Здружението за култура, заштита и унапредување на животната средина „Натуро“ по трет пат ја организира детската ликовна колонија „Фрагменти од мојата фантазија“, која годинава ќе се одржи на 23 април 2025 година во ООУ „11 Октомври“ – Куманово.
Светот останува на децата, иднината е во нивни раце. А има ли похумана мисија децата уште од мали нозе да се обучуваат, советуваат, едуцираат и низ практични примери и активности да се насочуваат кон почитување на планетата Земја? Но, и да ја чуваат, како би ги уживале нејзините убавини и да ја користат во полза на задоволување на нивните потреби на еден цивилизиран, поквалитетен, посоодветен и достоинствен начин.
Ова претставува мото, односно мисија за организирање на детската ликовна колонија „Фрагменти од мојата фантазија“, каде младите уметници на дело ќе го покажат своето неисцрпно богатство и со својата имагинација ќе создаваат уметнички дела. Со тоа, тие ќе испратат јасна порака кон останатиот свет, дека по пат на културни активности може да придонесат кон зачувување и унапредување на животната средина, со цел таа да ни служи за задоволување на нашите потреби, без притоа да го нарушуваме нејзиниот совршен баланс.
На оваа детска ликовна колонија учество ќе земат ученици од сите основни училишта во градот и ќе творат на тема „Шарено Велигденско јајце“, со техника асамблаж и колаж со поквалитетен и посоодветен начин, еколошки материјали, а воедно и ќе има и натпревар во кршење на јајца од страна на ученици/ учесници. Од лушпите на јајцата што ќе останат ќе се направи колаж на „Големо шарено јајце“.
Стручна комисија составена од три члена (професор по физичко и здравствено образование, психолог и учителка) ќе ги прогласи најдобрите дела (со евровизиски систем на гласање), а првонаграденото дело и заедничката творба на „Големо шарено јајце“ традиционално ќе остане да го краси училиштето – домаќин на колонијата. А, во зависност од тоа од кое училиште ќе биде најдоброто дело, колонијата следната година ќе се организира во училиштето од кое доаѓа победникот.
Р.П.