Почетна Школска табла Поаѓаме на училиште

Поаѓаме на училиште

Го запишавте вашето дете во училиште. Тоа стана ученик.

Почетокот на школувањето е еден од најзначајните настани во животот на детето и неговото семејство. Покрај играњето, сега и учењето ќе стане важен дел од неговото секојдневие. Средбата со учителката, врсниците и со многу нови личности битно ќе влијае на неговата социјализација и ќе го прошири неговиот социјален простор.

За да оди на училиште со радост, детето мора да го засака училиштето. Потребна му е помош да осознае што е успех и неуспех и да ја развие самодовербата. Емоционалната поддршка има најголемо значење и влијание за да развие љубов кон училиштето и правилно да се соочи со стравот од новите околности. Тоа значи, пред сѐ, вашето дете да се ослободи од сите предрасуди кон училиштето, доколку веќе ги има. Детето не треба да стекне убедување дека училиштето има задача „да ги поправа лошите деца“. Таквите уверувања понекогаш самите родители им ги создаваат на децата со пораките: „Чекај само да појдеш во школо, таму има да седиш мирен“ или „Ќе те видам кога ќе појдеш догодина во школо“. Децата може да се плашат и дека во училиште ќе бидат казнувани ако не знаат нешто.

Треба да се искористи секоја можност за заедничко дружење и активности, бидејќи во тие моменти детето се чувствува важно и сакано. Таквото дете полесно се прилагодува на промените.

Luxury Catering Service

За да развиете љубов кон училиштето разговарајте со вашето прваче за училиштето со ученици од вашата околина, раскажувајте интересни случки и убави моменти од вашите училишни денови, прошетајте се со детето до училиштето, разговарајте со учителката…

Заедно со вашето прваче уредете едно катче каде со задоволство ќе ги пишува домашните задачи. За тоа ќе биде доволна една фиока во која ќе ги чува книгите и ученичкиот прибор, столче и маса. Важно е детето само да се грижи за уредноста на својата фиока и да стекне работна навика. Не претерувајте со неговиот школски прибор. Секако дека сакате да има убави работи, но сепак водете грижа приборот да биде практичен и солидно изработен.

Иако сте убедени дека сте донеле на свет мал гениј, сепак почекајте да ги направи првите резултати, а исто така не покажувајте го во лошо светло само затоа што детето дотогаш било палаво.

Доаѓајќи во училиштето, детето мора да прифати многу нови форми на однесување, мора да се прилагоди на ситуацијата во која е тоа единка меѓу голем број свои врсници. Треба да се снајде и да одговори на многубројни нови барања кои пред него ги поставува учителката и неговите другари. Тоа се потешки и построги барања од оние кои на детето му ги постауваат во семејството.

Кога  детето е подготвено за поаѓање на училиште?

Детето е всушност подготвено за поаѓање на училиште тогаш кога во поглед на физичкиот развој е во состојба да усвојува нови знаења и вештини кои му ги дава училиштето.

И на крај сакаме да ви предложиме што мора, а што не мора да знае секое идно прваче.

Пред поаѓање на училиште детето НЕ МОРА ДА ЗНАЕ ДА ЧИТА И ДА ПИШУВА но мора да знае:

  • Да го контролира своето однесување и да внимава на она што другите го зборуваат или работат;
  • Да не го прави само она што го сака туку и она што се бара од него;
  • Да ги знае и применува основните правила на културното однесување (при однос со други, при јадење…)
  • Да има развиено основни хигиенски навики и самостојност при облекување, миење на раце пред јадење, одење во тоалет, редовно миење на забите…

Доколку се работи за упис на прваче со ПОП, специјалниот едукатор и рехабилитатор им препорачува на родителите да остварат контакт со училиштето и предвреме да се информираат за условите, програмата и можностите за поддршка што може да ја обезбеди училиштето. Задолжителен состанок и разговор со претставниците на педагошко-психолошката служба (психолог, педагог и специјалниот едукатор и рехабилитатор), поради стекнување доверба за поддршката околу индивидуалните потреби на детето. Се препорачува и консултација со стручни лица од други институции, разговор и контроли со цел дијагноза, функционалност и потреби на детето. Исто така се препорачува поттикнување на детето за извршување на секојдневните активности, развој на основните социјални вештини и поддршка на детето во изразувањете на основните потреби и чувства според неговите можности.

Ќе ни биде особено задоволство ако со овие совети ви помогнеме вам почитувани родители, полесно да го поминете овој многу значаен момент од животот и воспитувањето на Вашето дете. Како и да е, треба да се има секогаш предвид дека: „Од сите занимања најтешкото е да се биде родител.“

На сите идни првачиња колективот на ООУ„Толи Зордумис“ им посакува топло ДОБРЕДОЈДЕ!