Рубриката Едно прашање, еден одговор ја резервиравме за г. Беким Салиу, а откога го добивме неговиот одговор, спонтано почнавме да го викаме Беко. Затоа што и самиот е таков, непосреден, културен, скро
Господине Салиу, ако се отстрани буквата Е од зборот ЕГО, се добива GO, што на англиски значи оди или продолжи по патот, не застанувај. Како го продолживте Вашиот живот по трката за градоначалник на Куманово, како врви Вашата политичка кариера и имате ли време да одиме на боза во Реклама?
Благодарам многу и од се срце за можноста да бидам гостин во вашата рубрика. Јас, како голем љубител на читањето ве читам редовно уште од самиот почеток, особено колумните напишани во препознатливиот стил на Ивана, црпам и мудрости и прифаќам совети од нив. Сега, да се навратам на прашањето со зборови и мисли кои ќе излезат сами и од душа сé со цел да ја отсликам мојата личност како што и ја знаат сите кои ме познаваат. Јас, откако памтам за себе, посебно делот од животот кој следеше откако почина мојата сестра 1998 год. и големата празнина и непреболот што се створи во мојата душа, сакам цело време да слушам и направам добри дела и насекаде да го осетам посебното чувство што е над сите останати, дека добрината и среќата е над сите негативни влијанија кои се исто така составен дел од нашето секојдневие. Да, јас моето Е го имам тргнато навремено од мојот живот и секогаш се трудам мојот придонес кон општеството да е насочен кон GO и максимата дека треба да се продолжи по патот на судбината, каков и да е тој.
Мојот живот по трката за градоначалник на Куманово продолжи уште подобро и со уште повеќе научени работи, видов дека нема да станам никогаш плитичар бидејќи не знам да глумам и дадам лажни ветувања, додека пак од друга страна станав најголемиот победник на тие избори, бидејќи открив и осетив дека сограѓаните и сите кои ме запознаа за време на кампањата, ме прифатија како симпатичен човек и позитивна личност, со што направив голема услуга за себе за да видам и сватам дека мојот живот се движел по вистинската патека. Од самиот почеток знаев дека е тешка оваа трка, ја прифатив не за да победам, туку имав за цел да донесам и промовирам една различна политичка култура, каде што сите ние треба да се фокусираме кон подобрување на животот на нашите сограѓани, да направиме подобар град за живеење кога се работи за инфраструктурата и со намера да го насочам мнението и фокусот кон подобрување на важните карики кои го красат нашиот град, тоа се: музиката, уметноста, културните активности, книжевното творештво и се разбира спортот како симбол на кумановчани.
Почнувајќи од 1991 год., јас сум член и еден од поистакнатите активисти-волонтери на Хуманитарното и доброчинително здружение „Мајка Тереза” за Македонија, со безброј активности и многу искуства низ кризните периоди кои ги надживеавме, каде добрината и добрите дела секогаш те исполнуваат и мотивираат да продолжиш со уште повеќе мотивација и желба да пружиш рака насекаде каде има потреба. Да, се разбира дека веднаш по изборите се вратив на оваа моја посебна љубов и активности преку цивилниот сектор и здружението и сега ќе одам малку наназад, ќе се навратам на првите денови пред локалните избори 2021 год, бидејќи тоа беше периодот на моето повторно раѓање. Беше време на пандемија, страв за најблиските, многу непознаници и строго почитување на правилата и новиот подметнат начин на живот кој што трајно нè промени како човештво. Беше месец септември 2021 год. кога по благи симптоми, доживеавме кошмарен период во целото мое семејство, одеднаш бевме жртви на ковид-19 со тешки симптоми и завршивме со многу црно сценарио, мојата ќерка Анда (16) и мојата мајка Санија, го прележаа полесно ковидот, додека мојот татко Адем (80) и јас не, стигнавме и до модуларната болница и до состојба на кома од 3 дена и се чинеше дека завесата на нашите животи полека се спушташе и ни се насетуваше крајот. Божја волја или добри лекари не знам, по неколку дена кои не ги памтам, се разбудив и видов дека сеуште сум жив, продолжив да се надевам дека и татко ми ќе се врати, меѓутоа тој не стана и почина три дена потоа. Голема болка и загуба која што ме уништи и духовно и душевно, сеуште сум скршен кога го споменувам татко ми. Безброј луѓе ни дадоа поддршка и беа со нас во овој период, меѓутоа тогаш стигна најискреното сочувство што го имам добиено во животот и тоа од мојот близок пријател г-дин Зиадин Села, претседателот на Алијанса за Албанците. Најискрено ми понуди секаква можна помош за да ја пребродиме оваа тешка семејна состојба, како едно од поголемите семејства во нашиот град. Откако имавме неколку последователни контакти после трагедијата, ми даде братска понуда за да станам кандидат за градоначалник на Куманово, со цел да се врати достоинството и почитта кон граѓанинот кој не е политичар, туку по професија е графички дизајнер со уметничка душа и мисла, и најбитното за мене, доброчинител и хуманитарец кој не може да живее и дише без можноста да волонтира и пружи рака на луѓето на кои треба да им се помогне, бидејќи судбината сакала во моментот да не им оди во корист. Знам дека се одалечив од прашањето, ќе се обидам да се вратам и да резимирам. Во 2000 год. отворив приватен бизнис преку „АБЦ ЛИБРАРИ”, со професионално графичко студио за брендирање и услуги од областа на печатењето и книжарница. Имавме доста успеси како издавачка куќа со преку 350 издадени книги кои поминале низ нашите компјутери, креативни раце и ум, затоа денеска со гордост знам дека истите се читаат насекаде низ светот и ги красат многуте рафтови низ јавните и приватните библиотеки на вљубениците на убаво дизајнирана книга и содржина. Со ова, сакам да ви дадам дополнителен одговор дека по трката за градоначалник се вратив во мојот свет, таму каде што припаѓам и каде што се чувствувам нај сигурен и најисполнет. За мене, креативниот свет во професијата и доброчинителството преку волонтирањето, надополнети со најбитниот елемент, тоа е семејниот живот и уживањето со најсаканите, радувајќи се на секоја насмевка и успех на моите три деца, го направија мојот живот едно прекрасно царство со многу благодети, од каде што не сакам да излезам и да се оддалечам ниту еден миг додека сум жив.
Бидејќи имам завршен факултет за графички дизајн во Загреб, Република Хрватска (2000г.), цело време работев во мојата професија и имав остварен сон, меѓутоа ми беше оставена настрана една скриена желба од порано, која сакав да ја исполнам додека сеуште се чувствувам способен и можам. Со стекнатите финансиски можности и релативно слободно време за дополнителен ангажман, запишав магистерски студии од програмата „Маркетинг и продажба” во Марибор, Словенија и веќе сум при самиот крај, ако се оди според планираното, се надевам дека во текот на оваа година и таа желба ќе ми се исполни, не за друго туку само заради лична сатисфакција и желба, бидејќи не се гледам себеси ниту во политика ниту пак во некоја државна работа или функција. За на крај ќе завршам со најслаткиот дел од прашањето, секако дека секогаш ќе имам време за да одам на „Боза” и „Боеми” во Реклама кај почитуваниот чичко Сали, кој е многу позитивна личност и од него како бонус, секогаш добиваме златни и слатки совети за животот, така да ќе ми биде голема чест и задоволство ние заедно и сите останати наши истомисленици кои го сакаат животот од подобрата страна, се поканети и ќе бидат добредојдени, јас честам!