Љубители на фудбалот,вниманието ви го свртуваме на едно име кое додека
трепнеме ќе биде светско, а наше – Сергеј Цветковски! Неверојатен талент
споен со трудољубивост и скромност! Тоа, всушност не е дете, тоа е злато.
Чест ни е да ве запознаеме со Сергеј Цветковски.
Сергеј Цветковски (10) прв пат почнал да игра фудбал на својата четири годишна возраст и тоа како голман во ФК Куманово „Еуроспорт“ од нашиот град, за кој што клуб тренира и настапува и ден денес во категоријата „петлиња“.
Сергеј да се одлучи да тренира фудбал, односно да биде голман, „виновен“ е голманот на нашата фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, кој на малиот Сергеј му е најголемиот фудбалски идол во животот.
Што се однесува пак до карактерот на Сергеј, иако сеуште е дете, тој многу сериозно и многу одговорно пристапува кон обврските, како на училиште, така и на тренинзите, за што се разбира најголема поддршка има од неговите родители кои важат за многу скромни и реални луѓе и кои досега на ниту еден начин не го форсирале, ниту пак возвишувале Сергеј, туку му имаат препуштено сé нему и на неговиот пристап и напорната работа. Општо е познато дека фудбалот како спорт отсекогаш барал многу талент, волја но и многу напорна работа, секако сето тоа да е под надзор и контрола на навистина квалитетни и едуцирани фудбалски тренери. Во својата шестгодишна фудбалска кариера малиот Сергеј со својата екипа има учествувано на повеќе од десетина фудбалски турнири и кампови, од каде што поради успешните настапи секогаш редовно се враќал со некој медал или некое фудбалско признание.
Од познатите кампови и турнири има учествувано на меморијалниот турнир Драган Манце во Белград, како и на камповите во Сандански (Република Бугарија), Златибор (Република Србија), понатаму на кампот во Охрид, под раководство на еден од најдобрите тренери на голмани на овие балкански простори, Бранислав Радојчиќ, кој пак во својата тренерска кариера бил тренер на голмани на женската фудбалска репрезентација на Србија и на женскиот фудбалски клуб Црвена Звезда од Белград. Токму тој, на кампот во Охрид за талентот на малиот Сергеј дал многу високо и позитивно мислење. Во последно време, а сé со цел за што подобра и поквалитетна едукација, Сергеј истовремено настапува и за својот матичен клуб ФК Куманово „Еуроспорт“ и за тимот на „Црвена Звезда“ од Белград, каде што во зависнот од можностите и обврските во училиштето и во својот матичен клуб, по еднаш или два пати месечно посетува тренинзи во Белград, а минатиот месец од 11 до 17 февруари со белградскиот тим беше и на подготовки во градот Требиње, Босна и Херцеговина.
За својот голем фудбалски талент Сергеј доби уште едно големо признание и на штотуку завршениот голем и силен меѓународен фудбалски турнир што се одржа на теренот во селото Речица од први до трети март, а кој што турнир се одржа во чест на прославата на дваесет годишнината од постоењето и успешната работа на ФК Куманово „Евроспорт“ од нашиот град, токму тој беше прогласен за најдобар голман на турнирот. Инаку, на меѓународниот турнир во Речица настапија вкупно 8 екипи на фудбалери од генерацијата У – 11 (2013) и тоа екипите на домаќинот „Еуроспорт“, „Црвена Звезда“ од Србија, „Депортиво Ла Коруња“ од Шпанија, „ЦСК“ од Бугарија, „Бершот“ од Белија, „КХС“ од Малта, „Бриње“ од Словенија и екипата на Сарајево од Босна и Херцеговина.
На крајот, по тридневните натпреварувања победник на турнирот стана екипата на ФК Црвена Звезда од Србија, на второ место се пласираше екипата на Депопортиво Ла Коруња од Шпанија додека нашата екипа Евроспорт и покрај силните противнички екипи го освои солидното трето место на табелата. Сергеј, освен што редовно оди на тренинзи во својот матичен клуб, оди и на дополнителни тренинзи кај кумановскиот тренер на голмани и еден од најдобрите поранешни фудбалски голмани на ФК Куманово, Африм Љатифи, кој исто така за малиот Сергеј има само пофални зборови, и му предвидува долга и успешна фудбалска кариера. Сергеј посетува индивидуални тренинзи во голманската академија Ивановиќ во Скопје. Не помалку важно да се спомене е и тоа што Сергеј е одличен ученик, петтоодделенец во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Куманово, мудро истакнувајќи дека училиштето сепак му е на прво место. Приказната за Сергеј наликува на бајка. Умно и скромно дете кое посветено учи, тренира и напредува. Со таков јунак, неизоставен ќе биде среќниот крај – еден ден да го брани голот на најдобрите фудбалски клубови и секако македонската репрезентација.
Т. Д