест“, „Гоце фест“, „Валандово“, „Цветници“, „Охридски“, преработени народни….Имате ли цедиња?

– Имам над сто песни. Првата касета ја снимив во МРТВ пред многу години „Ој ѕвездо, ѕвездо“. На 50 годишнината снимив компилација со мои песни, на 55 исто така, на кое ги собрав забавните, народните, преработените, „Останал Кољо сираче“, „Со маки сум се родила“, ,„Јовка Кумановка“… Од концертите имам снимки на ДВД, а имам и на јутјуб.

Заработивте од музиката? Патувате многу?

– Не заработив од музика и не патував, затоа што имам фобија од авион. Милан Завков само ме покануваше за Америка, Австралија, не отидов. Грешка. Да се вратам назад тоа ми е грешка. Сопругот Ратко не ми бранеше ништо, само што тој не доаѓаше на тие настани. Работеше во Тутунов комбинат. Тој ги поддржуваше и децата и ги бодреше да вежбаат, дури некогаш претеруваше. Сега така го бодри Јованче, окото бабино, нашето прекрасно музикално внуче од ќерка.

Децата сами се определија за музика или Вие влијаевте?

– Сами. Ќерката е професор во музичко училиште во ОУ „Крсте Мисирков“, а синот е во музичко училиште „Панче Пешев“. Тој заврши клавир во класата на професор Романов, каде заврши и Симон Трпчески.

Сте запеале тројцата?

– Не, не сакаат. Ќерката пее преубаво и настапуваат на свирки, но не сме запеале тројцата.

На колку јазици Вие пеевте?

– На македонски, српски, латино, шпански, италијански, француски…

Сосема пред крај намерно ја оставив песната со Ристо Краповски и мислам е Вашата најпозната „Останавме сами“, се лажам?

– Не се лажете. Краповски ми се јави на телефон за да пееме за „Цветници“, да се договориме за интонација. Слушни ја песната, ми вели. Што да слушнам, што да се договарам? Затоа што јас го знам – Крапче има душа. И пред тоа имавме заедничка песна, ама оваа беше нешто посебно. Тој мислеше дека ќе земеме награда, јас му кажав дека нема да добиеме, но остана песната да се слуша, за децата кои заминале од родителите. Моите, да се здрави и живи, се во Куманово, но колку и да ги гледаш и да поминуваш време со нив, сакаш уште повеќе. Сакам да кажам, многумина се разделени од своите деца. Не се парите најбитни на овој свет и во овој живот, а сѐ се прави за пари.

Убаво размислувате, веројатно имате смирени пензионерски денови со сопругот веројатно некогаш ги преслушувате и гледате Вашите снимки…Особено оние од „Тумба фест“ кои навистина се големи хитови.

– „Цел ноќ ти се кл’ну Гинче“ е повторно дуетска со Ристо. Текстот е на Слаѓана Стојанова. Таа е најпозната песна на фестивалот. „К’т ќе дојдеш во Куманово“ ја компонираше Игор Трајковски, а ја испеав сама…

Направивте два концерти со Вашата ќерка. Ќерка како ќерка, сѐ ќе стори за мајката. „Етно ризница“ е организатор на „Тумба фест“ во која дел е и Слаѓана Ивановиќ, полна со идеи и организациони способности. Дали би било добра идеја еден емотивен женски концерт таа да ви организира, а Вие да пеете? Од жена за жена, како подарок.

– О, какво прашање! Право во срце. Можам само да сонувам.

Да ви се оствари сонот, да сте здрава и жива, да ни пеете уште долго и да нѐ радувате. Ајде, да се насмееме, Куманово е град на шегата.

– Леле, што убаво заврши нашево интервју…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго