На 25 април 2025 година, во салата на Филхармонија со почеток од 20 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на кој како гости ќе ги има француските уметници Пјер Мије (труба) и Бети Жарден (вокал). Диригент ќе биде маестро Џијан Емин.
Роден во средината на 1970-тите, Пјер Мије се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор кој покрај џез музиката соработува со бројни уметници од областа на рок музиката, како и разни други жанрови, од циркуска музика до шансони. Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли, почнувајќи од биг – бендот на неговиот татко Жан-Франсоа Мије, потоа AB Sextet, Les Elles, и во поново време Surnatural Orchestra, покрај пијанистот Фарај Сулејман.
Тој е лидер, ко-лидер и композитор во неколку ансамбли меѓу кои триото „Ана Кап“, дувачкиот оркестар Chromatic Museum, квартетот Blast, и квинтетите Renza Bô и Décor-um.
Бети Жарден е француска пејачка која живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Пјер Мије. Има студирано џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде престојувала повеќе од една деценија. Дел е од биг – бендот Jazz à Montpellier, како и составите „Ана Кап“ и Breath & Breath.
Бети e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“.
На концертот со Националниот џез оркестар публиката ќе има можност да ужива во биг – бенд аранжманите на композициите и стиховите на Пјер Мије и Бети Жарден кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција.
Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, во сета нејзина убавина и противречности.
Р.П.