Почетна МОИТЕ ТОП 5 МОИТЕ ТОП 5 со Марио Арангеловски

МОИТЕ ТОП 5 со Марио Арангеловски

Актуелниот директор на Фондацијата за спорт и култура, младиот, како самиот се нарекува исполнител на комерцијална музика, а не естраден уметник, Марио Арангеловски, за нашата рубрика Топ 5 смета дека е своевидно лажно претставување оти неговите сограѓани го пишуваат она што мислат дека читателите го очекуваат од нив. Затоа, тој самиот се потрудил да биде оригинален и да се претстави во вистинското светло. Во „Мојата азбука“ од А до Ш го има совладано сензибилитетот на една јавна личност.

Ваквите статии неретко предизвикуваат еден вид на лажно претставување, па, оние од кои што барате да споделат со вас и јавноста топ пет книги, песни или филмови, пишуваат само култни наслови кои потенцијално ќе бидат „одобрени“ од урбаната популација на граѓани, да не речам уметници, кои ве читаат, претпоставувам. Но, јас, иако нужно се занимавам со музичката уметност, не се декларирам како естраден уметник, туку пејач на комерцијална музика, која денес ни не се смета за уметност, за жал или среќа, па, ќе бидам искрен и ќе споделам со вас наслови на песни, филмови и книги кои навистина ме „возат“.

ПЕСНИ

1. YOU ARE NOT ALONE – MICHAEL JACKSON 

Luxury Catering Service

Претпоставувам дека секој млад човек, во оној момент кога ќе се стекне со впечаток дека е талентиран за музика, односно пеење, за репер ги зема најголемите. Во мојот случај тоа беше Мајкл Џексон. Постојат многу негови песни кои би можеле да ги вметнам во моите топ 5, но, за листата да не биде еднолична, одлучив да одвојам една, што милувам и да ја слушам и да ја пеам. Покрај автентичната музика која што со децении ја пласирал, дури и пред воопшто да се родам, секогаш ме воодушевувал неговиот начин на (професионален) живот, начин на изразување, облекување, чувство за перформанс и шоу.

2. ЕХ, ДА МОЖАМ – ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ

Кога би морал да одберам една македонска песна која што би сакал да биде моја, тоа дефинитивно би била „Ех, да можам“ од Ламбе. Во овој случај, Ламбе никогаш не ми бил репер за добар артист, ниту пак со него имам допирни точки во однос на размислување и естрадно видување, напротив, долги години сме си на блок листа, но, една е добра песна, друго е добар човек.

3. ПУКНИ ЗОРО

„Пукни зоро“ важи за една од „најскапите“ песни во ноќниот живот. Не сум некој сериозен љубител на тој боемски живот, но, кога ќе одлучам да нарачам песна или да се фатам за микрофон на некоја приватна веселба, „Пукни зоро“ е мојот прв избор. „Пукни зоро“ е всушност една од ретките песни која стана обнародена за многу кратко време, а е релативно свежа во етерот, што дури ни името на изведувачот не е нужно да се потенцира, оти постојат многу верзии, а, сите до една будат исто чувство.

4. БОСНОМ БЕХАР ПРОБЕХАРАО – ДИНО МЕРЛИН

Мерлин важи за еден од моите омилени артисти, генерално. Можеби е збунувачки што токму оваа песна ја ставам во моите топ пет омилени на сите времиња, оти допирни точки со Босна немам, дури ја немам ни посетено, се уште, но, и не е. Ја напишав во вид на моја „лична карта“ кога се живи настапи во прашање. Каде и да се појавам, од мене се очекува да запејам нешто од Мерлин, а, мене најубав „вајб“ ми буди токму оваа песна, притоа, секогаш предизвикува одлична атмосфера, па, морав да ја ставам.

5. MERCY – SHAWN MENDES

Како некој кој активно следи поп култура на глобално ниво, од актуелните млади изведувачи, вклучувајќи ја и неговата музика, би го издвоил Шон Мендес. Неговата горенаведена песна е од моите омилени песни на сите времиња, со која што дури се претставив и во еден од круговите на Бугарскиот „The X Factor“, пред цели 7 години.

ФИЛМОВИ

1. THE HUNGER GAMES

„The Hunger Games“ е еден од клучните филмови после кои што сфатив дела „sci-fi“ како жанр е она во што јас најмногу уживам. Покрај него, со многу слична тематика ги имаме и „Divergent“, „The Ruins“ или „Kingsman: The Secret Service“ кои исто така би можел да ги наведам како омилени, но, за листата на моите топ 5 да биде разнолика, ќе шарнам со жанрови.

