Почетна СТАРО КУМАНОВО Кумановска бања – некогашно излетничко место во Куманово

Кумановска бања – некогашно излетничко место во Куманово

Еднаш ја цитиравме изреката на еден грчки мислител кој кажал многу одамна за тоа дека „Сè тече, сè се менува (Panta rei)“ – и така стварно се чини дека е.  Сѐ е подложно на минливост, па така и времињата во минатото во кои живееле нашите татковци, баби и дедовци, не се исти со времето во кое ние денеска живееме.

Сл. 1. Кумановска бања во 1960 година

Во минатото не постоел интернет, паметни телефони, социјални мрежи, автомобили како „свемирски бродови“ и евтини авио билети. Не се живеело за друг, се живеело за себе. Не се живеело за тоа да бидеш виден на социјална мрежа, се живеело да уживаш за себе, да го живееш моментот.

Немало потреба секој продолжен викенд или празник да се оди преку граница. Не постоел Booking, не постоел ни Wizz air.  Не постоел ни толку голем чал’м меѓу луѓето. Во минатото, луѓето во таквите прилики, па и во секој сосема обичен ден, оделе честопати во некои излетнички околни места близу градот. Едно такво познато место во Куманово за излет, одмор и рекреација била Кумановската бања или уште позната како Вруќа Вода. Но Вруќа Вода била толку популарна, што заради бањата, доаѓале посетители од разни краишта на поранешна Југославија, па поради тоа, во продолжение ќе се осврнеме повеќе на неа, што и самиот наслов на статијата ни вели.

Сл. 2. Комплексот Вруќа Вода од птичја перспектива – слика од дрон

На два километра југоисточно од градот Куманово, по долината на Кумановска Река се наоѓа селото Проевце. Селото Проевце е старо село. Регистрирано е и во Турските пописни дефтери од 1519 и 1573 година и турскиот назив на селото му било Беракли. Селото Проевце во кое се наоѓа бањата било сопственост на бегови. Во XIX век Проевце била чивчиска населба. Се паметел господарот Дестан-бег од Куманово. По неговата смрт сопственик на целото село станал Џавид-бег. По смртта на Џавид-бег, два чифлика поседувале Али-бег и Риза-бег. Али-бег починал 1938 година. Исто така се памети и некој Мустафа-бег.

Luxury Catering Service

Кумановската бања во селото Проевце била позната уште во XIX век. Водата извира од Проевска карпа, во непосредна близина на патот Куманово-Шупли Камен или сега под пругата Куманово-Бељаковце. Комплексот Вруќа Вода ја откриле Турците и ја користеле, но ништо не сториле да ја уредат, изградат објекти, бања и т.н.

Сл. 3. Кумановска бања во 1942 година

До деведесеттите години на XIX век оваа вода истекувала во еден јаз и се мешала со речната вода. Во тоа време господарите на Проевце, потомците на Мустафа-бег, Киевски се „опитале“ од водата да направат бања, но не успеале зашто не сакале да трошат пари, мислејќи дека нема да им се исплати. Тие направиле една дупка длабока два метра во која луѓето слегувале и се капеле.

По ослободувањето од Турците, бањата добила поголем број посетители. Во летото 1913 година капетанот Катиќ со своите војници соградил на малиот извор чешма, а на поголемиот – базен за капење. По Втората балканска војна, Општината изградила современ базен. За време на Првата светска војна бањата била запуштена. По првата светска војна базенот бил изграден. Во тоа време некоја жена која се викала баба Лена, од Министерството на шумите и рудите во Белград добила исклучиво право на експлоатација на оваа бања, бидејќи наводно таа ја открила минералната вода. Тогаш дошло до спор помеѓу Кумановската општина и баба Лена. Општината со динамит го урнала базенот, а баба Лена немала доволно пари одново да ја уреди бањата, била приморана да го откаже своето право на бањата, така што Општината одново почнала да ја уредува. Исто така постоеле некои документи за тоа дека се јавило и некое Француско-белгиско друштво, кое барало од Општината концесија на 30 години, бањата да ја уределе и да ја поврзале со трамвајска линија со Куманово, но оваа понуда Општината ја одбила од непознати причини. По ослободувањето, Општината ѝ посветила поголемо внимание на оваа бања.

