На ден пред најголемиот христијански празник, период кога низ македонскиот етер силно одекнуваше евергринот „На Велигден“ со гласот на Џокси, во вечноста тивко замина аранжерот на песната, Тоше Поп Симонов, звучно име на домашната сцена.
– Тоше е автор на аранжманот на велигденската химна прифатена од широките народни маси. Ете, таков беше Тоше, сѐ она за што ќе се нафатеше да сработи, завршуваше со хит, на социјалните мрежи напиша Џина Папас Џокси и нѐ потсети дека неговата соло кариера почна со Тоше на „Макфест 1989“ со „Сојла“, „Изгубено богатство“ (1991), „Побарај ме со песна“ (1993, дует со Жаклина Стевковска), „Револт“ (2007)…
Познати музичари, кои нешто значат, споделија свои спомени и сеќавања од соработката со овој музички маг.
Пепи Ренџов, го опиша буквално каков што беше.
– Друже, Господине, Маестро! Твојата музичка интелигенција, философија и предаденост низ огромниот опус кој го оставаш, ќе ја греат душата на Македонија! Не постои музичар, обичен, филмски, писмен, неписмен, ѕвезден, урбан, естраден, рокер, џезер, да не поминал низ твоето студио, да не бил потпомогнат од твојата естетика во творештвото, да не јадел, пиел и спиел покрај миксетата. Сите си ги ислушал, а надежите, талентот и душите што ги оставале си ги претворал во музичко богатство. Воедно би сакал да го изразам разочарувањето што не беше препознаен и искористен од државните институции како силен и влијателен обединител- носител – столб на музичките и културни вредности, запиша.
***
Тоше Поп Симонов, во раните 1980-ти, бил член на групата „Пост скриптум“, од која подоцна произлезе култниот бенд „Бастион“, каде што свирел гитара. Од тоа време на пошироката јавност ѝ беше познат и како член на „Асторија“ и „Раскољников“.
Еден од музичарите кој имаше допирни точки со Тоше уште на почетокот на својата кариера е познатиот кумановски рокер Љубиша Јовановски Жишка. Тој во интервјуто за „Плоштад“, пред неколку месеци, потсети:
– Тоше Поп Симонов во средина на осумдесеттите ме викна да бидам главен вокал во групата „Раскољников“. Тие отидоа во Белград кај Лазар Ристовски да снимаат албум, јас во меѓувреме веќе бев апсолвент, а плановите на групата беа многу амбициозни, кои, јас, поради моите студии не можев да ги исполнам, па „Раскољников“ отиде на снимање со Стево Чепишевски и Тања Станковиќ како вокали. Потоа сменија име во „Асторија“, рече Жишка.
А групата „Зијан“ по победата на „Рок фест 87“ и веднаш потоа и на Зајечарската гитаријада, добиваат награда издавање на албум за ПГП РТБ.
Композициите за овој албум ги снимаат во студиото на Тоше Поп Симонов во Скопје, но, за жал, овој материјал никогаш не се најде на плоча, зашто од ветувањата на белградските уредници не останало ништо.
Дејан Шкартов- Деки од „Бадмингтонс“ сподели некои свои искуства.
– Опасен техничар на „Гибсонот“, многу добар гитарист особено тогаш – на почетоците, во раните осумдесетти. Многу понапред со амбициите од обичните музичари. Храбар и студиозен. Еден од најдобрите рокери – интелектуалци. Прошири важни музички хоризонти во тие клучни години. Секогаш кажуваше и покажуваше, делеше знаење и искуство, е врежано во сеќавањата на Шкартов.
***
Овој познат композитор, текстописец, аранжер, продуцент, инженер на звук беше и основоположник на приватните тонски студија во нашата земја – првиот кој во Македонија направи сериозно приватно тонско студио уште во средината на 1980-тите. Студиото првично беше наречено „Јатаган“, а потоа „Аудиолаб“ („Поп мјузик“), каде што продуцираше бројни музички дела.
Во 1991 година тој беше продуцент и композитор на мошне познатиот рап албум на Ена Веко „Бубачки и градски ѕвезди“, ја лансира и неа и „Студени нозе“ со албумот „Нејќу колор телевизор“ и, ако во осумдесеттите неговото име значеше авангарда, во деведесеттите како со клуч отвори интересна слобода на расположение, која донесе абрегација на чувствата на генерации млади луѓе. Се пееше до зори за „Кучето мое“, „Опинок“, „50 марки“, „До кога вака“, „Келнерот„, „Мачо мен“…
Исто така соработуваше со Јаков Дренковски на албумот „C’est la vie“ (1991), како гитарист на електрична гитара и тонски инженер.
Учествувал во МРТ како аранжер и музичар, работел на аранжмани за речиси сите фестивали, стави свој потпис на многу дела, музички теми, албуми, фестивали, а како дел од „Анастасиа“ има придонес и во филмската музика на филмот „Пред дождот“ (1994).
***
Секогаш тивок и од сенка, а многу опасен како генијалец. Неговата генијална еклектичност беше безгранична.
Музичарот Дејан Спасовиќ се потсети:
– Му се појавивме со „Оркестарот Пеце Атанасовски“ пред 25 години, млади и загреани дека ќе го менуваме светот со изворна музика. Му рековме сакаме да звучиме како „Масив Атак“. Не само што го прифати предизвикот, туку им даде живот на ората и песните како никој дотогаш, а и после тоа…
Во неговото студио беа снимени албумите и песните: „Мизар“ – „Свјат Дреамс 1762 – 1991“, „Архангел“ – Архангел, „Анастасиа“ – „Before the rain“, „Дарио и Миг 21″, Дарио – „Дај да заспијам“, „Дупла вотка“, „Дуо трио К- 15“ – „Дечки Валцер“, „Градинарот“, Трајче Манев – „На минус 23“, „Анастасиа“ – „Melourgia“, Златко Ориѓански – „Икона„, „Мансарда“, „Куку Леле“ – „Постела од рози“, Верица Пандиловска – „Без здив“, „Кучкин син“, „Асториа (2)“ – „Чин Први“, Гарабет Тавитијан – „The Best of Paramecium“…
Со Тоше Проески соработуваа за албумот „Дан за Нас“, а со песната „Никада“ победи на музички фестивал во регионов.
Во соработка со него за „Макфест“ е снимена песната „Време за плачење“ со која настапи Игор Џамбазов… Соработуваше и Игор и „Хавана бенд“, Бени и „Нон стоп“, „Силви бенд“, Харе Гуру, Олгица Христовска, Тања и Лидија Кочовски, „Фрајле“, Влатко Илиевски, Владо Јаневски, Ристо Бомбата, Кристина Арнаудова, Елена Ристеска, Андријана Јаневска, Дуле и Коки, Калиопи, Алка Вуица и разни други македонски поп и рок артисти.
„Тоше Поп Симонов, птицата што ја пронајдов во својот сопствен лет, која знаеше високо да лета“ ќе запише Зорица Поп Панкова.
Неоспорна мајсторска величина, современ музички великан со модерен дух, кој во колективната меморија ќе остане запаметен по бескрајните траги што ги остави со своите музички и човечки чекори.
Замина на 19 април 2025 година, на 62 годишна возраст.
Неговото место на македонската музичка сцена, нема кој да го пополни.
Еден беше!
Валентина Ѓоргиевска Парго