2. HACHI: A DOG’S TALE

Приказната за Хачи е еден од ретките филмови на кои што солзи сами капат додека го гледаш. Немам куче, ниту сум имал на некој подолг временски период, за емоцијата да има конкретна смисла, но, овој филм во мене буди емоции како животот да сум го поминал со домашен миленик налик Хачико.

3. THE 100

Ова не е филм. Серија е. Но, претпоставувам дека не е проблем што ја вметнав во мојата листа на топ 5 филмови. Освен тоа што ми е омилена серија, кога на некого пробувам да му ја објаснам, потенцирам само дека „желудникот ме болеше“ додека ја гледав. Многу стресна, неизвесна, но, сакам таква содржина.

4. PRAYERS FOR BOBBY

Ова е многу комплексен филм, но, топло им го препорачувам на апсолутно сите, особено оние кои негуваат агресија или било каков вид на предрасуди кон ЛГБТ заедницата. Јас како поборник за човекови права, од мали нозе, љубител сум и на филмови во кои што се обработуваат и теми кои се табу, макар кај нас, па, горенаведениот филм беше еден од првите такви кои што имав прилика да ги погледнам и сфатив дека треба да го препорачувам, со надеж дека истиот ќе разбуди некаква емпатија кај оние кои се неретко агресивни кон оние налик на Боби.

5. SISTERHOOD

Реално, сум гледал многу филмови на иста ваква тема, направени со многу посериозен буџет, подобри глумци и сценарио, но, „Сестри“ е македонски филм и прв, ако не се лажам, кој беше одобрен и поставен на најпознатата платформа за дистрибуција на филмови „Netflix“. Па, по некоја патриотска линија, би сакал да го поддржам со тоа што ќе го ставам во конкуренција на моите топ 5 омилени.

КНИГИ

1. БИДИ И ИМАЈ – АНА БУЧЕВИЌ

Ана Бучевиќ е, пред сé, мотивационен говорник со 9 издадени книги до сега, ако не се лажам. Ја следам долги години, ги имам прочитано сите нејзини дела и сум бил на нејзини семинари, еднаш, всушност. Таа е жена што во голем дел ја има формирано мојата личност. Кога би правел листа од топ 10 омилени книги, 9 би биле нејзини, но, за и овде листата да не биде еднолична, ќе се одлучам за „Биди и имај“, а ќе ги споменам и „Животот е убав, кога знае да де живее“, „Што љубов (не) е“.

2. СТЕПСКИ ВОЛК – ХЕРМАН ХЕСЕ

Хесе ми е омилен автор на сите времиња. Пишува токму на начин на кој што јас размислувам, сакам да се изразувам и комуницирам. Скоро па сите негови дела кои ги имам прочитано, оставиле сериозен впечаток на мене, па, сосема без врска би било во топ 5 да не ставам повеќе од една негова книга.

3. ДЕМИЈАН – ХЕРМАН ХЕСЕ

„Демјан“ е првата книга од Хесе на која налетав, на мои 13 или 14 години, што е пред некои 15 години од сега. Откако ја прочитав, не престанав да им ја препорачувам на сите живи луѓе околу мене, во тој момент. После „Демјан“ одлучив да читам само Хесе, додека не се заситив, оти, на моменти знае да биде тежок за читање, искрено.

4. КЛУБОТ 5 НАУТРО – РОБИН ШАРМА

Интересно во однос на оваа книга е тоа што бев постојано воодушевен додека ја читав. Многу инспириран и амбициозно настроен, додека не ја завршив. Потоа сепак сфатив дека јас не сум “morning person” и тој начин на живот, во овој момент е живо измачување за мене. Но, во иднина, ако било што променам, би сакал да се приклучам во тој клуб наречен „5 наутро“. Теоријата ја знам, благодарение на книгата, останува само утре годините да си го направат своето.

5. САМРАКОТ НА ИДОЛИТЕ – НИЧЕ

Кога се запишав на Филозофскиот фалултет, во веќе далечната 2014 година, го открив Ниче, можеби доцна, со оглед на тоа дека од мали нозе сум слушал и читал негови цитати, но, дури тогаш почнав да го читам, конкретно. Неговиот пристап, и таа конекција помеѓу филозофското и психолошкото ме фасцинираше, па, неретко се користев со негови вештини, при мојот начин на изразување. Ниче е гениј.