Сл. 4. Риболовци во Кумановската бања во 1952 година

После тоа, дошле други, помодерни времиња. Базенот бил обновен, изграден бил убав хотел од еден објект кој бил наменет за предвојничката обука на регрутите, потоа депаданс за гостите, уште една чешма со 6 шурки, нов мост на Кумановската Река, инаку подарок од ФЗЦ „11 Октомври“, асфалтиран бил патот до бањата, реновиран бил базенот со минерална вода и кафеаната на Трајко Лопарски, подоцна во владение на Угостителското претпријатие „Бисерка“.  Исто така, по ослободувањето, по иницијатива на бањскиот лекар од Белград, биле доведени стручњаци-геолози: Бранко Стефановиќ, М. Јаниќ, инж. Александар Бутаков, кои работеле на запознавањето на геолошките проблеми на Кумановската бања и тогаш се правени истражувачки дупчења, а 1952 година се правени и хидролошки и геофизички истражувања.

Сл. 5. Екскурзија во Кумановската бања со учениците од V одд. од ОУ „Стив Наумов“ од Автокоманда, мај, 1957 година

Како што вели П. Трајковски, 2006, Вруќа Вода било најомилено излетиште за кумановските граѓани долго време. Во сите годишни времиња, а особено во пролетта и летото.

Постарите граѓани ги паметат старата чешма со два шопура и примитивниот базен со минерална вода, потоа кафеаната на споменатото семејството Лопарци, дрвеното мовче на Кумановската Река, која тече покрај чешмата и речиси голата Проевска Карпа, надвисната над комплексот Вруќа Вода. А секаде околу врби, тополи, јасени, бавчи, озеленети височинки и ридести простори, дури до селото Доброшане.

Сл. 6. Проевска карпа во близина на комплексот Вруќа Вода

Граѓаните што го љубеле чистиот воздух, мир и спокојство доаѓале попладне или во квечерина, па дури и во вечерно време, поседнувале околу масите во Лопарската кафеана, пивнувале ракиичка, пивце, понекоја чаша винце и се мезеле со прочуените кумановски ќебапи и мезалук. Гласно се рапсправало и разговарало за актуелните проблеми и настани.

Инаку, кафеаната „Стара Бања“ на Трајко Лопарски, односно пансионот за ноќевање „Вила Вера“ кој беше во нејзина непосредна близина биле изградени некаде 1935/36 година, на имот кој Трајко Лопарски го купил во почетокот на 1930-те години од ќерката на бегот на чифликот Проевце, и тоа како „Вила Вера“ по името на неговата ќерка Оливера и „Вила Бранко“ по името на неговиот најстар син Бранко, којашто наменски е градена за кафеана. Во документите и сеќавањето на луѓето се бележи како ресторан „Стара Бања“.

Сл. 7. Пансионот „Вила Вера“ на Трајко Лопарски

Потоа, некои луѓе исто така се капеле во базенот со минералната вода, некои уживале во амбиентот, некои лежеле, а другите се шетале по уредените или неуредените патеки, а тука луѓето се веселеле со музиката на прочуениот кларинетист Стојче и неговата „банда“ па се играло, пеело и радувало. Тие денови на Вруќа Вода клокотело како во казан.

Вруќа Вода отсекогаш било и останало традиционално место на кое кумановските Роми го прославувале својот голем празник Ѓурѓовден.

Во 1964 година, околу 9.000 гости од други места престојувале на лекување или на одмор во бањата. Во хотелите на бањата со капацитет од 105 легла, почнувајќи од мај остварени биле над 7.800 ноќевања, од кои само во месецот август над 2.500. И ако се додаделе и оние што биле сместени во приватни станови во Проевце и во Куманово, излегува дека биле остварени над 15.000 ноќевања. Од гостите најмногу бањата ја посетувале Македонци, но имало и Срби, гости од Словенија, нешто помалку од Црна Гора, Хрватска и од Косово. На празниците и топлите денови можело да се забележат и по неколку илјади излетници и по стотина патнички автомобили на паркинг-плацот околу бањата. Исто така и летниот ресторан на бањата бил секогаш добро посетен, дури многупати не можело да се најде слободно место. Просечно дневно во бањата се капеле 500 лица, а во некои денови и повеќе. Статистиката вели дека имало и над 40.000 капења во бањата.

