Во секојдевниот живот, од нашите најблиски, често слушаме добронамерни совети како: Смири се; Не размислувај така, направи ги работите поедноставни; Контролирај го стресот; Грижи се за себе; Сакај се себе; Раскини/разведи се и животот ќе ти се промени на подобро; Направи вака и ќе биде полесно, како и многу други.
На прв поглед овие совети звучат разумно дури и охрабрувачки, но кога сме во состојба на внатрешна борба, емоционална болка, конфузија, анксиозност, овие зборови не само што не помагаат туку можат да ни создадат и дополнителна тежина.
Зошто не е лесно некогаш да ги примениме ваквите едноставни совети? – Затоа што зад секој „едноставен совет” стои сложена внатрешна реалност.
Како терапевти често гледаме дека луѓето се заглавени во процеси кои не се видливи. Секоја личност носи свој сопствен сплет од: емоции, внатрешни конфликти, минати искуства, стравови, верувања, Разумот е само еден дел од мозаикот – и не секогаш најгласниот.
Затоа вака едноставните совети кога е тешко да ги примениме можат да предизвикаат чувство на неуспех, како да не сакаме да го решиме проблемот или не се трудиме доволно. Но всушност, најчесто зад неможноста да се примени ваков едноставен совет, стои внатрешна сила која може да ја наречеме внатрешен отпор, којшто не можеме да го надминеме само со рационално убедување, бидејќи овој отпор често е во улога на лична заштита. Оваа внатрешна сила всушност тежнее кон одржување на хомеостаза, нѐ држи во познатото иако тоа може и да е болно. Исто така е во улога на заштита од стравови, страв од промена, прекршување на верувања и убедувања за себе и начин на кој треба да функционираме. Односно, потешкотијата да ги примениме „едноставните совети” не е прашање на воља, карактер, ментална сила, туку на комплексни внатрешни процеси кои бараат време, свесност и безбеден простор да се истражат и обработат.
На пример:
- Да се прекине врска која не повредува – не е само одлука туку процес на соочување со страв од осаменост, чувство на вина, загуба. Иако знаеме дека врската не е здрава, емоционалната приврзаност или стравот од непознато, стравот од нова иднината често можат да создадат бариера;
- Да мислиме позитивно не е секогаш прашање на избор, понекогаш тоа значи соочување со трауматични минати искуства, несвесни стравови, длабока тага…. Промената на мислите бара многу повеќе од самоto одлучување да се „мисли позитивно“. Тоа е пат на откривање и трансформација на длабоките емоции.
- Да се сакаме себе, да се чуваме себе, понекогаш значи и да прекршиме некое „правило” кое било усвоено и научено од мали нозе – почитувај ги сите и тогаш кога не те почитуваат и слично.
Затоа, кога се соочуваме со нешто што ни изгледа тешко да го направиме кога добиваме лесни и едноставни совети за наша лична благосостојба, вреди да се запрашаме: Што всушност стои зад оваа тешкотија? Што ме спречува да го направам тоа (да се смирам, да мислам позитивно, да прекинам токсична релација)? Што ми е потребно за да се чувствувам подготвен/а за да го направам? Ова е процес на самоспознавање и самоистражување и е клучен за промена.
Психотерапијата може да биде значајна поддршка во овој процес, бидејќи нуди простор за лично истражување на свои внатрешни конфликти, отпори, бариери. Низ психотерапија учиме како да се разбереме себе, да ги идентификуваме личните стравови и механизими на одбрана кои нѐ држат во комфорна зона која некогаш може навистина и да е болна, но е наша и е позната. Таа ни обезбедува простор за размислување, самосвест и помош за надминување на личните потешкотии кои отежнуваат промена и овозможува реализација на промените, чекор по чекор според наше лично темпо. Односно, помага – она што звучи едноставно и лесно, а е тешко да се направи да го преведе во индивидуално возможно.
М-р Сања Јовановска
Семеен и системски психотерапевт под супервизија
ОЛИ советник