Сл. 8. Ресторан во комплексот Вруќа Вода

Кога сме кај кумановската бања, мора да ја напоменеме и минералната вода „Кумановка“, за која некои познати европски лаборатории и институти дале најповолна оценка за нејзината лековитост и содржина и ја нарекле кралица меѓу светските минерални води.

Како што уште вели П. Трајковски, 2006, по осамостојувањето на Република Македонија, за комплексот Вруќа Вода наидоа црни денови. Не дека оние пред тоа биле виолетови, меѓутоа нештата во ова кумановско омилено излетничко место, во транзиција и плурализмот целосно се изместија. Сѐ е разнебитено, напуштено и запуштено. Кога денеска човек ќе ја погледне панорамата на ова место, го опфаќа голема тага, душата му се стега од она што го гледа.

Некогаш Кумановската Река, која тече низ комплексот Вруќа Вода, весело жуборела со своите чисти, бистри, зеленкасто-сини води, во кои децата ловеле риби и се слушало крекање на жабите. Сега таа е загадена, стана отровен канал. Ги нема веќе ни славејчињата, ластовиците, канаринцие и други преселни птици. Само чавки и гаврани ви даваат на знаење кон какво место  се приближувате и доаѓате да се опуштите.

Сл. 9. Кумановската бања, денеска

Несфатливо и зачудувачки е како стварно си дозволивме до оваа состојба да го доведеме целиот тој комплекс кој некогаш изобилуваше со убавина, а водата од бањата беше надалеку позната. Таа е лековите и лекува: нервни заболувања, потоа заболување на органите за варење, гастритис, дијабетес, заболување на жолчната кеса, песок во бубрези. Според нејзиното лековито дејство и хемиската анализа може да се спореди со прочуениот Рудолф извор во Маријанске Лазне (Чешка). Иницирана е исто така кај зголемен крвен притисок, но само со капење, а не пиење. Исто така корисна е за успорување на стареењето.

Не се препорачува кај: акутна и отворена туберкулоза, деконпензирани мани на срцето, крварење на белите дробови и стомакот, кај болести придружени со треска, малигни тумори, кахекси (општа телесна слабост). Важно е да се напомене дека минералната вода има најефикасно дејство на човечкиот организам кога се пие на самиот извор. Бидејќи со транспортирање губи еден дел од својата лековитост, минералната вода кога се употребува за лекување, треба да се пие на „ште срце“ бидејќи ако се пие за време на јадење и по јадење, прави надуеност на стомакот и врши притисок преку дијафрагмата на срцето и го слабее.

Сл. 10. Поглед кон бањата од пругата

Според И. Милевски, 2012, водата од изворите има температура од 310C (хипотермна) и издашност од 4 l/сек. Водата истекува од две примарни дупнатини и две подоцна изведени дупнатини, а потекнува длабоко под мермерните карпи.

Денеска, и покрај целиот тој запуштен и неуреден комплекс, некои луѓе сѐ уште ја користат лековитата водата за пиење од чешмите и ги чувствуваат благодетите од неа.

И за крај, во 2021 година, во близина на комплексот беше отворен Куманово Спа, модерен мулти-функционален објект, каде постои Спа-центар со лековитата вода од бањата.

Користена литература

Кумановската бања позната уште во XIX век, Наш весник, бр. 21, сабота 1 септември 1962 г.

Кумановската бања – најпосетено туристичко место, Наш весник, бр. 72, четврток 15 октомври 1964 г.

Ј. Трифуноски – Кумановска област (Сеоска насеља и становништво), Универзитетска печатница „Кирил и Методиј“ – Скопје, Скопје, 1974

М. Соколовски – Куманово и кумановско во текот на XVI век, МАНУ, Скопје, 1976

П. Трајковски – Вруќа вода, Списание Корени, (Год. 5, бр. 17, март 2006, стр. 2753-2756)

И. Милевски – Физичко-географски атрактивности во североисточниот дел на Република Македонија, Географски разгледи (46)79-97 (2012), Институт за географија, ПМФ

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник